Алфредо М. Бонано

Анархистичката тензија

1996

      Вовед за првото издание

      Анархистичката тензија

      Вовед за второто издание

Вовед за првото издание

Во непосредноста - но и во границите - на типично оралната проза, која го карактеризира овој препис, страствено изнурнува една идеја, можеби единствена, која нè здружува како поединци во судир со овој поредок.

Тоа е анархистичката тензија: она чувство кое го разорува дуализмот помеѓу теоријата и делувањето, делото и мислата, кое константно ги распалува нашите соништа и нашите гестови насочени кон радикална промена на постоечкото. Тоа е радоста на оној кој се бори без покајување за да се ослободи од овие окови, тоа е просветлувањето на оној кој ги препознава авторитетите кои нè угнетуваат и кое го поттикнува непрекинато да го бара и вкусува нектарот на слободниот живот, оној вреден за живеење.

И, во крајна линија, тоа е екстремно изразување љубов и бес.

Не сакаме да пишуваме библии и да создаваме проповедници. Туѓ ни е секој облик на идолатрија и митологизирање. По дефиниција иконокласти, атеисти во секоја смисла, секогаш сме го одбивале и отфрлале секој аспект на авторитаризмот кој сака постоењето да ни го направи мачно, почнувајќи од најподмолниот и најопасниот: оној кој може да изникне во нас самите. Ги одбиваме сите закони и воспоставени поредоци, а особено конфекциските оглави. Ги прифаќаме само спонтаните и најслободни договори...

Ова го имавме на ум кога започнавме со проектот „Анархистичка лабораторија“ каде што антиавторитарно би експериментирале со нашите тензии. Тоа е нашиот секојдневен облог, внатре и надвор од овие четири ѕида. Го имавме тоа на ум и при објавувањето на овој текст, кој би требало да биде само еден поттик за понатамошен раст на нас самите и, можеби, препознавање во некој друг.

Анархистичка лабораторија за антиавторитарно експериментирање

(Laboratorio Anarchico di Sperimentazione Antiautoritaria)

Анархистичката тензија

Кога треба да зборувам секогаш чувствувам малку срам, барем на почеток. А тој срам се зголемува кога се работи за она што погрешно го нарекуваме предавање или, пак, скромно го камуфлираме како јавна расправа. Најпосле, се работи за предавање на некој кој доаѓа однадвор, кој можеби припаѓа на некоја друга генерација, како да паднал од минатото. Некој кој стои во оваа училница да ви држи предавање и кој чудно, па дури и опасно, наликува на оние кои ви ги тапанат мозоците од други причини и со други намери. Меѓутоа, ако обрнете малку внимание на идеите кои ќе бидат изложени, ќе откриете дека зад тие привидни сличности се крие значајна разлика.

Првата од тие идеи се состои од прашањето: што е анархизам? Ова мое прашање може да звучи чудно со оглед дека овде се присутни многу анархисти, бидејќи и лично ги знам. Барем анархистите би требало да знаат што е тоа анархизам. Но, секојпат е потребно разговорот да се започне токму со ова прашање: што е анархизам? Макар и со само неколку зборови. Зошто? Ова прашање обично не го среќаваме во останатите полиња на животот, останатите активности, сите останати мисли. Оној кој се дефинира или се смета за нешто секако го познава тоа.

Но, анархистите постојано го поставуваат тој проблем: што е анархизам? Што значи да се биде анархист? Зошто? Затоа што тоа не е дефиниција која еднаш поставена може да се чува во сеф, да се остави настрана и да се смета за некаков капитал од кој можеме малку по малку да црпиме. Да се биде анархист не значи да се достигне некаква извесност, не значи еднаш засекогаш да се каже: „Еве, јас, конечно, од овој момент ја поседувам вистината и како таков, барем што се однесува до идеите, сум привилегиран.“ Оној кој размислува на тој начин е анархист само на зборови. Напротив, анархист е оној кој реално се сомнева во себе како анархист, како личност и се прашува: „Во каков однос е мојот живот со она што го правам и со она што го мислам? Каква врска успевам секојдневно да одржам со сите нешта кои ги правам, на начин да го потврдувам анархизмот и да не ги прифаќам малите секојдневни компромиси, прилагодувања итн.?“

Заради тоа, анархизмот не е поим кој се запечатува со еден збор како гробница. Не е политичка теорија. Тоа е начин на кој се поима животот, а животот, без оглед дали сме млади или стари, не е конечна дефиниција, туку влог кој мораме да го играме од ден за ден. Наутро кога стануваме од кревет и со нозете го допираме подот, мораме да имаме навистина добра причина за да станеме. Ако таа причина недостига, дали си анархист или не ништо не значи. Тогаш подобро е да останеш во кревет и спиеш. А за да имаме добра причина, мораме да знаеме како да делуваме, бидејќи за анархизмот, за анархистот, нема разлика помеѓу делувањето и мислењето, што подразбира непрекинато прелевање од теорија во практика и од практика во теорија. Тоа е она што го разликува анархистот од оној кој има поинакво поимање за животот и кој тоа го кристализира преку политичко делување, преку политичка теорија.

Тоа е она што обично не ви го кажуваат, она што не го пишува во весниците, во книгите, она што училиштето љубоморно го премолчува бидејќи тоа е тајната на животот: не смеете да ја одвојувате мислата од делувањето, нештата кои ги знаеме, кои ги разбираме од нештата кои ги правиме, од нештата преку кои делуваме.

Тоа е она што ја разликува политичката личност од анархистичкиот револуционер. Тоа не се зборовите, ниту идеити и, дозволете ми, од одредено гледиште не е ниту делувањето. Исправно избраната цел не е она што одредува одредена акција, ниту пак ја разликува и обележува нејзината екстремна реализација преку напад, да кажеме радикален. Суштината е во начинот на кој личноста, другарот кој ја реализира таа акција, ќе успее да ја претвори во значаен момент од својот сопствен живот, во лично обележје, значење, вредност на животот, радост, копнеж, убавина, а не во вешта реализација, во чисто изведување на чин кој смртно завршува во самите нас и во изразот: „јас денес го направив ова“ далеку од себе, на периферијата од моето постоење.

Ете, во тоа е разликата. А од таа разлика произлегува уште една, според мене многу значајна. Секој кој мисли дека делувањето се наоѓа надвор од него и дека се реализира преку бројни успеси или неуспеси; животот е скалило по кое малку се качуваме, малку слегуваме; понекогаш нештата одат добро, понекогаш лошо. Оној кој мисли дека животот го сочинуваат вакви нешта: на пример, вообичаениот лик на демократскиот политичар (се разбира, личност со која можете да дискутирате, симпатичен тип, толерантен, попустлив, верува во развој, во иднина, во подобро општество, слобода), таквиот вид личност, можеби во костум, без вратоврска, малку спортски, личност која одблизу изгледа како другар и кој себеси се нарекува другар, таа личност може многу лесно да биде и полицаец, и онака тоа ништо не менува. Зошто да не? Постојат и демократски полицајци, заврши времето на униформираната репресија, денес репресијата може и симпатично да изгледа, нѐ експлоатираат со бројни прекрасни идеи. Еве, таа личност, тој демократ, како можеме да го окарактеризираме, како можеме да го препознаеме, забележиме? Ако очите ни ги покријат со превез преку кој не можеме да гледаме, како можеме да се браниме од таква личност? Ќе го препознаеме преку овој факт: за него животот е остварување, неговиот живот се состои од постигнување квантитативни дела кои се одмотуваат пред неговите очи, и ништо повеќе.

Не можеме да бараме членска книшка кога со некого разговараме. Често, слушајќи ги неговите идеи, стануваме многу збунети и повеќе ништо не разбираме, бидејќи сите сме симпатични говорници, прогресивци, сите ја фалиме убавината на толеранцијата и така натаму. Како можеме да забележиме дека пред нас стои непријател, нашиот најголем непријател? Бидејќи од старите фашисти барем знаевме да се одбраниме. Фашистот тепаше, но ако бевме способни тепавме и ние, посилно од него. Сега приказната е поинаква, ситуација е изменета. Денес е можеби и тешко да се пронајде насилен фашист. Меѓутоа, тој субјект кој се обидуваме да го опишеме, демократот кој го пронаоѓаме на сите нивоа (во училиштата, во парламентот, на улица или во униформа на полицаец, како судија или како доктор), тој субјект ни е непријател, бидејќи тој го поима животот на поинаков начин од нас. За него животот е некој друг живот, не е нашиот живот, бидејќи за него ние сме вонземјани и не гледам причина ние да го сметаме него за жител на нашата планета. Тоа е линијата која нѐ раздвојува од него, бидејќи неговото поимање на живот е од количинска, квантитативна природа, тој ги мери нештата според успехот, или ако сакате според неуспехот, но секогаш од количинско гледиште, а ние животот го мериме на поинаков начин и токму за тоа треба да размислиме: на кој начин се разликува нашиот живот, на кој начин квалитативно се разликува?

И тој господин, кој ни е толку склон, удира по нас со критика и вели: „Да, анархистите се симпатични, но се јалови, што воопшто постигнале низ историјата, која држава некогаш била анархистичка? Дали некогаш оствариле влада без влада? Зарем слободното општество, анархистичкото општество, општеството без власт, не е противречност?“ И масата на таа критика која удира по нас секако има голема тежина, бидејќи, навистина, и во оние случаи кога анархистите биле многу близу до остварување на својата конструктивна утопија на слободно општество, како на пример во Шпанија или во Русија, доколку добри ги анализираме, тие конструкции се многу дискутабилни. Тоа се револуции, но не се слободарски револуции, не се анархија.

Оттаму, кога тие господа велат: „Вие сте утописти, вие анархистите живеете во илузија, вашата утопија не е остварлива“, ние треба да одговориме: „Да, вистина е, анархизмот е тензија, не е реализација, не е конкретен обид за утрешно остварување на анархијата“. Но, треба да бидеме способни да дадодеме: „но, вие останатите, почитувани демократски господа кои сте на власт, кои ни го уредувате животот, кои сакате да влезете во нашите идеи, во нашите умови, кои владеете со нас преку секојдневното мнение, кое го градите преку печатот, факултетите, училиштата итн., што сте оствариле вие, господа?“ Свет во кој вреди да се живее? Или пак свет на смрт, свет во кој животот е површен факт, без квалитет, без значење, свет во кој кога ќе достигнеме одредени години, на прагот на пензионирање, се запрашуваме: „Што направив со својот живот? Каква смисла имаше да се живеат сиве овие години?“.

Ете што создадовте, ете што е вашата демократија, што е вашиот поим за народ. Вие владеете со народот, но што значи народ? Што е народот? Можеби тоа е оној малцински малуброен дел кој излегува на избори, кој гласа за вас, кој бира едно малцинство, кое пак бира друго малцинство, уште помало од претходното, кое владее со нас во име на законот. Но, зарем тие закони не се израз на интерес на едно мало малцинство, кое примарно, пред сѐ е насочено кон натрупување на сопственото богатство, зајакнување на моќта и така натаму?

Од што произлегува таа моќ, таа власт во чие име владеете? Од апстрактен поим создадовте структура и мислите дека можете да ја унапредите. Но, како, на кој начин во историјата е таа унапредна? Во каква состојба живееме денес ако не во состојба на смрт, на површни вредности? Тоа е критиката која треба да им ја возвратиме на застапниците на демократијата. Ако ние сме анархисти утописти, тогаш сме такви како тензија кон квалитет; ако демократите се утописти, нивната утопија е редукција кон квантитет. На тоа редуцирање, на еднодимензионалното подрачје на најмалата можна штета за нив и најголемата прифатлива штета за големото мнозинство кое тие го експлоатираат, на таа бедна стварност ние ја спротивставуваме нашата утопија, која барем е утопија на квалитет, тензија кон поинаква иднина, радикално поинаква во однос на денешниот живот.

Оттаму, сите забелешки кои ви ги упатуваат оние кои зборуваат во име на политичкиот реализам, кога државниците, професорите (кои се слуги на државниците), теоретичарите, новинарите, кога сите интелектуалци кои минуваат низ училници каква што е оваа и кои во своите говори употребуваат толерантни и мирни зборови на реалисти, тврдејќи дека и онака не може да биде поинаку, дека стварноста е онаква каква што е, дека човек треба да се жртвува, е па, тие личности ве мамат. Ве мамат, бидејќи може да биде поинаку, секој од нас може да се побуни против измамата во име на сопственото повредено достоинство, секој од нас може да се чувствува измамен бидејќи конечно се освестил каква штета ни нанесуваат. Бунтувајќи се, секој може да ги промени, и тоа не само во границите на познатото, постоечките нешта, туку и сопствениот живот кој може да стане вреден живеење. Да станеш наутро, да ги спуштиш нозете на под, да се погледнеш во огледало и да кажеш: „Конечно успеав да ги променам нештата, барем што се однесува до мене.“ Да се почувствуваш како човек кој достоинствено го живее својот живот, а не како марионета во рацете на кукларот кој не можеме ниту добро да го видиме за да му плукнеме во лице.

Затоа анархистите продолжуваат да го поставуваат прашањето: што е анархизам? Анархизмот не е политичко движење. Да, тој е и тоа, но како спореден аспект. Фактот дека анархистичкото движење историски се прикажува како политичко движење не значи дека анархизмот како политичко движење ги истрошил сите анархистички можности на постоечкото. Анархизмот не е само анархистичката група од Кунео, од Торини, од Лондон или од некој друг град. Тоа не е анархизмот. Се разбира, таму има анархисти, или барем би требало да претпоставиме дека има, и тоа од оние другари кои сами го започнале своето востание, кои го препознале севкупниот контекст на обврски и присили во кои се принудени да живеат. Но анархизмот не е само тоа, тој е и онаа тензија на живот, оној квалитет, онаа сила која успеваме да ја извлечеме од себе менувајќи ги постоечките нешта. Анархизмот е целиот тој проект на трансформација поврзан со она што го реализираме во себеси додека ја остваруваме нашата лична трансформација. Оттаму, не се работи за историски квантифициран настан, тоа не е настан кој едноставно се остварува во времето и кој се препознава преку одредени територии, одредени личности, преку некои движења и, зошто да не, преку точно одредени револуционерни дела. Во овој збир на елементи секогаш има нешто повеќе и токму заради тоа „повеќе“ анархизмот секогаш го доживуваме на поинаков начин.

Затоа помеѓу оваа тензија која, според мене, мораме да ја чуваме во нас како тензија кон непознатото, кон незамисливото, неизразеното, кон димензијата која треба да ја оствариме, а не знаеме точно на кој начин, и секојдневните нешта кои ги правиме и можеме да ги правиме, мораме секогаш да одржуваме еден точно одреден однос на промена, трансформација.

Првиот пример кој ми паѓа на ум во однос на оваа тема е уште еден контрадикторен елемент. Размислете за концептот на изјавата „треба да се решат проблеми“. Тоа е една класична фраза. Сите имаме проблеми за решавање. Самиот живот е проблем кој треба да се реши. Живеењето е проблем, нашите општествени услови, излегувањето од магичниот круг кој нѐ ограничува, па сѐ до обичните незгоди со кои секојдневно се среќаваме - сето тоа го сметаме за проблем. Меѓутоа, дали проблемите се решливи?

И тука доаѓаме до една голема заблуда. Зошто? Структурата која нѐ угнетува ни сугерира дека нашите проблеми се решливи и дека таа ќе ги реши. Згора на тоа, истата таа структура сугерира и примери (мислам дека повеќето присутни се ученици) на проблеми кои се решаваат во геометријата, математиката итн. Но тој вид на проблеми, на пр. математички равенки кои се прикажуваат како пример за решливи проблеми, се само лажни проблеми, можеме да ги решиме затоа што во моментот кога ќе се соочиме со нив, одговорот веќе го наоѓаме во самото прашање, односно одговорот е само повторување на проблемот во поинаков облик или како што стручно би се кажало, тавтологија. Се кажува едно нешто и се одговара со истото, па оттаму, повеќе или помалку, не постои решение на проблемот туку повторување на проблемот во поинаков облик.

Кога пак зборуваме за решавање на проблемот кој се однесува на животите на сите нас, на секојдневната егзистенција, зборуваме за многу комплексни проблеми кои не можат да се ограничат на едноставно повторување на самиот проблем. Да го земеме, на пример, „проблемот со полицијата“. Постоењето на полицијата за многумина од нас претставува проблем. Нема сомнение дека полицаецот е средство за угнетување во рацете на државата, преку кое таа нѐ спречува да правиме одредени нешта. Како да се реши таквиот проблем? Постои ли можност да се реши проблемот со полицијата? Меѓутоа, од демократска гледна точка, проблемот се состои во решавање на некои аспекти на проблемот со полицијата, преку демократизација на одредени структури, преку менување на односот на полицајците и така натаму. Глупаво е, а и нелогично, воопшто да се помисли дека на тој начин се решава проблемот на надзорот и репресијата, бидејќи во суштина тоа е само начин на прилагодување на репресијата во корист на власта, во корист на државата. Имено, ако денес е потребна демократска полиција, уште утре може да затреба нешто помалку демократична структура на надзор и репресија, а полицијата би одговорила како што тоа го правела и во минатото: по наредба!, можеби со исфрлување или елиминација од сопствените редови на многу ретки и маргинални малцинства кои мислат на поинаков начин.

Кога мислам на полиција мислам на секоја репресивна структура, сѐ до правосудството, на секој облик на надзор и репресија кои државата ги произведува. Како што гледате, општествените проблеми не се решливи. Измамата на демократските структури кои сметаат дека проблемите се решливи е измама која ни докажува како демократската политичка мисла воопшто не се темели на стварноста, на нешто конкретно. Сѐ се темели на шансите на играта на заблуда, како сепак нештата со тек на време можат да се подобрат, да се средат. На тоа средување се заснова силата на власта и на тоа средување оние што владеат се одржуваат во кратки и долги раздобја. Се менуваат игрите, односите, а ние чекаме да се оствари она што ни го ветиле, што никогаш не се случува, бидејќи тие подобрувања никогаш не се остваруваат, бидејќи моќта останува, менувајќи се и трансформирајќи се низ историјата, таа сепак останува секогаш иста: шака луѓе, малцинството на привилегираните кое управува со механизмите на власт, кое работи за своја корист и ја штити положбата на оние кои владеат и кои ќе владеат.

Кои средства ги поседуваме за да се спротивставиме на таквата состојба на нештата? Сакаат да нѐ надгледуваат? Ние ќе го одбиеме надгледувањето. Се разбира, тоа можеме да го направиме и тоа и го правиме, се обидуваме да ја минимизираме штетата. Меѓутоа, во општествениот контекст одбивањето на надгледувањето вреди само до одредена граница. Можеме да препознаеме некои облици, можеме да врескаме кога неправедно ќе нѐ нападнат, но јасно е дека постојат одредени подрачја на власт каде што правилата кои се нарекуваат закони, натписите кои се нарекуваат огради, личностите кои се нарекуваат полиција, ни забрануваат влез. Нема сомнение, обидете се да влезете во парламентот и ќе видите што ќе ви се случи. Не знам. Одредени нивоа не можат да се прескокнат, одредени надгледувања не можат да се избегнат.

Тогаш, како се спротивставуваме на ваквата ситуација? Со обичен сон? Со хипотезата за слобода, која згора на тоа треба и точно да ја дефинираме, бидејќи не можеме едноставно да кажеме: „Анархистичката слобода едноставно е намалување на надзорот.“? Во тој случај би западнале во заблуда: „Каде треба да се запре намалувањето на надзорот? Можеби на минимално надгледување?“ На пример, државата би станала легитимна како таква, за нас анархистите, доколку наместо денешната држава која угнетува би станала, да кажеме, минималната држава на либералите? Не, сигурно. Оттука, ова е погрешно размислување. Она што можеме да се обидеме да го постигнеме не е ограничување на надзорот, туку укинување на надзорот. Ние не бараме повеќе слобода, бидејќи повеќе слобода им се дава на робовите продолжувајќи им го синџирот, ние бараме уникување на синџирот, бараме слобода, а не повеќе слобода. Слободата значи отсуство на синџир, отсутност на ограничување, со сето она што произлегува од оваа афирмација.

Слободата не е само тежок и непознат концепт, туку е и болен, а нам ни се продава како преубав поим, нежен, релаксирачки, како далечен сон во кој се чувствуваме добро, како и со сите далечни нешта, затоа што тие претставуваат надеж, вера, верување. Со други зборови, она недопирливото нешто што ги решава денешните проблеми, но не затоа што навистина ги решава, туку затоа што едноставно ги прикрива, замаглува, менува, попречувајќи ни го погледот на сите потешкотии кои денес ги имаме. Во ред, еден ден ќе бидеме слободни. Во ред, имаме потешкотии, но во рамки на тие потешкотии постои една подземна сила, еден спонтан поредок кој не зависи од нас, кој работи наместо нас, кој малку по малку ќе ги измени страдалничките услови во кои живееме и ќе ни пружи нова слободна димензија во која сите среќно ќе живееме. Не, слободата не е тоа, тоа е измама која многу трагично потсетува на старото поимање на бог, бог кој многупати ни помогнал и кој сѐ уште им помага на многумина кои страдаат затоа што тие велат: „Во ред, денес страдаме, но на оној другиот свет ќе ни биде подобро.“ Или, како што вели Библијата, последниот ќе биде прв. Затоа овој пресврт ги охрабрува оние кои денес се последни, бидејќи утре ќе бидат први.

Кога ние би го продавале овој поим на слобода како вистински, би ги ублажувале денешните страдања, би ставиле малку мелем на денешните општествени рани, на ист начин на кој свештеникот со својата проповед, со своето резонирање, става малку мелем на раните на сиромашните кои го слушаат и кои живеат во заблуда дека царството божје ќе ги ослободи од страдањата. Јасно е дека анархистите не можат да размислуваат на ист начин. Слободата е деструктивен поим, поим кој во себе го содржи уништувањето на секое ограничување. Слободата е можност која треба да остане во нашето срце, но истовремено треба да сфатиме дека ако сакаме слобода мораме да бидеме подготвени да пркосиме на сите опасности на деструкцијата, на уништувањето на постоечкиот поредок во кој живееме. Слободата не е концепт кој ќе нѐ утеши во очекување на подобри времиња, без оглед на нашата вистинска способност за интервенција.

За да го сфативме ваквиот вид концепти, за да сфатиме на какви ризици се изложуваме кога ракуваме со опасните поими од овој вид, мораме да бидеме способни да изградиме идеи во нас самите, да имаме идеи.

И за тоа постојат значителни заблуди. Во оптек е навиката за идеја да се смета секој концепт кој го имаме во главата. Некој вели: „добив идеја“, и на тој начин се обидува да ја одреди идејата. Тоа е картезијанската теорија за идејата, која се спротивставува на платоновата, каде што идејата е апстрактна, далечна, упоришна точка итн. Меѓутоа, ние не мислиме на тоа поимање кога зборуваме за идејата. Идејата е упоришна точка, елемент на сила која го менува животот, поим кој е наполнет со вредност, поим на вредност кој станува поим на сила, нешто што може да го развие на поинаков начин нашиот однос со другите, сето тоа е идеја. Но, низ кој извор ни доаѓаат елементите со помош на кои ги градиме идеите од овој вид? Училиштата, академиите, факултетите, печатот, книгите, професорите, експертите итн., телевизијата. Меѓутоа, што ни емитуваат сите овие извори на информации и културни елаборации? Ни испраќаат повеќе-помалку значајна маса на информации, која на нас се руши како лавина, врие во нас како во лонец и потоа произведуваме мислења. Ние немаме идеи, имаме мислења.

И тука доаѓаме до кобниот заклучок. Што е тоа мислење? Тоа е празна идеја, униформирана со цел да се прилагоди на голем број луѓе. Општите идеи или омасовените идеи се мислења. На власта ѝ е важно да се одржуваат овие мислења, бидејќи преку нив, преку нивното управување, постигнува одредени резултати. На пример, пропагандниот механизам по пат на средствата за јавно информирање, реализацијата на изборните процедури итн. Новите елити на власт не се формираат преку идеи, туку преку мислења.

Што значи да се спротивставиме на формирањето мислење? Значи ли можеби да се соберат поголем број информации? Односно, да се спротивставиме на информацијата со контраинформација? Не, тоа е невозможно, бидејќи од која страна и да го гледаме проблемот не можеме да бидеме способни, наспроти преголемиот број информации со кои секојдневно сме преплавени, со нашата контраинформација да ја „откриеме“, преку процесот на истражување на скриените причини, реалноста која ја „заменила“ ова информативно дрдорење. Не можеме да делуваме во таа насока. Дури и кога го правиме тоа, за кратко време сфаќаме дека е залудно, не успеваме да ги увериме луѓето.

Затоа анархистите на проблемот на пропагандата му пристапија на критички начин. Да, се разбира, како што можете да видите овде имаме добро опремен штанд, како што е случај секаде каде што се одржуваат иницијативи и собири од овој вид. Тука секогаш се присутни нашите брошури, нашите книги. Имаме еден куп списанија и сме многу способни публицисти. Но, тоа не е единствената работа која треба да ја изведеме, а и кога го правиме тоа, таа активност не смее да содржи елементи на контраинформација, а доколку ги содржи тогаш се работи за споредни факти. Во основа, таа активност е насочена, или би требало да биде, кон создавањето една идеја или неколку важни идеи, неколку темелни идеи.

Само еден пример. Последните три или четири години се изгради случај кој печатот одвратно го нарече „tangentopoli” или „чисти раце“[1] и така натаму. Што предизвика кај луѓето таа голема операција? Создаде мислење дека правосудството е способно да ги поправи нештата, да ги осуди политичарите, да ги промени условите. Јасно ни е колку оваа постапка, ова мислење е корисно; на пример, придонесе за растот на „новата“ елита на власт која ја замени онаа старата. Иако велиме „нова“ и иако содржи некои нови обележја, сепак се повторуваат старите навики и старите ликови. На тој начин функционира мнението.

Обидете се да ја споредите оваа постапка за обликување на едно мнение (кое довело да значајна корист само за нив) со изградбата на една темелна идеја, како што би можела да биде продлабочената анализа на поимот правда. Разликата е непремостива. Но, што е праведно? На пример, сигурно за многумина, а и ние тоа го сметавме за праведно, било праведно тоа што Кракси[2] беше принуден да се затвори во својата вила во Тунис. Беше дури и симпатично, се смеевме, се чувствувавме добро, симпатично е кога ќе се отстранат свињи од тоа ниво. Меѓутоа, дали тоа навистина е правда? На пример, Андреоти[3] западна во потешкотии, изгледа се бакнувал во образ со Риина[4]. Вестите од овој тип ни се драги, се чувствуваме подобро, бидејќи една свиња каква што е Андреоти несомнено ни е и физички неподнослива, доволно е само да го видиме на екранот. Меѓутоа, дали е тоа поим за правда? Погледнете, за Ди Пјетро и за Борели[5] се навива како на стадион. Што значи стадионското навивање? Значи дека милиони луѓе се вовлечени во процес на униформирање на информацијата.

Концептот на правда за кој ние би требало да размислуваме е поинаков. На што треба да нè наведе концептот на правда? Треба да нè наведе да признаеме дека ако Кракси е виновен (или Андреоти), на ист начин како и тој виновни се и луѓето како Борели и Ди Пјетро, бидејќи додека првиот е политичар овие другите се дел од правосудството. Поимот на правда значи да се повлече една линија на разграничување помеѓу оној кој е поддршка или алиби на силите на власт и оној кој се спротивставува на тоа. Ако власта е неправедна, бидејќи самото нејзино постоење ја прави неправедна, ако, како што видовме, сите обиди се само измами за самооправдување, секоја личност на власт, повеќе или помалку демократска, што и да направи, секогаш е од другата страна на правдата.

Изградбата на ваков вид на концепт на правда значи формирање една идеја која не може да се најде во печатот, која не се анализира во школските училници и универзитетските аули, која не може да биде составен дел од мислењето и нема да ги одведе луѓето на избори. Напротив, оваа идеја ќе ги доведе луѓето да се спротивстават на самите себеси. Бидејќи кога човек самиот се наоѓа пред својот суд, се прашува: „Но јас, со својата идеја за општествена правда, како се поставувам кога ми се чини дека Ди Пјетро е добар? Дозволувам ли и мене да ме измамат, и јас станувам средство на мислење, завршен дел од големиот процес на формирање моќ, истовремено роб и нејзин соучесник?“

Конечно стигнавме до нашите одговорности. Ако поимот од кој почнавме е вистинит, односно дека за анархистите нема разлика помеѓу теоријата и делувањето, оној момент кога оваа идеја за правдата ќе заблеска во нас - доколку оваа идеја светне барем за момент во нашиот ум - таа светлина повеќе никогаш нема да згасне, бидејќи во секој момент, што и да мислиме, ќе се чувствуваме како виновници, како помагачи, соучесници во процесот на дискриминација, репресија, геноцид, смрт и секогаш ќе се сметаме за дел од тој процес. Како тогаш можеме да се сметаме за револуционери, анархисти? Како можеме да се сметаме за поборници на слободата? За која слобода зборуваме ако сме им ја дале нашата поддршка на убијците на власт?

Гледате колку е различна и критична ситуацијата на оној кој веднаш ќе успее, по пат на длабока анализа на стварноста или сосема случајно, или пак по некоја несреќа, да го осветли умот со толку јасна идеја за правдата. Постои мноштво идеи од овој вид. На пример, идејата за слобода е слична. Оној кој барем за момент ќе се замисли над поимот слобода, не може да се задоволи со некое дело кое само малку ќе ја зголеми слободата на условите во кои живее. Тој од тој момент па натаму ќе се чувствува виновен и ќе се обиде да направи нешто за да го ублажи своето чувство на страдање. Ќе чувствува дека греши, бидејќи дотогаш не презел ништо и од тој момент неговиот живот целосно ќе се промени.

Во основа, што сака државата преку формирањето мислење? Што сака власта? Да, се разбира, сака да создаде масовно мислење, бидејќи преку тоа ќе можат да остварат одредени тенденции, како на пример излегувањето на избори, формирањето малцински кругови на моќ и така натаму. Меѓутоа, не го сакаат само тоа, ја сакаат нашата согласност, нашето одобрување, а согласноста ја добиваат преку одредени средства, особено оние со културен карактер. На пример, училиштето е еден од резервоарите од кој се црпи согласноста и се гради идната интелектуална (и не само интелектуална) работна сила.

Продуктивните трансформации на денешниот капитализам бараат поинаков човек во однос на минатото. До неодамна, се бараше личност со стручни способности, професионални квалификации, горда на своите вештини. Денес ситуација е прилично изменета. Светот на труд бара скромни квалификации, мошне ниски и бара квалитети кои во минатото не само што не биле присутни туку биле и незамисливи; на пример: флексибилност, прилагодливост, толеранција, способност за посредување на состаноци.

Додека во минатото, да наведеме специфичен пример, производството на големите компании се засноваше на монтажна трака, на масовно производство, денес имаме поинакви структури, или автоматизирани или составени од острови, мали групи кои работат заедно, меѓусебно се познаваат и надгледуваат итн. Овој тип на менталитет не е само менталитет на фабриката, не градат само „нов работник“, тоа е „нов човек“: флексибилен, со скромни идеи, нејасни желби, многу ниско културно ниво, осиромашен јазик, со стандардизирано четиво, секогаш едно па исто, ограничени способности на размислување, но многу голема способност за краткорочно одлучување помеѓу да и не, помеѓу две можности: жолто копче, црвено копче, црно копче, бело копче. Ете, таков менталитет создаваат. Каде го создаваат? Го создаваат во училиштата, но и во секојдневниот живот.

Што ќе прават со таквиот човек? Ќе им биде потребен за остварување на сите измени кои се важни за реструктуирање на капиталот. Ќе им биде потребен за подобро раководење на идните услови и односи. Какви ќе бидат тие односи? Ќе се темелат на сè побрзи измени, на повикот да се задоволат потполно непостоечки потреби, кои ги создаваат и со нив управуваат на одреден начин мали групи, сè побројни и побројни. Овој тип на нов човек е во целосна спротивност со она што можат да бидат нашите желби и мисли, во спротивност со квалитетот, креативноста, со стварните желби, со радоста на животот, во спротивност со сето тоа. Како можеме да се бориме против создавањето технолошки човек? Како можеме да се бориме против таквата состојба? Можеме да чекаме да дојде денот, еден убав ден кога ќе го доведеме светот во хаос, во она што анархистите во претходниот век го нарекуваа „la grande soirée“, голема вечер или големиот ден - „le grand jour” - кога ќе победат непредвидливи сили, предизвикувајќи го општествениот конфликт кој сите го очекуваме а се нарекува револуција, после што сè ќе се промени и ќе настане свет на совршенство и радост?

Тоа е миленаристичка теорија. Бидејќи се наближува крајот на векот, би можела да се врати во мода. Но, условите се поинакви, стварноста не е таква, тоа не е очекување кое треба да нè интересира. Нас нè интересира една поинаква интервенција, многу помала, многу поскромна, но сепак способна нешто да стори. Ние, бидејќи сме анархисти, сме повикани нешто да сториме, нè повикува нашата одговорност и сето она за што претходно зборувавме. Од моментот кога таа идеја ќе се роди во нашиот ум, не идејата за анархија, туку идејата на правда, слобода, кога тие идеи се раѓаат во нашиот ум и кога преку сите овие идеи ќе успееме да ја препознаеме измамата пред нас која би можеле, уште денес, да ја опишеме како демократска измама, што ќе направиме? Мораме да се потрудиме, каде што „да се потрудиме“ значи и да се организираме, значи да ги создадеме оние услови на меѓусебни односи меѓу нас анархистите, кои мораат да бидат поинакви од вчерашните услови.

Денешната стварност е поинаква. Како што претходно кажавме, создаваат поинаков човек, без квалитети, со цел да го создадат општеството без квалитети кои ним им е потребно. Но, одземајќи ги квалитетите од човекот, го остранија и ликот на работникот од средиштетото на концептот за политичкото општество. Во минатото работникот ја поднесуваше најтешката експлоатација. Од таа причина се сметаше дека тој би требало, како протагонист, да ја започне револуцијата. Доволно е да се помисли на марксистичката анализа. Во суштина, сиот Капитал на Маркс е посветен на „ослободувањето“ на работникот. Кога Маркс зборува за човекот, мисли на работникот, кога ја развива својата анализа за вредноста зборува за времето на работа, кога ја развива својата анализа за отуѓеноста зборува за трудот. Нема ниту едно нешто, а да не се однесува на работата. Затоа што работникот бил во средиштетото на марксистичката анализа, а работничката класа навистина можела да се замисли како центар на општествената структура.

Иако преку поинаква анализа, и анархистите прилично се приближија до теоријата за работникот во центарот на општеството, односно за средишноста на работничката класа. Зборуваме за анархосиндикалистичката анализа. Анархосиндикалистите само го доведоа до екстремни последици концептот на синдикална борба, ослободувајќи го од ограничувачката димензија на синдикални барања со цел револуционерниот чин да се реализира преку општ штрајк. Значи, за анархосиндикалистите општеството од иднината, ослободено или анархистичко, е истото ова општество, но без власт, со истите денешни производствени структури, кои повеќе не се во раце на капиталистите туку ѝ припаѓаат на заедницата која заеднички управува со нив.

Овој концепт, од повеќе причини, денес не е изводлив. Примарна причина се новонастанатите технолошки промени кои оневозможуваат едноставен и линеарен премин од претходното, односно денешното општество во кое живееме во идното општество во кое би сакале да живееме. Тој непосреден премин е невозможен од една едноставна причина, информатичката технологија не би можела да се користи во слободен облик, на ослободувачки начин. Новите технологии и примените на компјутерската технологија не се ограничија себеси на остварување одредени промени во рамки на некои средства, туку изменија и други технологии. На пример, фабриката ја нема истата структура од порано со додаток на компјутерска технологија, таа е компјутеризирана фабрика, а тоа е нешто сосема поинакво. Да не губиме предвид дека за овие поими можеме да зборуваме многу воопштено, бидејќи изискуваат многу повеќе време за подлабока анализа. Затоа мораме да препознаеме дека не е можно да се користи тоа наследство. Овој премин доведува до крај на митот за средишноста на работничката класа.

Оттаму, во ваква ситуација во која работничката класа практично се атомизира, не постои можност за експропријација на средствата за производство. Тогаш до каков заклучок доаѓаме? Нема друг заклучок освен уништувањето на производствените средства кои стојат спроти нас. Единствениот можен премин кој го имаме на располагање е драматичната реалност на деструкцијата. Револуцијата за која можеме да нагаѓаме, а во која воопшто не сме сигурни, не е онаа револуција од минатото замислена во еден чин, остварлива дури и во еден ден или во една убава ноќ, туку тоа е долг, трагичен, крвав настан кој можеби ќе биде сведок на незамисливо насилни и трагични процеси.

Токму кон таква реалност сме упатени. Но, не затоа што ние тоа го сакаме, не затоа што сакаме насилство, крв, деструкција или граѓанска војна, смрт, силувања, дивјаштво, не заради тоа. Затоа што тоа е единствениот можен пат, единствениот пат кој ни го наметнале промените, а ги создале оние кои ни заповедаат и владеат со нас. Тие тргнале по тој пат. Не можеме сега со најобичен лет на нашите желби, нашата мечта нешто да промениме. Кога во минатото, додека сè уште постоеше силна работничка класа, живеевме во илузија на сличен премин соодветно и се организиравме. На пример, организациските претпоставки на анархосиндикализмот предвидуваа едно силно синдикално движење кое, продирајќи во работничката класа и организирајќи ја речиси во целост, би ги остварило експропријацијата и преминот. Тој колективен субјект повеќе не постои, а веројатно бил митски уште од самото свое настанување. Сега повеќе не постои ниту во својата претходна митска визија, тогаш каква смисла би имало синдикалното движење со револуционерна природа? Каква смисла би имало и каква смисла има анархосиндикалистичкото движење? Никаква смисла.

Оттаму, борбата мора да тргне од поинакви појдовни точки, со други идеи и други методи. Заради тоа изминативе петнаесетина години развивме критика на синдикализмот и анархосиндикализмот. Заради тоа сме анархисти инсурекционисти. Но, не затоа што сметаме дека решението е на барикадите. Барикадите би можеле да бидат трагична последица на изборот кој не ни припаѓа нам. Ние сме инсурекционисти затоа што мислиме дека анархистичкото делување нужно мора да се соочи со многу сериозни проблеми. Овие проблеми не се посакувани од анархизмот, туку се наметнати од стварноста која ја изградиле оние на власт, а ние не можеме да ги избришеме на тој начин што едноставно ќе го посакаме тоа.

Оттаму, анархистичката организација насочена кон иднината би требала да биде агилна. Не може да се обременува себеси со отежнувачките карактеристики и квантитативните потешкотии на структурите од минатото. Не може да се постави низ димензија на синтеза, како на пример организациите од минатото во кои анархистичките структури тврделе дека ја пресликуваат реалноста во „одбори“ кои се занимавале со разни проблеми, носејќи одлуки на периодичните годинешни конгреси врз основа на тези кои оделе дури и еден век наназад. На сето тоа му е дојден крајот, но не затоа што минале сто години од замислата, туку затоа што стварноста е променета.

Затоа ние ја поддржуваме потребата за создавање мали групи засновани на идејата на афинитет, дури и многу мали групи со само неколку другари кои меѓусебно се познаваат и продлабочуваат тоа познанство, бидејќи не може да постои афинитет ако не се познаваме доволно. Сличноста и афинитетот можеме да ги препознаеме само преку продлабочување на елементите кои ги одредуваат разликите меѓу нас. Тоа познавање е личен факт, но е и прашање на идеи, дискусии, разговори. Но, доколку се сеќавате на почетокот на оваа расправа, нема продлабочување на идеите ако тоа истовремено не е проследено со заедничко делување, реализација. Оттаму, помеѓу продлабочувањето на идеите и реализацијата постои непрекинато меѓусебно испреплетување.

Мала група од неколку другари кои се познаваат и кои се идентификуваат преку еден афинитет, сличност, и се состануваат само за навечер заедно да поразговараат не е група на афинитет, тоа е група на симпатични познаници кои состанувајќи се навечер можат да разговарат за сè и сешто. Наспроти тоа, група која се состанува заради дискусија, но која дискутирајќи одлучува заеднички да делува и со делувањето да придонесува кон развојот на дискусија која со тек на времето прераснува во дискусија за можности за делување, тоа е механизмот на групата на афинитет. Но, на кој начин групата на афинитет може да стапи во контакт со други групи на афинитет, кои не е потребно подлабоко да се познаваат (што пак е неопходен фактор во рамки на секоја поединечна група)? Тој контакт може да го овозможи неформалната организација.

Што е тоа неформална организација? Помеѓу различните групи на афинитет кои се во меѓусебен контакт со цел размена на идеи и заедничко делување, може да постои однос од неформална природа, односно градење на една организација која може да биде многу широка на територијално ниво, десетици па зошто да не и стотици организации, структури, групи со неформални одлики (како што се дискусии, периодично продлабочување на проблемот, остварување акции и така натаму). Оваа организациска структура на инсурекционистичкиот анархизам е поинаква од онаа за која претходно зборувавме кога го споменавме анархосиндикализмот.

Меѓутоа, анализата на организациските облици, во оваа пригода попатно споменати, заслужува подлабока дискусија во која не можеме да навлеземе преку само едно предавање. Според мене, таков тип организација би останал само интерна работа на движењето доколку не би се остварил во односите со околината, односно преку изградба на упоришни надворешни групи, надворешни нуклеуси засновани исто така на неформални обележја. Не е потребно овие упоришни групи да ги сочинуваат само анархисти: можат да учествуваат сите оние кои сакаат да се борат за остварување на точно одредени цели, но важно е да се темелат на некои важни услови. Пред сè на „перманентен конфликт“, постојан судир, што значи групи кои се способни да ја нападнат реалноста во која се наоѓаат, а не само да чекаат нечии наредби. Потоа, да бидат „автономни“, самостојни, односно ниту да зависат ниту да бидат во односи со политички партии или синдикални организации. На крај, поединечен пристап кон проблемите, без предложување општи синдикални платформи, што неизбежно би се претворило во раководење со минипартија или мал алтернативен синдикат. Резимето на овие тези може да изгледа прилично апстракнто и затоа пред да завршам сакам само да наведам еден пример, бидејќи вакви нешта подобро се разбираат преку практика.

Теоретскиот модел од овој вид беше применет на почетокот од 1980-те години при обидот да се спречи изградбата на американската ракетна база во Комизо.[6] Анархистичките групи кои интервенираа полни две години, изградија „самоуправни здруженија“. Тие самоуправни здруженија беа всушност неанархистички групи кои делуваа на таа територија, а единствената цел им беше да се спречи изградбата на базата уништувајќи го проектот во текот на реализацијата.

Оттаму, здруженијата беа автономни нуклеуси со следниве карактеристики: имаа една единствена цел, да ја нападнат и уништат базата. Не поставија пред себе цела низа проблеми, бидејќи ако го стореа тоа ќе станеа синдикалистички групи кои имаат цел, да кажеме, да ги заштитат работните места или да пронајдат работни места или пак решавање на некои други непосредни проблеми. Напротив, ние имавме само една цел, да се уништи базата. Друга карактеристика беше перманентната конфликтност, односно од самиот почеток кога овие групи беа формирани (тоа не беа анархистички групи, се работеше за групи луѓе меѓу кои имаше и анархисти) тие влегоа во судир против сите структури кои сакаа да ја изградат базата, без таа конфликтност да ја одредат или изразат претставнички органи или одговорни личности од истите тие групи. И третата карактеристика беше автономијата на овие групи, што значи дека не зависеа ниту од партии, ниту од синдикати и така натаму. Случајот на борбата против изградбата на базата само делумно е познат. Ми се чини дека не е ниту време ниту место за повторување на историјата, сакав само овој случај да го наведам како пример.

Оттука, инсурекционистичкиот анархизам мора да надмине еден основен проблем. Мора да надмине една одредена граница, во спротивно ќе остане само идеја за инсурекционистичкиот анархизам. Односно, другарите кои ги сочинуваат групите на афинитет и кои го пренеле во дело она што предмалку го опишував, востанието од лична природа, просветлувањето кое во нас создава една темелна идеја-сила наспроти дрдорењата на мненијата, тие другари влегувајќи во односи со други другари од други подрачја и преку неформална структура, до оваа точка оствариле само дел од работата. Во еден момент мораат да одлучат, мораат да ја преминат таа линија на разграничување, мораат да направат чекор после кој тешко има враќање назад. Мораат да воспостават односи со личности кои не се анархисти, за да решат еден спореден, ограничен проблем (уништувањето на базата Комизо). Колку и да е таа идеја фантастична или интересна или симпатична, таа секако не беше анархија, не беше остварување на анархија. Што ќе се случеше ако навистина успеавме да влеземе во базата и да ја уништиме? Не знам. Веројатно ништо, веројатно сè. Не знам, не можеме да знаеме, никој не може да го знае тоа. Но, убавината на остварувањето на едно деструктивно дело не се наоѓа во неговите можни последици.

Анархистите не гарантираат за делата што ги прават. Но, укажуваат на одговорноста на личностите и структурите, и врз основа на одлука делуваат и од тој момент се чувствуваат сигурни во себе, бидејќи нивната идеја за правда го осветлува нивното делување. Посочува на одговорноста на една личност, на повеќе личности, на една структура, на повеќе структури и следствено на тоа на последиците на тие одговорности. И токму во тоа ја наоѓаме анархистичката одлучност за делување.

Меѓутоа, кога анархистите преземаат акции со други луѓе, мораат исто така да се обидат да изградат организми кои се способни да се одржат заедно и да создадат последици во борбата против власта. Не смееме да заборавиме, што е многу важно, дека власта се остварува во простор, односно дека моќта не е апстрактна идеја. Ако нема полициски станици, ако нема затвори, надзорот би бил невозможен. Ако нема парламент, ако нема регионални собранија, законодавната власт не би постоела. Ако нема училишта и факултети ќе ја нема ниту културната моќ која нè угнетува, која создава мислење.

Училиштата, факултетите, станиците, затворите, фабриките, сето тоа се места кои се остваруваат во просторот, одредени зони внатре кои можеме да се движиме само доколку прифатиме одредени услови, односно ако ја прифатиме играта на улоги. Ние сега се наоѓаме овде затоа што сме ја прифатиле играта на улоги, во спротивно не би можеле да влеземе. Ова е интересно. Можеме да користиме и вакви структури, но во момент на напад овие места ќе ни бидат недостапни. Ако овде влезевме со напаѓачка намера, сосема е јасно дека полицијата ќе нè спречеше.

Со оглед дека власта се остварува во простор, многу е важен односот на анархистите со просторот. Востанието секако е индивидуален чин и затоа навечер кога си легнуваме, длабоко во себе помислуваме: „Во ред, нештата сепак не одат толку лошо“, бидејќи се чувствуваме во мир со себеси и заспиваме. Таму, во тоа посебно место внатре нас, се движиме како сакаме. Но, порано или подоцна мораме да се преселиме во просторот на реалноста, кој, ако добро размислите, речиси во целост е под закрила на власта. Затоа движејќи се низ просторот со себе ги носиме овие вредности на востанието, револуционерни вредности, анархистички вредности и ги одмеруваме преку судирот во кој не сме сами.

Оттаму, треба да бидеме во состојба да ги препознаеме оние цели кои се значајни и да го потврдиме нивното постоење - а случајноста сакала тие цели да ги има насекаде и секогаш - да придонесеме на создавањето услови угнетените луѓе, на чијшто грб се остваруваат тие цели, да сторат нешто за да ги уништат.

Според мене, тој револуционерен процес е од инсурекционистичка природа. Неговите цели (ова е важно) не се од квантитативен карактер, бидејќи уништувањето на целта или попречувањето на некој проект не може да се мери во квантитативни односи. Понекогаш се случува некој да ми каже: „Низ колку борби минавме изминативе дваесет, триесет години?“. А и самиот понекогаш сум го кажал тоа, и исто толку пати слушнал: „И, што постигнавме?“. Дури и кога ќе успееме нешто да оствариме луѓето подоцна не се ни сеќаваат на анархистите. „Анархисти? Кои се тие анархисти? Монархисти? Можеби оние кои го поддржуваат кралот?“. Луѓето не се сеќаваат баш најдбор. Но, зарем тоа е важно? Не е потребно да се сеќаваат на нас, мораат да се сеќаваат на нивната борба, бидејќи борбата е нивна. Ние сме само една можност во таа борба. Ние сме она нешто плус.

Во ослободено општество, кога анархијата веќе е остварена во некоја идеална димензија, анархистите, кои се неопходни на сите нивоа на општествената борба, би имале една единствена цел: да ја поттикнуваат понатамошната борба, елиминирајќи ги и најмалите траги на власт, усовршувајќи ја тензијата кон анархија. Анархистите населуваат навистина неудобна планета, бидејќи ако борбата успее тие се заборавени, а кога нема да успее се обвинети за одговорност, дека на лош начин ја воделе борбата, дека ја довеле до лоши последици.

Оттаму, нема никакви илузии во однос на можните квантитативни резултати: ако е остварена борбата од инсурекционистичката точка на гледиште, во ред; а успесите, доколку ги има, можат да им бидат корисни на луѓето кои ја оствариле, секако не на анархистите. Не смееме да западне во заблуда во која, за жал, паднаа моногу другари, помислувајќи дека позитивниот исход на борбата може да го зголеми бројот на нашите групи, бидејќи тоа не е вистина, бидејќи тоа систематски се претвора во разочарување. Растот на нашите групи и зголемувањето на бројот на нашите другари се многу важни нешта, но не можат да се остварат преку постигнатите резултати. Тие можат да се остварат преку изградба, формирање на оние темелни идеи, оние објаснувања за кои претходно зборувавме. Позитивните исходи од борбите и зголемувањето на бројот на нашите групи се две работи кои не можат да бидат поврзани со процесот на причини и последици. Можат да бидат во меѓусебна врска, но и не мораат.

Уште само неколку зборови пред крајот. Зборував што е анархизам, што е демократија и кои заблуди постојано ни се подметнуваат; зборував за начините на трансформирање на структурата на власт која ја нарекуваме модерен капитализам, постиндустриски капитализам; за некои денес неприфатливи структури на анархистичка борба, за денешниот можен начин на спротивставување на власта и на крај за разликите помеѓу традиционалниот анархизам и денешниот анархизам.

Ви благодарам.

Вовед за второто издание

Процесот врз основа на кој анархистичката тензија кон слободата се ослободува од знаењето никогаш не бил едноличен, не се одвива одеднаш. Освестувањето не е вреќа која се празни, некои елементи на скротувачкото знаење не се детали кои се отстрануваат по волја, други пак, можат да се отстранат само со голем напор, а по отстранувањето веднаш се обидуваат на сите можни начини да се вратат на првобитното место. Се плашиме на препуштање на милост и немилост на непознатото. Склон сум, што е сосема природно, да ги сметам за важни оние елементи од знаењето кои потешко ги отстранувам, но таа пурификација не составува ниту квалитативна ниту квантитативна ранглиста. Зборот наспроти овие напори реагира на сопствен начин, никогаш не одговара на соодветен начин на лудилото на деструктивната тензија. А таа не може да се прикаже како напреден или детален проект. Нејзиниот танц повеќе потсетува на жена бог отколку на владетелската мудрост на Атена. Во неможноста да се прикаже деструктивен проект во сите свои детали, туку само во пошироки црти, всушност неодредни, морам да признаам дека во недостиг на правила секој проект во себе содржи нешто смешно. Наместо да го поттикне зборот да се отвори, тензијата се изложува на опасноста да му се спротивстави. Тоа станува константно сè додека ослободувачката подготовка на тензијата сè уште е преслаба во однос на сложениот товар на натрупувањето, а знаењето се заканува тоа да го прикаже како уцена. Можно е да се направи грешка при преценувањето на процесот на приближување на тишината, што пак е можно зборот и да не го забележи. Во тој случај се започнува со детална анализа која ќе почне со комплексни, виугливи движења и која целосно ќе се измени во однос на дополнителните предлози на најнапредните тензии. Понекогаш, кога ќе надвладеат двоумењата, кои да кажеме се минливи но кадарни да ги зауздаат најблагородните нагони и пориви, тензијата не е доволна тивка и дозволува знаењето да ја исполни. Зборот ја забележува инвазијата или предвремените услови и создава лажни појдовни точки за сосема да не го избрише трудот кој самата тензија веќе го извршила. Тешко е да се распознаат поводите за радикална деструкција која анархизмот многу уверливо ја застапува. Доколку ја отстраниме целта на оваа деструкција, која било цел, останува само залудноста на амбисот во кој паѓаат неорганизираните движење на индивидуалната тензија и во поширока смисла колективните тензии кон слободата.

Тензијата значи отворање на сопственото срце за неочекуваното, да се дозволи бег во светот на сопственото и туѓото знаење, секој да прави што сака. Големите филозофи како Аристотел или Бруно стапиле во служба (иако привремено) на моќниците, а да не ги споменуваме Платоновите утопии, но не можеле да го отворат своето знаење, биле премногу љубоморни и пристрасни за да успеат да не се ограничат да ја довршат арогантната и глупава задача на придржување свеќа.

Неволно се одрекнувам од знаењето и користа која цел живот ја црпев од него. Дури и во најтешките услови во кои се имав најдено, непријателот му се поклонуваше и му даваше олеснителен третман. Кога бев изложуван на мачење, ударите беа потешки само кога мачителот не знаеше кој сум, а потоа стануваа полесни, речиси срамежливи. Невозможно е во целост да се одрекнам од ова значење на знаењето кое ме проткајува и кое ми покажува каков сум, со оглед дека допрело до длабочините (иако во партали како Циниците); тоа е долга борба, и кога ќе помислам дека сум достигнал добри услови за ослободување, древниот гнилеж повторно избива на неочекувани места. Деструкцијата ќе биде невозможна додека не се ослободи од ваквите врски кои имаат свој скриен корен токму во сврзивното ткиво на знаењето. Горчлива е потребата да се откажеме од него, бидејќи и на крајот, кога неговото дишење станува сè поретко и кога неговите планови за надгледување се соголени до коска, останува трага од содржината и смислата.

Всушност, тензијата кон коренитото уништување на постоечкото е лудило кое ме плаши, како тогаш таа да се врами во обрасци на знаење кои влеваат доверба?

Се разбира, не зборувам за празен занес. Невозможно, бидејќи би требало целосно да се исполни со нешто што не се ноаѓа некаде, туку се прикажува како движење, односно „тензија кон нешто“, слобода. А сепак зборувам за нешто што го попречува зборот и го прави неразбирлив ако не го гледаме низ перспектива на целосно уништување, тишина која ја опкружува акцијата, целосна во сите свои делови, услов за ослободување кое знаењето со децении го имитира. Поуката која можеме да ја извлечеме од овој опасен и неподнослив услов, за кој сепак најмногу и најсилно копнееме, е дека знаењето секогаш го затвора човечкото срце и го заменува со пресметка, корист, освојување, посесивност. Невозможно е да се одрекнеме од сите овие аспекти, а истовремно да го задржиме знаењето и сите неговите пропратни елементи. Тоа ни го докажува зборот кој само го пропелтечува површниот јазик на секојдневието или кој понекогаш ќе се одважи да зачекори во изменетите услови кои тензијата ги овозможува.

Тензијата е знаење за квалитетот, тишина која го наслушнува гласот на судбината, глас кој не може да доцни и покрај илјадниците расеани можности кои во ноќите на знаење ги замрзнуваат нејзините намери. Потоа таа доаѓа, и делувањето ја осветлува ноќта, и самиот збор конечно повторно ја присвојува слободната порака и се оттргнува од онаа присилната, заборавајќи ја тажната потреба. Тензијата и знаењето, тие два аспекти, да се делува и да се прави, се одвојуваат и спојуваат, не можеме да ги сметаме за туѓинци, само за непријатели, кои чекорат еден покрај друг, како животот и смртта.

Трст, 09.05.2007

Алфредо М. Бонано

 

[1] „Аферата Тangentopoli” при која во Италија во деведесеттите години од 20 век била спроведена опсежна судска истрага наречена Mani pulite (чисти раце) која разоткрила мито и корупција на највисоките државни нивоа. [заб. на прев.]

[2] Бетино Кракси (Bettino Craxi), претседател на Италијанската социјалистичка партија и во два мандати премиер на Италија. За време на истрагата Mani pulite бил под истрага, а потоа и осуден, за подоцна да побегне во Тунис со цел да го избегне затворот. Подоцна таму и умира. [заб. на прев.]

[3] Џулио Андреоти (Giulio Andreotti), претставник на Демохристијанската партија, повеќекратен премиер на Италија, доживотен сенатор, обвинуван за врски со Коза Ностра. [заб. на прев.]

[4] Салваторе Торо Риина (Salvatore Totò Riina), шеф на сицилијанската мафија Коза Ностра сè до деведесеттите години од 20 век кога е уапсен и осуден на доживотен затвор. Одговорен за многу убиства, меѓу кои и на бројни судии, политичари, новинари итн. [заб. на прев.]

[5] Антонио Ди Пјетро (Antonio Di Pietro), денес политичар, а во времето на аферата Tangentopoli еден од главните обвинители кои ја воделе истрагата Mani pulite; Франческо Саверио Борели (Francesco Saverio Borelli), јавен обвинител и лидер на истрагата Mani pulite. [заб. на прев.]

[6] Гратче на југот од Сицилија. [заб. на прев.]


Текст од јавното предавање „Анархизам и демократија“, одржан во математичката гимназија „Ѓузепе Пеано”, Кунео (Италија), 28.01.1995.
Наслов на оригиналот: “La Tensione anarchica”; edizionianarchismo.net
Прво издание: Laboratorio Anarchico di Sperimentazione Antiautoritaria, март 1996, Кунео, Италија
Второ издание: Edizioni Anarchismo, април 2007, Италија
Трето издание: ноември 2013
Превод на македонски: Шеш Феш