Aдријано Палоела, Ѕелинда Карлони

Глобализација

Идеи за разбирање, преживување и давање отпор на новиот модел на профитирање

2001

    1. ОСНОВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА МОДЕЛОТ

      Експанзија на пазарот

      Ослабување на заедниците

      Редукција на разликите

    2. ПРИНЦИПИТЕ ВРЗ КОИ МОДЕЛОТ НА СИСТЕМОТ Е ИЗГРАДЕН

      Митот за прогресот

      Целите на науката

      Материјална благосостојба

      Културна партиципација во моделот

      Индиферентност кон ресурсите

    3. ИЗЛЕЗНИ РЕЗУЛТАТИ НА МОДЕЛОТ

      Редукција на разликите, пораст на нееднаквоста

      Компромитирање на околината, дезинтеграција на земјата и заедницата

      Човекот - објект на пазарот

    4. ОЧЕКУВАНИОТ ИСХОД: СУБОРДИНАЦИЈА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

      Климатски промени

      Недостиг на вода

      Пораст на популацијата и храната

      Немање избор

      Економската моќ ја заменува политичката

      Зависност

    5. КАКО ДА СЕ РЕАГИРА?

      Двојство на моќта

      Помеѓу екстремизмот и компромисот

      Стапицата на насилството

      Само - паметно

      Кохерентни акции

      Оживување на проактивизмот

      Формирање на мрежи помеѓу индивидуите

      Скрати, успори и реагирај

      Препознај ги и поддржи ги работите кои со самото свое постоење го ограничуваат системот

      Придонеси да се обнови заедницата

      Дефинирај си ги предизвиците, излези надвор, разговарај, чувствувај, пронаоѓај

1. ОСНОВНИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА МОДЕЛОТ

Експанзија на пазарот

Пазарот се зголемува преку пораст на потрошувачката по глава на жител, преку пораст на бројот на потрошувачи и преку пораст на опсегот и количината на добра кои се на располагање.

Пораст на потрошувачката per-capita (по глава на жител)

Потрошувачката по глава на жител се зголемува преку механизмот на рекламирање и создавање на имиџ/слика кој/а призводите ги прави „неопходни”. Според овој механизам, економскиот профил на индивидуите е дефиниран (географски, културно и според видот) според видовите на добра за да стимулира набавка на тие добра, и со тоа да ја доведе потрошувачката до највисоко можно ниво. Пазарот на “желби” е далеку позначаен од оној на потреби.

Пораст на бројот на потрошувачи

Растот се постигнува преку проширување на границите на таканаречената средна класа и на географските граници на потенцијалните потрошувачи. Единственото ограничување на оваа експанзија го создава потребата да се задржат џебовите на сиромаштија, дури и во најбогатите држави, како би се осигурало постоењето на евтина работна сила.   - Во индустриските држави (членките на Организацијата за Економска Соработка и Развој - англ. OECD) има 100 милиони сиромашни, 37 милиони без платено вработување, повеќе од 100 милиони бездомници а 8% од децата живеат под прагот на сиромаштија. (1)

Пораст на опсегот и количеството на расположиви добра   Добрата кои се произведени важат само за дел од пазарот. За да се поттикне размената и да се гарантира профит, сè е комерцијализирано - вклучително и јавните ресурси и длабоко личните искуства: водата, сексот, знаењето, природата.

Патентирање на природата

Постојат 3 спогодби на СТО (Светската трговска организација) кои претставуваат потенцијален проблем за нациите кои сакаат да ги зачуваат и засилат сопствените заштитни закони кои ги третираат Генетски модифицираните организми (ГМО): SPS, TBT и TRIP. Првите две претставуваат тежок товар за владите кои ќе одлучат да го ограничат влезот на ГМО во сопствените земји и се закануваат со комерцијални санкции во име на СТО во однос на автономни или мултилатерални решавања на проблемот на ГМО.

Спогодбата TRIP – Trade-Related Aspects of Intellectual Property (Трговски аспекти на интелектуалната сопственост), го користи правото на патент за да ги одреди правата на големите бизниси на интелектуална сопственост, што се одразува врз фармацевтските производи, хемиските производи за земјоделието, врз ботаничкиот диверзитет и гермоплазмата на семињата, дури и врз оние изведени низ вековите на традиционално култивирање и хибридизација на растенијата. Дополнително, спогодбата го задржува правото на сопственост над микроорганизмите, како човечките така и животинските гени и ќелии, како и гените од папочната врвка.

Всушност, спогодбата TRIP уште повеќе ја заострува опасната безбедност на светското производство на храна, создавајќи проблеми во пристапот и дистрибуцијата на храната и семињата. Кога бизнисот патентира семе, малите локални земјоделци мораат да плаќаат годишна сума за правото да го користат тоа семе, дури и ако семето е производ на методите користени низ генерации на истите тие фармери. Ова е најобично биопиратство и пљачкосување на природата и на вековното знаење.(6)(7)

Патентите се прескапи за посиромашните земји

Фондацијата Гаија (Gaia), Британска организација која се занимава со проблемите на заштитата на околината, беше контактирана од една намибиска НВО која бараше совет околу патентирањето на една локална билка со медицински својства, во обид да спречат биопиратство од мултинационалните фармацевтски компании. Следејќи го истражувањето на трошоците, Гаија дојде до заклучок дека патентот би бил неприфатливо скап и над можностите на заедницата со скудни финансиски капацитети.

Една сиромашна заедница која сака да ја осигури сопственоста над самостојно развиените форми на локални растенија треба да го регистрира патентот во сите развиени земји; значи, за да побараат, добијат и задржат патент, земјоделците и локалните заедници се соочуваат со извонредно големи трошоци: студијата покажа дека 10 патенти, кои важат во 52 држави, за само еден изум, чинат околу $500.000. Дополнително, студијата ги пресметува и екстра трошоците со кои заедницата ќе се соочи доколку биде принудена да го брани патентот пред суд, каде плаќањето паѓа само врз грбот на бранителите на патентот, а не врз предизвикувачите. „Од овие заклучоци станува сосем јасно дека намибиската заедница нема никакви шанси да си го дозволи луксузот на патентот. Патентите и ужасно високите трошоци што ги вклучуваат, се кралство на богатите и моќните.” (7)

Ослабување на заедниците

Заедницата, покрај тоа што се дезинтегрирала културно, станува и екстремно ограничена во моќта самостојно да донесува одлуки. Имателите на капитал интервенираат директно на ниво на заедницата, премостувајќи го секој филтер ставен како заштита на националните интереси, па дури и законите. Сè до неодамна, големите економски групации ги насочуваа одлуките донесени од владите од привидно подредена позиција; денес тие веќе отворено ја декларираат својата раководна и практична супериорност во економијата, и врз база на ова тврдат дека се соодветни за културно и социјално раководење со општеството. Во денешнината, ниту една држава нема можност да насочува или да контролира што се случува на пазарот. Никакви проверки од кој било вид не може да се направат врз операторите; сето тоа што и одговара на логиката на пазарот е добро, без грижа за ефектите врз популацијата и околината. Луѓето се отсечени од нивната можност да избираат со тоа што централните аспекти на нивната егзистенција се одредени единствено според економските критериуми, и со тоа што паралелно на социјалната и политичката структура во која живеат, постои и друга „организација” која нема одредена база, чии членови се непознати и која не ја информира пошироката јавност за своите операции, дури ни површно. Голем дел од моќта на владите, кои се и онака веќе длабоко одделени од народот со кој владеат, им е предадена на тела како Светска банка (СБ), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската трговска организација (СТО), сите до една раководени од учесници кои доаѓаат од најмногу дузина земји, но најчесто од САД.  

СТО

Институцијата е „правно лице” и нејзините правила се обврзувачки за членовите. Организацијата се базира врз комисии за донесување одлуки, панели составени од три комерцијални експерти, без какво било учество на јавноста. Решенијата се ратификуваат по автоматизам, освен ако сите членови на организацијата се против нив. Доколку законите на одредена држава ги нарушуваат правилата на организацијата, тие закони мора да се променат; ако не, се наметнуваат економски санкции: има најмалку 160 национални закони кои досега биле променети во повеќе земји со цел да се прилагодат на правилата. Организацијата има поставено лимити за еколошки и прехранбени стандарди како и стандарди за безбедност; ако националните стандарди се построги (не ако се полабави!), може да бидат предмет на дополнителна истрага. Меѓународниот договор составен од Организацијата се состои од 22.000 страници и како што потенцира Ралф Надер, овој текст воспоставува влада на светската економија доминирана од страна на претприемачките гиганти, без притоа да се дозволат паралелни мерки на демократски правила кои би го контролирале тоа владеење. (9)

Ниту една држава не и се приклучи на Организацијата после парламентарна дебата, ниту една држава не стимулираше јавна расправа, ниту една држава претходно не ги обезбеди фактичките информации.

Планот на СТО за земјите во развој

СТО се залага за економска глобализација на компаниите. Како резултат на тоа, најголемиот дел на популацијата и економиите на земјите во развој се катапултираат во глобалниот пазар. Оваа стратегија произведува алармантни последици за 75% од светската популација кои сè уште се прехрануваат од земјоделие. Една од целите на СТО е, што е можно побрзо, да се трансформираат овие рурални економии во пазарни системи на стопанисување, со широка слобода за циркулација на парите. За да функционираат на овој начин, руралните села, а понекогаши и цели земји, ќе мораат да се откажат од сопственото независно производство на храна и други производи од примарна важност за нив. Производството ќе мора целосно да се прилагоди за светскиот пазар на таков начин што ќе може да се заработат пари со кои ќе може да се купи храна и други основни потребштини. Доколку правилата на СТО целосно се имплементираа и доколку производните и увозните такси целосно се применеа врз земјите во развој, 2 милијарди луѓе ќе беа избркани од земјоделскиот сектор и упатени (како што веќе станува евидентно) да ги полнат редиците на урбаната работна сила која, бидејќи постојано се зголемува, сигурно ќе биде најслабо платена.

Редукција на разликите

Социјалните системи, како и природните, се така структурирани да дозволат максимум искористување на локалните ресурси без да водат кон самоуништување. Сосем спротивно од тоа, тие дозволуваат обновливост на ресурсите и можности за нивна повторна употреба; тие затоа и се здобивале со разлики - зависно од традицијата, културата, техниките - оптимизирајќи ги карактеристиките врз база на локалната ситуација во време и простор. Стандардизирањето на овие индивидуи, нивното производство и употребените техники, резултира со максимум профит за неколкумина, но ги уништува социјалните и природни системи, создавајќи еден унифициран, но апстрактен модел. Тоа е модел со високо ниво на потрошувачка на енергија и редуцирана ефикасност, модел кој ги игнорира локалните услови, не е многу ефективен во искористувањето на локалните ресурси. Тој го проширува пазарот на суровини што води кон слабеење на локалните системи, намалување, а потоа и уништување на нивната социјална автономија.

 

 

2. ПРИНЦИПИТЕ ВРЗ КОИ МОДЕЛОТ НА СИСТЕМОТ Е ИЗГРАДЕН

Митот за прогресот

Предложеното општество е во постојана состојба на прогрес, тоа е општество кое е постојано во потрага по нови решенија, нови техники, каде на иновациите секогаш се гледа како на инструменти со потенцијал за подобрување. Тоа е општество кое граби кон иднината. Со огромно минато, но без сегашност. Народот Лакота (Северна Америка) имаше изградено стабилно општество. Тие не прогресираа, туку го имаа најдено (и се држеа до тоа) за нив најдобриот начин на живеење. Западното општество, со својот мит за прогресот, претпоставува дека поголемото задоволување на потребите (вистински или предизвикани) автоматски ќе доведе до поголема среќа. Врз основа на оваа логика, се нанесуваат повреди врз другите луѓе, врз оние на кои оваа трка кон среќата не им е овозможена, како и врз природата. Претпоставената среќа на Западното општество е директно платена со судбината на популацијата на Третиот свет, и индиректно со нашата, со оглед на штетите нанесени врз околината. Прогресот води до иновација, чија главна цел е остварување на парична добивка; бидејќи тоа не се прави после испитување на поголемиот дел од јавноста, таквата иновација често не одговара на вистинските потреби или желби, туку сугерира дека постојат нови желби или потреби кои треба да се задоволат. Темпото на еволуцијата одговара на она на еволуцијата на капиталот, а не на човечкото суштество, така што ние сме постојано под притисок на потребата да заработиме повеќе,да остваримепоголем обрт на средствата.Ова лудило го диктира ритамот кој не одговара на природниот ритам на индивидуата.

Општеството кое прогресира на овој начин е несреќно општество.

Целите на науката

Научното истражување не ја подредува својата цел кон општото добро. Тоа се подредува кон насоката од каде доаѓа фондирањето, а кое најчесто доаѓа од економскиот апарат на светскиот пазар, и кое е доминантно засегнато од потребата за профит. Генетски модифицираните организми, на пример, не беа развиени за да се борат со проблемите на недостаток на храна, кои се всушност проблеми на дистрибуцијата на храната, со оглед на тоа што 80% од недоволно ухранетите деца од земјите во развој живеат во нации кои произведуваат вишок на храна (2). Напротив, ГМО беа развиени заради остварување профит - да се концентрира производството на житарки под уште построго контролирани услови, уште повеќе да се зголеми продуктивноста по хектар, а со тоа и профитот на оние кои веќе произведуваат и тргуваат со храна.

Материјална благосостојба

Благосостојбата се разбира и живее како личен факт, како нешто што се остварува преку набавување на добра. Едно истражување во 1997 г. во САД што се однесуваше на желбите и побарувањата на Американците, покажа дека како одговор на прашањето „што ти носи среќа”, 85% од испитаните посочија на материјална сопственост (викендичка, базен, втор ТВ, клима уред, итн). Не постои добросостојба која не може да се преведе во материјално добро, и не постои расудување кое не е економско расудување.

Културна партиципација во моделот

Механизмите активирани од овој модел на општество покажуваат дека не само што е тоа споделено, туку е и посакувано, желно очекувано од популацијата во повеќето земји. Моделот е поделен преку средствата на сликите пренесени преку рекламирањето, видеото и другите медиуми: еден површен свет, привидно без проблеми, но преполн со секс, лична моќ и бои. Еден привиден свет. Партиципацијата оди толку длабоко, што дури и кога негативните ефекти се јавно истакнати пред очите на јавноста, тие се потопуваат под сензуалните задоволства што ги овозможува системот.  

Индиферентност кон ресурсите

Изведувајќи го глобалниот еколошки отпечаток (метод со кој можеме да правиме споредба помеѓу човечките побарувања од природата и способноста на Земјата да обезбеди ресурси и да асимилира отпад) дојдено е до податоците дека за секој/а жител/ка на земјата има по 2-2,2 „просторни единици” (една просторна единица е еквивалентна на еден хектар со светско просечно производство). Но, сегашното побарување изнесува 2,85 „просторни единици” (Италија има потреба од 5,6 „просторни единици” по личност, наспроти овозможените 1,92; во САД потребни се 12,22 „просторни единици” наспроти расположливите 5,57) (11). Ова значи дека ресурсите се искористуваат со ниво од 30% повеќе отколку што имаме на располагање и ова пречекорување може лесно да се согледа преку количината на отпадниот материјал, преку уништувањето на природните системи и преку непребирливата употреба на ресурсите на поголемо ниво отколку што тие можат да се надоместат.


3. ИЗЛЕЗНИ РЕЗУЛТАТИ НА МОДЕЛОТ

Редукција на разликите, пораст на нееднаквоста

Додека на една страна постои тенденција за редукција на различноста помеѓу индивидуите, на друга пак, постои пораст на нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните: богатиот станува побогат, а сиромавиот посиромав. Разликата меѓу богатите и сиромашните се манифестира на индивидуално, географско и државно ниво. Дејствувајќи на национално ниво е примарниот начин како да се рашири сиромаштијата: ставајќи ги нациите во долгови, дозволувајќи одредени внатрешни групи да ја искористат таквата ситуација, задржувајќи го крупниот бизнис преку средствата на долговите направени од сиромашните нации. Еден од механизмите користени за зголемување на профитите е ограничувањето на контролата врз светското производство и трговија на мал број организации.

Заемите - стратегија за општествена контрола

Во периодот помеѓу 1980 и 1996, земјите на Субсахарска Африка го натплатија својот долг двапати; денес тие се трипати позадолжени (253 милијарди долари во 1997, во споредба со 84 милијарди во 1980, а во меѓувреме исплатиле 170 милијарди долари долг).

Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд собираат огромни износи на пари од задолжените (сиромашни) земји, износи далеку поголеми од првичниот долг, и тие го користат ова за да ја контролираат внатрешната политика на земјите принудувајќи ги на поединечни програми за структурални прилагодувања (отпуштања на работници, отворање кон активностите на мултинационалните компании, приватизација) и преку средствата на понатамошни задолжувања и други дестабилизирачки методи, тие ја редуцираат или комплетно ја уништуваат секоја политичка или општествена автономија на поединечната земја.

Акциите како „Отфрлање на долгот” (Drop the Dept) не ја земаат во предвид клучната улога која во долговите ја игра контролата врз ресурсите на овие земји од страна на богатите и моќните и конкретните резултати кои се маргинални и конфузни. СБ и ММФ објавија дека ќе ги финансираат со 7 милијарди долари иницијативите кои ќе одат во насока на помагање на отплатата на долговите на најсиромашните земји, но тој долг оттогаш порасна за 200 милијарди долари, истиот износ што може да биде голтнат од Азиската берза во само еден месец тргување (на пример - Август 1977) (10).  

Светската Банка

Таа е неопходно средство за контролирање на светскиот пазар. Формирана со цел да ги финансира проектите во „сиромашните” земји (каматните стапки на заемите во 1993 беа 7,5%), таа е средство за преземање контрола врз земјите и за поддржување на интересите на западните компании, привилегирајќи ги оние од САД.

Банката има донатори од околу 170 земји; контролирана е од најбогатите меѓу нив (САД држат 17,5% од акциите со право на глас, Јапонија 6,65%, Франција, Германија и Британија по 5%; 45 Африкански земји држат само 4% од акциите) кои се, се разбира, државите со најголемите мултинационални компании; мнозинството тендери за финансираните проекти ги добиваат Американски компании (14).

СБ и ММФ, пред да одобрат заем бараат одредени структурални промени да бидат направени во земјата побарувач на заемот - тоа се промени кои го олеснуваат влезот на странскиот капитал во земјата, приватизација на јавните компании и јавните ресурси и редукција на бројот на „луѓето одговорни за работите” - ова со цел за да се оствари значајно влијание врз политичките одлуки на земјата (15).

Компромитирање на околината, дезинтеграција на земјата и заедницата

Околината и заедницата се искористуваат како ресурси, првенствено материјални, за правење профит. Јавните добра се приватизирани, купени и продадени, додека претходно беа слободни за употреба на сите. На оваа кражба е додадено и соодветно отфрлање на несаканите (како во природни така и во човечки термини) што има уништувачки ефекти врз целокупните состојби на планетата, и врз човечките суштества. Културата станува подредена на производството и е привидно концентрирана во најсилните држави.

За САД, означувањето на ГМ храната е неприфатлива трговска бариера

САД не само што се противат на мерките за претпазливост за ГМ храна, туку исто така ја користат СТО против означувањето на Генетски модифицираната храна. Тие тврдат дека означувањето на ГМ храната ќе создаде предрасуди кај потрошувачите во однос на неа и со тоа, означувањето станува незаконска мерка, според прописите на СТО. Под притисок на јавноста, САД го омекнаа овој став, повремено согласувајќи се со означувањето на ГМ храна, но „само доколку новата храна покажува значителни промени во структурата”. Ова не го зема во предвид фактот дека ГМ храна по дефиниција претрпела генетски модификации, што сигурно може да се смета како „значајна промена на нивната структура”.

Логичен исход на патентирањето

Монсанто има произведено и патентирано семе кое не се репродуцира. Инаугурираниот „терминатор” осигурива дека семето добиено со жетва ќе остане стерилно. Ова очигледно ги принудува фармерите да купуваат нови семиња секоја година од Монсанто. Уште повеќе, терминатор - растенијата може случајно да заразат и немодифицирани растенија.

Во 1996 околу 2 милиони хектари беа посеани со генетски модификуваниот памук на Монсанто, наречен „Bollgard”, во САД. ДНК на овој вид била модифицирана со гени на една земјена бактерија која произведува ензим за кој е познато дека е отровен за една од главните болести на памукот. Монсанто ги приморува фармерите да плаќаат „технолошка такса”, од која компанијата заработи 51 милиони долари за една година. Спротивно на тоа што го тврдат од Монсанто, болестите на памукот се 20 до 50 пати поприсутни кај генетски модофицираниот, отколку кај традиционалниот памук.(7)

Забрането е земјите да ја ограничуваат продажбата на производи направени од детски или принуден труд.

Комисиите на ГАТТ (Генерална спогодба за тарифите и трговијата, интернационален договор кој претходеше на институционализирањето на СТО) донесоа контроверзна резолуција според која добрата не смеат да бидат различно комерцијално третирани според начинот на кој биле произведени. Потребата да се направи разлика помеѓу методите на производство е од огромно значење за да се заштити околината која зависи од можностите да се променат условите и процесите под кои се произведуваат и одгледуваат добрата.

Според оваа норма, во САД, на пример, не може да се забранат фудбалските топки произведени во Пакистан, и покрај тоа што Меѓународната организација на трудот, ги има документирано нив како плод на детски труд. Уште повеќе, договорот експресивно забранува секоја земја членка на СТО, која го потпишала, да ги попречува договорите со претприемачи кои ги прекршуваат човековите права, индустриските или еколошките закони.

Добрата се судат само според функцијата: топката е топка, без разлика под какви услови е произведена (7).

Биопиратство на оризот

Во 1997 производителот RiceTec. доби патент за Басмати (Basmati) оризот, признавајќи притоа, заради потребите на патентот, дека Басмати е ориз кој бил култивиран со генерации во Индија и Пакистан. RiceTec. се ограничи само на тоа минорно да го модифицира традиционалниот индиски ориз. Патентот предизвика силни протести од Њу Делхи со оглед на тоа што Басмати оризот е многу важен извозен производ на Индија.

Според спогодбата TRIP, Индија мора да ги почитува здобиените права на патентот на американската компанија, на трајна штета на индиските фармери.

Човекот - објект на пазарот

Опстанокот стана цел на човештвото; целта не е повеќе потрагата по поздрави услови за живеење, туку да се прифатат индивидуалните решенија предвидени во пазарот. Гледано низ општествената и природната призма, индивидуата не живее, само преживува.

Ние сме искористени од пазарот, кој всушност тргува со нашите потреби, нашите желби и нашето здравје.

Стравот од тужба од СТО, ја натера Јужна Кореја да ги намали стандардите за храна

1995: САД се закануваат дека ќе ја изложат Јужна Кореја на судот на СТО заради нејзините долги процедури за проверка на увозното овошје. Предупредувањето, всушност, е насочено кон Кина и Јапонија. Корејската влада реагира дека проблемот е предимензиониран и дека судот на СТО треба да се занимава со многу поважни проблеми, а не со тривијалности, имајќи ги во предвид трошоците на ваквата процедура. Висината на трошоците потребни да се соочат со тужба од СТО е загрижувачки голема, особено за посиромашните земји. И кога САД се заканија, Кореја се нафати на преговори со нив, плашејќи се од судирот. Во Април 1995, времето за контролирање на овошјето се намали од 25 на 5 дена (7).

Американските закани го принудија Тајланд да ја смени својата политика на цени за поголема пристапност до фармацевтските производи

После неколку години на закани и притисоци, Тајланд конечно го промени својот закон за патенти од 1992. Комисијата за фармацевтска контрола, која се етаблираше како инструмент за јавно здравје, ги намали цените на лековите кои спасуваат животи, како flucanzole, користен да се третира една форма на менингитис кој ја погоди популацијата на Тајланд со стапка повеќе од петпати поголема од стапката на заболеност од СИДА. Комисијата им дозволи на три локални компании да го произведуваат лекот, доведувајќи ја цената на дневната доза од 14$ на само 1$. Цените на другите анти-СИДА лекови паднаа од 324$ на само 87$. И покрај фактот дека овој вид на лиценци беше во согласност со договорот TRIP, САД ја оправдуваа својата кампања против овој закон, со тврдењето дека постоењето на контролна комисија на фармацијата е спротивно на актите на СТО (7). И покрај позитивните резултати со случаите на СИДА во Јужна Африка, проблемот на контрола на пазарот на лекови апсолутно не е решен.

Закани за ЕУ поради регулативните стандарди на загадувањето

Во последните години ЕУ предложи да се отфрлат електронските производи кои содржат олово, жива, кадмиум, раствори на хром и згаснувачи на пламен до 2004., и да се донесе закон кој ќе бара присуство од минимум 5% на рециклиран материјал во пластичните компоненти на електрониката; понатаму, би се барало од компаниите да ги собираат и складираат искористените електронски делови. Електронската индустрија (l’AEA) и владата на САД лансираа масовна кампања против овој предлог. АЕА ја обвини ЕУ дека прекршува одреден број на регулативи на СТО, и го придодаде ступидниот аргумент дека не постои цврст доказ дека тешките метали, како оловото, претставуваат закана за човечкото здравје и околината.


4. ОЧЕКУВАНИОТ ИСХОД: СУБОРДИНАЦИЈА НА ЗАЕДНИЦИТЕ

Климатски промени

Глобалната температура на планетата е во пораст како резултат на феноменот предизвикан од луѓето (ефектот на стаклена градина, производството на топлина, итн.). Најголемиот ризик секако се однесува на заедниците кои се посебно чувствителни на порастот на температурата (заедниците кои се во близина на пустини, со мали ресурси). Главната причина за грижа, сепак претставува порастот на непредвидливост на климатските состојби и нивните насилни манифестации. Имаше 20 „природни катастрофи” во 80-те, 86 во 90-те (ураганите, поплавите, лизгањата на земјиштето, случувањата поврзани со климата сочинуваа 80% од вкупните) и во последниве 15 години, тие беа причина за смртта на 561.000 луѓе од кои само 4% беа од индустријализираните земји (4). Исходот: штети за земјоделието, тешкотии да се задржи традиционалното земјоделие, потреба од инвестирање за реконструкција и реобнова на земјоделие кое е независно од природните сили (стаклени градини, индустријализација, итн). Заедницата која е неспособна да ја регулира својата интеракција со климата е субординирана заедница.

Недостиг на вода

Глобалното искористување на водата е во постојан пораст. „Модерното” индустријализирано земјоделие, единечните култури, индиферентноста кон околината, сите тие побаруваат се поголеми количества на вода. Како што опаѓа достапноста и расте цената, контролата врз водата е фундаментална. Моќните ја приватизираат јавната вода и ја контролираат достапноста. Заедницата без вода е субординирана заедница.

Пораст на популацијата и храната

Обединетите нации предвидуваат пораст за 3 милијарди жители на планетата (од сегашните 6-9 милијарди) во наредните 50 години. Големината на култувирана земја по глава на жител, сигурно ќе оди надолу. Во земјите како Нигерија ќе видиме опаѓање од 0,15 хектари на 0,07 хектари, исклучително како резултат на порастот на жителите, не сметајќи ги ефектите на порастот на температурата и недостатокот на вода во бројните пустински предели. Ќе биде неопходно да се зголеми производството во производните предели кои се наоѓаат надвор од границите на земјите како Нигерија. Во последните 20 години, комерцијалниот свет на земјоделски производи (увоз/извоз) се зголеми за повеќе од двапати (2). Развиените земји увезуваат основна храна (неопходна за живот), а извезуваат луксузни стоки (егзотично овошје, кафе, какао, итн.) кои го имаат заземено просторот на другите култури и ги ставаат нивните производители на милост и немилост на трендовите на глобалниот пазар и решенијата донесени од увозниците. Заедницата која не може да произведе колку што јаде е субординирана заедница.

Немање избор

И покрај општо познатите проблеми на околината, ниту потрошувачката, ниту емисијата на загадување не опаѓаат во последните 10 години. Потрошувачка: фосилни горива: 7.150 милиони Теп. (тони гориво) во 1990, 7.647 мил. Теп во 1999; производство на автомобили: 36 милиони во 1990, 39 милиони во 1999; бројот на автомобили кои циркулираат: 445 милиони во 1990, 520 милиони во 1999; извоз на пестициди: 9 милијарди долари во 1990, 11,4 милијарди долари во 1998, итн. (2), (4), (13), (17). Овој висок и континуиран раст е добар за производителите на тие производи, но сигурно не е за заедницата. Заедницата која нема избор е субординирана заедница.

Економската моќ ја заменува политичката

Приватниот капитал ги замени политичките структури двојно, и физички (на пр. министерот за финансии на Клинтоновата администрација, директорот на Светската банка и многу други функции беа пополнувани со луѓе кои веќе раководат мултинационални компании), и стратешки ( оние избрани на изборите се уште повеќе загрижени за решавање на бизнис прашања, чиј исход е од суштествена важност за нивниот опстанок) (15). Поради ова, ниедна парламентарна алтернатива нема да ги промени условите и оперативните сфери на економијата ниту пак ќе може значајно да влијае врз палетата на можности со која располагаат крупните капиталисти.

Причината за загриженост во однос на бизнис магнатите кои ги создаваат и водат владите, лежи токму во фактот дека моќта што ја освојуваат им дава се поголеми можности да го зголемуваат сопственото богатство, не само во областа на бизнисот, туку и во човечки рамки. Заедницата која не управува со својата политика е субординирана заедница.

Зависност

Индивидуи кои се неспособни да управуваат со своето постоење, заедници кои се раселени, незаинтересирани за околината, зависни од надворешна контрола и организации, без соодветни средства, кои се делови од производствениот процес и пазарот, а чиј став вреди колку и петпари - ова е сцената која ни се открива. Систем кој е контролиран од неколкумина, го става мнозинството зависно од моделот кој им ја одзема автономијата. Да се направи човештвото зависно - тоа е основното средство за задржување на неговата субординираност.

 

5. КАКО ДА СЕ РЕАГИРА?

Двојство на моќта

Мнозинството информации содржани во овој текст се земени од меѓународни тела кои се контролирани од истиот тој пазар кој ги создава проблемите со кои се занимаваме. Многу е лесно во разните документи на ОН и на телата од кои моделот е формиран ( и уште повеќе - во документите на Светската банка, која самата придонела во огромен дел за светската сиромаштија) да се најдат показатели за неопходноста од редукција на националните долгови и зачувување на околината и заедницата. Многу луѓе кои размислуваат интелигентно за проблемот не успеваат да ги препознаат примарните мотивации на моделот. На овој начин ние стануваме предиспонирани кон решенија кои се дефинирани внатре постоечкиот систем, користејќи ги карактеристиките кои всушност ја формираат базата на постоечкиот модел и кои попречуваат појава на други подобри решенија (земајќи го пазарот и профитот како почетна точка за регулација, наместо како форми кои треба да се елиминираат).

Помеѓу екстремизмот и компромисот

Системот не функционира и не е тешко некој да се дистанцира од него. Ако дистанцата е преголема, индивидуата губи осет, развивајќи обвинувачки однос кон другите, кои се (иако често и свесно) жртви на системот. Затоа е неопходно да се најде начин на спротиставување кој не е екстремистички туку непоколеблив во покажувањето на можностите за поинакви решенија, не дозволувајќи никаков компромис околу тоа.

Стапицата на насилството

Да се разбере ситуацијата, да се воспостави одговорност, да се разбере целосно како страдањето на целото човештво зависи од интересите само на неколкумина, и како овие неколкумина влијаат врз секој мал детал на заедничкиот живот и ги насочуваат нашите судбини со комплетна ароганција, е навистина иритирачко сознание.

Моментната реакција сигурно би била желбата, барем еднаш да се израмнат сметките. Но сметките нема да се средат со неодговорно избувливо однесување и тие кои не можат да го контролираат својот темперамент можат слободно да останат дома. Насилните излети може да делуваат ослободувачки, но тие ниту се резултат на единствена и демократска согласност, ниту мотивирани, ниту стратешки, ниту одредени, ниту пак неизбежни. Насилството е не само бескорисно, туку и штетно. Штетно е затоа што го милитаризира движењето и насочувајќи го вниманието на насилните акции ја редуцира значајноста на опозицијата на повремени акти на хероизам. Штетно е затоа што е често посакувано, поддржувано, брането и промовирано од владите, кои веќе ги препознаа предностите што ги нуди поместувањето на вниманието од вистинскиот проблем кон насилниот конфликт. Насилниот акт изведен за време на јавниот протест е во суштина авторитарен акт затоа што е изведен од малцинство, не е предмет на заедничка дискусија, а е заштитен од учесниците на демонстрацијата. Глупаво е тоа што неговите цели не се репрезентативни туку само провокативни. А, опасно е затоа што, додека изврштителите остануваат инкогнито, тоа може лесно да биде изведено заради причини различни од декларираните. Најнасилната акција не е и најсилна.

Само - паметно

Неопходно е да се следат патеките кои се непредвидливи. Мора да научиме да избегнуваме судири за безнадежно изгубена територија, и да ги избегнуваме стапиците. Потребно ни е јасно и решително однесување кое промовира акции кои ефективно ја фрустрираат и ограничуваат моќта, која е централна за моделот. Акција која ги вклучува и индивидуите и заедницата. Кога Ганди (во овој случај само во контекст на независност на движењето) го посочи носењето на англиски алишта како механизам за зајакнување на колонијалната власт, тој не повикуваше на уништување на складиштата на компаниите, туку ги потсетуваше луѓето на способноста сами да ја произведуваат сопствената облека како индиска традиција. Оваа поделена, почувствувана акција претставуваше почеток на крахот на етаблираната моќ. А англискиот колонијализам во Индија, и низ целиот свет, сигурно не беше помалку тежок и помалку нападен од моќта на глобализацијата.

Кохерентни акции

Социјалните движења се ефективни и кохерентни колку и нивните индивидуални членови. Тврдоглавите, опседнатите, оние кои експлоатираат, алчните, избувливо насилните, догматите - овие луѓе не може никако да придонесат да се сруши еден систем кој почива токму врз тие типови на однесување. Вистинското спротивставување значи да се адаптира начин на живот и однесување кои не се базирани врз принципите на општеството кое го критикуваме. Мора да постои хармонија помеѓу средствата и целите.

Лакота индијанците нудат пример за еден поинаков начин на живот. Доколку тие успееја да победуваат во битките и беа во состојба да демонстрираат милитарна ефикасност поголема од нивните противници, тие тогаш ќе беа поголеми “јенки” од нивните освојувачи. Тоа не значи дека најдобрата страна секогаш бива поразена, туку дека ако нечии методи се проблематични, тогаш и неговата победа не заслужува почит.

Оживување на проактивизмот

После години поминати во формирање на организации и чекање големи политички стратегии да проникнат од опозициските движења, нам ни е потребно да ја оживееме желбата за индивидуален проактивизам, да се има кохерентност и способност да се биде ефективен и индивидуално.

Системот, откако успеа да ги дестабилизира политичките и административните организми (кралството на колективната акција), се конфронтира со луѓето на база еден-на-еден. Се конфронтира, користејќи ја истата логика која успешно ги дестабилизираше левичарските движења - верувањето дека дезорганизираните индивидуи може полесно да бидат потиснати отколку оние кои се организирани. Но, ако неорганизираните индивидуи се посовесни и посвесни отколку што нивното учество во некоја оргнизација може да очекува или предвиди, споредбата ќе оди на штета на системот кој така ќе биде конфронтиран, не со еден, туку со бескрајно многу водачи.

Формирање на мрежи помеѓу индивидуите

Во овој контекст, огромните ограничувања на делегатскиот систем стануваат кристално јасни. Делегатите, со самото свое постоење ја редуцираат значајноста на индивидуалното мислење сведувајќи го на ниво на обичен деноминатор. Протокот од дното, па до главата на владата, или до лидерот на опозицијата, е испресечен со дузини нивоа на делегати, а со тоа и компромиси, во кои малцинството има уште помало влијание во донесувањето на одлуки.

Политичките партии, движењата, лидерските кариери, позиции, создаваат едно натежнато сценарио од кое мораме да се ослободиме, иако сè уште стои тоа дека хиерархиски структурираните акции можеби се поефективни; може да биде така, но по цена на тоа да се напуштат целите и точките за достигнување.

Да се биде индивидуално про-активен/на значи да се дејствува во заедница поставена врз еднакви односи, нехиерахиски и непринудно. Начин да се креираат мрежи од кои може да израсне организација, но, “лесна” организација во која се почитува автономијата и индивидуалната одговорност; организација која е одржана од заедничкиот именител на кохерентност и критичка анализа на ситуациите.

Скрати, успори и реагирај

Неопходна акција е да се скрати потрошувачката. Западниот свет има огромна можност да биде активен на ова поле. Намалувајќи ја набавката на добра, ние ја намалуваме побарувачката, а со тоа и важноста на пазарот, ја намалуваме потрошувачката на енергија; би требало да го намалиме степенот на активности и движење, увидувајќи дека колку побрзо се движиме, дотолку повеќе конзумираме. Стапицата на времето е инструмент на пазарот, потребно ни е да рефлектираме сè што правиме, со секој гест - како е направен и што тој значи. Кога набавуваме нешта, треба да сме критични кон продажбата, да бојкотираме добра произведени под дубиозни услови (етички, сoцијално, природно), да го пренасочуваме пазарот, да набавуваме производи од познати производители, од мали производители а не од мултинационални компании.  

Препознај ги и поддржи ги работите кои со самото свое постоење го ограничуваат системот

Постои широк спектар на активности кои само ако се применуваат имаат моќ да го ограничат ширењето на моделот - на пример, самостојното произведување и одгледување на добра. Овој тип на активности може да биде применуван од меѓусебно сосема различни луѓе, но тие се несомнено предизвик (дури и кога се ненамерни) за принципите кои го регулираат моделот. Да се поддржат овие активности е и повеќе од потребно.

Придонеси да се обнови заедницата

Учествувај. Биди присутен/на, поврзи се со местото и заедницата, користејќи ги нивните технички можности и ставајќи се себеси во нивна позиција. Помогни им да станат автономни и повеќе независни.

Дефинирај си ги предизвиците, излези надвор, разговарај, чувствувај, пронаоѓај

Зборувај за работите едноставно, јасно, стимулирај ги токму оние луѓе кои веќе развиле слични позиции. Помогни да се разбијат предрасудите и промени ги закоравените ставови. Стани про-активен/на посaкувајќи ги елементите на заедницата повторно назад. Твоето сопствено присуство, самото твое постоење е основниот политички елемент, кој ќе изнајде пат како да ги негува алтернативните хипотези на постојниот модел се додека тие не се остварат креативно и позитивно во заедништво со другите.

 

 

Извори и референци:

 

(1) UNDP (1998), Rapporto 1998 su La sviluppo Umano. I consumi Ineguali, Rosemberg & Sellier, Torino.

(2) Brown L.R., Flavin C., French H.(2000), State of the World, Edicioni Ambiente, Milano

(3) Gesualdi F.(1999), Manuale per un consumo responsabile, Feltrineli, Milano

(4) Brown L.R., Flavin C., French H., (2000), State of the World, Edicioni Ambiente, Milano

(5) Nanni A.,(1997), Economica leggera, EMI, Bologna

(6) Shiva V.,(1999), Biopirateria, CUEN, Napoli

(7) Wallach L., Sforza M.,(2000), WTO, Feltrinelli, Milano

(8) Galliano L.,(2000), Globalizacione e disuguagliaze, Editori Laterza, Bari

(9) Brecher J., Costello T.,(1996), Contro il capitale globale, Feltrinelli, Milano

(10) Istituto del Tercer Mundo (1999), Guida del Mondo 1999/2000, EMI, Bologna

(11) Wackernagel M., Rees W.E.,(2000), L’impronta ecologica, Edicioni Ambiente, Milano

(12) Centro nuovo modello di sviluppo,(2000), Guida al consumo critico, EMI, Bologna

(13) Brown L.R.,Renner M., Halweil(2000), Vital signs, Edicioni Ambiente, Milano

(14) George S., Sabelli F.,(1994), Crediti senza frontiere, Edicioni Gruppo Abele, Torino

(15) Chossudovsky M.,(1998), La globalizzazione della poverta, Edicioni Gruppo Abele, Torino

(16) UNDP,(1999), Human development Report 1999, Oxford University Press, Oxford

(17) The economist,(1999), Il mondo in cifre 1999, Internacionale editore, Roma

(18) Amoroso B.,(1996), Della globalizzazione, Edicioni La Meridiana, Molfetta

(19) Andreff W.,(2000), Le multinacionali globali, Asterios Editore, Trieste

 

Други референци:

 

Amnesty International (2000), Diritti umani e ambiente, ECP, Firence

Bologna G., Gesualdi F., Piazza F., Saroldi A.,(2000), Invito alla sobrieta felice, EMI, Bologna

Bove J., Dufour F.,(2000), Il mondo non e in vendita, Feltinelli, Milano

Centro nuovo modello di sviluppo,(1996), Boycott!, Macro Edicioni, Forli

Celli G., Marmiroli N., Verga I.,(2000), I semi della discardia, Edicioni Ambiente, Milano

Chomsky N.,(1999), Sulla nostra pelle, Marco Tropea Editore, Milano

French H.,(2000), Ambiente e globalizzazione, Edicioni Ambiente, Milano

Masullo A.,(1998), Il planeta di tutti, EMI, Bologna

Meloni M.,(2000), La battaglia di Seattle, Editrice Berti, Milano

Renner M.,(1999), State of the War, Edicioni Ambiente, Milano

Rifkin J.,(1998), Il secolo biotech, Baldini & Castoldi, Milano

Robertson R.,(1999), Globalizzazione, Asterios Editore Trieste

Spybey T.,(1997), Globalizzazione e societa mondiale, Asterios Editore

Vaccaro S. (a cura),(1999), Il pianeta unico, Eleuthera, Milano


ArivistA #274, лето 2001.
Наслов на оригиналот: "Globalisation: Ideas for understanding, living with and opposing the new model of profit-making". Првпат објавено oд Плоштад Слобода, Скопје, 2003. Превод: Боро Китаноски, 2002.