#pubdate 2013-09-11 17:55:57 +0000 #title Лева-десна #author Боб Блек #SORTauthors Боб Блек (Bob Black) #SORTtopics критика на работата, левица #source Bob Black, *The Abolition of Work and Other Essays*, Loompanics, 1985. [[http://www.inspiracy.com/black/abolition/leftrites.html][inspiracy.com]] [[http://theanarchistlibrary.org/library/bob-black-left-rites][theanarchistlibrary.org]] #date 1982 #notes Наслов на оригиналот: "Left Rites". Превод: Алек Кузмановски. #lang mk Во астрономијата „револуција“ означува кружно движење и постојано враќање на појдовната точка. Се чини дека ист е случајот и со Левицата. Левицата е буквално и реакционерна. Како што војсководците постојано се подготвуваат за последниот бој, така и левичарите постојано се повикуваат на конечната револуција. Ја заговараат дотолку повеќе што знаат дека од неа нема ништо. Тие се авангарда која постојано каска по настани. Како и сите несудени водачи, левичарите се особено непријатни кога им преостанува само да ги следат своите следбеници, но понекогаш тие истапуваат напред и помагаат системот да функционира. Доколку метафората левица-десница има некоја смисла, тогаш се работи само за тоа дека левицата стои лево во однос на истата работа во однос на која десницата стои десно. Но, што ако револуцијата значи напуштање на таа линија? Кога не би постоела десница, левичарите би морале да ја измислат – што веќе и се случувало. Пример: пресметаната хистерична реакција на нацистите и ККК, која на тие бедници им ја обезбедува сета репутација, макар и крајно негативна; или, заземање на ставот на Морално мнозинство, секогаш подготвено да предупреди на сите „некоректни“ напади на вистинските извори на моралистичката тиранија - семејството, црквата и работната етика, која и левичарите и христијаните подеднакво ја почитуваат. На ист начин и на десницата ѝ е потребна левица: нејзината оперативна дефиниција е антикомунизам, во најразлични облици. На тој начин левицата и десницата се претпоставуваат и постојано се репродуцираат една со друга. Лошата работа со лошите времиња е тоа што премногу лесно создаваат опозиција, којашто потоа, како што се случува токму сега, во актуелната економска криза, набрзина ги навлекува архаично марксистичките, популистичките или синдикалистичките цокули. Својата историска улога левицата ја гледа во реформирање на тоа попатно (иако акутно) зло, што само дополнително ги замаглува сите суштински системски нарушувања: хиерархија, морализам, бирократија, наемна работа, моногамија, власт, пари. (Како поинаку да се гледа на марксизмот освен како на најсофистициран начин на кој Капиталот се согледува самиот себеси?) Да се задржиме на признатиот епицентар на сегашната криза: на проблемот на работата. Невработеноста е лоша. Но, тоа не значи дека да се биде вработен е нешто добро, на што постојано нè упатува десничарско-левичарската догма. Не е. Во 1848 година „Правото на работа“ можеби била соодветна парола, но во 1982 година таа звучи сосема промашено. Нам не ни треба работа. Од една страна, она што ни треба е задоволување на основните животни потреби, а од друга, слободен простор за креативна, заедничка, едукативна, разновидна, страствена активност. Пред повеќе од триесет години браќата Гудман (Paul и Percival Goodman) процениле дека дури 5% од вкупниот обем на работата се доволни за задоволување на основните животни потреби. Денес, тој процент би можел да биде уште помал. Цели таканаречени „индустрии“ очигледно не служат за ништо друго освен за задоволување на предаторските амбиции, како што се профитот и доминацијата. Тоа би бил просторот на кој би вредело да се истражуваат можностите кои ги нуди светот на слободата, заедништвото и задоволствата, во кој „производството“ на употребните вредности во исто време би било и „потрошувачка“ на правата на слободната активност. Трансформацијата на работата во игра претставува вистински историски проект за пролетаријатот кој ја одбива сегашната состојба, а не за левичарите кои веќе немаат кого да предводат. Прагматизмот е замка: доволен е само еден поглед на сите негови последици. Споредено со него, утопијата е само најобичен здрав разум. Изборот помеѓу целосна вработеност и невработеност, на кој здружената левица и десница постојано нè ограничуваат, претставува избор помеѓу Гулаг и кенеф. Затоа не треба да нè зачудува тоа што по сите овие години луѓето кои се измачени и вознемирени од работата се сити од демократијата и сите нејзини лаги. Сè помалку луѓе сакаат да работат, дури и меѓу оние кои со право стравуваат од невработеноста, како што сè повеќе од оние кои сакаат да работат почнуваат да се сомневаат. На секој начин и со сите средства бараме поголема милостина, намалување на даноците, субвенции, повеќе леб и игри – најпосле, зошто да не ја гризаме раката што нè храни? Вкусот е одличен! – но, без илузии. (Над)реалното зрно вистина во мистичната школка на марксизмот лежи во следното: „работничката класа“ е легендарен „револуционерен фактор“ само ако со отфрлување на работата ги укинува сите класи. Вечните „организатори“, левичарите, не гледаат дека работниците се одамна „организирани“ и тоа на единствениот можен начин: во корист на своите работодавци. Оттаму, нивниот „активизам“ е чист идиотизам, затоа што само го зголемува богатството и моќта на нашите непријатели. Левичарите и нивната идеологија, тој паразит на отворената рана од нивното Јас, исплашени се од можноста дека еден нов, вилхелм-рајхстаговски пламен може да ги проголта нивните партии и синдикати, заедно со корпорациите, војската и црквата кои денес ги контролираат нивните наводни непријатели. Денес мора да бидете многу ексцентрични за да возвратите со вистинска мера. Мрачната левичарска идеологија, со својот секогаш ист список на теми и антагонизми за отстрел (овој или оној -изам и сите други -изми, сите освен самата таа) е испразнета од секаков хумор и фантазија: затоа ѝ останува само тенденцијата кон освојување на власта, наместо кон револуција, што отсекогаш значело само заменување на една лага со друга, а никогаш промена на животот. Најпосле, потребата за создавање во исто време е и потреба за уништување. И затоа, левичари, уште еден напор ако сакате да станете револуционери! Сè додека не се бунтувате против работата, ќе работите против бунтот.