Боб Блек

Тези за анархизмот по постмодернизмот

2004

  1. Анархизам, им.: 1. Доктрина според која општеството без држава е можно и пожелно. 2. Застарено значење: владеење на анархистите.

  2. Анархизмот, правилно сфатен, нема ништо заедничко со стандардите и вредностите во моралистичка смисла. Морализмот за духот е исто што и државата за општеството: надворешно тело и отуѓувачко ограничување на слободата, искривување на целите и средствата. За анархистите најдобро, или можеби најкорисно, е на стандардите и вредностите да гледаат како на рамки, кратенки, погодности, коишто понекогаш можат накратко да искажат одредена политичка мудрост стекната преку општествена практика. Но сепак, тие можат да бидат и диктати на авторитетот кои служат на неговите цели, или некогаш корисни формулации, коишто во изменети околности, повеќе не ѝ служат на ниту една анархистичка цел, ниту пак на која било друга добра цел.

  3. Да се говори за анархистичките стандарди и цели не е нужно бесмислено - но, тоа подразбира одредени разлики, коишто честопати е можно да се заобиколат. Во општество сѐ уште обземено од христијанството и неговите световни сурогати, ризикот е во тоа што традиционалната апсолутистичка употреба на тие моралистички фрази може да го пронајде својот пат и до анархистите. Дали поседуваш стандарди и вредности или стандардите и вредностите те поседуваат тебе? Обично е подобро (но, се разбира, не и апсолутно подобро) анархистите да одолеат на употребата на измамничкиот моралистички речник и едноставно да кажат што сакаат, зошто го сакаат тоа и зошто сакаат и сите останати да го сакаат тоа. Со други зборови, да ги отворат сите карти.

  4. Како и на стандардите и на вредностите, така и на старите и новите анархистички „изми“ најдобро е да се гледа како на извори, а не како на ограничувања. Тие постојат заради нас, а не ние заради нив. На пример, небитно е дали јас повеќе сум добил од ситуационизмот отколку од синдикализмот, а некој друг анархист од феминизмот, марксизмот или исламот. Местата коишто сме ги посетиле, дури и оние од коишто доаѓаме, помалку се важни од тоа каде сме сега и каде одиме, ако воопшто некаде одиме или ако воопшто одиме кон истото место.

  5. „Тип 1“ нека ги означува анархолевичарите, „Тип 2“ анархокапиталистите, а „Тип 3“ метатипичните анархисти („не лепите ми етикети“). „Тип 3“ категорично ги одбиваат категоризациите. Кај нив „егзистенцијата ѝ претходи на есенцијата“ (Сартр). За нив ништо не е неизбежно нужно и сѐ е евентуално можно. „Тие летаат на чудни крилја“ (Shocking Blue). Сопругата на Винстон Черчил еднаш се пожалила дека тој многу пие. Черчил одговорил дека од алкохолот успеал да извлече многу повеќе отколку што алкохолот успеал да извлече од него. „Тип 3“ анархистите земаат многу повеќе од анархизмот отколку што анархизмот успева да извлече од нив. Луцидноста и имагинацијата на „Тип 3“, силно сугерираат дека отвореноста за љубов, себеафирмацијата и предаторската ориентација во оваа работа, исто така изобилуваат со практични можности.

  6. Во принцип, одбивањето на универзално применливите начела универзално е применливо. Во практика, секој поединец има свои ограничувања, а околностите постојано се менуваат. Не постојат формули за успех, нема ниту докази дека не постојат формули за успех. Но разумот и искуството укажуваат на некои области на лесно предвидливи бесполезности. Имено, за анархистите би требало да е лесно и пожелно да се воздржат од изборната политика. Пожелно е, но често и невозможно да се воздржат од работа, иако најчесто е можно да се вклучат во некој вид отпор на работното место без претерани ризици. Криминалот, црната берза и неплаќањето данок понекогаш се реални алтернативи, а понекогаш и дополнителни начини за вклучување во државно санкционираниот систем. Секој (со отворен дух) треба да ги проценува околностите во коишто живее со отворен дух. Правете најдобро што можете и внимавајте да не ве фатат. Анархистите веќе имаат доволно маченици.

  7. Анархизмот е во транзиција и многу анархисти заради тоа чувствуваат немир. Лесно е да се зборува за менување на светот. Зборовите се празни. Она што не е лесно да се промени е својот дел од светот. Разликите помеѓу традиционалните анархистички струи се небитни, бидејќи самите традиционални анархистички струи станале небитни. (Во име на понатамошното излагање, да го занемариме „Тип 2“, анархистите на слободниот пазар; имено, надвор од САД , тие немаат никакво значење, а дури и овде ретко влегуваат во дијалог или пак имаат некакво влијание на нас останатите). Ширум светот, неповратното и оддамна заслуженото опаѓање на левицата ја навести сегашната криза меѓу анархистите.

  8. Анархистите минуваат низ криза на идентитетот. Дали тие и понатаму се, можеби дури и единственото, лево крило на левицата? Или се нешто повеќе од тоа или, пак, нешто сосема друго? Анархистите отсекогаш правеле многу повеќе за левицата отколку што левицата правела за нив. Секој анархистички долг кон левицата оддамна е отплатен и тоа во целост, а потоа и малку над тоа. Анархистите денес конечно можат да бидат тоа што се. Но, слободата е застрашувачка, неизвесна перспектива, додека старите патишта, левичарските клишеа и ритуали се удобни исто колку и стари чевли (вклучувајќи ги и дрвените чевли). Згора на сѐ, бидејќи левицата повеќе не претставува никаква закана, на анархолевичарите не им се заканува државна репресија заради присетување и оживување на нивната древна, митска слава. Тоа е револуционерно колку и пушењето хашиш, поради што државата лесно го толерира и едното и другото.

  9. Колку денешниот свет воопшто е „анархистички“? Од една страна, светот е многу анархичен; од друга страна, тој воопшто не е. Светот е анархистички бидејќи самото општество и самиот живот, како што тоа го покажал Кропоткин, отсекогаш повеќе зависеле од доброволната соработка отколку од државниот поредок. Во суровите етатистички системи - во бившиот Советски Сојуз или во денешниот град Њујорк - режимот морал наголемо да ги крши сопствените закони за да остане на власт и за животот воопшто да функционира. Од друга страна, светот воопшто не е анархичен, бидејќи никаде повеќе не постои некоја човечка популација која во некоја мера не е подвргната на државна контрола.

    Војната е премногу важна за да се препушти на генералите, а анархијата е премногу важна за да се препушти на анархистите. Секоја тактика вреди да се испроба, иако некои докажани грешки - како што се гласањето, забранувањето книги (вклучувајќи ги и моите), бесцелното насилство и сојузништвото со авторитарната левица - е најдобро да се избегнуваат. Доколку анархистите уште не научиле како да го револуционализираат светот, тогаш, за среќа, сфатиле дека има неколку начини на коишто тоа во никој случај не смее да се испробува. Тоа не е доволно, но сепак е нешто.

  10. Приказната за приоритетите е напредок во однос на приказната за стандардите и вредностите, бидејќи тој збор е помалку оптоварен со моралистички призвуци. Но, уште еднаш, дали поседуваш приоритети или приоритетите те поседуваат тебе?

  11. Саможртвувањето е контрареволуционерно. Секој што е подготвен да се жртвува во име на некоја повисока цел, во состојба е во име на истата таа цел да жртвува и некој друг. Според тоа, не постои солидарност помеѓу оние кои се склони кон саможртвување. На алтруистите просто не може да им се верува. Никогаш не знаеш кога ќе извршат некој катастрофален чин на милосрдие.

  12. „Борба против угнетувањето“ - колку убава фраза! Тој циркуски шатор е доволно голем за да ја покрие секоја левичарска цел, без оглед колку кловновска; што побезначајна е таа цел за револуцијата на секојдневниот живот, толку подобро. Ослободете го Мумија! Независност за Источен Тимор! Лекови за Куба! Забранете ги пешадиските мини! Забранете ги безобразните книги! Вива Чијапас! Легализирајте ја марихуаната! Спасете ги китовите! Слобода за Нелсон Мендела! - но не, чекајте, тоа веќе го сторија; тој сега е шеф на држава, дали после тоа животот на кој било анархист ќе остане ист? Секој е добредојден под тој голем шатор, под еден услов: да се воздржи од секаква критика во корист на сите останати. Потпиши ја мојата петиција, и јас ќе ја потпишам твојата...


Green Anarchy #16, spring 2004; theanarchistlibrary.org
Наслов на оригиналот: "Theses on Anarchism After Post-Modernism". Превод: Стефан Симоновски, 2005.