Дерик Џенсен

Индустријализмот мора да исчезне

2002

Пред неколку дена прашав еден пријател: „Доколку би морал да бираш на кое технолошко ниво ќе живееш, што би избрал?“  

Мојот пријател знае да биде незгоден. Тој ден беше баш таков: „Тоа е глупаво прашање. Можеме да фантазираме што сакаме, но единственото одржливо технолошко ниво е она од каменото доба. Она што сега го имаме е само едно трепнување: ние сме само шестата или седмата генерација којашто можела да го слушне ужасниот звук на моторот со внатрешно согорување (особено двотактните!). Со тек на време, луѓето ќе се вратат на начинот на живот на којшто нашиот вид живеел во текот на најголемиот дел од своето постоење. За неколку стотини години, најмногу. Единственото прашање е што дотогаш ќе остане од светот.“  

Тој, се разбира, е во право. Не мора да се биде врвен научник за да се сфати дека секој општествен систем кој почива на искористување на необновливите ресурси е по дефиниција неодржлив. Всушност, тоа веројатно на сите им е јасно, освен на врвните научници. Слично на тоа, секоја култура која почива на непрекинато искористување на обновливите ресурси исто така е неодржлива: ако секоја година се враќаат сè помалку лососи, наскоро ниту еден нема да се врати. Ако секоја година има сè помалку прашуми, наскоро нема да има ниту една. Тоа е она што можеме да го видиме, на пример, преку колапсот на рибарењето, после свирепoто рибарење ширум светот: бидејќи сите првокласни риби се уловени, сега не можат да се уловат ниту оние од најниската класа. Сè е исчезнато во незаситните челусти на индустриската цивилизација.  

Поинаков начин да се каже тоа е дека секоја група на живи суштества (човечки или нечовечки, билки или животни), којашто од своето опкружување зема повеќе отколку што може да му врати, неминовно ќе го исцрпи своето опкружување, после што ќе мора да продолжи понатаму или ќе почне да опаѓа. Нашата култура - Западната цивилизација - го опустошува своето опкружување веќе шест илјади години, почнувајќи од Блискиот Исток и продолжувајќи со пустошење на целата планета. Зарем мислите дека постои некоја поинаква причина зошто таа култура мора непрекинато да се шири? И зарем постои некоја поинаква причина зошто таа култура морала да ја развие реториката - преку приказни кои нè учат како да живееме - којашто ја оправдува не само нужноста, туку пожелноста или дури моралноста на непрекинатата експанзија?  

Градовите, веројатно клучниот аспект на цивилизацијата, секогаш почивале на земање ресурси од своето селско опкружување. Тоа пред сè значи дека градовите никогаш не биле, ниту пак некогаш ќе можат да бидат одржливи. Тоа понатаму значи, заради нивната понатамошна експанзија, дека градовите ќе мораат непрекинато да ја шират областа на својата непрекината хиперексплоатација: колониите. Сигурен сум дека согледувате како проблемите со коишто овде се соочуваме и нивната крајнa цел се среќаваат на истата, ограничена планета. Ако тоа сепак не можете или не сакате да го согледате, тогаш ви посакувам многу среќа во вашата кариера на политичар или бизнисмен. Нaшeто - до опсесивност - студиозно избегнување на заклучоците и делувањето во однос на очигледните последици на тие крајни цели, особено во дадените околности, е и повеќе од чудно.  

Меѓутоа, бидејќи луѓето не сакаат да се изгладнуваат самите себеси до смрт, бидејќи разумните луѓе по правило не ја уништуваат сопствената земјишна база и бидејќи индустриското производство, заради понатамошно функционирање, изискува увоз на ресурси, трговијата - без оглед колку неправедна - сама по себе не може да си обезбеди доволно сигурно упориште. Ресурсите мораат да бидат одземени насила. Тоа ја сочинува нашата втора историја на војни. Тоа важело уште од почеток, за што антропологот Стенли Дајмонд (Stanley Diamond) пишува: „Цивилизацијата започнува со освојување надвор и поробување дома“. Тоа важи и денес, што го признава и капиталистичкиот пропагатор Томас Фридман: „Невидливата рака на пазарот не би можела да функционира без невидливата тупаница - McDonald не може да функционира без McDonnel Douglas, конструкторот на F-15. Таа невидлива тупаница, којашто светот го прави безбеден за технологиите од Силиконската долина, се нарекува Војска, Авијација, Морнарица и Морнаричка пешадија на Соединетите Држави.“  

За среќа, бидејќи како вид суштински не сме се промениле во последните неколку илјади години, секое новороденче и понатаму е човечко суштество. Тоа има потенцијал да стане возрасно човечко суштество способно за одржлив начин на живот на одреден дел од земјата, единствено кога би можело да израсне во културен контекст кој високо ја вреднува одржливоста, кој ја наградува одржливоста, кој зборува за одржливоста и кој строго го блокира секој облик на експлоатација кој би можел да води кон неодржливост. Тоа е природно. Тоа сме ние.  

За да „напредува“, секое дете мора да заборави што значи да се биде човечко суштество и да научи што значи да се биде цивилизиран. Психијатрот и филозоф Р.Д. Ленг (R.D. Laing) тоа го искажува на следниов начин: „Од мигот на раѓање, кога бебето од каменото доба ќе се соочи со мајката од 20-от век, тоа постанува предмет на тие угнетувачки сили... како што тоа биле и нејзините мајка и татко, нивните родители и родителите на нивните родители. До мигот кога новото човечко суштество ќе наполни петнаесет години, сите ние стануваме такви какви што сме: полулуди суштества, помалку или повеќе прилагодени на полулудиот свет. Таа ’нормалност’ е епохата во којашто живееме“.  

Она што стои како задача пред секој од нас е да ја отфрли таа нормалност.


Green Anarchy #9, Summer 2002.
Наслов на оригиналот: Industrialism Must Go! Превод: Стефан Симоновски, 2005.