Џејсон Меквин

„Не“ на сите војни!

Не само на некои војни

2003

Анархистите се единствените доследни противници на војните меѓу националните држави. Ова е пред сѐ заради тоа што анархистите не само што се противат на сите национални држави коишто денес постојат, туку и на сите можни национални држави кои разните социо-политички и воени движења би можеле да посакаат да ги создадат. Автентичните анархисти се противат на сите војни затоа што сите војни меѓу националните држави првенствено им користат на националните држави, често без оглед дали победуваат или губат. Уверливата максима на Рандолф Бурн (Randolph Bourne), „Војната е здравјето на државата“, исто така директно имплицира дека војната е спротивна на елементите од општествениот живот чиешто здравје е инверзно поврзано со она на националната држава: слободна индивидуалност, слободна заедница и сите начини на слободни врски меѓу луѓето без разлика на националноста, етникумот, класата, расата или полот.

Современото војување со неговите придружни техники на масовно убиство и масовно уништување, заедно со неговите сродни цели на масовно пљачкосување и масовно понижување на преживеаните, очигледно е погубно за која било практична, рационална или емотивна посветеност на интернационални – или подобро, ненационални – облици на човечки заедници. Современата војна меѓу националните држави ја насочува империјалистичката економија и политичките благодети кон најсилните економски и воени сили во сооднос на нивните победи, сојузи и уверливи закани за напад. Додека сите истоштени идеолошки апели за неексплоатирачки, недоминирачки и немилитаристички вредности како „слобода“, „еднаквост“ и „демократија“, функционираат првенствено да го прикријат количеството криминални дела извршени од страна на победниците и огромните страдања на поразените или потчинетите.

Едноставно кажано, сите војни се меѓународен грабеж. А сите оправдувања за започнување војни нужно изискуваат масивна деградација на јазикот и комуникацијата со цел да ги спречат луѓето да го сфатат ова.

Интерно, внатре националната држава, заканите од надворешни непријатели се користат да ја оддржат вештачката внатрешна солидарност. Фокусирањето на надворешни непријатели го попречува или оневозможува фокусирањето на внатрешни проблеми и спротивности, без оглед на тоа колку тие подиректно влијаат на населението. Надворешните закани, дали со кредибилитет или не, се корисни за зголемување на обемот на репресија, милитаризам и општа беда која луѓето ќе ја толерираат во нивните животи. А тие се особено корисни во борбата против обидите на народот да се борат за своите сопствени желби, вредности и цели, вклучувајќи го и укинувањето на капитализмот и националните држави.

Но, колку и да се чини дека војната е најголемата снага на националните држави, потпирањето на војната како решение на општествени, економски и политички барања исто така секогаш прикрива некои од најголемите слабости на националните држави. Настрана од очигледните катастрофални сломови претрпени од страна на поразените национални држави во која било војна, крајната зависност од надворешни непријатели за остварување општествена солидарност може да овозможи внатрешните спротиставености да преминат преку нивните вообичаени критични точки, на таков начин што и победата или поразот (или дури пат позицијата) можат често непредвидено да доведат до пориви на немирни, бунтовни и востанички – или дури револуционерни – движења како што војната завршува. Постојат многубројни историски примери, од Париската комуна после Франко-Пруската војна, до широкораспространетите револуционерни пориви ширум Европа после Првата светска војна, до неодамнешните востанија во Алжир после долгата граѓанска војна во таа земја помеѓу исламистичките востаници и алжирските воени сили.

Како резултат на тоа многу марксистички радикали, вклучувајќи го и самиот Маркс, често ја повторуваат грешката на повикување и поддршка на војните меѓу националните држави во интерес на продолжување на претпоставениот историски развој од едната или другата страна, или дури предвидувањето на општествениот слом и потенцијалниот револуционерен одговор кој би можел да го придружува крајот на војната. Некои „би сакале да сме“ револуционери исто така тврдат дека самата револуција не е возможна без војна, па оттаму народот би требало да се противи на капиталистичките и империјалистичките војни меѓу националните држави, но ги поддржуваат „народните војни“ или „револуционерните војни“. Сепак, оваа главно марксистичка перспектива се заснова на претпоставката дека националните држави всушност можат да бидат револуционерни, што доследно е демантирано од историјата во смисла на автентична анти-капиталистичка револуција. (Националните држави можат, се разбира, да овозможат капиталистички или фашистички „револуции“.) Анти-капиталистичкото востание и револуција единствено завршуваат во војна кога веќе не успеале. Тажниот факт е што многу од намалувачкиот број на современи марксисти сè уште продолжуваат да оддржуваат погрешно верување во „научната“ природа на долгодискредитираната идеологија на историски материјализам која и дава легитимност на војната, покрај фактот што многу, многу илјади, десетици илијади и стотици илјади умреа во војните на минатиот век без кој било од нас да дојде чекор поблизу до создавањето на автентична слободна човечка зедница.

За разлика од марксистите, големото мнозинство анархисти никогаш не се во искушение да се излажат себеси мислејќи дека општествениот или историскиот или научниот или револуционерниот „прогрес“ изискува војна меѓу националните држави. (Надвор од Шпанската граѓанска војна, малцинството анархисти кои во одреден момент мислеле поинаку тоа го направиле од очај или како последица на погубното марксистичко влијание). Оттаму, анархистите отсекогаш биле во првата линија на секое современо анти-воено движење. Иако бројот внатре анархистичкото милје можеби бил мал во одредено време или одредени места, анархистите отвореното спротиставување на војната, национализмот и милитаризмот го сметале за клучен дел од нивната практична активност. Токму затоа можеме да очекуваме во пропорција со вкупните бројки, да продолжиме да гледаме многу поголемо анархистичко спротиставување на Џорџ Бушовата долго планирана војна против Ирак отколку од која било друга група.

„Не“ на сите војни, не само на некои!


Наслов на оригиналот: "No" to All Wars! Not just to Some Wars. Превод: Стефан Симоновски, 2003.