Џон Зерзан

Левицата денес

За жал, во извесна мера, сè уште е тука, менувајќи се и понекогаш успевајќи да изнајде начини како да го препакува истото, старо срање.

Бескрајно површните леви, либерални „прогресивци“ очигледно немаат никаква врска со ослободувањето, исто како и неколкуте преживеани лениноидни авторитарци. Тие не вредат ни да се споменуваат. Но тука се неколку нови маневри, коишто можеби заслужуваат мал критички осврт.

Социјалниот форум, како во своите „глобални“ така и во своите локални облици, е најновиот мамец за сите левичари, вклучувајќи ги и комунистите кои бараат ново упориште во постсоветската ера. На демонстрациите против Г-8, 2001 година, следбениците на Социјалниот форум дадоа сè од себе за анархистите да ги предадат во рацете на полицијата, а потоа вредно работеа на ширењето лаги за учинокот на Црниот блок во Џенова. На минатогодишниот собир на Глобалниот Социјален форум во Порто Алегре (Бразил), етатистите – или барем оние на должност – најголем дел од времето минаа слевејќи го режимот на бразилскиот левичарски претседател Луле и физички напаѓајќи анархисти на улиците. Нафталинскиот „анархист“ Ноам Чомски еден е од главните лидери на Социјалниот форум.

Со нас и понатаму се „антиетатистичките комунисти“, иако се чини дека не одат никаде. Тој поим сè уште привлекува некои луѓе, но е бесмислен и контрадикторен. Антиетатистичките комуњарчиња допрва треба да го критикуваат масовното производство и глобалната трговија, бидејќи очигледно настојуваат да ги сочуваат сите технолошки аспекти на модерниот поредок. Но невозможно е да се има глобално производство и трговија без власт - како и да ја нарекуваат - која би го координирала и регулирала таквиот масивен систем.

Партиципаторната економија („Парекон“) на Мајкл Алберт (Michael Albert) тврди дека функцијата на државата може да преземе огромен износ на состанок-часови, во коишто би учествувале сите луѓе, коишто на тој начин би ги одредувале производствените и трговските квоти, итн. Ако некому е приоритет да управува со светот кој веќе го трпиме, тогаш овие одбивни предлози можеби и ќе му изгледаат разумно.

Прилично поинаков феномен, главно европски, е „инсурекционистичкиот“ пристап, кој се чини дека претставува аморфен хибрид на неколку контрадикторни струи. Настојувајќи да го максимизираат единството неопходно за достигнување на стадиум на бунт, инсурекционистите како да ги минимализираат потенцијално необединувачките расправи за некои специфични прашања. Таквиот пристап носи ризик од потиснување на идеите во одреден момент. Во меѓувреме, инсурекционистичкиот теоретичар Алфредо Бонано ги изложува на критика движењата за национално ослободување (државите во сенка), додека други од истиот камп развиваат многу луцидна критика на цивилизацијата. Треба да се спомене дека и Бонано со години беше прогонуван и затворан од страна на италијанските власти заради неговото храбро спротивставување. Можеби инсурекционизмот повеќе е недефинирана тенденција отколку идеологија, делумно левичарска, делумно антилевичарска, но генерално анархистичка.

Она што им недостига на сите тие групи и поединци кои застрануваат кон левицата е подготвеност да се соочат со темелите на доминација, со одлучноста и фокусираноста неопходни за на таа доминација да ѝ се стави крај.


Наслов на оригиналот: The Left Today; превод: Стефан Симоновски