Џон Зерзан

Практичниот Маркс

1979

Кон Карл Маркс секогаш се пристапува како кон - толку многу мисли, толку многу зборови. Но во овој случај, како и во секој друг, има едно прашање што демне: Што е со вистинскиот живот? Каква e врскатa меѓу направените избори - своеволниот животен век на човекот - и претставувањето на неговите идеи?

Маркс во неговото однесување со семејството и соработниците, неговите непосредни односи со современата политика и опстанокот, практичниот модел и животните одлуки; можеби ова вреди да се разгледа. И покрај моето отфрлување на основните концепти што тој ги формулирал, јас не целам кон карактерно убивање наместо соочување со тие идеи, туку кон потсетување за мене и за другите дека многуте компромиси и спогодби со застрашувачкиот свет се вистинското поле на нашата бобра за ослободување, повеќе од едноставното искажување на нашите идеи. Токму во моменталното занемарување на апстракциите ја согледуваме нашата вистинска еднаквост, во прозаичните текови на нашиот заеднички кошмар. Краток опис на „секојдневниот“ Маркс, претставувајќи ги односите меѓу неговиот приватен и јавен живот како појдовна точка, може да ни помогне во тоа.

Во 1843 Маркс веќе бил татко и сопруг, улоги што ѝ претходат на онаа на голем мислител. Во тоа својство, тој ќе види како три од неговите шест деца умираат, главно од немаштија. Гвидо во 1850, Франческа во 1852 и Едгар во 1855 умреле не толку поради самата немаштија колку од неговата желба да застапува буржоаска појавност. Книгата на Дејвид Меклелан Маркс: неговиот живот и мисла (David McLellan, Marx: His Life and Thought), општо прифатена како најверодостојната биографија, упорно го докажува тоа.

Покрај овие прилично постојани домашни кусоци, Маркс ја вработил Хелен Демут (Helene Demuth) како слугинка, од 1845 до неговата смрт во 1881, а во 1857 бил придодаден и втор слуга. Надвор од секој сомнеж за веродостојност, Демут е онаа којашто го родила Марксовиот незаконски син Фредерик во 1851. За да го спаси Маркса од скандал и од „тежок домашен конфликт“, според Луис Фрејбергер (Louis Freyberger), Енгелс го прифатил старателството над детето.

Од крајот на 1840-те па натаму, Марксовото семејство живеело во Лондон, опстојувајќи низ долг период на несреќи коишто набрзо ги уништиле физичките и емоционалните способности на Џени Маркс. Тежината на конфликтните притисоци содржани во улогата на г-ѓа Маркс биле директна причина за забрзаното влошување на нејзиното здравје, како и смртните случаи на трите деца во педесеттите. Во јули 1858, Маркс бил во право при признанието кон Енгелс дека „нервите на мојата жена се прилично уништени...“

Всушност, нејзиниот дух бил уништен во 1856, кога после седмата бременост на свет донела мртвороденче. Кон крајот на таа година таа зборувала за „бедата“ на финансиските потешкотии, за немањето пари за божиќните прослави, истовремено довршувајќи ја подготовката за печатење на ракописот Критика на политичката економија. И покрај неколкуте наследства, писмата во кои го моли Енгелс за помош речиси и не престанале; на крај, во 1860, некогаш убавата Џени имала седа коса, расипани заби и страдала од гојазност. Истата година, после прележаните мали сипаници, кои ги добила препишувајќи ја Марсковата долга и тривијална жолчна критика Her Voggt, останала глува и со лузни.

Како секретарка на Маркс и под постојан пристисок на кредиторите, предизвикан првенствено од приоритетот на застапување буржоаска појавност, животот на Џени бил крајно тежок. Маркс до Енгелс, 1862: „Со цел да зачуваме одредена фасада, мојата жена мораше да однесе во заложувалница сè што не беше заковано“. Во средината на шеесеттите, пари оделе на приватни часови за најстарата од трите ќерки и школарини за „курсеви за дами“ и завршување на школувањето, додека Маркс ги избегнувал инкасаторите минувајќи ги деновите во Британскиот музеј. Тој признал, во 1866, во писмо до неговиот иден зет Пол Лафарг (Paul LaFargue), дека животот на неговата жена е „уништен“.

Справувајќи се со нервни сломови и хронични болки во градите, Џени била прогонувана од постојаниот долг на нејзиното домаќинство. Како делумно решение одлучила да задржува мал дел од нејзиниот неделен надоместок со цел да скрпи крај со крај, сума којашто планирала да ја крие од Маркс. Во јули 1869, Големиот човек избувнал откако дознал за овој скромен обид; на Енгелс му напишал, „Кога прашав зошто, таа одговори дека била уплашена од големата сума (долгот). Жените едноставно треба секогаш да се држат под контрола!“.

Кога станува збор за Енгелс, да го оставиме за момент „семејниот“ Маркс, пред да се навратиме на неговиот непосреден однос кон современите политички случувања. Тука би можело да се забележи дека Енгелс, неговиот најблизок пријател, колега и заштитник, не бил само озлогласен „женкар“, туку од 1838 па натаму, претставник на компанијата Енгелс и Ерман; всушност, во текот на педесеттите и шеесеттите, тој бил вистински капиталист во Манчестер. Оттаму, неговата Состојбата на работничката класа во Англија од 1844, била плод на практичен бизнисмен, човек токму од онаа класа одговорна за ужасната беда што тој толку прецизно ја опишал.

Во 1846, Маркс и Енгелс ја завршиле Германската идеологија, со којашто направиле конечен раскин со младохегелијанците и којашто ги содржи целосните и зрели идеи на материјалистичкиот концепт за историскиот прогрес. Напоредно со пишувањето на книгата се одвивале и практични политички активности, коишто тогаш веќе ги попримиле карактеристичните одлики. Во однос на неговиот Комунистички комитет за врски и неговата пропагандна работа, Маркс (исто така во 1846) изјавил: „Денес не може да стане збор за остварување на комунизмот; најпрвин буржоазијата мора да го преземе водството“. Во јуни истата година тој испратил инструкции до приврзаниците да делуваат „бескрупулозно“, да немаат „никакви беспотребни морални скрупули“ во врска со делувањето во корист на буржоаската хегемонија.

Безмилосните закони на капиталистичкиот развој, нужно вклучувајќи го и жртвувањето на генерации „недоволно развиени“ пролетери, ќе го одведе капиталот до неговиот целосен расцут – а работниците до најголемите длабочини на поробувањето. Оттаму, во 1847, по конференцијата на професионални економисти во Брисел на којашто тој бил поканет, Маркс јавно го осудува уништувачкиот ефект на слободната трговија врз работничката класа, прифаќајќи го таквиот развој. На сличен начин, во подоцнежен напис во еден весник, заклучува дека колонијализмот, со сета беда и смрт кои ги носи со себе, во целина е добро нешто: како и развојот на самиот капитализам, неизбежен и прогресивен, затоа што на крај ќе доведе до револуција.

Во 1847, во Лондон е формирана Комунистичката лига, а на нејзиниот втор конгрес подоцна истата година, на Маркс и Енгелс им била дадена задачата да го скицираат нејзиниот манифест. Покрај неколкуте гласни антикапиталистички фрази во неговите основни воведни делови, конкретните барања како заклучок се градуалистички[1], колаборационистички и во голема мера етатистички (на пр., се зборува за наследна такса, градиран данок на доход, централизација на кредитите и комуникацијата). Игнорирајќи ја непрекинатата борба започната уште од средината на 18-от век, која кулминира со лудитите, и неподготвен за раволуционерните немири што ќе ја потресуваат Европа за помалку од една година, Комунистичкиот манифест согледува, повторно, само „недоволно развиен“ пролетаријат.

Од овој политички документ изникнува една од суштинските тактички мистерии на Маркс, онаа на истовременото зајакнување на капитализмот и пролетаријатот. Развојот на капиталот е јасно опишан како акумулација на човечката беда, деградација и бруталност, но низ тој процес се развива и работничката класа, која станува „сѐ поцентрализирана, поединствена, подисциплинирана и поорганизирана“.

Како е можно од најголемите длабочини на физичкото и културното угнетување да изникне нешто друго освен пороботизиран, понемоќен, побезличен пролетаријат? Всушност, историјата на бунтови и борби од 19-от и 20-от век покажува дека мнозинството борци не потекнуваат од оние со истакнат менталитет на стадо и од најсиромашните, туку од оние најнедисциплинираните, оние кои имаат нешто да загубат.

Во април 1848, Маркс заминал за Германија заедно со Манифестот и крајно реформистичките „Барања на Комунистичката партија на Германија“. „Барањата“, исто така составени од Маркс и Енгелс, заговарале буржоаска револуција, а не социјалистичка, и наишле на симпатии токму кај оние елементи коишто дејствувале против мартовското започнување на револуцијата. Земајќи ја предвид позицијата на Маркс како потпретседател на нерадикалната Демократска Асоцијација од Брисел, која ја презел 1847 и неговата поддршка за буржоаската превласт како предуслов, тој брзо дошол во конфликт со револуционерните настани од 1848 и со голем дел од Комунистичката Лига. Маркс помогнал во формирањето на Демократскиот сојуз во Келн, коешто кандидирало кандидати за Франкфуртскиот парламент, и жестоко се спротиставувал на каква било поддршка од страна на Лигата за вооружена интервенција за поддршка на револуционерите. Користејќи го опортунистичкото начело, под изговор дека не сака работниците да останат „изолирани“, тој отишол толку далеку што го искористил своето „дискретно право“, како еден од водачите на Лигата, и во мај ја распуштил како премногу радикална, бидејќи премногу му пречела во неговото пружање поддршка на буржоаските елементи.

Бидејќи Лигата сега била надвор од игра, Маркс во 1848 своите активности во Германија ги сосредоточил на поддршка на Демократскиот сојуз и неговото диктаторско уредништво во Neue Rheinische Zeitung. Во обете надлежности тој се стремел кон политика на „обединет фронт“, во кој работниците, заедно со сите останати „демократски сили“, би се бореле против остатоците од феудализмот. Се разбира, овој договор не би им обезбедувал никаква автономија на работниците, никаква слобода на движење; во нив не гледал револуционерен потенцијал. Како уредник на NRZ, Маркс го советувал Кампхаузен (Camphausen), бизнисмен и претседател на привремената влада формирана по поразот на пролетерскиот бунт. Освен тоа, што е навистина вчудоневидувачки, тој го поддржал весникот на Демократскиот сојуз и покрај фактот што тој го осудил востанието на парискиот пролетаријат од јуни 1848. Како политичар и уредник на весник, Маркс сè повеќе бил критикуван за неговото постојано одбивање да заземе радикален став кон конкретната ситуација или во борбата за интересите на работничката класа.

Есента 1848, кога се обновиле бунтовите на работниците во Германија, јавните активности на Маркс започнале да попримаат одреден поактивистички, проработнички тон. Меѓутоа, веќе во декември немирите почнале да стивнуваат, а таа неизвесна година во Германија завршила без судбоносни револуционерни последици. Тогаш, и само тогаш, Маркс во неговиот весник изјавил дека работничката класа може да смета само на себе, а не на буржоазијата, доколку сака да изведе револуција. Но бидејќи веќе било прилично доцна за тоа, изворот на револуцијата, сметал тој, ќе мора да дојде од некаков надворешен шок: имено, војна меѓу Франција и Англија, на која би требало да ѝ претходи обновен бунт на француските пролетери. Оттаму, на почетокот од 1849, Маркс во франко-британската војна ја согледал социјалната револуција, исто како што на почетокот на 1848 ја лоцирал во војна меѓу Прусија и Русија. Патем, ова не е последен пат Маркс во колежот на националните војни да ја воочува искрата на револуцијата; тој повторно одбива да прифати дека работниците како субјекти би можеле да делуваат – и дека делувале – на своја сопствена иницијатива без претходно, од генерација во генерација, да бидат жртвувани како фабрички робови или топовска храна. Некои радикали, коишто во случувањата од 1848 гледале почеток на револуцијата, биле шокирани од детерминистичкиот конзервативизам на Маркс. Луј Готшалк (Louis Gottschalk), на пример, го нападнал затоа што на работничката класа ѝ го оставил само изборот меѓу буржоаското и феудалното владеење; „Што е со револуцијата?“, прашувал тој. И иако Маркс ги поддржувал буржоаските кандидати во февруарските избори (1849), во април Комунистичката Лига (којшто тој ја распуштил) била реоформена без него, ефективно принудувајќи го да го напушти умерениот Демократски сојуз. Во мај, по еднонеделните улични борби во Дрезден, бунтувањата во Рур и општите немири во Баден, настаните - како и реакциите на германската радикална заедница - го оставиле Маркс далеку зад себе. Оттаму, истиот месец, тој го затворил NRZ со пркосен - и очигледно апсурден - уводник тврдејќи дека весникот бил отворено револуционерен во текот на 1848-1849.

Во 1850, Маркс се приклучува кон останатите германски бегалци во Лондон, по завршувањето на востаничките немири на континентот претходните две години. Под притисок на левицата, како што е забележавме погоре, тој почнува да делува во прилог на независно организиран германски пролетаријат и високо централизирана држава, која (сè поцентрализираната) работничка класа би требало да ја заземе и управува со неа. И покрај лошиот углед кај членството, предизвикан од неговите сè само не радикални активности во Германија, на Маркс му било дозволено повторно да се приклучи кон Комунистичката лига, каде што со тек на времето ја обновил својата доминанта улога. Во Лондон нашол поддршка меѓу чартистите и другите елементи посветени на изборни реформи и синдикализам, одбегнувајќи ги многуте радикални германски бегалци коишто често ги именувал како „агитатори“ и „убијци“. Со таквиот однос го придобил мнозинство во лондонската секција, што му овозможило да ги надгласа членовите на Лигата коишто го нарекувале „реакционер“ поради минималистичките барања изнесени во Манифестот и заради неговото потценување на револуционерната практика во Германија.

Но, од почетокот на педесеттите, Маркс започнал да минува многу од своето време во Британскиот музеј, каде што можел да го анализира курсот на светската револуција далеку од вревата и метежот на своето нестабилно домаќинство. Набрзо ја напуштил својата релативна радикалност на неговата новооткриена борбеност и започнал да зборува за општ просперитет, не оставајќи многу изгледи за револуција. Се разбира, историјата на нашиот свет многупати ја има исмеано теоријата за коинцидентноста на економските кризи и пролетерските бунтови. Од лудитите, па преку Комуната и Франција во 1968, па сѐ до безбројните борби од последната четвртина на 20-от век, бунтот бил свој сопствен господар; напротив, големите флуктуации на невработеност и инфлациите честопати служеле да ги разбијат класните борби на просто ниво на преживување, наместо да поттикнат социјална револуција. Големата депресија од 1930-те донесе осиромашена и деформирана визија, која не се ни обидуваше да го уништи капитализмот, како во случајот со германскиот националсоцијализам или неговиот роднина, американскиот New Deal. (Шпанската револуција, блескавиот момент од триесеттите години, немаше никаква врска со Депресијата која ги зафати индустријализираните нации). Марксовата претерана преокупираност со надворешни фактори - пред сè со економските кризи - била заштитен знак на неговиот практичен и теоретски приод; тоа очигледно е одраз на неговата незаинтересираност за субјективитетот на мнозинството луѓе, за нивната потенцијална автономија, имагинација и сила.

Дистанцирањето од актуелните општествени борби на неговото време очигледно е тесно поврзано со конвенционалниот буржоаски живот што го водел. Во поглед на неговите приходи, човек станува изненаден од јазот помеѓу неговите конкретни активности и неговата репутација како револуционерен теоретичар. Од 1852 и во текот на 1860-те, тој бил „еден од најценетите“ и „најдобро платени“ колумнисти на New York Daily Tribune, според зборовите неговиот уредник. Всушност, 165 од неговите написи биле искористени како уводници од овој не толку револуционерен метрополитенски дневник, заради што во 1855 побарал сите негови понатамошни написи да бидат објавувани анонимно. Но ако не сакал да се истакнува како глас на голем буржоаски весник, сѐ уште многу му значело да делува како џентлмен, како што веќе видовме од неговата семејна улога. Токму за да „се избегне скандал“ во 1859, одлучил да го исплати долгот на лондонскиот реформистички весник Das Volk. Во 1862 на Енгелс му пишува за неговата желба да се занимава со некој вид бизнис: „Драг пријателу, сива е сета наша теорија, единствено бизнисот е зелен. За жал, предоцна го увидов тоа“. Иако ги одбил понудите, Маркс добил, во 1865 и 1867, две покани коишто се вредни да се забележат поради едноставниот факт што воопшто му биле понудени: првата, преку емисар на Бизмарк, да „ги стави неговите големи таленти во служба на германскиот народ“; втората, да пишува финансиски написи за прускиот официјален владин весник. Во 1866, тој тврдел дека добил 400 фунти на шпекулации со американски акции и обврзници, а неговиот добар совет до Енгелс за како да купува и препродава на Берзата е добро документиран. 1874 го дочекала Маркс како води судски спор со двајца партнери околу сопственоста на патент за нова резбарска машина, од која очекувале голем профит.

Кон овие упадливи илустрации за менталитетот на владејачката класа, треба да се додаде и однесувањето на Маркс кон своите деца, трите ќерки коишто израснале под неговиот цврст викторијански авторитет. Во 1866, инсистирал Пол Лафарг да му даде економски гаранции за својата иднина, критикувајќи го за неговиот недостиг на „трудољубивост“ и држејќи му најлицемерни предавања за неговите намери кон Лаура, којашто имала безмалку 21 година. Го потсетил Лафарг дека тој и Лаура сè уште не се верени и доколку планираат да го сторат тоа, тогаш мораат да тежнеат кон „долгорочна врска“, надополнувајќи го тоа со некои многу пуритански забелешки: „Според мене, вистинската љубов се изразува преку воздржаноста на љубовникот, неговото скромно држење, дури и срамежливост кон љубениот, а никако преку неприродната страст и манифестациите на предвремена блискост“. Во 1868, тој се спротиставил на вработувањето на Џени, која тогаш имала 22 години; подоцна ѝ забранил на Елеонора да се гледа со Лисагарај (Lissagaray), комунар кој сам ја бранел последната барикада во Париз.

Да се навратиме на политиката. Економската криза, којашто Маркс страсно ја очекувал на почетокот од педесеттите, дошла и заминала во 1857, не пробудувајќи никаква револуционерна активност. Но, настаните од 1863 и востанието во Полска истата година, го исполниле воздухот со нов немир, што го поттикнало и формирањето на Меѓународното здружение на работници. Маркс ја одложил работата околу пишување на Капиталот и бил многу активен во Интернационалата од нејзиното основање во Лондон, во септември 1864. Оџер (Odger), претседател на Советот на сите лондонски синдикати, и Кремер (Cremer), секретар на Синдикатот на ѕидари, свикале основачко собрание, а Вилер (Wheeler) и Дел (Dell), исто така британски синдикални службеници, формално предложиле формирање на меѓународна организација. Маркс бил избран во Извршниот комитет (кој набрзо ќе биде преименуван во Генерален совет), а на неговиот прв работен состанок помогнал во назначувањето на Оџер и Кремер за претседател, односно секретар на Интернационалата. Оттаму, уште на почеток, Марксовите први сојузници биле синдикални бирократи, а неговиот политички приод, кој со „отворен говор“ го забранувал истакнувањето радикални цели, бил целосно реформистички. Еден од првите акти на Генералниот совет бил испраќањето на Марксовите одушевувачки и братски честитки на Абрахам Линколн, тој „фанатичен син на работничката класа“.

Другите рани активности на Маркс го вклучувале формирањето, како дел од Интернационалата, на Реформската лига посветена на општото право на глас. Му се фалел на Енгелс дека тоа достигнување е „наше дело“, и бил подеднакво воодушевен кога Националната реформска лига, единствената преживеана чартистичка организација, поднела барање за членство. Ова последново се покажало премногу дури и за верниот Енгелс, којшто некое време одбивал дури и да биде дописник на Интернационалата од Манчестер, каде што сè уште бил капиталист со полно работно време. Токму за време на таа практиката на прифаќање на секој облик на англискиот градуализам, пред сè преку промовирањето на членството на лондонските синдикати, Маркс, во писмо до германскиот социјалист Фердинанд Ласал (Ferdinand Lassalle), го напишал своето славно тврдење дека „пролетаријатот е или револуционерен или е ништо“.

Ласал и неговиот Генерален синдикат на германски работници (ADAV) наивно негувале сериозни илузии во врска со државата; имено, дека Бизмарк бил способен за автентично социјалистичка политика како канцелар на Прусија. Сепак, Маркс во 1866 се согласил да се кандидира за претседател на ADAV, со надеж дека ќе го приклучи на Интернационалата. Истовремено, тој пишува (на роднина на Енгелс): „поддршката на ADAV ќе биде од корист само на почеток, против нашите противници овде. Подоцна целата институција на овој синдикат, која почива на погрешна основа, мора да биде уништена“.

Можат да бидат напишани томови, веројатно и се напишани, за манипулацијата на Маркс внатре Интернационалата, на пример маневрирањето со места, датуми и траењето на состаноците само за да се зацврсти и централизира неговиот авторитет. Кон случајот на ADAV, од мноштвото други, може да се придодаде и неговата поддршка на богатиот буржуј Лефор (Lefort), со цел да ја задржи во целина неговата нерадикална фракција внатре организацијата. До 1867, неговите неуморни махинации вродиле со плод; на Енгелс му пишал, „ние (т.е. ти и јас) ја имаме оваа моќна машина во свои раце“.

Исто така, во 1867, уште еднаш јавно се произнел во полза на една од своите омилени идеи, дека војната меѓу Прусија и Русија би можела да се покаже како прогресивна и неизбежна. Таквата војна би го мобилизирила германскиот пролетаријат против источниот варваризам, а со тоа би ги зголемила можностите за европска револуција. На овој менталитет, постојано преокупиран со „воени игри“, некако му успевало да ги поистовети сите жртви и да ги придвижи само како орудија на државата, а не како активни и независни пролетерски субјекти; по сѐ изгледа тоа одговарало на Марксовото потпирање врз синдикалните службеници наместо врз работниците, што бил заштитен знак на неговата омилена стратегија како бирократ на Интернационалата. Маркс редовно ги исмевал сите, вклучувајќи го и неговиот иден зет, Лафарг – кој истакнувал дека вистинската улога на револуционерите не е да се занимаваат со глупавите игри на спротиставените национализми. А кога во 1868 белгиската делегација на конгресот на Интернационалата во Брисел како одговор го предложила генералниот штрајк наместо војна, Маркс ја отфрлил таа идеја како „глупост“, како причина наведувајќи ја „недоволната развиеност“на работничката класа.

Слабостите и контрадикторностите на следбенците на Прудон и Бакунин овде се ирелевантни, но можеме да забележиме дека во 1869 влијанието на Маркс го достигнало својот зенит, благодарејќи на брзото опаѓање на прудонистите и фактот дека влијанието на Бакунин допрва таа година почнало да доаѓа до израз. Во средината на 1870, со лошо водена војна на Наполоен против Прусија, повторно до израз доаѓа Марксовата опседнатост со воените судири помеѓу „прогресивните“ и „непрогресивните“ држави. Маркс до Енгелс: „На Французите им треба тежок пораз. Доколку Прусите победат, ќе дојде до централизација на работничката класа... супериорноста на Германците над Французите на светската сцена истовремено би значела и супериорност на нашата теорија над Прудоновата и така натаму“.

Во јули 1870, во Отвореното писмо потпишано од Генералниот совет на Интернационалата, Маркс кон овој став додал и предупредување: „Ако германската работничка класа дозволи сегашната војна да го загуби нејзиниот стриктно одбранбен карактер и дегенерира во војна против францускиот народ, победата и поразот ќе се покажат подеднакво катастрофални“. Оттука, колежот на француските работници е префинет и добар – но само до одредена точка. Овој врв на цинично калкулантство делува навистина неверојатно – особено по жигосувањето на Белгијците и останатите кои сметале дека пролетаријатот би можел да делува како самостоен фактор. Како би можела сега „германската работничка класа“ (пруската армија) да одлучи до каде да ги спроведе наредбите на пруската владејачка класа – и доколку би можела, зошто тогаш да не бидат „советувани“ едноставно да ги игнорираат сите можни класни наредби?

Ваквите јавни истапи на Маркс, лишени од секаква револуционерна содржина, се разбира биле со воодушевување примени од страна на буржоаскиот печат. Всушност, никој друг туку лично Џон Стјуарт Мил, светецот заштитник на британската приватна сопственост, испратил порака со честитки до Интернационалата за нејзиното мудро и умерено Отворено писмо.

Кога при крајот на летото 1870 војната на Наполеон се претворила во пруска победа, Маркс, предвидливо, протестирал затоа што Германија го напуштила „одбранбениот“ став и сега станала агресор, кој барал анексија на провинцијата Алзас-Лорен. Поразот на Франција довел до пад на Луј Наполеон и Второто царство, како и до формирање привремена републиканска влада. Маркс одлучил дека задачата на Интернационалата сега мора да биде двојна: да го обезбеди признавањето на новиот републикански режим и да го спречи секој бунт на француските работници.

Неговата политика сугерирала дека „секој обид да се вознемири новата влада во сегашната криза, кога (пруската) армија речиси е пред портите на Париз, би бил безумна будалаштина“. Оваа бедна, антиреволуционерна стратегија била многу енергично промовирана во јавноста – сè додека самата Комуна, грубо и „ненаучно“, набрзо не ја исмејала.

Се разбира, Марксовиот негативен став кон востанието на парижаните е добро познат; премногу великодушно е да се каже дека тој бил само песимистичен во врска со иднината на Комуната. Со денови по успешното востание тој не успеал да ја поздрави нејзината смелост, и се задоволил себеси со мрморење дека „нема шанси да успее“. Иако на крај го признал нејзиното значење (со што бил пинуден да ги ревидира своите реформистички идеи во врска со пролетерската употреба на постоечката државна машинерија), неговиот недостиг од симпатии го илустрира и фактот дека во периодот на двомесечното постоење на Комуната, Генералниот совет на Интернационалата не се огласил со ниту еден збор во врска со неа.

Често се заборава дека кога некоја анализа или посвета ќе се објави долго откако битката ќе заврши, од безбедна далечина, живи повеќе нема. Мајсторското полемизирање околу триумфите на Комуната во Граѓанската војна во Франција претставува некролог, на токму ист начин на којшто тоа беше Класната борба во Франција, пишувана од подеднакво безбедна дистанца од настаните коишто тој не ги поддржал за време на револуционерниот Париз 1848.

По многу краток период, кога на општиот успех на пролетерската борба гледал оптимистички - слични на неговиот јавен став веднаш по бунтовите во Европа 1848-1849 - Маркс се вратил на своите вообичаени позиции. Ја одбил поддршката на Интернационалата за раштрканите бунтови од летото 1871 во Италија, Русија и Шпанија –патем кажано, земји кои биле најотворени за анархистичките идеи. Во септември е одржан последниот состанок на Интернационалата, пред фракцијата на Маркс практично да ја распушти, не сакајќи да ја прифати доминацијата на порадикалните елементи, како што биле следбениците на Бакунин. Буржоаскиот градуализам на Маркс дошол до израз есента 1871 на Лондонската конференција, во изјавите како оваа: „Да се доведат работници во парламент е еднакво на победа над владата, но треба да се избере вистинскиот човек“.

По распуштањето на Интернационалата и неговата смрт во 1881, Маркс живеел на начин што малку се разликувал од оној во претходните децении. Одбегнувајќи ги наголемо бегалците на Комуната – како што ги одбегнувал и радикалните Германци во педесеттите по нивниот егзил кој следел по 1848-1849, Маркс се дружел со луѓе како Максим Ковалевски, несоцијалистички руски аристократ, добростоечкиот д-р Кугелман (Kugelmann), бизнисменот Макс Опенхајм (Max Oppenheim), Хиндман (H. M. Hyndman), многу богат социјалдемократ, и се разбира, со тогаш веќе пензионираниот капиталист, Енгелс.

Со таков избор на пријатели, не изненадува што продолжил да гледа мал радикален капицитет во работниците, токму како што и редовно не успевал да го согледа. Во 1874, напишал: „Општата состојба во Европа е таква што води кон општа европска војна. Прво мораме да ја минеме таа војна, па дури потоа да размислуваме за евентуална решителна надворешна ефективност на европската работничка класа“. Насочен, како и секогаш, кон надворешните фактори - и се разбира, кон „непроменливите закони на историјата“ - тој придонел кон наследството од милиони мртви од Првата светска војна, жртвувани со капитулацијата на марксистичките партии, кои 1914 гласаа за војна.

Одбивајќи во текот на својот живот да ги согледа можностите за вистинска класна борба, да ја разбере стварноста на животната негација на капитализмот, Маркс активно и конкретно работел за напредокот и целината на капиталистичкиот развој, што наложувало жртвување на цели генерации. Сметам дека овде изнесените забелешки за неговиот конкретен живот се важни и типични, бидејќи сугерираат на доследна врска меѓу неговиот живот и неговите идеи. Задачата на проширување на истражувањето кон „специфично теоретскиот“ Маркс ги надминува рамките на овој труд; меѓутоа, можно е претходно изнесеното да фрли барем индиректна светлина кон „помалку телесниот“ аспект на неговиот пример.

 

[1] Градуализам - политика на постепена реформа наместо промена одеднаш или револуција (заб. на прев.)


John Zerzan, Elements of Refusal, CAL Press 1999 (1st Edition, 1988).
Наслов на оригиналот: "The Practical Marx". Првпат објавено во Fifth Estate, октомври 1979. Превод: Стефан Симоновски, 2004.