#pubdate 2014-03-26 21:57:38 +0000 #title Брак и љубов #author Ема Голдман #SORTauthors Ема Голдман (Emma Goldman) #SORTtopics анархизам, феминизам #source Emma Goldman, „Marriage and Love“, *Anarchism and Other Essays*, Mother Earth Publishing Association 1917 (1st ed. 1910). [[http://theanarchistlibrary.org/library/emma-goldman-anarchism-and-other-essays][theanarchistlibrary.org]] #date 1914 #notes Превод: Иван Шопов #lang mk Популарно е сфаќањето дека бракот и љубовта се истозначни, дека произлегуваат од ист мотив и ги покриваат истите човечки потреби. Како многу популарни сфаќања и тоа не почива на вистински факти, туку на празоверие. Бракот и љубовта немаат ништо заедничко; меѓусебно се оддалечени како половите; всушност, се однесуваат непријателски едно кон друго. Нема сомение дека некои бракови се резултат на љубов. Но, не затоа што љубовта може да се потврди само со брак; туку повеќе затоа што неколку луѓе успеале конечно да ги надраснат конвенциите. Денес има голем број мажи и жени за кои бракот не е ништо друго освен фарса, но се помируваат со него поради јавното мислење. Во секој случај, иако е вистина дека некои бракови се засноваат на љубов и иако е подеднакво точно дека во некои случаи љубовта продолжува во брачниот живот, сметам дека тоа е така без оглед на бракот, а не поради него. Од друга страна, сосема е погрешно дека љубовта резултира од бракот. Во ретки прилики може да се чуе нешто за чудесниот пример на брачен пар кој се заљубил по стапувањето во брак, но ако се погледне одблизу, ќе откриеме само дека попрво станува збор за чисто прилагодување на неизбежното. Сосема е сигурно дека меѓусебното навикнување е далеку од спонтаноста, силината и убавината на љубовта, без која интимноста на бракот мора да се покаже како понижувачка, и за мажот и за жената. Бракот е во прв ред економски договор, пакт за осигурување. Се разликува од обичното животно осигурување само по тоа што е повеќе обрзувачки, поегзактен. Придобивките од него се неважно мали во споредба со влогот. Кога земате полиса за осигурување, за неа плаќате во долари и центи, секогаш со слободата да престанете да плаќате. Но, ако премијата на жената е мажот, таа за него плаќа со своето име, приватност, самопочит, со самиот свој живот, „додека смртта не ги раздели“. Впрочем, брачното осигурување ја осудува на доживотна зависност, паразитство, на целосна бескорисност, индивидуална и општествена. И мажот ја плаќа својата цена, но бидејќи неговата сфера е поширока, бракот не го ограничува толку како жената. Тој своите синџири повеќе ги чувствува во економска смисла. Така мотото на Данте за пеколот подеднакво важи и за бракот: „Кој влегува нека се откаже од секаква надеж“. Дека бракот е неуспех би порекнувал само вистински глупак. Доволно е да се фрли поглед на статистиките за разводи за да се сфати дека бракот е всушност горчливо промашување. Ни стереотипниот финансиски аргумент дека попустливата законска регулатива во врска со разводот и зголемената негрижа на жените не го објаснува, прво, тоа дека секој дваесетти брак завршува со развод; второ, тоа дека од 1870 бројот на разводи е зголемен од дваесет и осум на седумдесет и три илјади жители; трето, дека прељубата, од 1867, како причина за развод, пораснала за 270,8%; четврто, дека напуштањето на бракот пораснало за 369,8%. Ако ја додадеме на тие запрепастувачки бројки големата количина книжевна и драмска граѓа, ќе фрлиме уште повеќе светло врз таа темнна. Роберт Херик, во делото „Заедно“; Пинеро, во драмата „Средниот пат“; Јуџин Волтер во „Полна цена“ и некои други писатели расправаат за бесплодноста, монотонијата, непримерноста на бракот како фактор за слога и разбирање. Мудриот општествен истражувач нема да се задоволи со популарниот површен изговор за таа појава. Ќе мора да копа подлабоко во самиот живот на половите за да дознае зошто бракот се покажал како толку погубен. Едвард Карпентер вели дека зад секој брак стои доживотното опкружување на двата пола; опкружување толку различно што мажот и жената мораат да останат различни. Поделен со непремостливиот ѕид на празноверијата, обичаите, навиките, бракот нема потенцијал во него двајца луѓе да се запознаат и да развијат меѓусебна почит, а без тоа секоја заедница е осудена на неуспех. Хенрик Ибзен, човекот кој ги мразеше сите општествени лаги, веројатно прв ја сфати таа голема вистина. Нора го напушта својот сопруг не затоа што е - како што би сакал глупавиот критичар - уморна од своите одговорности или затоа што чувствува голема потреба за остварување на женските права, туку затоа што спознала дека осум години живеела со странец раѓајќи му деца. Може ли нешто да биде попонижувачко, повеќе деградирачко од доживотната близина на двајца странци? Нема потреба жената да знае што било за мажот, освен за неговиот приход. А што тој би требало да знае за жената - па што има да се знае за неа освен дека има пријатен изглед? Уште не го надраснавме теолошкиот мит дека жената нема душа, дека е чист додаток на мажот, создаден од неговото ребро на милост на господинот кој е толку храбар што се плаши од сопствената сенка. Можеби лошиот квалитет на материјата од која настанала жената е одговорен за нејзината инфериорност. Во секој случај, жената нема душа - па што би требало да се знае за неа? Освен тоа, колку помала душа има жената, толку подобра потпора е како сопруга, поподготвено ќе се приврзе за својот сопруг. Токму тоа ропско препуштање на надмоќноста на мажот ја одржува брачната институција толку долго навидум недопрена. Но сега, кога жената доаѓа на своето, кога е свесна за себе како суштество надвор од милоста на господарот, светата институција брак постепено се урива и никаква количина на сентиментална ламентација не може да ја одржи. Речиси од детството на просечната девојка ѝ се вели дека бракот е нејзината највисока цел; поради тоа, нејзиното образование и воспитание се насочени кон таа цел. Како нема ѕверка гоена за колење, таа се подготвува за брак. А сепак, чудно е да се каже, дозволено ѝ е многу помалку да дознае за својата улога како сопруга и мајка отколку на обичен занаетчија за неговата работа. Непристојно е и просто за чесната девојка да не знае ништо за договорот кој никој не се осмелува да го критикува. Но, токму тоа го мисли просечниот бранител на бракот. Идната сопруга и мајка се држи во потполно незнаење за својот единствен посед на натпреварувачкото поле - полот. Така таа влегува во доживотен однос со мажот за да се шокира, да биде згадена, лута надвор од секоја мера поради најприродниот и најздрав нагон, сексот. Со сигурност може да кажеме дека голем процент на несреќа, беда, вознемиреност и телесно страдање во бракот е последица на криминалното незнаење за половите прашања, кое се воздигнува како голема доблест. А никако не е претерано да се каже дека повеќе од еден дом се распаднал поради тој тажен факт. Ако жената сепак е слободна и доволно силна да ја научи тајната на сексот без санкции од државата или црквата, ќе ја осудат како исклучително несоодветна да стане сопруга на „добар“ маж, а неговата добрина се состои од празна глава и многу пари. Може ли нешто да биде пострашно од замислата дека здрава, возрасна жена, полна со живот и страст, мора да ги негира барањата на природата, дека мора да го подреди својот најсилен копнеж, да го поткопа своето здравје и да го скрши својот дух, дека мора да ја спречи својата визија, да се откаже од длабочината и величественоста на искуството, додека „добриот маж“ не наиде да ја земе за жена? А токму тоа значи бракот. Како таков договор би можел да заврши поинаку освен со неуспех? Тоа е еден, иако не најмалку важен фактор за бракот, кој го разликува од љубовта. Нашето време е практично време. Повеќе не живееме во време кога Ромео и Јулија во име на љубовта го вложиле името на своите родители, кога Гретхен се изложила на озборувањето на своите соседи поради љубовта. Ако во редок случај младите си го дозволат луксузот на романсата, постарите веќе ќе се погрижат за нив, да ги подучат и средат додека не се „вразумат“. Моралната лекција која ја всадиле во девојката не гласи дали мажот во неа побудил љубов, туку „колку“. Важен е и единствениот бог на практичниот американски живот: може ли мажот доволно да заработи за живот? Може ли да ја издржува жената? Тоа е единственото што го оправдува бракот. Постапно тоа ја проткајува секоја мисла на девојката; таа не сонува за месечина и бакнежи, за смеење и солзи; таа сонува за купување и ценкање. Таа сиромашност на духот и подлост на елементите ѝ се вродени на брачната институција. Државата и Црквата не одобруваат ниту еден друг идеал, бидејќи тоа е идеал кој бара државен и црковен надзор над мажите и жените. Без сомнение, има луѓе кои и понатаму се држат до љубовта повеќе отколку до доларите и центите. Тоа особено важи за онаа класа која економската нужда ја натерала самата да се издржува. Неверојатната промена на положбата на жените, благодарение на тој силен фактор, е навистина извонредна кога ќе помислиме дека таа штотуку стапи во индустриската арена. Шест милиони жени кои заработуваат; шест милиони жени кои имаат еднакво право како и мажите да бидат експлоатирани, ограбени, да штрајкуваат; но дури и да гладуваат. И што повеќе, боже мој? Да, шест милиони работнички кои примаат плата, од најумствената до најтешката работа во рудниците и на изградба на железничките пруги; да, дури и меѓу детективите и полицајците. Еманципацијата е конечно сигурно целосна. А наспроти сето тоа, сепак многу мал број од големата армија жени кои работат за плата гледаат на работата како на нешто трајно, онака како што на тоа гледа мажот. Колку и да е немоќен, научен е да биде независен, да се издржува сам. Знам дека никој не е навистина независен во нашата економска мелница; сепак, дури и најсиромашниот маж мрази да биде паразит; или да биде познат по тоа. Жената ја смета својата работа за преоден период и ќе го отфрли кога ќе се појави првиот понудувач. Поради тоа е многу потешко да се организираат жените отколку мажите. „Зошто би влегла во синдикат? Ќе се омажам, ќе основам дом.“ Зарем не ја учеа од колевка да гледа на бракот како на свој највисок повик? Таа доволно брзо сфаќа дека домот, иако не е толку голем затвор како фабриката, има цврста врата и решетки. Има толку верен стражар што никој не може да му се провлече. Најтрагично е, сепак, тоа дека домот повеќе не ја ослободува од робувањето за надница; тој само ги зголемува нејзините задачи. Според последните статистики кои се изнесени пред Одборот, „за работа, плати и експлоатација“, само 10% од наемните работнички во Њујорк се омажени, а тие сепак мораат да продолжат да ја работат најслабо платената работа на светот. На тој страшен факт додајте ја и напорната домашна работа, и што тогаш преостанува од заштитата и сјајот на домот? Всушност, дури ни омажената девојка од средната класа не може да зборува за својот дом, бидејќи мажот е нејзината сфера. Не е важно дали мажот е груб или мил. Јас сакам да докажам дека бракот ѝ гарантира дом на жената само со милсота на нејзиниот маж. Таа се свртува кон неговиот дом, година по година, сè додека животот и односите со луѓето не станат толку еднолични, ограничени и тегобни како и нејзиното опкружување. Не треба да се чудиме ако стане „мрчало“, ситничава, кавгаџика, озборувачка, неподнослива, и со тоа го натера мажот да ја истера од дома. Таа не може да си оди, дури и ако посака; нема каде да оди. Освен тоа, краткиот период брачен живот, целосното отстапување од своите способности, сосема ја онеспособува просечната жена за надворешниот свет. Станува запуштена, невешта во движењата, зависна во своите одлуки, кукавица во проценките, тешка и здодевна, а тоа повеќето мажи го мразат и презираат. Чудесно инспиративна средина за донесување живот на свет, зарем не? Но како да се заштити детето, ако не со бракот? После сè, не е ли тоа најважниот приговор? Каква бесрамност, какво лицемерие! Бракот го штити детето, а сепак илјадници деца се без основни средства за живот и без дом. Бракот го штити детето, а сепак сиропиталиштата и поправните домови се преполни, а Друштвото за превенција на насилство врз децата има полни раце работа и ги ослободува малите жртви од родителите кои ги „сакаат“, за да ги смести под уште поголема грижа полна со љубов, грижата на државата. Каква лакрдија! Бракот можеби има моќ „со сила да го доведе коњот на поило“, но дали некогаш успеал да го натера да пие? Законот ќе го затвори таткото и ќе му навлече затвореничка облека; но дали тоа некогаш го смирило гладот на детето? Ако родителот е невработен или ако го крие својот идентитет, што тогаш имаме од бракот? Тој го повикува законот да го изведе мажот пред „правдата“, да го смести на сигурно зад затворени врати; а исходот од неговата работа и онака не оди во корист на детето, туку на државата. Детето има само штетно сеќавање на таткото во пругасто одело. А што се однесува до заштитата на жената - тука се крие проклетството на бракот. Не станува збор за тоа дека тој навистина штити, туку и самата идеја е одбивна, таква навреда за животот, толку понижувачка за човековото достоинство, да биде вечна осудата на таа паразитска институција. Слична е на вториот татковски договор - капитализмот. Му го одзема на човекот вроденото право, го спречува неговиот развој, му го труе телото, го држи во незнаење, во сиромаштија и зависност, а потоа втемелува добротворни установи кои се богатат на последната трошка од човековата самопочит. Институцијата брак прави од жената паразит, целосна зависничка. Ја онеспособува за животната борба, ја поништува нејзината општествена свест, ја парализира нејзината фантазија, и потоа ја наметнува својата великодушна заштита, која во стварноста е јамка, карикатура на човековото значење. Ако мајчинството е највисокото исполнување на женската природа, каква друга заштита му е потребна освен љубов и слобода? Бракот го валка, сквернави, расипува нејзиното исполнување. Зарем не ѝ вели на жената - дури кога ќе ме следиш, можеш да родиш дете? Не ја осудува ли на страдање, не ја понижува и не ја посрамува ли, ако одбие да го купи своето право на мајчинство така што ќе се продаде себеси? Зарем бракот не го одобрува мајчинството дури и кога жената ќе се занесе во омраза, под присила? Но, кога мајчинството би било прашање на слободен избор, љубов, занес, исклучителна страст, зарем тоа не би ја ставило круната од трње на нејзината глава и би испишало со крвави букви страшен епитет, копиле? Кога бракот би ги содржел сите доблести кои тврди дека ги има, неговите злосторства против мајчинството засекогаш би го исклучиле од царството на љубовта. Слободна љубов? Божем љубовта може да биде поинаква освен слободна! Човекот може да купи памет, но ниту сите милиони на светот не успеале да купат љубов. Човекот го подјармил телото, но целата сила на земјата не би била способна да ја подјарми љубовта. Човекот освоил цели земји, но сите негови војски не можеле да освојат љубов. Човекот го оковал и ограничил духот, но бил сосема беспомошен пред љубовта. Високо на тронот, со целиот и сјај и помпа кои неговото злато може да ги заслужи, човекот е сепак сиромашен и сам, ако љубовта го заобиколи. А ако се задржи, и најсиромашната колиба зрачи со топлина, живот и боја. Така љубовта има магична моќ од кралот да направи просјак. Да, љубовта е слободна; таа во поинаква средина не може да живее. Во слободата таа себеси се дава без задршка, обилно, целосно. Сите пишани закони, сите судови на светот, не можат да ја искоренат од земјата, кога еднаш пуштила корен. Ако тлото е сепак неплодно, како бракот би можел да го натера да роди? Тој е како последна очајничка борба на животот против смртта. На љубовта не ѝ треба заштита. Таа се штити самата себе. Сè додека љубовта раѓа живот, нема напуштено, гладно дете или дете гладно за љубов. Кој ќе создава полицајци, затворски чувари, ако жените одбијат некритички да раѓаат деца? Родот, родот!, вреска кралот, претседателот, капиталистот, свештеникот. Родот треба да се зачува, па макар да се сведе жената на обична машина - а брачната институција е нашиот единствен сигурносен вентил од погубната полово освестена жена. Но, залудно тие диви напори да се одржи состојбата на присила. Залудни се и црковните прописи, лудите напади на владетелот, залудна е дури и раката на законот. Жената повеќе не сака да учествува во производството на расата болни, слаби, опаднати, презрени човечки суштества, кои немаат сила ниту морална храброст да го отфрлат синџирот на сиромаштијата и ропството. Наместо тоа, таа сака помалку деца кои ќе дадат повеќе, кои ќе се раѓаат и одгледуваат во љубов и според својот слободен избор; не поради присила, како што тоа бракот ѝ го наметнува. Нашите лажни моралисти допрва треба да развијат во себе длабоко чувство на одговорност кон детето, кое љубовта во слобода го разбуди во градите на жената. Попрво ќе се окаже од славата на мајчинството октолку да донесе на свет живот во опкружување кое дише единствено во пропаст и смрт. А ако стане мајка, таа на детето ќе му го даде она најдлабоко и најдобро во своето битие. Расти задно со детето, е нејзиното мото; таа знае дека само на тој начин може да помогне да се изгради вистински машки и женски род. Ибзен морал да има визија на слободна мајка кога, со мајсторски потег, ја портретирал госпоѓа Алвинг. Таа била идеална мајка бидејќи го надраснала бракот и сите негови стравотии, бидејќи ги раскинала своите окови и го ослободила својот дух да лебди додека не ја врати својата личност, обновена и силна. Но, тоа било предоцна за да ја спаси среќата на својот живот, Освалд, ама не и предоцна за да сфати дека љубовта во слобода е единствениот услов за убав живот. Оние, кои како госпоѓа Алвинг, платиле со сопствената крв и своите солзи за своето духовно будење, го одбиваат бракот како присила, површност, празна лакрдија. Тие знаат, било љубовта да трае еден краток миг или засекогаш, дека таа е единствената креативна, вдахновувачка, облагородувачка основа за новиот вид, за новиот свет. Во нашата сегашна бедна состојба, љубовта за многумина навистина е странец. Бидејќи не ја разбираат и бегаат од неа, ретко пушта корен; ако воопшто го пушти, наскоро свенува и губи сила; нејзиното истенчено ткиво не може да го издржи притисокот и напорот на секојдневието. Нејзината душа е премногу сложена за да се прилагоди на лизгавиот јаток на нашето општествено ткаење. Таа плаче, стенка и трпи заедно со оние на кои им треба, а сепак не се способни да го достигнат љубовниот врв. Еден ден, еден ден мажите и жените ќе се кренат, ќе го достигнат планинскиот врв, ќе си појдат во пресрет големи и силни, спремни да примаат, да соработуваат и да се сончаат на златните зраци на љубовта. Која фантазија, кое привидение, кој поетски дух може да ги предвиди дури и приближните потенцијали на таквата сила во животот на мажот и жената? Ако светот некогаш роди вистинско другарство и вистинска соединетост, тогаш тоа нема да го роди бракот, туку љубовта.