#title Исламот и евгениката #author Хаким Беј #SORTauthors Хаким Беј (Hakim Bey) #SORTtopics историја, глобализација, миграција, религија, ислам, езотерија #date 1997 #source [[http://hermetic.com/bey/islamandeugenics.html][hermetic.com]] #lang mk #pubdate 2016-10-08T12:12:29 #notes Наслов на оригиналот: "Islam and Eugenics". Превод: Фидан Безделник, 2004. „Натопи го својот молитвен килим со вино“ -Хафез Во персиската алхемија двата највисоки стадиуми на трансмутација се наречени црна светлина (nur-i-siyah) и зелено/златно. Некои едниот го ставаат пред другиот, други обратно, но обата можат да бидат сфатени како меѓусебни манифестации. Црната светлина е празнина што исто така е и тотална светлина, темната страна на бог, Хаос и Старата ноќ, Сонцето на полноќ, присутноста на отсуството како светлина. Зелено/Златно (боите на Пророкот и на филозофскиот камен, како „смарагдот“ во египетскиот херметизам) ја претставуваат другата половина на Хесиодовата прва теогонија, Ерос и Геа - желбата и зеленилото на живиот свет. „А трите ствари на овој свет се вредни размислување = вода, зелени ствари и убаво лице“ (хадит). Според суфизмот, Црната светлина е дамка на убавина (младеж или бенка) на лицето. Црно и убаво. Барјаците на револуционерниот и езотеричен ислам се црни и зелени - иако друга варијација е црна и црвена, како што таинствено вели Пророкот: „Дојдов по црното и црвеното“. Доволно чудно, црната и црвената се бои на божицата - потсетувајќи нѐ дека Византијците ги обвиниле муслиманите за обожување на „глава на Афродита“. Како и на анархосиндикализмот. Случајност, несомнено. **** Религија на мечот Хантингтоновиот/ЦИА модел на исламот како „судир на културите“, истакнува дека тој е еден вид болест којашто треба да се изолира и затвори. Неолибералниот модел на „глобален пазар“ го сфаќа „Ориентот“ како извор на суровини (како црното злато) и евтина работна сила којашто треба да се искористи. Суровините треба да се земат, а работната сила да остане каде што е. Очигледно дека муслиманската емиграција на „Север“ не се совпаѓа со ниту еден од овие модели. Ако исламот е „болест“, тогаш „бегалците“ се вирус, пробивајќи се преку границите како преку имунолошки системи. Но на тој начин и нарушувањата се неизбежни, следејќи ја „логиката на пазарот“. Стариот либерален одговор на проблемот на имиграцијата беше мигрантите да се претворат во Европејци или Американци, нивната различност да се претвори во униформност. Меѓутоа, новиот либерален одговор повеќе смета на отвореното потиснување - изолација во „зони на празнење“ - неверојатно зголемување на граничните патроли, имиграциска полиција, надгледување. Наместо лигавењето со неколку либерални, хуманитарни клишеа, во НВО стил, во врска со проблемот на бегалците (можеби треба на сите да им дадеме компјутери за да можат да се приклучат на WWW!), сметам дека е постимулативно да признаеме дека имиграцијата навистина е проблем; и дека исламот навистина претставува закана по „глобалната Култура“. Имиграцијата, според наметнатиот/задушен чекор на глобализацијата, врши неправеден притисок врз гостопримството на домаќините, коишто имаат сопствена локална криза на редукција и приватизација со којашто треба да се справат. Во меѓувреме мигрантот, дали примамен кон El Norte од сјајот на мекдизнификацијата, или едноставно во бег од економската и политичка руина дома (директно предизвикана од месождерскиот глобален капитал), ќе биде горчливо разочаран од „слободата“ на „слободниот“ свет. Сите сеќавања на органските заедници во нивната татковина, без оглед колку поткопани од сиромаштија и корупција, наскоро ќе изгледаат утописки во споредба со новата сиромаштија на Север, со неговиот расизам и отуѓување. На рудиментарно ниво, оваа носталгија ѝ дава заведувачки квалитет на реториката на фундаментализмот. Меѓутоа, вреди да се земе предвид дека исламот поседува далеку подлабока и пософистицирана критика на „модерниот свет“ од онаа предложена од „исламистите“. Всушност, повеќе од една критика. Да споменеме неколку (без да судиме и проценуваме): - милитантниот антиколонијалистички суфизам на Емир Абел Кадер, или Сануси редот од Либија - чудниот „анархосуфизам“ на Зелената книга на полк. Гадафи (Гадафи се побунил против суфи крал, но самиот бил одгледан како суфи) - шиитскиот социјализам на маченикот Али Шаријати - идејата за Махди или Спасителот како тоталитет - идеалот на социјална правда - забраната на банкарство (што, се разбира, го прави глобалниот капитал невозможен) - херојскиот Нагшбанду ред во Чеченија, спротивставувајќи му се на рускиот империјализам со векови - враќајќи се во времето, персиските и сириските Низариси или „Асасини“, кои оделе дотаму да го најават Денот на воскреснувањето и ослободат мрежа од замоци за каузата на езотерично просветлување - итн., итн. - или дури уште поназад во времето, самиот Пророк: професионален револуционер, герилски лидер, вратен од прогонство за да воспостави егалитарен иконокластички мистичен/милитантен режим во Мека... и така натаму. **** Зелена мисла во зелена сенка Кезр, Зелениот човек, Скриениот пророк, господарот на соновите на сите оние трагачи кои немаат потреба од друг господар. Пиел од водата на животот во Хипербореја и станал бесмртен. Им се појавува со вода на патниците загубени во пустина. Облечен е во зелено. Тој може да е непознатото лице на кој било собир. Според една верзија тој е дух на водата, како еден од „Духот кој верува“, и каде и да оди цвеќиња и тревки изникнуваат под неговите стапки. Треба да биде признаен за светец заштитник на суфи ековоините - треба да биде основан Ред во негово име, Кезрија; помилитантен од Greenpeace или Earth First!, но во одбрана на еколошкото земјоделство како и светата дивина. **** Мојата приказна Маварската Ортодоксна Црква е признаена подружница на Маварскиот Научен Храм кој беше формиран 1913 година во Њу Арк, Њу Џерси од Блажениот Тимоти Дру Али, црнец посвоен од Чироки племе, кој отпатува како циркуски маѓесник во Египет и беше инициран во големата Пирамида. Неговиот Circle Seven Koran е заснован на теософско христијанство и автентична народна традиција за исламот во Америка, пренесувана од уста на уста од времето на ропството. Маварската наука беше многу успешна, особено во Чикаго, каде што Блажениот Дру Али беше маченички убиен од полицијата во 1929. Блажениот Дру Али имаше расни теории, но беше антирасист. МНХ верува дека Келтите се „азијатска раса“ (што секако е вистинито во одредена смисла), и дека Персијците се муслимани кои исто така се Индоевропејци (што е вистина); оттаму МНХ издаваше пасоши на белци како Келти или Персијци. Ова поттикна основање на разни подгрупи, вклучувајќи ја (во 1964 г.) и Маварската Ортодоксна Црква. МОЦ во 60-те беше интеррасна, интерверска и заинтересирана за дрога. Хашишот беше прогласен за причест, а постоеше подружница на црквата во Милбрук, на милионерскиот имот на кој беа сместени Тим Лири, Шри Рам Ашрамот, Нео-Американската црква и други групи. Веруваме во „церемонијален ентеогенизам“. МОЦ некое време беше неактивна, но оживеја во 1986 на стогодишнината од раѓањето на Блажениот Дру Али. Црквата денес во голем дел е комуникациска мрежа на распространети пријатели и сојузници. Повремено излегува и Маварскиот научен преглед, а постои - се разбира - и [[http://www.geocities.ws/Heartland/Woods/4623/][веб сајт]], Маварската обсерваторија и слични сајтови. Едно мислење е дека различноста е добра - го дозволува практикувањето на толеранција, комуникација, присуство и размена на подароци. „Love, Truth, Peace, Freedom, & Justice“. **** Војна против различноста Меѓу жртвите на евгениката во Америка во 19-20 век, се и одреден број на групи со исламски предци. Архетипското објаснување на овие групи го истакнуваше „мелезењето“ на избеганите црнци робови со Индијанците, и на одметниците со белците крепосници (обично Ирци) - оттука нивниот назив „трорасни осаменици“. Некои од овие групи несомнено биле „засновани“ (барем делумно) од муслимански маруни (пребегани робови). Мелангенте потекнуваат од маварските „конвертадоси“, донесени на Флорида како робови од Шпанците и оставени таму. Маварите од Делавер, Турците од Луизијана и Бен Ишмаелското племе од Охајо, сите покажуваат исламски врски. Што се однесува до келтскиот дел од мешавината, тој не започнува со кромвелското ропство туку порано, според легендите и митовите на индијанските племиња од североисточниот брег. Ирските монаси и доселеници стигнале на Островот на Желката дури и пред Викинзите, и тоа многу помирољубиво (имајќи го „Св. Брендан“ како прототип). Африканците, исто така, без сомнение стигнале до оваа хемисфера пред Колумбо. Можноста за многу „мирољубиви трговски патувања“ пред военото пристигнување на европскиот империјализам, па дури и населбите како Винланд или „Велшките Индијанци“ (народна приказна со провокативни материјални докази) мораат да бидат земени предвид при следењето на непишната приказна на „трорасните осаменици“. Во 1970-те, под влијание на Американско-индијанското движење (AIM), овие групи го отфрлија евгенискиот архетип. Се етаблираа себеси како племиња, „нации“ со идентитет и историја. МОЦ ги признава овие групи како чисто американски, во смисла дека нивните култури ја обединуваат нашата вистинска „непишана историја“ и отфрлено наследство - нативно американско, африканско и „white trash“! - врз основа на трибализмот, расната толеранција и „емпириските слободи“. За нас е инспиративно да сметаме дека исламските идеали играат древна улога во ова наследство. **** Лалеманија Насекаде низ Источна Европа можат да се видат остатоци од Отоманите, најчесто како напуштени, затворени и разрушени амами, џамии, анови, итн. - запоставено наследство. Совршено е можно да се заборави „старото непријателство“ од „границата меѓу христијанството и ересот“ едноставно преку примена на естетски став за убавината на овие невидени руини - зошто би не вознемирувало тоа? Зошто да не погледнеш и уживаш? Но овој романтизам би можел да продолжи да ја применува целата форма на „добри нешта“ на Отоманскиот свет - во градини, лалиња, калиграфија, суфи оркестри, поетска префинетост, сладострасност, хашиш. На еден начин ова секако е само „ориентализам“ - но сепак, „Ориентот“ има сопствен романтизам. Што точно е „грешно“ во врска со нештата овде наведени? Правливите остатоци од Отоманскиот свет исто така предизвикуваат и одредени размисли за отоманската администрација. Османлиите биле едно племе што управувало со голема империја и трговска мрежа од Истанбул. (Всушност, кога ќе размислите, тоа била Римската империја). Последното нешто што го сакале било „вековната омраза“ да застане на патот на златните везанти. Според милетскиот систем, секое религиозно малцинство имало правна автономија (иако исламот ги задржал исклучителните права). Седиштето на византискиот патријарх и денес е во Истанбул. Отоманската империја ја интересирале даноци, не идеологија или „раса“. Младотурците се побуниле против Отоманите со цел да ја отстранат „древната омраза“ против Грците и Ерменците, долго заштитувана од империјата. Општо прифатено е дека Отоманите биле чудовишта - но како ли изгледаат после еден век на комунизам и деценија на глобален капитал? Иншалах, еден ден Сараево повторно ќе воскресне како уникатна специфичност во којашто европските муслимани и европските христијани (овде слободно зборувам за заедници, а не за верски професии) со заемна толеранција и синергија ќе создадат град-држава од голема вредност, со исламско наследство. Тоа ќе претставува можна инфузија, доток на енергија од минатото, коешто сега ќе биде „наше“ минато. Ова ќе значи многу повеќе од празна апологија за старите Отомани, калифи на исламот и изумители на фесот. **** Џихад „Ислам“ во Европа и Америка? Зошто да не? Зошто да не уживаме во него? Автономни енклави во Берлин, Париз, Лондон - поврзани преку анархофедерализам со други автономни зони, сквотови, социјални центри, екофарми и слободни рурални општини, како и други анти-Капитал ентитети и нехегемонистички поединци. Револуционерната различност против идолите на Молох и Мамон и културата на глобална униформност. Зошто да не го внесеме во „западната култура“ вирусот на критика на тиранијата на сликата - иконокластичен здив од пустината? Реакционерниот фундаментализам одамна се предал себеси како револуционерна сила. Зошто не нешто поинакво, можеби „духот на Сараево“ - или замоците на Асасините...