#pubdate 2013-05-21 22:12:15 +0000 #title Тајни друштва #author Хаким Беј #SORTauthors Хаким Беј (Hakim Bey) #SORTtopics организација, активизам, отпор, социологија #source Hakim Bey, *Immediatism*, AK Press, Edinburgh/San Francisco, 1994. #date 1992 #notes Наслов на оригиналот: "The Tong". Превод: Стефан Симоновски. #lang mk „Мандарините својата моќ ја влечат од законот; луѓето од тајните друштва“. (Кинеска поговорка) Минатата зима прочитав книга за кинеските тајни друштва (“Primitive Revolutionaries of China: A Study of Secret Societies in the Late Nineteenth Century”, Fei-Ling Davis; Honolulu, 1971-1977): - можеби, воопшто, првата напишана од некој кој „не бил“ агент на Британската тајна служба! - (всушност, таа била кинески социјалист и умрела млада - ова е единствената нејзина книга) - и за првпат сфатив „зошто“ отсекогаш ме привлекувале тајните друштва: не само заради романтицизмот, елегантниот декадентен кинески декор - туку и заради обликот, структурата, самата нивна суштина. Подоцна, во едно одлично интервју со Вилијам Бароуз во магазинот Homocore, открив дека и тој бил фасциниран од тајните друштва, воедно предлагајќи ги како совршен облик на организација за квир групи, особено во сегашното доба на говнарски морализам и хистерија. Јас се согласувам со тоа, но и ја проширувам препораката на „сите“ маргинални групи, особено оние чиешто уживање вклучува илегализам (дувачи, сексуални еретици, инсурекционисти) или екстремна ексцентричност (нудисти, пагани, поставангардни уметници, итн., итн.,). Тајното друштво веројатно може да биде дефинирано како друштво од заедничка корист за луѓе со заеднички интерес, којшто е илегален или многу маргинален - оттука, неопходната „тајност“. Многу кинески тајни друштва се врткале околу шверцување и избегнување данок, или прикриена контрола на одредни трговии (надвор од државната контрола), или востаничка политика или религиозни цели (соборување на Манџурците, на пример - неколку тајни друштва соработувале со анархистите во револуцијата од 1911 г.). Заедничка цел на тајните друштва била собирањето и инвестирањето членарини и влезни такси во осигурителни фондови за сиромашните, невработените, вдовиците и сираците на починатите членови, покривање на погребните трошоци, итн. Во време како нашето, кога сиромашните се заробени помеѓу двете зла на канцерогената Скила, во ликот на осигурителна индустрија, и Харибда, во ликот на рапидното исчезнување на социјалната помош и јавните здравствени услуги, оваа цел на Тајното друштво можеби може да ја врати својата привлечност. (Масонските ложи биле организирани на оваа основа, исто како и раните нелегални синдикати и „витешките редови“ на работниците и занаетчиите). Уште една универзална цел на овие друштва била секако веселбата, особено славите - но дури и ова очигледно простодушно минато може да има инсурекционистички импликации. Во разните француски револуции, на пример, ноќните клубови постојано ја преземале улогата на радикални организации тогаш кога биле забранувани сите јавни средби. Неодамна разговарав во врска со тајните друштва со „П.М.“, авторот на bolo’bolo. Јас тврдев дека тајните друштва повторно се валидна можност за групите коишто бараат автономија и индивидуално исполнување. Тој не се сложуваше, но не (како што очекував) заради „елитистичките“ конотации на тајноста. Тој сметаше дека таквите организациски облици најдобро функционираат за групи со голема кохезија и силни економски, етнички/регионални или религиски врски - услови коишто не постојат (или постојат само во зачеток) на денешната маргинална сцена. Тој, наместо тоа, предлагаше отворање повеќенаменски маалски центри, каде што трошоците би биле споделувани од разни групи со посебен интерес и мали претприемачки организации (занаетчии, кафулиња, галерии, итн). Таквите големи центри би изискувале официјален статус (признавање од страна на државата), но сигурно би станале привлечни за секаков вид на неофицијална активност - пазари на црно, привремени организации за „протести“ или инсурекционистички акции, неконтролирано „слободно време“ и ненадгледувана забава, итн. Како одговор на критиката на „П.М.“ јас не го напуштив мојот концепт за она како би можело да изгледа современото тајно друштво, туку наместо тоа го модифицирав. Длабоко хиерархиската структура на традиционалните тајни друштва очигледно не би функционирала, иако некои од формите би можеле да се зачуваат и употребат на ист начин на којшто ранговите и титулите се користат во нашите „слободни религии“ (или „чукнати“ религии, „заебантски“ религии, анархо-нео-пагански култови, итн.). Нехиерархиската организација нѐ привлекува, но исто така и ритуалите, амбиентот, прекрасната величественост на окултните редови - би можеле да ја наречете „Естетика на тајните друштва“ - тогаш зошто и ние не би го добиле нашето парче торта и изедеме? - (особено ако е марокански маџун или “baba au absinthe” - нешто малку „забрането“!). Покрај останатите нешта, тајното друштво би требало да е уметничко дело. Строгото традиционално правило на тајност исто така има потреба од модифицирање. Денес, сѐ што го избегнува вкочанетиот поглед на публицитетот веќе во „суштина“ е тајно. Повеќето современи луѓе се чини не успеваат да веруваат во стварноста на нешто што никогаш не го виделе на телевизија - оттаму, избегнувањето да се биде телевизиран веќе претставува квазиневидливост. Понатаму, она што е „видено“ преку посредство на медиумот на некој начин станува нереално и ја губи својата моќ (нема да се мачам да ја бранам оваа теза, туку едноставно ќе му посочам на читателот една низа на размисли којашто води од Ниче до Бенџамин до Батај до Бартез до Фуко до Бодријар). Спротивно на тоа, она што „не е видено“ веројатно ја задржува реалноста, своите корени во секојдневниот живот, и оттаму во можноста за чудесното. Оттука, современото тајно друштво не може да биде елитистичко - но нема разлог зошто не би било „пребирливо“. Многу неавторитарни организации се засновани врз сомнителниот принцип на отворено членство, што често доведува до превласт на шупаци, ѕверови, привезоци, цимолкави невротичари и полициски агенти. Доколку тајното друштво е организирано околу посебен интерес (особено нелегален или ризичен или маргинален интерес) тоа секако го има правото да се организира на принципот на „групи на афинитет“. Доколку тајноста значи (а) избегнување публицитет и (б) испитување на можните членови, „тајното друштво“ тешко може да биде обвинето за нарушување на анархистичките принципи. Всушност, таквите друштва имаат долга и истакната историја во антиавторитарното движење, од Прудоновиот сон за оживување на Светиот Вем (Holy Vehm/Vehmgericht) како еден вид на „Народна правда“, до Бакуњиновите разновидни проекти, до Дурутиевите „Талкачи“. Не смееме да дозволиме марксистичките историчари да нѐ убедат дека таквите средства се „примитивни“ и оттаму мораат да бидат напуштени од страна на „Историјата“. Апсолутноста на „Историјата“, во најдобар случај, е сомнителен предлог. Ние не сме заинтересирани за враќање кон примитивното, туку за враќање на примитивното, каде што примитивното е „угнетеното“. Во старите времиња, тајните друштва се појавувале во време и простор забранети од државата, т.е. онаму и кога луѓето биле раздвоени од законот. Денес, луѓето обично не се раздвоени од законот туку преку посредување и отуѓување. Оттаму, тајноста станува избегнување на посредувањето, додека уживањето преминува од секундарна во примарна цел на „тајното друштво“. Едноставното среќавање лице в лице веќе е активност против силите коишто нѐ угнетуваат преку изолирање, осаменост, трансот на медиумите. Во општество коешто наметнува шизоидна поделба помеѓу Работата и Слободното време, сите ние сме ја искусиле тривијалноста на нашето „слободно време“, време коешто е организирано ниту како работа ниту како слободно време. („Одморот“ некогаш значел „празно“ време - сега означува време коешто е организирано и исполнето од страна на индустријата на слободно време). „Тајната“ цел на уживањето во тајното друштво оттаму станува себеструктуирање и автовалоризација на слободното време. Повеќето забави се посветени само на гласна музика и многу пиење, не затоа што уживаме во нив туку затоа што Работната империја нѐ задоила со чувството дека празното време е изгубено време. Идејата за правење забава за, да речеме, да се сошие чаршав или заедно испеат мадригали, изгледа безнадежно старомодна. Но за современото тајно друштво ќе биде нужно и забавно повторно да го освои слободното време од светот на стоката и да го посвети на споделена креативност, на „игра“. Знам неколку друштва организирани според овие принципи, но сигурно нема да ја нарушам нивната тајност пишувајќи за нив. Постојат „одредени“ луѓе на кои не им се потребни петнаесет секунди во вечерниот дневник за да го потврдат нивното постоење. Се разбира, маргиналниот печат и радио (единствените медиуми каде што оваа проповед ќе се појави) веќе се практично невидливи - се разбира, сѐ уште прилично нејасни за вкочанетиот поглед на Контролата. Сепак, тука е нивниот принцип: тајните треба да се почитуваат. Секој не мора да знае сѐ! Она што најмногу му недостига на дваесеттиот век - и што воедно му е најпотребно - е „такт“. Сакаме демократската епистемологија да ја замениме со „дада епистемологија“ (Фаерабенд). Или си во автобусот или не си. Некои ова ќе го наречат елитистички став, но не е - барем не во значењето коешто Чарлс Рајт Милс му го дава на зборот: што значи, мала група којашто влијае на надворешните членови за сопствено возвишување. Имедијатизмот не се занимава со односите на моќ; - тој не посакува ниту да владее ниту да биде владеан. Оттаму, современото тајно друштво не гледа никакво задоволство во дегенерацијата на институциите во заговори. Сака моќ за да ги оствари сопствените цели на заемност. Тоа е слободна асоцијација на индивидуи кои се избрале меѓусебно како поданици на великодушноста на групата, на нејзината „отвореност“ (да употребиме суфи термин). Ако ова е некаков вид „елитизам“, тогаш нека му биде. Доколку имедијатизмот започне со групи на пријатели коишто не само што се обидуваат да ја надминат изолацијата, туку исто така и да ги издигнат сопствените животи, набрзо тој ќе изискува покомплексен облик: - нуклеуси од самоизбрани сојузници, работејќи (играјќи) на заземањето сѐ повеќе и повеќе време и простор надвор од сите посредувани структури и контрола. Потоа ќе настојува да стане хоризонтална мрежа од такви автономни групи - потоа, „тенденција“ - потоа, „движење“ - и потоа, кинетичка мрежа од „привремено автономни зони“. На крај ќе настојува да стане јадро на новото општество, раѓајќи се внатре гнилата лушпа на старото. Заради сите овие цели, тајното друштво ветува да обезбеди корисна рамка на заштитна тајност - невидлива наметка што ќе треба да се соблече само при некоја конечна битка со Посредувачкиот Вавилон... Подгответе се за војна на тајните друштва!