#title Лична револуционерна теорија #author Лери Ло #SORTauthors Лери Ло (Larry Law) #SORTtopics ситуационизам #date 1975 #source *Spectacular Times*, 1985 #lang mk #pubdate 2020-06-13T20:59:52 #notes Наслов на оригиналот: "Revolutionary Self-Theory". Првпат објавено како “Self-Theory: the pleasure of thinking for yourself”, by The Spectacle, USA 1975. Оваа верзија (ревидирана) е објавена во Spectacular Times, 1985. Превод: Димитар Самарџиев. На македонски првпат објавено во списанието за интеграции и различности Маргина #55/56, 2002. OCR: Аке. Обработка и поправки: Анархистичка библиотека, 2020. Ова книжуле е наменето за луѓето што не се задоволни од своите животи. Ако си задоволна/ен со својата сегашна положба, немаме никакви аргументи за тебе. Сепак, ако ти е преку глава од чекање да ти се промени животот... Преку глава од чекање автентична заедница, љубов, авантура... Преку глава од чекање да исчезнат парите и присилната работа... Преку глава од гледање како минуваат новите-минати времиња... Преку глава од чекање подобри времиња... Преку глава од чекање на состојбата во која можеш да си ги оствариш своите желби... Преку глава од чекање да им дојде крајот на сите авторитети, отуѓувања, идеологии и морализирања... ...тогаш ова што следува, веројатно може добро да ти послужи. *** 1 Една од големите тајни на нашето бедно, но сепак потенцијално чудесно време, е тоа дека размислувањето може да биде наслада. Ова е прирачник што ќе ти помогне да конструираш своја лична теорија. Создавањето на својата лична теорија е револуционерно задоволство, задоволство на конструирање своја лична теорија на револуцијата. Изградбата на својата лична теорија е деструктивно и конструктивно доживување, затоа што градиш теорија на практиката за деструктивна односно конструктивна преобразба на ова општество. Личната теорија е теорија на авантурата. Таа е еднакво еротична и духовита, колку што е и автентичната револуција. Отуѓувањето што се чувствува како резултат на туѓото размислување во твое име, и тоа од страна на разни идеологии на денешницата, може да води до потрага по соодветна негација на истата отуѓеност - размислувањето со своја глава. Тоа е насладата на создавањето на сопствен суд. Личната теорија е костур на критичната мисла што ја конструираш ти за своја лична употреба. Ти ја конструираш и се служиш со неа дури анализираш зошто е твојот живот таков каков што е, зошто светот е таков каков што е („размислувањето“ и „чувствувањето“ се нераздвоиви, оти мислата доаѓа од субјективното емотивно искуство). Ти ја градиш својата лична теорија додека ја развиваш теоријата на практиката - теоријата по која во животот ќе го постигнеш oна што го сакаш. Теоријата ќе биде практична - теорија на практиката - или нема да биде... односно ќе претставува аквариум на идеи, мисловна интерпретација на светот. Подрачјето на идеалите е вечна чекалница на неостварените желби. Оние што ја претпоставуваат (обично несвесно) неостварливоста на реализацијата на нивните животни желби, се одрекуваат од борбата за својот живот и обично завршуваат борејќи се за идеал или цел (илузија на активност), наместо за живот. Тие што знаат дека таквиот начин на размислување е прифаќање на отуѓувањето, ќе знаат дека сите идеали и цели се идеологии. *** 2 Кога системот на идеи е структуриран во центарот - доделувајќи ти улоги или должности за доброто на системот - тогаш тој систем на идеи се вика идеологија. Идеологијата е систем на лажната свест, во кој веќе не функционираш како субјект во однос на светот. Разни форми на идеологии се структуирани околу различни апстракции, меѓутоа сите тие им служат на интересите на доминантната (или потенцијално доминантната) класа, давајќи ти чувство на корисност при твоето жртвување, страдање и потчинетост. Религиозната идеологија е најстариот пример. Фантастичната проекција што се вика „Бог“ е супериорно суштество во вселената, кое се однесува спрема сите човечки суштества како спрема свои поданици. Во „научните" и „демократските" идеологии на буржоаското претприемништво, вложувањето капитал е „продуктивен" субјект што управува со светската историја - „невидливата рака“ што го води човечкиот „развој“. Буржоазијата морала да ја нападне и ослаби моќта што ја имала религиозната идеологија. Таа ја разоткрила мистификацијата на религиозниот свет, преку своите технички истражувања, ширејќи го подрачјето на стоките и методите од кои може да извлече или веќе извлекла профит. Разни гранки на ленинизмот се „револуционерни" идеологии, во кои Партијата е единствениот исправен субјект што го диктира текот на настаните, водејќи ги своите објекти - пролетеријатот - кон целта, смената на буржоаскиот апарат со ленинистичкиот. Секојдневно може да се видат разни други форми на доминантни идеологии. Развојот на новите религио-мистицизми и служи на доминантната структура на општествени односи. Тие нудат згодна форма, во која празнотијата на секојдневниот живот може да се прикрие и слично како дрогите, и мистицизмите го прават животот заедно со празнотијата поднослив. Волунтаризмот (оската на тркалото) и детерминизмот (сè ќе биде во ред) не дозволуваат да го препознаеме своето вистинско место во функционирањето на светот. Кај авангардата, битна e свежината. Кај сурвивализмот, субјективноста е заменета од стравот преку привикување на сликата на неизбежната катастрофа. Додека ги прифаќаме идеологиите, ја прифаќаме инверзијата на субјектот и објектот, предметите добиваат сила и волја на личност, а личноста станува предмет. Идеологијата е испревртена теорија. Ние и понатаму ја прифаќаме поделбата меѓу кусогледата реалност на нашето секојдневие, и целокупната слика на светот што ни е надвор од досегот. Идеологијата ни нуди само воајерски однос со целокупната слика. Во таа поделба, и во прифаќањето на жртвата како цел, секоја идеологија служи за заштита на доминантниот општествен ред. Власта, чија моќ зависи од поделбата, мора да ни го порекнува нашиот субјективитет, со цел да преживее. Таквото порекнување доаѓа во облик на побарувачка на жртви за „општо добро“, „национални интереси", „воени усилби“, „револуција"... *** З Се ослободуваме од идеолошкото заслепување, така што константно се преиспитуваме... Како се чувствувам?
Дали уживам?
Каков е мојот живот?
Дали го правам она што го сакам?
Зошто не?
Што ме спречува да го имам она што го сакам? Да се поставуваат тие прашања значи да се има свест за секојдневието, да се биде свесен за својата секојдневна рутина. Тој секојдневен живот - вистински живот - постои, и тоа е јавна тајна што секој ден е сè помалку тајна. Сиромашноста на секојдневното постоење е се поочигледна. *** 4 Конструирањето на личната теорија се базира на размислувањето со своја глава, на свеста за своите желби и нивните вредности. Тоа конструирање е изградба на радикалниот субјективитет. Автентичното „растење на свеста“ може да биде само „раст“ на моќта за расудување до „нивото" на позитивна самосвест, развивајќи ја својата основна субјективност ослободена од идеологиите и наметнатиот морал, во сите нивни форми. Суштината на она што многу левичари, антирасисти и слични -исти, го нарекуваат „раст на свеста" е миење на мозокот со нивните идеологии. Патот од идеологијата (себе-негацијата) до радикалната субјективност води низ точката Нула, главниот град на нихилизмот. Тоа е една збришана точка што мирува во социјалното време и простор... општествен лимб, во кој човекот знае дека сегашноста е лишена од живот, дека нема живот во секојдневието на човечкото постоење. Нихилистот ја знае разликата меѓу живеењето и преживувањето. Таа/тој поминува низ превртувањето на перспективата во однос на својот живот и на светот. За него/неа ништо не е вистина, освен нивните желби, нивната волја да постојат. Тие ги одбиваат сите идеологии при својата омраза кон бедните социјални односи во модерното, глобално прифатеното, капиталистичко општество. Од таа испревртена перспектива, нихилистите ги гледаат работите со нова бистрина, потребна да се утврди инверзијата на субјектот и објектот, апстрактното и конкретното. Станува збор за театралниот пејзаж на фетишизираните удобности, на менталните проекции, на идеологиите: уметност, Бог, етика, урбанизам, радио и ТВ, глумци што зборуваат дека те сакаат и детергенти што ги штитат дланките. Терминологијата на секојдневниот разговор нуди седативи како: „Ти можеш секогаш да го добиеш она што го посакуваш", „Животот се состои од искачувања и падови“ и други светски догми, во кои големата риба ги јаде малите. „Здравиот разум“ е само глупост на општата отуѓеност. На луѓето, секојдневно им се негира исконскиот живот и им се продава неговиот сурогат. Нихилистот постојано ја чувствува потребата да го уништи системот што го уништува него/неа. Таа/тој не може да продолжи да живее на таков начин, нејзиниот/неговиот ум гори. Тие многу скоро сфаќаат дека мораат да осмислат конкретни тактики што ќе имаат практичен ефект на светот. Но, ако нихилистот не знае за историската можност за преобразба на светот, неговиот/нејзиниот субјективен бес ќе се конкретизира во улога на хулиган, нео-дадаист, ментално болен, и може да резултира со самоубиство или смрт воопшто. Грешката на нихилистите е тоа што не сфаќаат дека постојат и други луѓе што се исто така нихилисти. Како последица на тоа претпоставуваат дека обичната комуникација и учеството во проектите за себе-остварување (во животот) е невозможно. *** 5 Да се има „политичка" ориентација спрема својот живот, значи тој да се менува, менувајќи му ја природата, преку преобразбата на светот. Таа преобразба бара колективен напор и усилба. Проектот за колективно себе-остварување може да се нарече политика, но сепак, тоа не е пригоден наслов зашто „политиката" стана мистифицирана, одвоена категорија на човековата активност. Меѓу сите останати, наметнати, социјални поделби на човековата активност, „политиката" станала само уште еден интерес. Таа дури има и свои специјалисти - без разлика дали се тоа политичари или политиканти. Не е можно да (не) се биде заинтересиран за фудбал, собирање маркички, денс музика или мода. Тоа што денес луѓето го гледаат како „политика“ е општествен фалсификат на проектот за остварување на човекот - и тоа им одговара на оние кои се на власт. Колективната реализација (остварување) на човекот е револуционерен проект. Тоа е колективен напад на природата на социјалните односи и нивна преобразба во склад со свесните желби. Менувањето на својот живот е добра терапија, менувајќи ја природата на општествените односи си се лекуваме самите. Ако сакаме да постигнеме некаков ефект, терапијата мора да биде социјална. Таа социјална терапија (лекувањето на општеството) и индивидуалната терапија (лекувањето на единката) се меѓусебно директно поврзани, и едната ја условува другата. Секоја е неопходен дел на таа другата. На пример, во ова необично општество од нас се очекува да си ги потиснеме чувствата и да ја одиграме својата ролја. Тоа се вика „одигрување на својата улога во општеството“ (колку прекрасна фраза!). Индивидуалците си ставаат оклоп направен од „карактер“. Челичниот костум, во кој ги играме своите улоги е директно поврзан со крајот на играњето на таа иста улога. Кога еднаш ќе го соблечеме оклопот, можеме да почнеме со деконструкцијата на улогата. *** 6 Да се размислува субјективно, значи да се користи својот живот - каков што е токму сега, и каков што сакаш да биде - како центар на своите размислувања. Тој позитивен егоцентризам се постигнува со помош на постојаните напади на сите лажни и неважни прашања, на лажните конфликти, на лажните проблеми и на лажните идентитети. Постојано ги оддалечуваат луѓето од анализата на целокупното секојдневие со тоа што ги прашуваат за мислење околу секоја подробност. Сите тие спектакуларни дребности, лажни контроверзности и лажни скандали се орудија за одвлекување на вниманието. Дали си за или против синдикатот, проектилите, личните карти... Какво мислење имаш за лесните дроги, џогирањето, НЛО-ата, даноците? Тоа се лажни прашања. Единствено важно прашање е: Како живеам? Една стара еврејска поговорка вели: „Ако имаш само две алтернативи, одбери ја третата." Таа го нуди начинот на кој што се добива субјект за потрага по нова перспектива за разгледување на проблемот. Можеме да ги измамиме и двете страни на лажниот судир, едноставно одбирајќи ја „третата страна“ - разгледувајќи ја ситуацијата од перспективата на радикалниот субјективизам. Да бидеш свесен/на за третата страна, значи да одбиеш да одбираш меѓу два наводно спротивставени, но всушност исти поларитети, кои се обидуваат да се дефинираат како решени ситуации. Таквата свесност, во својата наједноставна форма е изразена од страна на работникот кој е обвинет за вооружен грабеж, кој на прашањето: „Како ќе се изјасните, виновен или невин?“, одговара со: „Јас сум невработен". Повеќе теоретска, но еднакво класична илустрација е одбивањето на каква било суштествена разлика меѓу владејачката капиталистичка класа на „западот" и владејачката класа во земјите каде што сѐ уште опстојува „социјализмот". Сè што треба да направиме е да ги погледнеме основните општествени односи во производството на САД и Кина, за да увидиме дека всушност се исти. Секаде големото мнозинство работи за плата, заради која се одрекуваат од контролата над средствата за производство и производите на трудот (што им се продаваат во вид на потрошувачка стока). Што се однесува до „западот", вишокот на вредности е сопственост на капиталистите, кои ја поддржуваат претставата за конкуренцијата. Во земјите на „социјализмот" вишокот на вредности е сопственост на бирократијата, која не дозволува конкуренција во својата земја, но ја охрабрува меѓународната конкуренција. Е, голема разлика! Пример за лажен проблем е она глупаво разговорно прашање, „Која е твојата животна филозофија?“. Тоа го содржи апстрактниот концепт на „животот" што (иако тој збор постојано се појавува во разговорите) нема никаква врска со вистинскиот живот, оти го игнорира фактот дека „живот“ е она што го правиме токму сега. Во отсуство на вистинска и искрена заедница, луѓето се определуваат за разни видови лажни општествени идентитети кои одговараат на нивните индивидуални улоги во животот, при што луѓето конзумираат слики од животот, наместо истите да ги одживеат. Тие општествени улоги можат да бидат етнички (Италијанец), расни (црнец), организациски (синдикалец), сексуални (хомосексуалец), културни (навивач), итн. Битно е дека сите тие имаат потпирна точка во општата желба за афирмација и за припадност. Очигледно е дека да се биде „црнец“ е многу пореална идентификација, отколку таа со идентитетот на „навивач", но ако ѕирнеме зад одредена точка, малку подлабоко, тие идентитети служат исклучиво за да ја замаскираат нашата вистинска положба во општеството. И понатаму единствено важно прашање е: „Како живеам?“. Конкретно, тоа значи да се разберат причините за природата на односот единка - општество. За да го постигне тоа, човекот треба да ги отфрли сите лажни идентитети, и да почне од себе како центар. Оттаму можеме да ја проучуваме материјалната основа на животот, ослободена од сите мистификации. На пример да претпоставиме дека јас сакам чаша кафе од автоматот на работа. Прво, чашата кафе сама по себе ги вклучува работниците на плантажите за кафе и шеќер, работниците во фабриките и мелниците, итн. Потоа тука влегуваат и сите оние работници кои ги изградиле сите тие различни машини, оние кои ја ископале железната руда и бокситот, кои го излеале челикот, ја исцрпиле нафтата, транспортните работници, службениците, низата е бескрајна. Преку една обична чаша кафе, доаѓам во директна врска со неколку милиони луѓе, всушност со мнозинството од светското население. Тие го произведуваат мојот живот и јас помагам во производството на нивните животи. Во тој свет сите групни идентитети стануваат неважни. Замисли си го потенцијалното збогатување на животот на личноста, која токму сега е затворена во фрустрираната креативност на тие милиони работници кои се задржувани со исцрпувачките методи на производството, удавени со отуѓувањето и впрегнати во лудачката трка за акумулирање капитал. Вистински општествен идентитет имаат луѓето низ светот кои се борат за повторно да можат да си ги живеат своите животи. Од нас постојано се бара да одбираме меѓу две страни кои се во лажен судир. Владите, хуманитарните организации и пропагандистите од сите сорти сакаат да ни нудат „слобода на избор" меѓу две работи кои не претставуваат никаков избор, туку две зла од кои сме принудени да го прифатиме едното (нпр. некоја агенција за развој на нуклеарна енергија ја презентирала својата програма со слоганот: „Нуклеарно време или камено време“. Тие од нас сакаат да веруваме дека тоа се единствените алтернативи. Ни нудат илузија дека можеме да одбираме, но сè дури тие го контролираат изборот на понудените алтернативи, го контролираат и резултатот од истиот избор.) Новите моралисти им порачуваат на луѓето од „богатиот запад“ дека ќе мораат да ги „поднесат жртвите", затоа што ги „искористуваат гладните деца од третиот свет“. Изборот кој ни е понуден е алтруизам или себичност. Да, со живеењето на „богатиот запад" навистина се искористува третиот свет, но не лично, не намерно. Можеме да внесеме некакви промени во нашите животи, да бојкотираме, да се жртвуваме, но ефектите од тоа се маргинални. Стануваме свесни за лажниот судир што ни се сервира во мигот кога ќе сфатиме дека под овој глобален општествен систем, ние како единки сме затворени во нашите глобални улоги на „експлоататори“ или во улогите на „експлоатираните". Ние си имаме улоги во општеството, но и многу мала или никаква моќ да преземеме нешто во врска со тоа. Ние го одбиваме лажниот избор меѓу „жртвувањето“ и „себичноста", повикувајќи се на деструкцијата на глобалниот општествен систем чиешто постоење ја наметнува таа одлука. Оние кои имаат корист од одржувањето на сегашната состојба, постојано нè влечат назад, со помош на нивните лажни избори. Лажни избори се сите избори кои не се закана за нивната моќ. Со митовите каков што е „Ако поделиме сѐ нема да има доволно за сите“, тие се обидуваат да го порекнат постоењето на која било друга можност и се обидуваат да го сокријат фактот дека материјалните предуслови за општествена револуција веќе постојат. *** 7 На патот кон личната демистификација мора да се избегнат две стапици - апсолутизмот и цинизмот. Две идентични стапици кои се камуфлираат во принципот на субјективизмот. Апсолутизмот е целосно прифаќање или одбивање на сите компоненти на одредени идеологии. Апсолутистот не гледа друг избор освен целосно прифаќање или целосно одбивање... Тој/таа скита меѓу полиците на идеолошкото самопослужување, барајќи ја таа идеологија што идеално ѝ/му одговара. Кога ќе ја најде ја купува и со цело срце ја прифаќа. Меѓутоа, токму како и во вистинската самопослуга, така и во идеолошката, стоката никогаш не одговара во целост. Попродуктивно е да се движиме меѓу полиците да ги отвараме пакетите и да си го земаме само тоа што ни се чини дека е во ред, отфрлајќи го останатото. Цинизмот е реакција на светот, во кој доминираат идеологиите и моралот. Соочен/а со спротивставени идеологии, циникот вика: „Е, преку ...!“. И циникот е конзумент, како и апсолутистот, само што е разочаран, тој/таа веќе нема надеж дека некогаш ќе си најде идеологија што му/ѝ одговара. *** 8 Процесот на дијалектичко размислување е конструктивно размислување, процес на продолжително синтетизирање на костурот на својата лична теорија со нови забелешки и приспособувања; решение за контрадикциите меѓу минатиот костур на теоријата и новите теориски елементи. Резултирачката синтеза е квантитативен збир на старата и новата теорија, нова слика на светот што ја надополнува и надоместува старата. Овој синтетичко/дијалектички метод за конструирање на теоријата е спротивност на сите други методи, зашто само ги собира делчињата од разни други пакети на мислења, без никогаш да ги соочи резултирачките контрадикции. Современите примери ги вклучуваат слободарскиот капитализам, христијанскиот марксизам, либерализмот воопшто. Ако сме постојано свесни како сакаме да живееме, можеме критички да присвоиме што било и да го вградиме во конструкцијата на нашата лична теорија. Разни идеологии, културни критики, технократски експертизи, социолошки студии, тајни, баш сѐ може да се искористи како материјал од страна на оние кои сакаат тоа да го направат. *** 9 Природата на современото општество, неговото глобално и капиталистичко единство, ни укажува на тоа колку е неопходно да се создаде своја лична теорија - сеопфатна критика. Под ова се подразбира критика упатена кон сите подрачја каде што постојат разни форми на социо-економска доминација (‘западниот’ капитализам и државниот капитализам на ‘социјализмот’). Поинаку кажано, критика на секојдневието од аспект на личните желби. Против тој проект се сите политичари и бирократи, проповедници и гуруа, урбанисти и полицајци, реформатори и милитанти, централни комитети и цензори, шефови на корпорации и водачи на синдикати, машки и женски шовинисти, психо-социолози и капиталисти... Сите тие работат на тоа да ги потчинат индивидуалните желби за „општото добро“, кое всушност им служи само ним. Тие се силата на стариот свет. Сите шефови, проповедници и лигуши имаат што да изгубат кога луѓето ќе ја прошират играта на живеењето од присвојувањето на своите ликови, на присвојувањето на своите животи. Револуционерната теорија и револуционерната идеологија се непријатели, тоа и на двете им е познато. *** 10 До сега би требало да биде очигледно дека демистификацијата и конструирањето на личната теорија не го брише нашето отуѓување: „светот“ (капиталот и спектаклот) продолжува репродуцирајќи се секојдневно. Иако ова книжуле се сосредоточува на конструирање на лична теорија, никогаш не сакавме да се добие впечаток дека револуционерната теорија може да опстои одвоена од револуционерната практика. Напротив. За да биде последична и ефектно да го реконструира светот, практиката мора да ја побара својата теорија и теоријата мора да биде реализирана во практика. Револуционерниот проект за борба против отуѓувањето и за трансформација на социјалните односи има потреба од теорија која не смее да биде ништо друго освен теорија на практиката, објаснување на она што го живееме. Инаку, теоријата ќе дегенерира во импотентна интерпретација на светот и на крајот, во идеологија на преживувањето, проектирајќи ментална замагленост, сатирично тело на конкретната мисла, интелектуален оклоп што се однесува како пречка меѓу личноста и секојдневието. Ако револуционерната практика не е пракса на револуционерната теорија, таа дегенерира во алтруистички милитаризам, а револуционерните стануваат општествени должности. Ние не тежнееме кон кохерентна теорија, чисто како кон цел. За нас, практичната употреба на вредноста на кохерентноста е во тоа што постоењето на кохерентна лична теорија го олеснува размислувањето. На пример, полесно е да го предвидите идниот развој на општествената контрола, ако кохерентно ја разбирате идеологијата и технологијата на современата општествена контрола. Постоењето на кохерентна теорија го поедноставува сфаќањето на теориската практика за реализирање на личните желби во однос на животот. *** 11 Последните идеологии кои треба одлучно да се потиснат при создавањето на личната теорија, се оние кои најмногу наликуваат на револуцинерната теорија. Овие финални мистификации се: а) ситуационизмот и б) каунсилизмот (council - совет) Ситуационистичката интернационала (1958-1971) беше интернационална револуционерна организација која неизмерно придонесе за развојот на револуционерната теорија. Ситуационистичката теорија е костур на критичката теорија, и ништо повеќе. Сето останато е идеолошки неточна интерпретација позната како ситуационизам. За оние кои ја откриле неодамна, може на некој начин да им заличи како одговор на сите прашања, на загатката на изгубениот живот. Но, токму тогаш новата острина и желбата за живот стануваат неопходни. Ситуационизмот може да биде комплетна идеологија на преживувањето, одбранбен механизам против суровото секојдневие, но за жал ништо повеќе од тоа. Каунсилизмот или „работничката контрола", „синдикализмот“ го нуди „самоуправувањето" како замена за капиталистичкиот систем на производство. Вистинското самоуправување е директно управување (не диригирано од страна на какво било раководство) со општественото производство, дистрибуцијата и комуникациите, и тоа од страна на работниците и нивните заедници. Движењето за самоуправување, постојано се појавува секаде низ светот, во разни општествени револуции. Русија 1905 и 1917-21, Шпанија 1936-37, Унгарија 1956, Алжир 1960, Чиле 1972, Португалија 1975. Формата на организирање што најчесто се употребува при создавањето на самоуправувањето се работничките совети. Суверените совети на работниците одбираат мандатори кои се отповикливи и не се претставници туку пренесувачи на веќе донесените одлуки. Тоа е историската пракса и теорија на самоуправувањето, претворена во идеологија. Следува дека, кога критиката на општествената слика на светот почнува од критиката на работничкиот труд, завршува како нецелосна критика. Не се бара самоуправување за постојана и квалитативна преобразба на светот, туку статично, квантитативно „самоуправување“ со светот каков што е. Економијата пак останува изолирано подрачје кое е отсечено од остатокот на секојдневието, со кое доминира. Од друга страна, движењето за воопштено самоуправување бара преобразба на сите сектори на општествениот живот и сите општествени односи. За каунсилизмот (советството), единствено важно прашање е самоуправувачката економија. Тој буквално ја утнува целата работа, зашто му недостига суштината. А тоа е субјективитетот и желбата да се промени целиот свет. Проблемот кај работничката контрола е во тоа што го контролира трудот. Светот може да се постави на здрави темели единствено со свесното заедничко дејствување на оние кои ја создаваат теоријата според која светот е на лош пат. Спонтаното бунтовништво и бунтовничкиот субјективитет не се доволни. Исконската револуција може да се оствари само со едно практично движење, во кое сите мистификации на минатото се свесно отстранети.