#title Спомени #author Михаил Герџиков #LISTtitle Спомени #SORTauthors Михаил Герџиков #SORTtopics македонија, историја, национално ослободување, мемоари #date 1928 #source „Спомени“, Култура, Скопје 1995. ур. Иван Катарџиев. #lang mk #pubdate 2014-12-26T14:44:18 #notes Првпат објавени во Материяли за историята на македонското освободително движение, книга IX, под наслов Въ Македония и Одринско ― Спомени на Михаилъ Герджиковъ. II. Първиятъ комитетъ на ВМРО ― Спомени на д-ръ Христо Татарчевъ, составил Љубомир Милетич, „Македонскиятъ Наученъ Институтъ”, Софија 1928. Спомени на Михаил Герџиков за неговата дејност во Одринско се напишани 1925 год. во Цариград. Објавени се во Приноси към историята на въстаническото движение в Одринско (1895–1903), кн. III, Револуционното движение в Малкотрновския район. Составил Иван Орманджиев, Софија 1933, стр. 140-151. OCR: Анархистичка библиотека. ** Спомени *** I Биографски податоци. - Герџиков станува учител во Македонија: принуден да го напушти учителствувањето стапува во четата на Чернопеев. - Герџиков станува комитски војвода. - Неслоги меѓу четите. - Г. во Бугарија. - Вратен во Македонија Г. попусто бара да се добере до парични средства за В.О. - Борба со турска потера. 30 март 1910 год. Роден сум на 26 јануари 1877 год. во Пловдив. Татко ми, Иван Павел Герџиков, е од Коприштица, а мајка ми, Магдалена Илич, од Батак. По ослободувањето на Бугарија, татко ми беше претседател на Врховниот суд во Пловдив, а по обединувањето беше директор на банка. Тој има завршено болградска гимназија. Јас своето основно образование го добив во Пловдив. Уште од трето одделение поминав во францускиот пансион во Пловдив, и таму учев до IV клас, а потем - во бугарската гимназија во Пловдив и Сливен. Во 1897 год. учев VII клас во пловдивската гимназија, но не го довршив. Есента истата година заминав за Швајцарија, и се запишав да студирам право на Лозанскиот универзитет, само првото полугодие, а потем уште три полугодија во Женева. Во Софија во 1899 год. се вратив од Швајцарија, и таму бев два месеца. Оттука есента заминав во Македонија, за учител во битолската гимназија. Таму беа наставници Дамјан Груев, Васил Пасков, Петар Мартулов. До крајот на учебната година останав во Битола. Во време на распустот дојдов во Софија. Во тоа време се случи аферата со поп Ставрета, кој рекол дека моралните убијци сме Груев и јас. Дамета го уапсија, а јас бев тука. Во септември 1900 год. бев назначен за учител во Струмица, но владиката Гервасиј не сакаше да ме прими, затоа што на крајот од учебна година од Егзархијата бев исклучен како учител. Организацијата ме предлагаше за учител, Егзархијата му достави список на владиката, за да се откачи од мене, а Гервасиј не се согласи, очевидно затоа што узнал оти сум член на Организацијата. Заминав во Солун, и го заменив како секретар на Централниот комитет еден член, не се сеќавам кој. Во Ц.К. беа д-р Хр. Татарчев, Хр. Матов и Пере П.Тошев. Во Солун не се задржав многу, едвај едно месец дена затоа што се досетија дека сум Герџиков, а уште во Битола се наречував Луканов. Избегав. Во крајот на октомври 1900 г отидов во кукушката чета. Војводата на четата Чернопеев беше дојден во Солун, кај што се криев јас, да се лекува од раната. Го лекуваше д-р Татарчев, па заедно со Чернопеев заминавме во неговата чета. Во с. Грамадна (еден час до Кукуш) се ставивме со четата, беа 7-9 мина. Со четата одев до месец март 1901 год. Чернопеев ја водеше организационата дејност, а мене ми ја оставија агитационата. Вториот месец се разделивме со Чернопеев, ја разделивме четата на две - по четири мина Јас ја зедов полската чета, а тој горската Троа се бев подизвежбал и за организационата работа. Петар Јуруков, род. од Карлово, со петокласно образование, беше со мене; вториот комита беше Гоце Китин од Кукуш, - тој беше нашиот чичероне, а третиот се викаше Тодор Сермелинчето - од с. Сермелин, гевгелиска кааза. Тој беше завршил петти или шести клас во солунската гимназија. После стана реонски началник во Гевгелиско. Кон март 1901 г. добив писмо од Ц.К. да земам еден другар од четата, и да заминам за Прилепско, како реонски началник. Писмото ми го донесе Туше Делииванов: тој беше околиски инспектор. Со себеси го зедов Јурукова. Пред тоа се сретнав со Чернопеев, за да му ги предадам работите. Тој ме допрати до с. Бојалци. Тука добив второ известување од ЦК, дека во гевгелиската чета дошло до неслога, дека Иванчо Карасулијата разбојникувал, та требало да се одбијам од патот накај селата Конско и Сермелин (во гевгелиската кааза, во падините на планината Кожув). Таму, во Конско, беа двете чети - на Карасулијата и реонската чета, што беше под водство на Антон Ќосето. Во неговата чета имаше писмени момчиња, како Никола Дечев, другар на Јуруков, и други од металското училиште, што беа организирани од Гоце Делчев. Задача ми беше да ги помирам. Антон Ќосето имаше ајдучки застранувања, па пописмените момчиња, како Никола Дечев, не можеа да го поднесуваат. Од Гевгелиско преку Тиквешко и Мариовско требаше да заминам за Прилепско. Одејќи за Конско, го преминавме Вардар и стасавме во Гевгелиското село Муин, што беше гркоманско. Аргир Манасиев, гевгелиски околиски раководител и учител во Гевгелија, не беше упатил во тоа село, да се обидеме да го организираме, во што и успеавме. Четата влезе внатре и нѐ прифатија. Се задржавме два дена. Учителот беше Грк, попот - исто така Грк. Тие присуствуваа на собирите, и тие се согласија така што во Организацијата влезе и учителот Манасиев. Тука имаше само две доверливи лица. Во тоа време Чернопеев имаше борба, - првата борба кај с. Бојалци, што ги штрекна Турците, и тие испратија потери. Поради тоа патот ни беше препречен од турски потери. Туку сепак стасавме во Конско. Тука се сретнав со двете чети, првин со едната, а потем и со другата Отпрвин чинев дека ќе се постигне спогодба меѓу другарите од гевгелиската чета, откако ги зедов со себеси некои од побујните. Исто така си мислев дека и Карасулијата ќе се заполти, ќе се согласи да работи. Пред да пристигнам јас, имало селани, дошле кај Карасулијата што ги убедувал дека со Турците треба да се расправаме како можеме, да ги убиваме кај можеме. Еден алваџија, Арнаутин, стасал во селото, и селаните според поуката од Карасулијата, го убиваат, го отепуваат и магарето, ги затрупуваат труповите, ја земаат алвата и така. Брат му на алваџијата доаѓа во Конско, да го бара брата си, и тука се открива убиството, ги наоѓаат труповите. Уапсија некои од убијците селани и се крева цела афера Јас пристигнав, а по три дни почнуваат претреси во врска со таа афера, што се проширува од Конско во Сермелин и сл. Иванчо Карасулијата се најде на тесно, бидејќи населението го обвинуваше него, а и околиската чета го обвинуваше, дека тој проповеда така - да се постапува на разбојнички начин, а пак тој ги обвинуваше нив, оти тие не знаеле како се работи, дека тој 15 години дејствувал така, и ништо не му станало. Се уверив дека не може да се стори ништо за помирување, па решив да ги кандардисам и Ќосето и Карасулијата да отидат во Бугарија. Се криевме околу еден месец - повеќе на Кожув Планина, каде по врвовите имаше пештери, снегот не беше уште кренат - (во месец март.). Тие се согласија заедно со своите комити да дојдат во Софија (дотогаш не доаѓале во Бугарија) - Карасулијата со десетина мина, Ќосето со 12 мина, и така под мое раководство бевме околу 25-26 мина. По пат, кај с. Родна (Тиквешко) се сретнавме со Крсто Б’лгаријата, што се беше скарал со својата чета, па и него го прибравме. Јас им влевав надеж дека во Софија Организацијата ќе им даде добро оружје (само еден имаше пушка манлихерка), добри облеки и др., и дека потем ќе се вратиме да дејствуваме. Употребив итрина, за да ја ослободам околијата од овој човек, Карасулијата, кој имаше разбојнички инстинкти, а со сила со него ништо не можеше да се стори. Кога поминавме преку Струмичко, каде аферата беше засегнала некои учители, што биле од Гевгелиско, нам ни се приклучија двајца учители (Бардаров и уште еден). И тие заедно со нас тргнаа за Бугарија. Јас му јавив на ЦК за причините поради кои сум постапил така, и зошто одам во Бугарија, а не во Прилепско. Во почетокот на април 1901 год. стасавме во Бугарија, откако поминавме преку Петричко слеговме во Ќустендил. Веднаш му испратив телеграма на Делчев во Софија, да дојде. Тој дојде и ми одобри како сум постапил, бидејќи сум успеал да го доведам Карасулијата Му дадов податоци за гевгелиската афера. Му го предадов и Карасулијата, кој со своите другари дојде во Софија. Кај него имаше пари од различни ограбувања. Штотуку во Гевгелиско ограбил од еден Турчин 100 лири, па тој и неговите другари во Софија му удрија на пиење и веселби. Тој разбра, откако падна под влијание на нашите непријатели, дека сме го изиграле, и му стана орудие на генерал Цончев. Во Бугарија јас останав до крајот на мај истата година (1901 г.). Во тоа време ние се бевме скарале со сарафовците. За Цончев уште немаше ни збор. Усеќавме голем недостиг од пари. Внатре во Македонија исто така немаше средства. Јас и Делчев, па донекаде и Ѓорче Петров (тој барем знаеше што кроиме), решивме, за да ја закрепнеме Организацијата, да прибегнеме до некакво ограбување. Штом слеговме во Ќустендил Крсто Б’лгаријата, по настојување на Делчев, се врати назад со задача да помине заедно со Попето во Гевгелиско, за да ја задушат аферата. А тогаш Попето токму се готвеше да замине внатре, и оттаму Крсто да отиде за реонски војвода во Тиквешко, а Попето да слезе долу низ Кукушко. Јас отидов во Пловдив кај своите, и се вратив пак во Софија, и тогаш тука фативме да се предумуваме за пари. Делчев ми даде бланко дозвола, каде и да ми се укаже по патот можност, без да ја подложувам на опасност Организацијата, на секој начин да се доберам до пари. Ми ги даде најдобрите момчиња, меѓу кои беше Иван Варналијата, од Велес, мој најдобар тогашен другар (сега е жив во Велес, фурнаџија. Тој има три класа образование). И Петар Јуруков, посака да дојде со мене. Имаше уште два - три мина месни луѓе од Малешевско и Радовишко, каде мислев да сториме нешто. Од Малешевците беше такавиканиот Петар Ужѐ, прилично возрасен, 50-годишен, итер Малешевец, бивш арамија, му услужувал на Делчева и порано, кога Делчев го имал фатено бекчето. Делчев имаше голема доверба во него. На 3 јуни 1901 г. тргнав преку Ќустендил, бевме 7-8 мина. Заминавме за Малешевско, за да подготвиме некаков терен за приг ривање, но не останавме во Малешевско, туку продолживме кон Струмичко, стасавме до селото Нивичани, што претставуваше клуч на каналот на Организацијата за надолу; оттука натаму врховистите не можеа да напредуваат. Еден многу добар селанец, бај Атанас Нивичански ја има заслугата што не пропушти преку својот пункт ниеден врховист. Тој имаше големо влијание меѓу селаните; одеше самиот, беше човек умен, смасен, итер, но благороден, чесен. Бездруго уште е жив. Го распрашав за мислење бај Атанаса, дали може да се стори нешго. Тој ме посоветува да го повториме обидот да грабнеме некој од струмичките бегови. Јас се согласив, бидејќи тој ни вети да ми обезбеди храна и да ме крие во околноста. Ја оставив четата во планината. Имавме бомби и други работи. Јас, Иван Варналиев и бај Атанас Нивичански слеговме во полето да избереме место каде, како и кого ќе фатиме. Слеговме во село Дабиле, на два часа од Струмица. Таму се сретнавме со Атанас Караман, обичен селанец, што минуваше за добар работник, појуначен, донекаде со ајдучки навики. Му се искажавме за планот. Се најдовме и со уште еден од реонските раководители, од градот, од кои еден беше кондураџија, ако не се лажам. Решивме да фатиме некој од турските бегови од градот, кога ќе одат за своите чифлици. Излеговме, преоблечени во селски облеки, за да го разгледаме местото. Уточнивме за сѐ, и јас се вратив во планина да подготвам ее, да ги земам другарите, и да се зафатиме со работа. Меѓутоа, ним им се сторило добро да се растурат, да отидат да се видат со своите блиски во околноста, без да може да ги задржи Јуруков, кого го бев оставил за свој заменик. А Петар Ужѐ заедно со нив потем ги зел и сите конзерви и бомбите и сѐ што му било под рака и побегнал во Малешевско. Го затеков таму само Јурукова, и уште еден другар. Варналиев беше со мене. Само Малешевците со Ужѐ беа избегале. Тогаш по ова предавство од другарите, не можев веќе да оперирам во оваа месност, и го витосав тој план. Бидејќи Делчев ми беше дал најпотполно полномошно, си помислив дека во Гевгелиско ќе може да се стори нешто. Знаев дека таму ќе ги најдам Крсто Б’лгаријата и Попето. Им кажав за писмата од Делчев, и заедно размислувавме, - трите чети заедно да извршиме некаква акција од тој вид, па потем една од четите да ги води преговорите за откуп и сл., а другите две да си ја тераат својата работа. Се согласивме и тргнавме за Тиквешко, да фатиме некој бег. Тргнавме за натаму, но во тоа време во Тиквешката кааза поради старите разидувања меѓу Б’лгаријата и неговите комити, и поради не така долговремената дејност на Организацијата во тој крај, за Организацијата не знаеја сите луѓе, и не сите ѝ симпатизираа, бидејќи дотогаш комитите не обрнувале главно внимание за моралната страна на своите постапки. Затоа селаните, што во Тиквешко се сиромашни и се ранат со бакрданик, нѐ прифаќаа честопати без многу волја. Тоа потраја околу еден месец. Најпосле нѐ открија кај селото Праведник. Дојде една потера, водена од Селим Чауш. Тој што ја водеше потерата, еден тамошен Турчин, дејствуваше со башибозук. Не открија кај реката Црна кај с. Праведник, дење, додека бевме легнати на отпочинок, и не нападнаа. По мала престрелка Турците се повлекоа, иако беа околу 200 мина, затоа што меѓу нив имаше мошне малу аскер. Нашите позиции беа многу добри, и затоа Турците накај 5-6 часот попладне се повлекоа. Штом се стемни, ние се извлековме. По неколку вакви мали среќавања со Турците, увидовме дека не ќе можеме да дејствуваме во овој крај. Во тоа време Кирил Прличев, раководител на реонот во Воден, ми испрати писмо, откако узнал дека сум со четата, да дојдам таму самиот јас или да испратам некој од другарите, што заедно со уште еден-двајца да го организираат реонот. *** II Г. се зафаќа со агитациона работа. - Борба со Турците кај с. Сборско - Среќавање со врховистичка чета. - Делчев оплакува од врховистите. - Г. ја протерува нивната чета предводувана од Хаљо. -  Г. со своите ранети другари пристигнува во Ќустендил. - Разидувања меѓу претставниците на Организацијата. - Парите од аферата мис Стон. - Г. во Виена. Почнав да се уверувам дека оваа наша работа, да одиме да најдеме пари, е само губење време и сили, и дека ако имаме добра организација, парите ќе дојдат и сами од себеси, а без организација и со пари, пак не може да се оправи ништо. Затоа им предложив на другарите - на Попето, Б’лгаријата и на Манасија, што беше избегал од Гевгелија, поради аферата, да си ја поделиме работа за организирање на реоните и да го витосаме барањето пари. Решивме тиквешкиот реон да го земе Б’лгаријата, кој го познаваше и беше дејствувал во него. За разидувањата не беше виновен тој, туку неговите другари. Населението имаше доверба во него, па мислевме дека Б’лгаријата најдобро ќе успее во тој реон. Решивме воденскиот реон да му се довери на Мих. Попето, што меѓу нас беше сметан за најтактичен организатор. А дотогаш преку Воден не беше поминала чета. Гевгелискиот реон остана на Аргир Манасиев, што таму беше познат како бивш раководител, и уште повеќе како учител, а тогаш во четите учители имаше малцина, па имаше и авторитет. Јас намерував да заминам за Прилепско, и оттаму за Битолско. Уште додека бев во Софија, другари ми пишуваа да дојдам во Битолско, каде кај другарите имав оставено убави спомени. Овие советувања се направија во Сборско, на јужните падини од планината Кожув, без да го прашуваме ЦК. Прв замина Б’лгаријата, потем и Аргир, а јас со Попето останав во Сборско. Попето ме замоли да му покажам неколку уроци за обид за агитација пред селаните. Тој се чувствуваше слаб од таа страна, не беше интелигентен. Еднаш во Тиквешко се случи така што цели три дена да не каснеме ништо, и бевме многу преслабнати. Го фативме еден овчар и го испративме по леб; сите бевме излегле. Едни спиеја, а Попето се крпеше. Седнав до него, и имав земено понекаде очајна поза. Тој не оставаше никого да се очајува, пееше песни, се пентареше по дрвјата, правеше шеги, не насмејуваше, воопшто не нѐ оставаше да очајуваме. Јас бев мошне задуман. Тој ме погледна, и ме запраша: „Абе, имењак, што си се замислил толку?“ Јас му се оплакав дека сред овој народ, за кој сме решени да си го дадеме и својот живот, има и такви луѓе, што се готовни да нѐ предадат и сл. Попето ми одговори: „Знаеш, јас не тргнав заради тие луѓе, што нѐ предаваат, туку за оние луѓе во народот, што чувствуваат и мислат како нас. И ако имавме сретнато од тие луѓе, бездруго ќе ни дадеа леб. „Овој одговор ми остави силен впечаток, и јас се уверив дека Попето свесно се оддал на револуционерна дејност, а не како некои други војводи, кои, така да се каже, по инерција беа тргнале по општиот тек. Попето бил во коњицата, знаеше да пука со левата рака, потем бил стражар во Софија, во времето на Стамболов, го испраќале да слуша во клубот на социјалистите, и тој таму дошол до заклучок дека тие луѓе не зборуваат глупости. Во тоа време, додека ние сме се собирале во Сборско, некои од гркоманите во селото нѐ надушкале и нѐ предале. Една изутрина, штотуку разбудени, веднаш се крена тревога, селаните се растрчале, селото опколисано од војска и прават претреси. Јас бев со Јуруков, Попето и Тодор Тетовчето. Штом разбравме, излеговме надвор од селото, и фативме накај планината. Турците пукаа, но не нѐ погодија. Зазедовме позиција, и до вечерта се биевме. Падна убиен Тодор Тетовчето, обичен комита, со трикласно образование; Јурукова го ранија во рамото, Попето трошка го ранија во вратот. Имаше убиено и од Турците, што се нафрлуваа од близина; тие дадоа повеќе жртви. Ние бевме само десетина мина. Вечерта се повлековме и отидовме во селото Тушино (меѓу Конско и Сборско), ја сменивме маршрутата. Мртвиот го оставивме, откако му ги зедовме пушката и часовникот, а револверот го заборавивме. По малу слушнавме шест истрели, очевидно со неговиот револвер пукале во неговиот труп. Јуруков беше ранет во раката, па можеше да оди. Имаше и уште едно друго момче, рането во раката, но не се сеќавам за неговото име. Кога стасавме во Тушино, ни јавија дека доаѓа турска војска, та требаше да се искачиме погоре во планината, и да се најдеме над с. Сермелин во Гевгелиско - едвај утредента. Ни соопштија дека доаѓаат „преноски“ (оружје) за реонот, и дека треба да одиме накај Вардар, за да го преземеме оружјето за реонот. Истиот курир ни јави дека Делчев оди во Турција со насока кон Битолско. Ние тогаш решивме со Аргира Манасиев - пак се собравме тројцата - секој да си отиде во својот реон, а јас да заминам во Струмичко, па да го пречекам Делчев, и оттаму, заедно со него, да отидам во Битолско. Ранетите требаше да ги префлам по канал за Бугарија. Стасав во с. Василево (еден час од Струмица). Бев испратил курир во Струмица, да се распрашам каде токму е Делчев. Тоа беше во септември 1901 г. Во тоа време добив од Атанас Нивичански едно писменце, што тој го имал испратено по двајца селани, со порака да и го предадат на првата чета што ќе ја сретнат. Во писмото пишуваше дека една чета од 30 мина, многу добро облечени, вооружени со манлихерки, дошла во неговата околност, и побарала да ја пропушти по каналот и да ја снабди со леб. Атанас прашал дали таа чета е на Организацијата. Тогаш се одржа конгресот во Софија, што го беше избрал Стојан Михајловски за претседател. Ние уште си немавме ни поим за „врховизмот“. Ги распрашав селаните, што ја беа виделе таа чета. Ми одговорија дека луѓето се непознати, убаво облечени, со медали на градите, некои со шубари и сл. Војводата им се викал Хаљу. Јас имав слушнато за Хаљу, но не верував дека тој ќе стане војвода. Атанас пишуваше дека ја запрел четата со изговор дека куририте се далеку и сл., па да зачекаат и велеше тој може таа чета да ја задржи уште четири дена, а ако не, треба да биде пропуштена, има можност да ја одбие, а јас да му дадам поддршка. Според богатото вооружување „сѐ мaнлихерки“ и сл. јас проценив дека тоа не се наши луѓе. Заклучив дека е поумесно да му напишам за ова на Делчев, за кој бев узнал дека е во близина, во Радовишко, да ми го каже своето мислење, па и да се најдеме. Писмото го пратив преку раководното тело во Струмица. Во тоа време Делчев ги испратил своите другари во Градско крај Вардар пред себе, а тој самиот останал за два дена да спроведува агитација. Тој ден, кога јас му напишав на Делчев, неговите другари биле откриени во Градско, и повеќето од нив биле убиени (20-30 мина) - сал малцина се спасиле. Кога Делчев го добил моето писмо, истовремено ја добил и веста за катастрофата што се случила со неговите другари. Под впечатокот од тоа Делчев ми напиша едно многу нервозно писмо, во кое ме упати во страшните работи во Бугарија. Се оплакува од Сарафов, Цончев и др., и изнесува заклучок дека треба да се надеваме само на своите сили, и да му се спротивставиме на секое надворешно влијание и сл. Изразува жалење што не може да се сретне со мене, бидејќи бездруго треба да оди да се најде со остатокот од неговите другари, што ги разбиле. На мој предлог да отидам со него ми одговори дека бидејќи таа чета што дошла кај Нивичани, е цончевистичка, јас не треба да се откажам од патувањето во Прилепско и Битолско, туку да ги употребам сите сили да ја истерам таа чета од територијата на Организацијата. Истовремено Делчев ми јави оти слушнал дека некоја жена во Серско била грабната од нашите, па Делчев препорачуваше да гледаме да земеме повеќе пари, затоа што имаме голема потреба и сл., но да се вардиме и сл. Откако го добив ова писмо, јас се откажав од желба да се сретнам со него, и да отидам во Битолско, туку решив да тргнам за Нивичани, за да ја гонам четата на Хаљу. Пред да тргнам му напишав писмо на бате Атанас, да ја собере таму милицијата и да гледа да ја задржи четата на Хаљу, додека стасам јас, туку на никој начин да не им дозволи пат за надолу. Ако бараат леб, нека ги залаже со леб. Во четата на Хаљу бил и Ив. Карасулијата, селаните го познале. Од сите тие подготвувања што ги направил Атанас Нивичански - собирањето милиција, Хаљу насетил дека тука се случува нешто, воопшто разбрал дека се подготвува некаква стапица. Затоа следната вечер се вратил назад накај Малешевско, каде кон нив им се приклучил и Петре Ужѐ. Најпосле разбрав дека Петре Ужѐ, 40-45 годишен арамија, тогаш избегал од мене, затоа што Делчев не му ја доверил четата нему, туку на мене, младо даскалче (учителите и пописмените тогаш со презир ги викаа „гонгули“). Решив да ја прогонам врховистичката чета, откако го земав само Бај Атанаса со 6-7 мина, со своите 10-тина мина и двајца ранети. За да можеме да ги натераме врховистите да избегаат, се послужив со една итрина - пратив селани да прошират глас дека се составила една голема чета од мене и Делчева, потем и со чета од Бај Атанаса со милиција, па сме тргнале по нивните траги. Тоа помогна. Тие толку многу се исплашиле, што кога ја поминувале планината Голак, си помислиле дека сме им поставиле пусии, и почнале да пукаат. Турската војска, кога ги слушнала пукотниците, се покренува, а тие кога ја виделе, уште повеќе се исплашуваат, и уште истата вечер преминале во Бугарија, а ние утредента вечерта со Бај Атанаса стасавме до границата. Бај Атанас се врати назад. Тој не сакаше да влегува во Бугарија, за да не му се расипат момчињата. Јас со Ив. Варналиев и со ранетите другари дојдов во Ќустендил. Тука на улиците се среќавав со луѓе од четата на Хаљу. Тогаш Кепов издаваше весник во Ќустендил, па ми раскажа некои работи, а и јас во Софија напишав нешто во неговиот весник (статијата имаше наслов „Fiat lux“) тогаш цончевистите уште одрекуваа дека испраќаат чети. Ги сместив ранетите во болницата во Ќустендил, а јас се вратив во Софија. Беше веќе месец октомври. Во тоа време тука во Софија и ние си имавме свои несреќи. Претставници на Организацијата беа Ѓорче, Д. Стефанов и Туше Делииванов. Ѓорчета го обвинуваа за шмеќарство, Стефанова - за слабаштво и непознавање на работата. Ѓорче се беше скарал со Стефанов и Делииванов. Нашите момчиња немаа пари за јадење, а Сарафов им даваше кредити на оние што му се приклучуваа; тие поминуваа богато, пируваа, и тоа ширеше голема деморализација. Тогаш убаво го разбрав она за што ми расправаше во своето писмо Делчев. 31 март Поради разидувањата меѓу претставниците на Организацијата останав тука да се позанимавав со нив. Па така остана да се занимавам и со работата со мис Стон, онака како што ми беше нарачал Делчев, па немаше и кој да ги води преговорите за откуп. Ѓорче беше во Трново, а Стефанов изјави дека не сака да се мавта со таа „валкана“ работа. Отидов нарочно во Трново, за да ги кандисам, туку попусто. Ѓорче ја одобруваше акцијата со мис Стон, само препорачуваше претпазливост, и сакаше таа работа да му се остави тој да ја води, но другарите, Сандански и др., се чини дека тогаш имаа повеќе доверба во Стефанов, одошто во Ѓорче. Стефанов се плашеше да земе одговорност со таа работа. Со таа работа ми помина зимата. Одев во Ќустендил да ги нагледам складовите со оружје на границата, затоа што имаше опасност од врховистите, кон кои се беа приклучиле и некои наши луѓе, што знаеја каде се складовите. Во меѓувреме парите од мис Стон беа земени, но додека не дојде Делчев, не ѝ се предадоа на Организацијата да располага со нив. Делчев дојде во почетокот на пролетта, и тогаш на низа собири на поглавните дејци и претставниците, се изврши распределба на парите. Откако Делчев даде одобрување на сѐ што се направи, Стефанов се солидаризира и почна да троши од тие пари. Истата таа пролет пред Велигден заминав за Виена. Делчев го испратил Љапов да купи кошулки за патрони и олово. Но Љапов наместо да врши работа, безделничел и јас требаше да отидам да видам што прави тој таму. Го најдов таму. Тој како и обично ми се извинуваше, дека секакви шпиони, српски и руски и др., го следеле и му пречеле во работата. Јас ги донесов чаурите во Софија - и тогаш испративме некои чети за Македонија. Дојде Велигден. *** III Г. Делчев во обиколка во Одринско. - Мешање од врховистите - Првиот револт. Одрински конгрес. - Конгресот го распределува Одринско на револуц. движење во Одринско, агитира и врши организирање по селата. - Расположението на бугарското население. Остер конфликт со еден бугарски чорбаџија. - Г. во Одрин. Тогаш се одржа конгресот - првиот „конгрес на Одринскиот вилает“ во Пловдив, во нашата куќа. Револуционерното движење во Одринско во онаа форма, во каква се пројави во Македонија, датира од подоцна, од околу 1899 година. Тогаш имено Делчев, Лазар Маџаров и Стојан Лазов (Димитров), направија една обиколка низ Лозенградско. Пред тоа Делчев, заедно со Антон Бозуков, оделе со чета во Македонија, со специјална мисија да најдат пари. Но Боздаг Бозуков се скарал со Делчева - и се разделиле, па Делчев, откако се врати без да може да стори нешто, замина во Одрин и Лозенградско. Во таа обиколка, што траела кусо време, еден месец, Делчев набрзина го обиколил Лозенградскиот санџак. По селата оделе преоблечени како селани, само со револвери, да вршат агитација. Воопшто таму агитацијата до 1902 год. била водена од одделни лица, преоблечени како тамошни жители, а не од чети, како во Македонија. Така патувале и Делчев и двајцата негови другари. Со Лазов Делчев се скарал во Бунар-Хисар, а виновен бил Лазов што си допуштал да му нагрубува на Делчев, пред населението го наречувал глупак и сл. Лазов е одринчанец од Лозенград. Му потфрлувал на Делчева дека тие и самите можат да си ја вршат работата без Македонци и сл. Сепак Делчев успеал да подготви некои агитатори по одделни каази, но се врати разочаран. Меѓу тие агитатори се појавила неслога - некој не пропуштал друг по канал во својот реон и сл. Во таква критична положба Одринско беше до 1902 год. Меѓутоа Ах’рчлебискиот крај беше поставен на посебен испит. Тогаш прашањето, кој да раководи кога ќе се обединат комитетите, дали од Софија, од врховистите, или од Солун, по предлог на Ѓорче било решено така што да се направи испит така што еден реон да му се предостави на располагање на Софискиот врховен комитет, за да се види како ќе го управуваат. За тој обид го определиле Ах’рчелебиско. Таму Сарафов го поставил еден свој роднина за раководител, В’лчо Сарафов, кој наскоро по 2-3 месеци беше убиен од своите другари, таму на границата. Тој ги праќал парите што ги собирал од внатре, во Софија, до Комитетот на Сарафов, арно ама мнозина не знаеле дека така е договорено меѓу двата комитета, па сметале дека се работи можеби за кражба и го убиваат. На негово место беше назначен В’лчо Антонов, од Стара Загора (социјалдемократ, интелигентно момче, млад, 23-24 годишен човек). Тој се зафати со работата во Ах’рчелебиско по заповед на Сарафов. Тој беше член од женевската група, која имаше свои подгрупи во Бугарија - еднаш и во Ст. Загора. Отпрвин тој си помислил дека треба да се воведе ред во работата, да се потстегнат дејците, та многу наскоро и неоправдано прибегнал до терор. Павел Генадиев беше претставник на Комитетот на Сарафов во Ах’рчелебиско и Рупчоско. Генадиев дејствуваше во Пловдив. В‘лчо Антонов комуницираше со Генадиев. Шапарданов беше учител во Скеча. Тој и уште двајца негови другари, како раководители во своите реони, сакале самите да им ги однесат парите во Софија на претставниците на внатрешната организација, па ако тие им речат да ги предадат во Врховниот комитет, и ќе ги дадат, инаку сметал со парите сами да си набават оружје. Немаа доверба во Антонова. Тие дојдоа во Софија, и ги предадоа парите на претставништвото на внатрешната организација. Туку В. Антонов и Врховниот комитет останале навредени од тоа, и таа постапка ја оцениле како акт на непослушност и предавство. Поради тоа во согласност со В.К. (?) В’лчо Антонов со својот четник Дедо Патр, негов прочуен терорист, отидува во Скеча, го повикуваат Шапарданова (учител) и неговите другари (трговци), со измама во планината, и ги убиваат, божем според пресуда. При една ваква положба во Одринско се наложуваше да се свика едно собрание, за да се размисли, какви мерки да се преземат за да се зајакне Организацијата во Одринско. Ова собрание, наречено конгрес, се одржа во Пловдив. Главната иницијатива за конгресот дојде од ЦК, од Делчева, бидејќи одринчани сакаат да комуницираат само со Делчева. Двајцата претставници на ЦК, Стефанов и Т. Делииванов, дојдоа да заседаваат користејќи го своето право. Како делегати на ЦК бевме јас и Делчев. Како дејци агитатори од Одринско на конгресот беа Георги Кондолов (војвода) родум од с. Велика, Малотрновско, дрводелец во Бургас, 50 год. човек, тој одеше со мали чети низ Одринско (беше потем во време на востанието убиен); Караманџуков, како агитатор во Одринско; Тодор Шишманов (што после се предаде и стана секретар на Хилми паша); Нунков (од Стара Загора, убиен потем во Кумановско). На тој конгрес имаше сѐ на сѐ околу 15 мина. Го поканивме да дојде и В’лчо Антонов, како раководител во Ах’рчелебиско, но тој не дојде, извинувајќи се дека бил ранет (беше лесно ранет во раката). Присуствуваше и Л. Маџаров, (родум од Солун, син на архиерејскиот намесник Маџаров во Солун). На тој конгрес повеќе се занимававме со разидувањата, па дојде до пречкање, и дури и до вадење на ками. Се занимававме со положбата во Одринско во организационен однос. Се занимававме и со прашањето за вооружување. Јас одржав реферат за начинот како треба да се води агитацијата; Делчев - како да се организира Одринско. Само тие два реферата се одржаа. Одринско беше разделено на одделни реони, и беа назначени агитатори за одделни реони. Реоните беа: Малкотрновски, Бунархисарски, Лозенградски, Чокенски (Одринска кааза) Мустафапашенски, Ах’рчелебиски, Дедеагачки. Скечански, Узунќуприски. Некои од старите месни раководители беа потврдени, а се избраа и нови други. Месните раководители побараа ЦК да делегира еден главен инспектор за целата одринска организација. Тоа им беше ветено. Сите се разотидоа, откако беше ветена помош во луѓе од ЦК, а за оружје Одринско ќе собира пари, што ќе ги внесува во ЦК, а ЦК ќе се грижи да набавува средства, главно оружје. Тогаш се забележа кај одринчани извесен дух на сепаратизам, што го обвинуваа ЦК, дека многу малу се грижел за Одринско, а сето внимание го обрнуваал на Македонија. Се обвинуваа и окружните раководители во Одрин, како луѓе без иницијатива што не се помрднуваат од градот да направат обиколка во реоните. По еден месец од ЦК добив известување со кое ми се јавуваше јас во својство на член на подвижниот ЦК (Делчев, јас и уште еден - двајца), да заминам во одринскиот вилает, и да се движам таму вршејќи ревизорска работа. Ми дадоа право на иницијатива, и да можам да дејствувам во потполност соодветно со условите. Заминав во 1902 год. во месец јуни-јули. Влегов прво во Малкотрновската околисија, со чета од 10 мина. Таа чета се формира во Бургас, од тамошни луѓе, малкотрновчани и лозенградчани, луѓе што веќе биле внатре. Го зедов со еден свој другар од детство, пловдивчанецот Димитар Општински, студент по право во Лозана, а сите други беа Одринчани. Со нас беше Кондолов, што нѐ упатуваше. Тој ја собираше четата, јас само ги прегледував. Тој си имаше свои другари. Со мене беше и Караманџуков. Се движевме низ селата, се разбира ноќно време, низ густите букови шуми на Странџа. Првото село, во кое влеговме, веднаш до границата, кога ќе се помине Аланкајрјак, беше Заберново. Таму дотогаш агитацијата се вршела на подруги начела: агитаторите посетувале тајно само неколцина селани, и со тоа се задоволувале. Јас го применив начинот што се употребува во Македонија: ги собирав речиси сите селани, мажи, обично во црквата, и им говорев. Им зборував воглавно да се свестат за својата мизерна економска положба: им велев дека таа положба е условена главно од лошиот турски политички режим, дека ние не би имале ништо против да бидеме во Турција, но да ни се гарантира еден поднеслив живот и сл. Јас им поставував прашања: дали треба таквата положба да остане така, а тие самите одговараа дека таа е неподнеслива, и дека би требало да се подобри. На прашањето дали тоа може да се постигне по мирен пат, тие самите одговараа дека тоа не е можно без востание. И навистина положбата им беше неподнеслива, бидејќи лихварите и чорбаџиите од градот ги држат во своја покорност. Во Малко-Трново и др. нема пазар, затоа што тоа не им е во интерес на чорбаџиите, од кои селаните земале стоки, со наплатување на лихви и долгови, што имаат да им земаат. Самата власт се наоѓала во блиски односи со чорбаџиите, и им укажувала покровителство. Ми остави впечаток дека селаните се повеќе очајни поради својата економска положба од чорбаџиите, одошто од Турците, а ние им докажувавме дека турскиот режим е главниот столб на опора на таквата положба. Се агитираше во тој дух. Им се објаснуваше како се подготвува борба во Македонија, и со тоа им се даваше само таа надеж, дека во борбата ќе бидат поддржани од Македонците, дека тоа ќе биде заедничка борба. За Бугарија не се зборуваше, ниту им се влеваа надежи дека Бугарија ќе ја поддржи борбата. Па дури ни јас не се кажував дека сум од Бугарија, сакав да ме сметаат за одринчанец. Куририте, што тајно одеа по организациони работи, во Бугарија гледаа како тука властите прогонуваат (имаше случаи и самите тие да бидат апсени во Бугарија, и тоа ги јадосуваше, тие ја пцуваа дури и Бугарија, што се однесува така непријателски, додека според нивно мислење таа би требало да постапува токму обратно - да помага. Како резултат по одржувањето на секој говор беше тоа што во секое село се формираше месно раководно тело; месен раководител, негов помошник, десетар, благајник. Се одредуваа членски влогови. Сите вкупно полагаа заклетва пред нас. Постапувавме според истиот статут на Организацијата, што беше во сила во Македонија, и од кој им оставивме примероци. Сѐ се водеше врз централистички начела: дел од парите се внесуваа во околиската каса, а оттаму во окружната, и најпосле во централната каса. Овде-онде се вклучуваа и жени во делото. Агитацијата наиде на добар терен и брзо напредуваше. Ги обиколивме речиси сите села во Малкотрновско. И во другите реони реонските началници со своите четички на ист начин водеа агитација. Откако го обиколив Малкотрновско, посакав да влезам во самиот град. Забележав дека населението повеќе се плаши од чорбаџиите; селаните постојано ме препрашуваа: „Аџаба само ние ќе бидеме во таа работа, чорбаџиите нема ли да влезат?“ Им одговарав дека ние можеме да поминеме и без нив, но за секој случај, ако не сакаат, ќе ги натераме да си ја држат устата затворена, и да не ни пречат. Порано, додека месните агитатори лабаво спроведувале агитација, градските чорбаџии на нивното агитирање гледале како на нешто несериозно, па дури ги поканувале тие агитатори кај себеси, ги гоштевале и сл. Меѓутоа, кога видоа дека јас сериозно сум се зафатил со тоа, чорбаџиите се штрекнаа, и почнаа да ги убедуваат селаните да се вардат од нас, бидејќи сме биле неранимајковци и сл. Тоа ги деморализираше селаните, и затоа јас една ноќ, го зедов Кондолов и самиот една ноќ отидов во Малко-Трново да се разберам лично со нив. Утредента и задутредента се сретнав речиси со сите чорбаџии. со по еден или по двајца одделно. Не се задржував во една куќа, туку се селев. Чорбаџиите ги викав навечер, не ги пуштав додека не се стемнеше, и додека не излезев да се префрлам во Друга куќа. Немав доверба во нив. Во Малко-Трново се задржав една недела. Сите изразија согласност со мене дека нивната противакција би била бесмислена, бидејќи работата е мошне напредната, особено во Македонија, дека таков е духот на времето, и оти тие нема да му се спротивставаат на делото, а во случај да се објават против него, можат да настрадаат, бидејќи ние можеме да употребиме и сила. Од нив нема да бараме ништо друго, освен само да помогнат материјално, со пари, и најмалу што се должни да сторат е - да молчат и да не им зборуваат на селаните против нас, туку да ја потврдуваат нашата идеја. Тие ми ветија. На покана од мене се согласија доброволно да дадат извесна парична помош на Организацијата. Но најсилниот и најбогатиот од нив, Ѓаков Анагностиј, не само што не сакаше да дојде да се види со мене, туку дури ми испрати порака, ако не се мавнам од градот, ќе ме предаде, затоа што јас и моите другари не претставуваме ништо друго туку само ајлази, што не сакаат да работат и сл. Тој беше снабдувач на турската војска, и истовремено прекупувач на данокот за цела кааза. Тој и неговите браќа беа завладеале со целата кааза, дури и во Лозенградско. Тие правеа вака: го купуваа данокот од владата, и не го собираа од населението по 4-5 години, па населението си мислеше дека или Ѓаков или владата им го простиле данокот. Одеднаш ќе дојде со војска да го бара данокот за 4-5 години, а селаните немаат никогаш толку пари. Тогаш тој прибегнуваше до извршна наплата, продава вол, ниви и др., и на тој начин зема двократно и трократно. Тој беше спречил да има пазар. Беше милионер. Тој отворено им велел на селаните да не потепаат како кучиња, затоа што сме збирштина и сл. Преку својот зет Калфов, главен учител во Малко Трново, тој ми испрати одговор, дека не сака да се види со мене и сл. Поради ваквото грубо и остро однесување од Ѓаков, нашите меѓусебни односи се изострија до немајкаде. По неколку обиди, попусто, да го натераме да се вразуми, борбата заврши жално за него, тој стана жртва на својата бескрајна упорност, што стасуваше до предавство, што не можевме да го оставиме да помине ненакажано. Егзархијата го сметаше Ѓаков за добар Бугарин, па му се оплакала на бугарскиот претставник во Цариград, а овој - до бугарската влада. Владата преку задграничните претставници се обратила до ЦК, а ЦК ми упати укор што ме возмути. Дотогаш ЦК не беше правел укори и за други, појадосувачки пресуди, зошто не сум го прашал најпрвин ЦК. Потем, кога се сретнав со Делчев, тој заклучи дека во случајот не сме можеле да постапиме инаку. Во сета околност казната остави силен впечаток. А каков бил Ѓаков покажува и следниот случај. Една разбојничка чета во Странџа, пред 15-тина години, го ограбила едно негово дете, момче, и побарала за него за откуп 1.000 лири. Тој не дал. Намалувале до 500, до 100 лири, тој пак не давал. Најпосле намалиле до 25 лири, а тој одговорил: „Жена ми е млада, и јас сум млад, па можам да си направам уште едно дете“, и им испраќа по некои овчари бинлак со ракија со отров. Тие му дале на детето да се напие, и тоа умрело, а тие го оставиле неговиот труп на крстопат, и една бела меџидија, за неговото погребување. Тогаш населението било до немајкаде иритирано, и сакало да го линчува Ѓаков, поради оваа постапка спрема сопственото дете. Затоа простите луѓе го толкуваа ова убиство како казна за тој негов грев. По ова престижот на Организацијата многу се издигна. Браќата на Ѓаков им ги простија на селаните множество долгови, што тие му ги должеле на убиениот, за да му се најде за душа и од страв. Сите осетија дека постои сила, што не го пожали ни еден Анагностиј Ѓаков, заштитуван од Турците. Турската власт беше вчудовидена. Ги уапси татковците на неколцина, но потем ги пуштија сите. Аферата се ограничи со тоа. Јас продолжив со ревизијата, слегов во селото Велика. Оттаму префрлив преку највисокиот врв на Странџа, и слегов во Бунархисарско. Преку селото Урумбегли отидов во Бунархисар. Од с. Велика натаму постојано патував сам, со себе си земав само курир. Тоа беше во октомври. Од Бунархисар отидов во с. Колибите, потем во Кавакли (Лозенградско), потоа поминав крај град Лозенград, но не наминав во градот, бидејќи таму Организацијата беше слаба, а грчкиот елемент силен. Побрзав да се најдам со Лазар Маџаров, што со својата чета се наоѓаше во близина, во едно селце близу до градот. Се сретнавме. Тој ги познаваше работите, беше најдоверено лице во Лозенградско. Преку сето време јас бев толку многу обземен и презафатен со работа, што не му пишував на никого, па ни на Делчев, ниту на кој и да е. Поприкажавме со Маџаров (се сретнавме во с. Каракоч) за положбата во Лозенградско. Ги повикав градските раководители да дојдат во с. Каракоч, им дадов некои упатства, и насочувања, и мислев да заминам за Чекенско, каде беше со својата чета Крсто Б’лгаријата. По конгресот, мнозина што беа од нешто разочарани од својата работа во Македонија, посакаа да дојдат да работат во Одринско. Со моја согласност Стефанов го препрати К. Б’лгаријата за војвода - агитатор во Чекенско. Туку, во тоа време добив писмо од с. Каракоч од Окружниот комитет во Одрин, со кое ме молеа, ако можам да дојдам во Одрин, каде да размениме мислења за некои прашања, за кои не можело да се спогодиме со писмо. Се согласив. Им испратив порака да го повикаат во градот и В’лчо Антонов, за да му дадам некои упатства, бидејќи предвидував дека нема да успеам да отидам за ревизија во неговиот реон - Ах’рчелебиско. Со Лазар Маџаров и неговата чета заминав за селото Инеџиј, на патот меѓу Лозенград и Одрин. Таму ми се отвори нова работа. Лазар ме замоли да ги свикаме селаните за агитација. Бевме вовеле и предавања за селаните за хигиената и сл. Таму има сургутски (гагауски) полски села. Селаните зборуваат турски; тие се многу добри луѓе, и ги придобивме за делото. Маџаров веќе имаше одено кај нив. Масовно ги вклучивме во делото. Меѓу нив има имиња како Стојан и сл. Самите тие се сметаат за Бугари, и веруваат дека го примиле турскиот јазик. Се покажаа добри дејци, и во време на востанието имаше од нив што решително се бореа и загинаа. Потем јас (откако се задржаа една недела) се преоблеков во селска облека, си ја острижав брадата и косата, и со коњ заминав за Одрин. Тоа беше пред Св.Никола. Во едно село Хасќој, каде наминавме да се стоплиме и загрееме, побарав сирење и леб, а беа пости. Тоа им остави впечаток на крчмарот Грк и на Турчинот што се бричеше таму. Селанецот, со кого патував, ме подгази за нога. Свикав: Маслинки, маслинки дајте ми! Турчинот ми се обрна и ме запраша кој сум, се посомнева во мене. Во Одрин не ме познаа. Првпат влегував во овој град. Имав со себеси револвер. Колџиите, заради контрола на пренесување на тутун, ги претресуваа луѓето и по џебовите, но поминавме добро. Во Одрин бев во куќата на В. Думев. Ги повикав сите членови на окружниот совет. Им изнесов како стојат работите во околиите. В’лчо Антонов доаѓал, чекал два дена, и си заминал. Таму узнав дека ме повикале, бидејќи во Солун се свикува конгрес. Соопштението беше од ЦК во Солун. Сакаа јас да отидам на конгресот. На Думев му јавиле за што се свикува конгресот, а имено „да се разгледа прашањето за востание“, сиреч дали да се крева востание или не. Тогаш јас ја изнесов каква е положбата во Одринско, низ кое бев поминал, и им реков дека ние не сме подготвени за востание, ниту во Одринско ниту во Македонија. Им реков дека јас сум многу зафатен, и не можам да отидам, но Думев нека отиде таму, и тој нека им ја каже вистината дека не сме готови. Им реков дека јас ја продолжувам обиколката на реоните, и да го задолжат В’лчо Антон тој да направи ревизија на реоните од Марица. Од Одрин со пајтон заминав за Мустафа Паша. Бев во граѓанска облека, како учител, со фес. Во Мустафа Паша се сретнав со луѓето на чело на кое се наоѓаше Катерински Димитар (родум од Мустафа Паша). *** IV Положбата нз Организацијата во Одринско. - Недостиг од оружје. - Г. во Софија. - Терористичката теорија на Б. - Советување по допрашување од ЦК дали да има општо востание. - Се прифаќа мислењето за одделни атентати. - Герџиков врши неуспешен обид за атентат на пругата кај с. Черкезќој и Сенекли. - Мачно враќање на четата до с. Велика . - Г. тешко болен. април Се задржав таму, ги прегледав сметките на околискиот комитет, како обично. Имаше спорови меѓу дејците, требаше да ги разгледам. Ајдучко разбојништво со чети беше мошне развиено во Малко Трново, и јас обрнав внимание дека треба да се уништи тоа разбојништво, што ни пречеше. Разбојниците беа сѐ месни Бугари, па некои од нив влегоа во четите во време на востанието. А во Мустафа Паша беше повеќе развиен шверцот, главно од градот. Дури и дејци на Организацијата во градот се занимаваа со шверц. Мустафа Паша ми остави впечаток како центар со најмногу интелигенција во сиот Одрински вилает - имаше многу интелигенти. Кај нив како агитатор-војвода порано дејствуваше Александар Кипров. Од една страна тој беше орган на ЦК и земаше од него средства за издржување на својата чета во мустафапашкиот реон, а истовремено земал тајно средства и од Сарафов. Тој е ученик на Павел Генадиев, што бил учител во Мустафа Паша пред 15 години. Кипров е родум од Мустафа Паша. Вистинското име му е Александар Димитров, а потем, откако стана поет, се преименува во Кипров. Меѓу луѓето во реонот на Кипров имаше шверцери, како од селата така и од градот и од Хибибчево (Љубимец). Како началник на реонот Кипров имаше назначено за курири луѓе кои истовремено си ја бркаа својата шверцерска работа - им добавувале на пловдивските трговци шеќер, зејтин, жито и сл. Тоа претставуваше вистинска деморализација. Катерински и неговите другари узнаа за сето тоа; револтирани ми раскажаа за сѐ и ми изјавија дека не сакаат никаква чета во реонот, и се нафаќаат самите да вршат обиколки низ селата, заради агитација, откако ќе се распределат низ реонот, без да има чета што ќе ја злоулотребува положбата и би го подложувала на опасност населението. Веќе предвидувале можности од настанување на афери. Јас го одобрив нивниот предлог, и заклучив дека штом имаат толку интелигенција, нема потреба од чета, па беше решено во тој крај да нема никакви чети, и самото околиско раководно тело да ја врши агитацијата. За Кипрова тие ми ги поднесоа неговите сметки - за трошоците за издржување и вооружување на неговата чета. Заклучив дека прикажаните расходи се многу големи, направив препис од тие сметки. Заминав во Хибибчево - во Бугарија. Тука се наоѓаше пограничниот револуционерен пункт за тој крај. Таму го побарав Кипров, но тој беше заминал за Софија. Во тоа време Делчев се имаше вратено во Софија (тоа беше веќе накај Божиќ 1902 година). Требаше да дојдам во Софија, затоа што во Одрин имавме решено ништо да не внесуваме од парите собрани во Одринско (околу 400 лири) во касата на ЦК, туку со тие пари да си купиме оружје, бидејќи дотогаш во Одринско не е внесувано никакво оружје. Само за приватни лица за нивни пари се купувани пушки, а заедничко оружје не беше внесувано. Според тоа решение еден од окружниот комитет требаше да го купи оружјето, а јас требаше само да му препорачам. Бев испратил едно две окружни упатства, со кои строго им заповедав на војводите самите да не собираат никакви пари, а она што го има да се внесува, да биде внесувано во околиските комитетски каси. Затоа и окр. комитет требаше да делегира човек во Софија за купување на оружје. Пристигнав во Софија, се најдов со Делчев. Со него зборувавме за положбата во Одринско. Во однос на окружното упатство од Солун, Делчев ми рече дека тоа бездруго станало по настојување на битолчани, но тој самиот рече, дека и тој бил повикан, но не сакал да оди во Солун. Уште тогаш тој признаваше дека по востанието кренато од цончевистите, положбата е затегната во целата земја - во Македонија, дека ние не можеме веќе да ја тераме онака како дотогаш, но дека не бива ни да се прибегнува кон некакво масовно движење, туку треба да се размисли за некаков нов начин на дејствување. Јас бев приврзаник на една теорија за терор, терор над административните власти во Турција. Делчев го знаеше ова мое гледиште; на вакво мислење јас бев уште во Женева, пред да влезам во редовите на внатрешната организација. Делчев си спомни за ова мое гледиште, и ме замоли да напишам една брошура за тоа прашање. Јас немав време за такво нешто, но имав еден превод на една брошура, [[https://www.anarhisticka-biblioteka.org/library/emil-anri-odbranata-na-emil-anri][речта на Емил Анри]] (тој фрлаше бомби во Париз во една кафеана). Делчев со средства на Организацијата го овозможи печатењето на таа брошура. Атанас Раздолов го стави своето име како издавач. Целта беше да се подготват одделни терористички кружоци, кои на своја лична иницијатива, ќе преземаат терористички акции. Делчев настојуваше јас самиот да заминам во Македонија, и по градовите да основам такви кружоци, кои од друга страна да бидат во врска со ЦК, да дејствуваат во согласност со него, и да го известуваат за сѐ. Јас сметав дека такви терористички кружоци можат да постојат врз автономни начела, и поради тоа не прифатив, а освен тоа бев мошне ангажиран во Одринско. И така тоа прашање остана нерешено, туку само разменивме мислења. Помина прилично време, дојде месец јануари, и тука пристигнаа Гарванов и Думев, како делегати на солунскиот конгрес, да поднесат извештаи за решенијата што биле прифатени таму, и да го сондираат мислењето на нелегалните дејци, што тука беа собрани случајно во голем број. Тие известија за решенијата, прифатени на солунскиот конгрес, на низа собранија. Јас и Делчев останавме мошне изненадени од смелите решенија, што тие ги прифатиле, дури без да ги консултираат и повеќето истакнати дејци од битолските. Наспроти доводите што тие ни ги наведуваа, ние не можевме да се согласиме со нив, дека е настапен часот за кревање на општо, масовно востание. Ние им изјавивме дека оној што сака да крева востание, нека го крева, но ние во тоа нема да земеме учество. Силно настојуваа за кревање на востание Гарванов, Матов, Татарчев, Мартинов. Пере Тошев, запрашан за своето мислење, премолче. Тоа беше чудно. Решителни против востанието категорички бевме јас, Делчев, Ѓорче и Стефанов. Откако толку силно се спротивставивме, нѐ запрашаа што можеме ние од своја страна да предложиме наместо тоа решение. Тогаш ние, како што порано зборувавме со Делчев, предложивме да се прифати принципот на одделни терористички акции. Јас подробно ја изнесов таа своја мисла, на собранието. Ѓорче ми даде поддршка, и таа беше прифатена во смисла да не се крева никакво востание, туку да се преземаат одделни терористички организациони акции, со знаење и во согласност со Месниот окружен комитет, и, се разбира, на ЦК. Рековме дека треба да се подложат на испитание интересите на европските капитали во Турција. Противниците нѐ прашаа дали ние сме во состојба да сториме нешто од тој вид, колку за почеток и пример. Им одговорив дека јас лично сум готов веднаш да заминам за Турција, и да извршам атентат на турските железници, врз експресен воз, или на обичен воз, или на некој военен воз. Делчев исто така изјави дека и тој е готовен уште веднаш да замине да изврши исто таква акција врз пруга. Ние таму не кажувавме дека ќе ги извршиме тие атентати, затоа што не сакавме да се знае од никој, а во предвид ги имавме пругите Одрин - Цариград и Одрин - Солун. Собранието даде одобрување за вакво нешто, и ние се разотидовме, откако ги ангажиравме солунските делегати да ја средат работата во Солун, во смисла да се одложи земеното решение за кревање востание. Кога влегов во собранието кога известуваа за земеното решение во Солун, го запрашав Думев, какво држење имал на конгресот, затоа што во Одрин зборував со Думев за тоа прашање. Тој ми одговори дека во Солун како делегат од Одѐринско бил против, но како воденчанец гласал за. Откако се разделивме, јас и Делчев почнавме да се подготвуваме за атентатите што требаше да ги извршиме. Меѓу материјалите што требаше да ги земеме, требаше да имаме и по една електрична машина (суви батерии). Туфекчиев имаше само една, тешка седум килограми (потем беа добиени полесни, од 3 килограми). Бидејќи и на Делчев му беше потребна таква машина, јас му ја отстапив нему, а самиот зедов петарди. Делчев замина пред мене, затоа што имаше работа на границата, и требаше да среди со каналот за префрлување. Јас останав тука да ја подготвам својата чета и да се погрижам за оружје. По десетина дена, во крајот на јануари 1903 год., и јас заминав за Турција, со 25 мина другари, добри другари: Иван Варналиев, Крсто Б’лгаријата, Цено Куртев (од Пирдоп, беше постар подофицер; потем го убија во Македонија), Пенчо Шиваров (од Чирпан, и тој беше постар подофицер во Бургас), Петар Ангелов (од Хасково, подофицер), Мих. Даев (од Балчик), Димитар Општински (од Пловдив), Јордан Бошков (од Велес; тој се врати уште патем). Другите беа сите одринчани, комити, сите познати на мене од порано, избрани луѓе. Заминав првин за Бургас, и оттаму преку Аланкаирјак, преку с. Велика, потем преку с. Пенека, каде има бугарски колиби, за Апортес. Оттаму ја напуштивме територијата на Организацијата. Беше договорено терористичките акции да бидат извршувани надвор од територијата на Организацијата, за да не создаваме афери на Организацијата. Тргнавме накај с. Странџа, потем на југ, и скршнавме од планината па осум часа патувавме низ поле, меѓу грчки и турски села, до Черкезќој и Сенекли (турски села). Таму везден прележавме мешечки во едни ниски грмушки, високи до метро и половина. На 17 февруари стасавме меѓу тие две села. Маршот беше многу забрзан, многу се изнамачивме. На 17 и 18 ја прегледавме пругата, избравме место и според возниот ред гледавме дали возот минува точно според возниот ред. Го избравме патничкиот воз, затоа што тој минува ноќе, а експресот дење, а дење не можевме да стапиме во акција. Чекавме три дена. Во грмушките поминавме две и пол ноќи. Паѓаше снег, беше студено. Видовме дека возот поминува во 1 ч. и 15 минути ноќе. На 19 вечерта отидовме до самото место. Поставив стражи од двете страни, за да не дојде некој од надгледниците на пругата. Ја поткопавме пругата, и јас за поголема сигурност поставив два експлозива (од 25 килограми и во обата) и две петарди. Кога со Делчев правевме испитувања со една машина, петардите, што ги поставувавме, не експлодираа веднаш, и ние за тоа досипувавме барут од Лебелов револверски куршум, и на тој начин петардата експлодираше убаво и добро го запалуваше фитилот. Така постапивме тука, досипавме и барут, и кога сѐ беше подготвено, на едно четвртина час пред да стаса возот, се повлековме на растојание од 200-300 чекори, и залегнавме од страна, да го чекаме возот што доаѓаше од Цариград. По малу се покажа возот, и ние напрегнато исчекувавме. Мнозина се беа исправиле простум. Најпосле возот стаса, и ние чувме само два истрела, како кога ќе испука пушка. Машинистот ја запре локомотивата. Ние не можевме да се стрпиме, јас скокнав, се стрчав, другарите по мене, машиновозачот не виде, пушти полна пареа, и избега со возот. Останавме како збигоросани. Јас бев очаен, сакав да се самоубијам, но другарите не ме оставија, и затоа оставивме сѐ - и динамитот и фитилот, и тргнавме назад, растурена команда, измачени, жедни. Стасавме до еден ѓол, во кој се капат биволи, и повеќето од момчињата се нафрлија да пијат од водата. Завеа виулица, мраз, ние водени три дена бевме натопувани, а требаше да брзаме, да ја фатиме планината, бидејќи во Черкезќој имаше коњица и знаевме дека штом ќе стаса возот до Черкезќој по нас ќе пратат коњица. Неколку ноќи не бевме спале, момчињата одеа спиејќи, паѓаа во млаките. Пушките ни беа извалкани со кал. Да беа не нападнале, можеа со камења да не потепаат. Не раздени уште во полето. Падна една мошне густа магла. Се движеше само со помош на компас. Курирот, што некогаш бил таму овчар, од премореност изгуби свест. Неколку од момчињата, што беа напред, ги наоѓам паднати во едно млачиште како спијат. Ги разбудувам и ги повикувам да одат напред, а тие не сакаат, не можат. „Па и нека не убијат ако сакаат“ - ми одговараа. Половината од момчињата беа облечени во турска војничка облека, тие знаеја и турски. Имавме еден комита, Хр. Арнаудов (од Мустафа Паша), тој бил чауш, знаеше убаво турски. По долги талкања едвај се довлечкавме до шумата, до селото Сарај, но не смеевме да се задржуваме тука, и го продолживме патот до оние бугарски колиби Апортес, каде отпочинавме трошка. Како што врвевме ние, патувавме два дена - една ноќ до шумата и една ноќ низ шумата. Од Апортес до возот и назад до Апортес, поминаа 10 дена. Оние од интелигенцијата за чудо мошне повеќе ги издржуваа и гладот и изморката, а попростите, штом не јадат, поскоро капнуваат. Најпосле се довлечкавме до с. Велика, што беше едно од најбезбедните села во Одринско. По пат сретнавме некои Турци - дрвари. Другарите сакаа да ги убиеме, но јас не оставив. Им велев дека можеме да ги убиеме, но бидејќи претпоставувам оти имаат деца и сл., им објаснив какви луѓе сме ние и сл., та најпосле ги пуштивме. И тие нѐ предадоа. Влеговме во една грчка колиба, ризикувајќи со тоа да бидеме предадени. Имаше брашно, направивме питулки, каснавме. Потем поминала коњицата, но Грците не нѐ предале. Во Велика се задржавме цела недела. Потоа селаните од Велика ни се оплакаа на една разбојничка чета, што прилично им пакостела. Јас требаше да заминам пак во обиколка во другите реони, па го оставив Крсто Б’лгаријата да ја испита работата, и ако може да ја фати четата и да ми јави. Го зедов со себеси Ив. Варналиев и само со него заминав во лозенградскиот реон, за да се сретнам со Лазар Маџаров, да му раскажам за сѐ што сме решиле во Софија, и да видиме дали и тој може да преземе некоја терористичка акција, бидејќи јас не смеев да се обидувам по вторпат. Со Маџарова се сретнав пак во с. Иниџе. Разменивме мислења, и се определивме на еден план за атентат, пак на пругата накај Бабаески. Определивме и како да го извршиме атентатот, бидејќи е многу далеку. Јас и другите, 4-5 мина, преоблечени во униформи на суварии, на коњи да отидеме накај Бабаески, и таму на некоја точка да го извршиме атентатот. Маџаров остана во оние села да врши агитација. Јас заминав во Каракоч, близу до Лозенград, за да си оправам пат за да влезам во Лозенград, каде да ја закрепнам Организацијата, и да нарачам да ми сошијат сувариски облеки, што ми беа потребни. Но по пат меѓу Иниџе и Каракоч заврна мошне силен дожд (бев само со Варналиев). Својата пелерина му ја бев дал на еден другар, настинат порано во една експедиција, та бев ненаметнат, а дождот врнеше 6-7 часа. Во Каракоч побаравме кошули и гаќи од црквата (таму даваат дар на црквите, гаќи и кошули). Меѓутоа излезе дека немаше, и јас, натопен, заспав, па настинав и се разболев од пневмонија. Петнаесет дена сум лежел речиси во несвест. За среќа еден лекарски помошник, наш активист, ми даде лекови за исфрлање на балгамот, па се оправив. Потоа многу бев заслабнат, едвај можев да зборувам. Како болен не лежев во Каракоч, туку во едно друго село, му го заборавив името. Во времето додека лежев болен, лекарскиот помошник ми даваше лекови, испраќав курири во Лозенград, и аптекарот, Грк, се посомневал дека тука во некое село лежи некој болен, за кого многу се грижат. Рецептите не беа потпишани од лекар, па тој не сакал да дава лекови, а другарите го заплашувале и др. Гркот ме поткажал, но другарите благовремено ме качија на еден коњ, и заминав за Гергебунар, а оттаму - во Пловдив, кај своите, каде уште се лекував и отпочинував. *** V Не доаѓа до укинување на решението за општо востание. - Герџиков го подготвува вооружувањето. Одрински конгрес во внатрешноста се изјаснува во прилог на востанието. Избор на раководно бојно тело; брзи воени подготовки. - План за терористичка акција во Одрин. - Испраќање на пеколни машини за пругите во Македонија и Одринско. - Експлозија во куќата на Герџиков во Пловдив. - Почетокот на Одринското востание се определува за 5. спроти 6. август. - Инструкции до месните војводи за востанието. - Прашање дали да се нападне гр. Малко Трново. - Решение да се нападнат Инијада и Василико. Се вратив во март месец - половината на март. Потем ме повикаа во Софија. Беа дојдени луѓе со пари од Одринско, та купивме (од Тјуфекчиев) ново оружје. За четите земавме манлихерки и берданки. ЦК беше многу небрежен спрема Одринско. Од парите за мис Стон не ни дадоа ни стотинка за Одринско. Една голема сума пари, што ја испративме на претставништвото, за да ни купат оружје, тие, Татарчев и Матов, спроти востанието му ги дадоа на Чернопеев, за да вооружи голема чета. Затоа за населението купувавме кримки, па Одринското востание се изврши со кримки. За кримките дадовме по 6-7 лева. Кога дојдов во Софија, Матов и Татарчев ми јавија дека и покрај нашето решение, не било можно да се одложи востанието; битолчани настојувале. Тоа му го јавиле на Окружниот комитет во Одрин, па и од таму ни го соопштија истото. Ова мошне ме изненади. Не знаев што да правам. Им реков на Матов и Татарчев, дека во Одринско нема да можеме да земаме учество, но тие ми подвлекоа дека во таков случај, ако ние не земеме сега учество, после никогаш нема да можеме сами да креваме востание. Делчев беше внатре во Македонија, и со него не можев да кореспондирам. Тогаш решив дека за ова прашање треба да се изјасни еден одрински конгрес, што да се одржи внатре во Одринско. Испратив окружно упатство за внатре, за да се изберат делегати од околиите и фиксиравме конгресот да се одржи на Петровден. Право на учество на конгресот имаа сите војводи и нивните помошници, а освен нив секоја околија по избор да испрати најмногу по тројца делегати. Предвидував дека решението што го примиле битолчаните, тие бездруго и ќе го извршат, и затоа развив голема активност за да се набави колку што може повеќе оружје. Затоа кон половинат на април 1903 год. организирав во Бургас една голема чета со околу 120-130 мина, со цел да ја испратам внатре, да ја поделам на делови, така што тие да послужат како кадри за востанието. Комитите беа одринци, некогашни комити, одрински емигранти, што служеле војска во Бугарија; нив најмногу ги претпочитував. Средства за четата, покрај малуте пари што ги бев одделил од заедничките набавив на особен начин. Заедно со Ѓорче Петров во Јамбол од воениот склад украдовме коњанички манлихерки. Магационерот и војникот, стражар, побегнаа со нас. Помош ни укажа офицерот Ќамилев; брат му беше со четата на Чернопеев, беше исто така ранет, беше заминат како студент. Нам ни припаднаа околу 70 парчиња. Ѓорче беше испратил за својата чета човек да ја извиди таа работа. Јас го насетив тоа. Бидејќи со една усна спогодба со претставниците јужна Бугарија требаше да се користи за Одринско, му напишав на Ѓорче, дека и ние ќе помогнеме, но сакаме од тоа да се искористиме и ние. Го убедивме офицерот во наша полза, и Ѓорче се согласи. На истиот начин се снабдивме со пушки и во Варна, каде зедовме 60 пешадиски манлихерки. Иницијативата беше наша. Тоа беше во април. Еден дел од пушките ги испратив за населението внатре во Одринско, за комитите набавував и берданки и мартинки. Во крајот на април поголем дел од четата беше веќе во с. Гергебунар. Таму узнав за убиството на Делчев (беше убиен на 22 април); ни пишуваа од Софија. Со нас беше Силјанов, беше дојден од Грција. Тој ми беше ученик во Битола. Месецот мај го поминав уште во Бугарија до средината на јуни, постојано обземен со грижи за вооружување. Браќата Иванови си правеа игри со нас. Се подготвуваа повеќе од 1.000 бомби, и тие беа изготвени. Во Стара Загора се подготвуваа, а еден дел ги полнеа дома. Тогаш дојде до експлозија на бомби. Во половината на јуни влегов во Турција. Најпрвин го испратив Кондолов, со еден дел од четата за да избере место кај ќе се одржи конгресот. Тоа се наоѓаше на околу 6 часа пат навнатре, кај с. Стоилово, во шумата, во месноста Петрова нива. 5 април Откако добив известување дека сѐ е подготвено, со преостанатиот дел од четата заминав за внатре. По три-четири дена на одреденото место пристигна еден дел од легалните делегати на конгресот: Думев од Одрин, Катерински од Мустафа Паша и др. Од нелегалните учество зедоа сите војводи. Конгресот се отвори на Петровден и траеше четири дена. Имаше околу 50-60 мина членови на конгресот. Премините и чуките наоколу беа пазени од комити. Претседаваше Васил Пасков. Секретари на конгресот беа Хр. Силјанов и Ат. Разбојников. Последниов беше легален претставник од Бунархисар. Тој беше пуштен од затворот во Скопје. Со него заедно учителствувавме, па се познававме. Јас му предложив да биде пограничен началник во Бургас, за идното востание. Тој дојде и на конгресот. Главно место зазеде прашањето за востанието, дали да се востанува или не. Зедов збор, ја изнесов положбата во Македонија, потем положбата во Одринско, колку сме подготвени за востание, колку се подготвени Македонците. Го изнесов решението на Македонците прифатено во Солун, а имено дека ќе кренат востание. Го поставив за расправа следново прашање: дали сме подготвени да востанеме и ние со Македонците или не? И ако не сме подготвени дали ќе бидеме во можност кога и да е самостојно да се кренеме на востание? Сите се согласуваа дека не сме сосем подготвени за востание. На Думев му беше забележано оти гласал за востание, а тој одговори со познатиот одговор дека гласал како воденчанец. На второто прашање одговорија одречно. Според тоа се наложи заклучокот дека ако сега не земеме учество македонската организација ќе се растури, па потем нема да можеме, колку и многу да зајакнеме, да сториме ништо од своја страна. Се донесе решение да востанеме и ние. Само Катерински кажа дека тој е против секакво востание, и е ополномоштен од својата околија, Мустафа Паша, да изјави дека е против востанието што не може да има добри последици. Тој се искажа за дејствување на Организацијата повеќе во културна одошто во револуционерна насока. Но прашањето беше веќе решено, и затоа конгресот му предложи на Катерински да го напушти конгресот, бидејќи беше донесено решение, што сите кои и понатаму ќе учествуваат во работата на конгресот ќе треба да учествуваат и во востанието. И Катерински беше отстранет. Датата на македонското востание беше определена за 10 јули. А пак јас им кажав само дека наскоро, мошне наскоро, ќе дојде до востанието, без да ја споменувам датата. Бидејќи ние не бевме подготвени, конгресот телеграфски ми даде полномошно да побарам од ЦК да го одложи востанието, најмалу до почетокот на август. Јас му го соопштив тоа на претставништвото во Софија. Потем направивме увид со какво оружје и со што луѓе ќе располагаме и го поделивме целиот Одрински вилает на револуционерни реони и секој реон на револуционерни участоци. Еден участок обично опфаќаше едно-две села Ние сметавме најмногу на 4.000 пушки на членовите на „смртните дружинки“, што во Македонија се викаа „селски чети“. Реонската чета беше повеќе агитациона. Секој од војводите на смртните дружинки беше избиран откако помине одреден стаж во четата. Воената обука беше задача на смртните дружинки. Имавме мнозина луѓе што беа служеле воена служба во Бугарија, и тие многу ни помогнаа Во секој участок назначивме по еден одговорен војвода, кој да се грижи за се. Имавме 6 реони. Но главните реони, одредени да претставуваат операциона база, беа малкотрновскиот и дел од лозенградскиог реон. Тие два реона беа поделени на 12 секции. Тогаш уште не знаевме ништо за Смилевскиот конгрес во Македонија и за неговите решенија. Имаше едно окружно упатство од Матов, како да се дејствува во случај на општо востание, но него не го користевме, бидејќи она што се препорачуваше во него беше неприменливо. Избравме врвно борбено раководство: Лазар Маџаров, Стамат Икономов и јас. Стамат Икономов е малкотрновец, резервен капетан, одамна веќе во оставка. Пред да отиде на конгресот, тој ме најде во Бургас, и посака да влезе во Организацијата, без да знае дека ќе има востание. Јас го примив со драго срце, бидејќи е чесен, со радикални погледи и воопшто добар. Тој дојде на конгресот, и претставуваше за нас скапоцена придобивка како воено лице, а особено затоа што беше малкотрновец, па се надевавме дека ќе ја придобие довербата од малкотрновци. И не се излажавме во него. Тој веднаш се здоби со симпатиите од сите, и беше избран во борбеното раководно тело. Затоа своето место му го отстапи Конделов. Кога веќе бевме при крај во работата на конгресот, едно одделение турска војска, без да знае за нас, натрапа на нас. Претходниците открија оган. Штом ја слушнав стрелбата зедов едно одделение, и отидов на помош, го одбивме турското одделение. Од Турците останаа во шумата двајца мртви, а по пат умреле уште три-четири мина. Во меѓувреме секретарите ги запалија записниците од конгресот, па потем по сеќавање востановија што се решавало. Пред да ја завршиме работата на конгресот, им предложив на другарите да ме ослободат од востаничка работа во Малкотрновско, за да отидам во гр. Одрин, така што во тоа време, кога тие ќе кренат востание, јас со помош на ерменските револуционери во Одрин да извршам неколку терористички акции, за да ја задржиме троа турската војска. Другарите со многу добра волја ја прифатија идејата да се извршат терористички акции во Одрин, но не се согласија за нив јас да отидам. Не здогледував кој би можел да ме замени. Даев сам ја предложи својата готовност, и беше прифатен, под услов сам да си ги избере другарите Бугари. Ерменците во Женева велеа дека се мошне јаки во Одрин. Се мислеше да се дејствува преку Женева. Другарите ми дадоа 15 дена отпуска, да отидам во Бугарија, за да ги подготвам експлозивите и да се среди со каналот за Одрин. Конгресот заврши со работа и сите си заминаа во своите места. Ние страхувавме дека во време на востанието претставништвото на В.О. може да не изигра за нешто, и затоа посакавме да има и еден одринец, член во тоа претставништво. Го избравме Павел Ковачев, што беше учител во Одрин. Мнозина од легалните делегати посакаа да се сместат блиску до границата како началници на пунктови. Бевме решиле дека сите кои биле на конгресот, треба да земат учество во востанието па тие гледаа да се извлечкаат. Ние им излеговме во пресрет на желбата, бидејќи и без тоа се гледаше оти од нив нема да има многу полза. Го зедов со себеси Даева, и заминав во Пловдив, бидејќи огранокот на Женевскиот ерменски револуционерен комитет беше во Пловдив. Во согласност со овој огранок им напишавме на Револуционерниот комитет „Дрошак“ во Женева, да ни услужат во Одрин со двајца-тројца свои луѓе, за да ни се најде засолниште, бидејќи нашите луѓе во Одрин не ги биваше за тоа. Ги подготвив експлозивите дома кај мене во Пловдив (бомби, динамитни запалки-детонатори) и ги испратив на одринската граница, за да бидат пренесени во град Одрин. Телеграфиравме во Солун и Битола, во согласност со решението на конгресот, да се одложи востанието. Ни одговорија дека можат да го одложат за најдоцна до 20 јули, затоа, кога вивна востанието во Македонија, јас бев во Пловдив, па и другарите внатре не знаеја, па ние не пуштивме наши весници во Одринско. На самото борбено раководно тело му беше предоставено тоа да го одреди денот на востанието во Одринско. Ние, од борбеното раководно тело, си бевме определиле да се најдеме одреден ден над селото Мегалево, на еден планински врв. Во согласност со ЦК (со претставниците Матов и Татарчев), средивме да се испратат по пругите во Македонија и Одринско во сандаци пеколни машини (со часовници), што ќе експлодираат на турска територија. Имаше подготвени такви шест-седум сандака. Еден сандак испративме по насоката за Скопје, преку Србија. До Софија го придружуваше Даев. Часовникот ја одредуваше експлозијата најмногу за 12 часа; експлодира во Зибефче. Еден друг сандак се испрати од Пловдив за Солун преку Одрин, беше курдисан да експлодира над големиот мост на Марица, а експлодира на станицата во Кулели Бургас. Таму имаше убиени околу 40-50 мина, но Турците го скрија тоа. Еден друг сандак требаше да биде испратен за Цариград, но тој експлодира дома кај нас. Еден сандак (куфер) преку Варна во паробродот „Васкапу“ експлодира кај Бургас, а требаше да експлодира во цариградското пристаниште, но по грешка експлодира порано. Сите овие работи беа експедирани по моето заминување за Одрин. Го оставив Пасков дома да варди. Пред тоа ги убедив мајка си и татко си летото да отидат во Копривштица, без да им наведувам причина. Знаев дека е опасно, дека може да дојде до експлозија. Експлозијата се случи во дворот (40 кгр. динамит!). Едната куќа беше разурната и беа убиени тројца: едно момче, Петров, од Карлово, едно велешанче (Књахчето) и една госпоѓица - Маријка Караџова, дојдена случајно да бара некоја своја пријателка. Јас бев веќе во Одринско, на пат, бев кај своите другари. Експлозијата се случи на 26-27 јули. Веднаш на 21. преку Бургас и преку с. Бургари заминав. Се најдов со другарите. Го оставив Даев во Бугарија; тој отиде во Варна да бара другари, а Пасков остана во Пловдив да раководи со испраќањето на оние сандаци. Во крајот на јуни (28-30) се сретнав со Маџаров и Икономов. Им соопштив дека во Македонија е веќе прогласено востание, и дека ние треба да побрзаме со нашето востание. Решивме востанието да го кренеме во текот на ноќта на 5. спроти 6. август. Конгресот не ни беше определил никаква акција; ние самите ќе раководиме со востанието, без да влегуваме во битка. Ова ни се стори непрактично. Јас предложив секој од нас да преземе по една самостојна акција, и тоа на територија, што да биде подалечку од територијата на Организацијата. Им дадовме општ план за дејствување на војводите: им беше предоставена широка иницијатива, да се трудат се дотогаш додека Турците се исплашени, да заземаат офанзивен став, да не се вовлекуваат внатре во турска територија, а кога ќе се најдат принудени да отстапат, да гледаат пред сѐ населението да биде запазено, па тогаш да отстапуваат тие. 6 април Издадовме едно окружно упатство, сите револуционерни началници на одделни револуционерни секции да ни дадат податоци за тоа какви одделни офанзивни акции ќе може да преземе секој од нив, и колкав број турска војска може да најде против себе. Исто така на секој од нив им испратив по еден од часовниците, што ги бев купил од една иста фабрика, сите еднакви, монтирани еднакво, за да се сообразуваат токму според времето на нив, па револуцијата да ја започнат точно во 3 часот изутрината на 6 август. Ние тројцата си избравме една акција на три различни точки и надвор од определените секции. Бидејќи немавме луѓе на свое располагање, решивме секој да земе 50-60 мина од соседните секции. Маџаров го избра селото Дереќој во кое беше сместено едно одделение војска, на патот Лозенград - Малко Трново, стратегиски пункт, за да се спречи бегањето на малкотрновската војска, и да не дојдат нови војски од Лозенград накај М. Трново. Ст. Икономов го избра селото Узунќој, гркоманско село, во кое исто така престојуваше еден гарнизон, што можеше најлесно да и дојде на помош на војската што се наоѓаше околу селата Велика, Мегалово и др. Таму тој требаше да ги варди и јужните падини на Странџа од можното доаѓање на војски од Бунархисар. Јас го избрав гратчето Василико, околиски град, во кој имаше гарнизон војска и околиска управа и други установи и пристаниште, за да не нѐ удрат во тил со десант на турската војска. Освен ова на множество селски војводи од пограничните бугарски села во Одринско им определивме во иста ноќ да ги нападнат сите турски стражарски места на граничната линија, од морето по целата должина на границата до р. Марица, да ги изгорат караулите, и да не ги остават да се соберат, туку да ги преследуваат. На таков начин го имавме четириаголникот заштитен од сите страни. Војводите ни јавија какви акции имаат намера да преземат. Ние ги одобривме сите нив, затоа што ни се чинеа практични. Имаше уште едно прашање: дали да ги закачаме турските села или не? Икономов беше за, Маџаров беше против. Јас бев да не ги оставаме на мира, бидејќи речиси сите турски села таму беа мухаџири (преселенци) тие не го оставаа на мира нашето население, беа вооружени и можеа да нѐ нападнат со башибозук. Таму меѓутоа, имаше само четири турски села, таму бугарското население е компактно. Се постави и едно друго прашање: дали да го нападнеме градот М. Трново или не. Икономов беше на мислење уште по првите акции, што ќе бидат извршени првата ноќ, сите чети веднаш да се упатат кон М. Трново, таму да се групираат, и да го нападнат. Маџаров, што мошне недамна беше поминал низ градот, знаеше дека во градот имало многу војска, па е сомнително дали ќе успееме, а сосем е сигурно дека ќе го подложиме на колеж бугарското население во градот. Јас мислев дека најпрвин би требало да се провери колку војска има во М. Трново, и ако ги има повеќе од 500 мина, да не напаѓаме, а пак само ако се помалу да нападнеме. Освен тоа бев на мислење дека не би било добро да ги оставиме реоните веднаш без оружена сила, па со тоа да бидат изложени да не удрат од тил. Испративме луѓе да узнаат во самиот град колку војска има токму. Ни еден селанец не можеше токму да ни објасни. Едни велеа дека имало 5.000 дури 10.000, а најмалата бројка беше 2.000. Се разбира, ние решивме да не нападнеме на градот. Потем се разбра дека таа ноќ таму имало само 300 мина војска, та прекрасно сме можеле да нападнеме и да го преземеме градот. Туку за тоа узнавме доцна. Пред да се разделиме си рековме, наместо пак да се собираме наедно, подобро е да си ја распоредиме работата и секој да земе по една третина од целата револуционерна област, па да обиколува низ неа и да дава распоредување. Јас го зедов источниот крај, јужниот го зеде Икономов, а Маџаров, западниот. Северниот крај го оставивме така, бидејќи таму беше границата, и бевме уверени дека ќе се ослободиме од војниците што беа на границата. Таму го бевме испратиле Шиваров да го нападне гарнизонот (караулата) во Граматиково, и да провери дали турските стражарски места се разгонети. Се разделивме. Со мене дојде и Силјанов, што беше постојано со нас како секретар. Пасков беше во Бугарија, а во време на востанието тој остана во Бургас. Заминав со двајца-тројца - со Карчо (род од Кукуш), што ми беше другар уште од времето кога бев со чета во Кукуш. Карчо го убија подоцна заедно со Дамјан Груев. Отидов во реонот на Петар Ангелов, што ги држеше селата Пиргопуло, Блаца и Маџура. Во Блаца со Бугари - гркомани, особен вид фанатици - играат врз оган. Тие зедоа учество во востанието, тие се задушени сред грчки села во василиковската област. Таму се сретнав со П. Ангелов. Тој недамна беше извршил една работа, што за малу ќе создадеше опасна афера. Го запрашав што мисли да прави во време на востанието. Тој ми одговори дека немал некој посебен план, имал намера да ги нападне малите патроли. Јас сметав дека е подобро да се урне кулата светилка во Инијада и пристаништето. *** VI Марш кон Василико. Герџиков со чета од 80 мина ги напаѓа касарните во Василико. Турските војници бегаат. Однесувањето на селаните востаници. - Храбриот комита, Русинот Николај. - Турските војници бегаат. - Акцијата во Инијада успешна. Заробени турски заробеници. Грчка делегација од Василико кај Герџиков. - Г. испраќа свој заменик свечено пречекан во Василико. Силјанов фаќа тројца турски функционери. - Ранетите и заробениците се испраќаат во Бугарија. Од Инијада тогаш осветлуваа со толку силни рефлектори, што не осветлуваа во шумата, каде бевме, така што сѐ гледавме низ шумата, иако до Инијада имаше 50-60 км. Ние не можевме да ја видиме Инијада, и претпоставувавме дека оваа светлина е од електрични рефлектори од турски воени бродови. Не знаевме дека таму дошле руски воени бродови. Дури руски офицери, слезени за да одат на лов на сушата, сретнале едно одделение труски војници, што овие ги помислиле дека се наши комити. Во таа престрелка паднале неколку турски војници, а нивниот офицер, бегајќи се наврел на наши луѓе, што го убиваат, и му ја донесоа облеката и дури една карта, што ја нашле кај него. Зедов дел од момчињата на П. Ангелов, зедов и од секцијата на Шиваров, пак неколку момчиња селани, исто и од цихнихорскиот реон, и на таков начин се формира една чета од 80-мина. Со сите нив на 3-ти август изутрината на разденување се најдовме на „Китката“, врв над Василико. Ниеден од нас немаше одено во Василико; знаевме дека има две маала, турско и грчко, а не знаевме колку војска има таму. Меѓутоа, на врвот на Китката, (на еден час пат до градот) наидовме на ќумурџии Македонци, што секој ден одеа во градот да носат ќумур, од каде со чунови се препраќа во Цариград. Веднаш ги уапсивме сите, но се покажа дека сите тие се членови на Организацијата во Битола, кои уплатувале и членски влогови во битолската организација. Старите сосе коњите ги испративме во Бугарија, а младите ги задржавме. Оние што не можевме да ги снабдиме со пушки, останаа да дејствуваат со секири, да ги пресечат телеграфските жици, бандерите и сл. На еден од нив, што се чинеше најпредан и најразбран, можевме да му се довериме да отиде во Василико, да ги прегледа касарните и одделните установи и со тоа ни даде ориентација. И ние со бинокол можевме да ги распознаеме улиците, па самиот јас направив една скица на улиците. Се снабдивме со неколку тенеќии газија, пак од градот, со помош на истиот Македонец, да ни послужи за запалување на турското маало. Малу северозападно од Василико се наоѓа турско село Потурнаково. Бидејќи овие Турци порано вршеле ѕверства, требаше да се стори нешто за да ги подисплашиме, за да не ни се спротивставуваат. За ова го одредив Георги Костандиев и му дадов бомби и неколку момчиња. Бидејќи истата ноќ требаше на неколку места во околноста истовремено да се извршат акции, бидејќи се наоѓаат во близина, па можат да се слушнат пукотниците, и бидејќи во Василико имаше доста војска, испратив курири во околните места, со порака додека не ги слушнат бомбите од градот и експлозијата во Инијада, ништо да не преземаат. На 5. спроти 6. во еден и половина часот тргнавме од врвот кон Василико. Уште пред тоа момчињата ги распоредив во градот да дејствуваат вака: Силјанов со 20-мина требаше да го нападне домот на управата, каде имаше едно одделение вооружени стражари. Друго слично одделение требаше да го опколиса турското маало, а трето одделение со 5-6 мина требаше да го заземе патот меѓу Старо и Ново Василико (Старо Василико е турско маало, а Ново Василико - грчко). Тие се оддалечени едно од друго 3-4 минути пат. Сите други, што беа без оружје, ги испратив, веднаш штом ќе ги слушнат првите пукотници, да ги уништат телеграфските врски. Јас со околу 40-мина - со мене беа Иван Варналиев и Карчо - требаше да ја опколисаме касарната и да ја нападнеме. Претпоставувавме дека во тоа време сите ќе спијат. Меѓу овие четириесет мина имаше само 15 комити, а другите беа селани од околноста. Во последен момент случајно узнавме дека во градот имало не една, туку две касарни, и дека во едната имало околу 500-мина, а во другата до 300-мина. Туку враќање немаше: ова ни го кажа еден овчар што нѐ виде: тој беше Бугарин, член на Организацијата. Зедов да го распрашам настрана, му реков да не кажува ништо, а ништо не им реков ни на момчињата, туку одделив околу 25-мина и ги испратив за другата касарна. Сите сосем лесно без да нѐ сетат се доближивме до целта. Јас им кажав за времето на нападот на сите - по 10 минути, откако ќе влеземе во градот, секој да се најде на своето место, и да го исчекува сигналот, првата бомба. Секој од нас имаше по 2-3 бомби, тркалезни, со фитил. Уште пред даѐ тргнеме, меѓу момчињата имало препирање кој да ја фрли првата бомба. За да не се скараат, решивме да ја фрли еден Русин, Николај, што беше попаднал во нашата чета. Јас го бев нашол во Бургас, еден талкач, дојден од Русија со брод. Тој се покажа како прекрасен човек. Се доближивме на 10 чекори до големата касарна, и сите се наредивме зад еден ѕид. Беше договорено најпрвин да се фрли бомбата, и сите да се втурнеме со бајонети внатре во касарната и да ги убиваме, за да не им допуштиме време да се доберат до оружјето. Крај вратата од касарната забележав еден стражар, што се рашетуваше пред вратата, и уште двајца на ширинката пред касарната, а на десетина чекори други двајца што си прикажуваа. Му бев рекол на трубачот (порано бил штапски трубач во Бургас), штом избувне бомбата, да засвири за напад. Николај ја фрли бомбата со запален фитил. Уште пред да влезе во градот тој запали еден долг фитил, што го криеше запален во ракавот, за да биде сигурен, и да не се искажеме и откриеме со светлината. Откако направи неколку чекори напред, и окара на руски, ја фрли бомбата. Кога експлодира бомбата, еден од оние двајца стражари свика: басталар бизе (се предаваме), а војникот близу до кој падна бомбата, истенка - беше убиен. Трубачот засвире напад, ние сите свикавме ура, и се втурнавме во касарната. Селаните ги бев поделил на два дела, едниот да биде во резерва и да залегне, а другите со нас со бајонети да се втурнат во касарната. Туку во решавачкиот миг меѓу селаните дојде до толкава бркотница, што се испобркаа. Ние се втурнавме кон касарната, а селаните, што требаше да трчаат со нас, залегнати заедно со резервата и од уплав, или господ знае од што, почнале да пукаат накај касарната. Јас, Варналиев, Карчо, козакот Николај и уште само двајца-тројца се втурнавме накај касарната, а сите други залегнаа и пукаат, и нас ќе нѐ испотепаат. Николај истенка - го беа раниле во раката нашите селани. Кога го видов ова, се вратив назад заедно со другарите и им заповедав да одат по нас, а не туку така да пукаат. Пак тргнавме напред, и тие пак залегнаа и пак пукаат, па го ранија Варналиев во петици. Пак се вратив, го извадив револверот, и им реков дека ќе го убијам оној од нив што ќе пука. Им реков, ако не сакаат да одат во напад, барем да си ги подготват бомбите, и така ние пак тргнавме напред, а еден селанец си помислил, очевидно, дека сум им рекол да фрлаат бомби. Осетив дека нешто силно ме тресна во ногата, тоа беше бомба, што за среќа не експлодира, затоа што во својот уплав неговата милост или заборавил да го запали фитилот, или мошне лошо го запалил. Кога се свртев, видов дека нашите селани се повлекле назад. Зад нас беше морето, а пред нас касарната, и благодарејќи на морето, тие не нѐ оставија сосем, туку се повлекле до брегот за да се прикриваат таму, очевидно. Тогаш Варналиев рече да ги витосаме селаните, и да се обидеме низ прозорците сами да се втурнеме и да фрлиме бомби. Но во тоа време козакот, иако ранет, викаше „напред, напред, ќе се втурнеме“, и беше почнал да ги крши вратите од касарната. Се вративме пак кај влезот во касарната. Во тоа време откај морето слушнавме пукотници накај нас: турските војници успеале да побегнат низ некои други врати на касарната накај морето, таму навлегнале во чунови, и оттаму почнале да пукаат врз нас. Тогаш јас им реков населаните да пукаат барем накај чуновите, и тие почнаа да пукаат, накај морето. После видовме дека касарната е празна, дека турските војници побегнале, очевидно по куќите. Другото одделение кај втората касарна нашле само 5-6 мина, што ги потепале, а Другите војници биле отидени за вооружена придружба на поштата и сл. Нашите дојдоа кај мене. Тогаш пламна турскиот дел на градот. Само одделението на Силјанов имало да се бори со неколцина стражари и двајца офицери. Во тој миг слушнавме експлозија во Инијада, што е на 2-3 часа оддалеченост јужно од Василико, точно во 3 часот. И во Потурнаково во 3 часот избувнаа неколку бомби и пламна селото. Руските бродови беа таму, кај Инијада. П. Ангелов ја беше урнал кулата светилка во Инијада. Тогаш почнале да светкаат рефлекторите. П. Ангелов запалил еден дел од с. Инијада што е чисто турско село. Во Василико во акција бевме не повеќе од 1 час, и веќе беше почнало да се зазорува, кога решивме да се повлечеме на зборното место, што си го бевме одредиле од порано. Трубачот засвире повлекување. Се вративме пак во истата планина, но на еден друг рид. Кога излегувавме од градот, не го забележав Силјанова и неговото одделение, слушав пукотници па го испратив Варналиев со неколку комити да му пријде на помош, да види што се случува и да се повлече, ако завршил со акцијата. Овој го пресретнал кога веќе овој бил на пат накај нас, откако ја извршил својата задача. Кога горе се собравме сите, видовме дека нема двајца-тројца од нашите селани, за еден од нив знаевме дека е убиен. Имаше и 3-4 мина ранети. Ги преврзавме ранетите, и тројца од нив, што беа потешко ранети, ги испративме во Бугарија. Меѓу нив, што беа потешко ранети, ги испративме во Бугарија. Меѓу нив беше и Николај, кој беше тешко погоден во десната рака, па потем во Бургас му ја пресекоа. И наспроти тоа што беше толку тешко ранет, тој се бореше со револвер во левата рака. Силјанов беше довел тројца заробеници кои долго време се спротивставувале, не сакале да се предадат. Едниот беше началникот на пристаништето, воено лице, вториот беше началникот на царинарницата, а третиот - началникот на поштата. Тројцата веднаш ни се оплакаа дека по пат биле претресени од комитите, и дека им ги зеле парите и часовниците. Тие одамна немале добиено пари, и штотуку недамна им биле исплатени платите и сл. Јас ги пронајдов парите и часовниците, и им ги вратив. Началникот на пристаништето зборуваше француски, беше интелигентен. Ги распрашав што повеќе би сакале: да ги пуштиме, или да ги испратиме во Бугарија. Тие сфатиле дека востанието е општо бидејќи видоа дека помеѓу нашите има и селани што ги гледале во Василико. Тие се плашеа дека ако ги пуштиме може да ги сретнат други и да ги потепаат. Затоа изјавија дека претпочитаат да ги испратиме во Бугарија. Така и сторивме - заедно со ранетите, разоружени ги испративме во Бугарија. Само на офицерот му ја зедовме сабјата. Ги испративме во Бургас. Веднаш испратив курири по другите места, за да ме известат што направиле во тој реон, а ние си отпочинувавме. Икономов ја беше извршил својата акција не во Урумбегли, туку во Инџеќој. Утредента испратив едно мало одделение во Василико да видат дали има таму војска, да не доаѓа некакво засилување. По некое време тие се вратија со тројца граѓани Грци, како делегати од името на целиот град. Тие посакале да се сретнат со началникот на одредот, со мене. Ги распрашав и тие ми соопштија дека еден дел од турската војска избегал уште во текот на ноќта, а другиот дел од војската збришале од градот изутрината, а заедно со нив избегало и турското население, како и турското население од Потурнаково. Градот бил исчистен од Турците, па не канеа да влеземе во градот, каде ќе не пречекале со радост, за да им поставиме нивна управа, бидејќи останале без никаква власт. Им реков дека ќе биде испратено во градот едно одделение, а пак што се однесува за власта, нека си средат самите каква што си сакаат управа. Не прашаа какво знаме да издигнат („каква бандѐра да вдигним?“), а јас им одговорив дека нам ни е сосем сеедно - нека си креваат знаме какво си сакаат. Им реков дека нема да им наложиме реквизиција, но ќе бараме да ни даваат храна (брашно, сирење, кошови грозје и сл.). Тие изнесоа доста работи. Едно одделение замина кај нив со заповед да не останува таму на ноќевање. Веднаш дојдоа да ни се оплачат дека се појавиле пирати. Шиваров беше заминал таму. Тие го пречекале со биење камбани, со литании, со попови, дотерале и млади девојчиња. Ги поканиле на ручек, одделно Шиваров, но тој не сакал да се дели од момчињата. Ги служеле убави жени и сл. Ги поканиле да останат на ноќевање, но јас строго им го бев забранил тоа. Им подготвиле различни подароци, часовници и одлично, но нашите одбиле да ги примат. Граѓаните си избрале една градска комисија. Шиваров им рекол дека ја смета таа комисија за одговорна за секое и најмало самоволие, што би го направила. Заповедал да ги изгорат сите даночни книги, сите официјални копии, да ги ослободат уапсените. Тоа беше извршено. *** VII Преземените востанички акции успешно извршени во целата област. - Смртта на војводата Кондолов. - Привремено затишје - Проглас до грчкото население во Одринско. - Нерешителност за акција од другарите од главното борбено тело. - Герџиков принуден за сѐ да решава и да распоредува самиот. - Турската војска почнува да дејствува офанзивно. - Паника меѓу бугарското население, масовно бегство кон бугарската граница. - Герџиков се труди да ги задржи Турците, додека се повлечат бегалците - Логор на бегалци кај с. Аланкајрјак. - Шангов пристигнува со чета доброволци. - Жален крај на востанието. Добив известување дека преземените акции насекаде во таа област дале одличен резултат. Затоа решив да заминам накај Малко Трново. Тоа ме окуражи, па сакав да ги повикам другарите да се собереме и да го нападнеме градот Малко Трново. Три-четири ноќи едноподруго слушавме пукотници по границата, значи нашите ги извршуваа своите задачи. Беа изгорени околу 16 турски караули. Турски војници талкаа по еден-двајца низ шумите, избегани од караулите, и тие или беа дотепувани, или заробувани, ние ги испративме едни во Малко Трново, а други во Бугарија. Некои турски војници што беа ранети ги испративме во Малко Трново. Кога тргнав накај М. Трново испратив курири до Маџаров и Икономов. Тие ми одговорија дека се зафатени со месните работи, и не можат да дојдат да се сретнеме. Пред првиот ден на акциите, оној што требаше да раководи со движењето во реонот на С. Велика, Кондолов, беше убиен од Турците. Бил тешко ранет во стомакот. Се мачел неколку часа, ги молел другарите да го докрајчат, и тие фрлале ждрепка кој да го стори тоа, и така еден од нив му пукал во главата. Оваа загуба мошне силно ја почувствувавме. Војската во Урумќој, каде дејствуваше Икономов, не избегала; селаните сѐ онака исто лошо се покажале и Маџаров исто така не сторил ништо особено. Веднаш му напишав на Икономов самиот тој да отиде во с. Велика, да назначи заменик на Кондолов. Од Василико заминав на 7-ми август вечерта. Во текот на сето време на востанието моите другари Маџаров и Икономов избегнувале да земат врз себеси каква и да е непосредна одговорност. Не сакале да издаваат никакви непосредни заповеди и сите ги препраќале кај мене за упатства. Кога ја видов таа нерешителност (Маџаров си беше таков по темперамент, не милуваше да се расправа со множество луѓе, да даде решително мислење), ги презедов врз себеси сите одговорности, па давав совети и распоредувања, дури и на другари што беа далеку од мене и по два дена пат. Тоа многу пречеше на акцијата, и ми поставуваше сопки. Икономов постојано се извинуваше дека е нов во дејноста, и дека би било поинаку, кога би биле заедно. Тие беа претерано скромни, а јас не сакав да бидам во ролја на главен командант, но потем увидов дека не можам да не ја преземам врз себеси одговорноста, и така и несакајќи се наложував на сите. Поради тоа го витосав својот план за М. Трново и решив да појдам во обиколка по другите реони, за да видиме што се случува. Со мене беа неколцина другари - Силјанов и др., Карчо се разболе од пнеумонија, та го испратив во Бугарија. Податоците, што ги собирав отсекаде, лично или преку курири, покажуваа дека турските војски насекаде, од границата до подножјето на Странџа до пред Лозенград - ја напуштиле револуционерната територија, со исклучок на градот М. Трново. Како му така почнавме и внатрешно да се средуваме. Туку јас многу добро предвидував, каков ќе биде крајот. Населението беше весело, по селата играа ора, приставуваа гозби. Немаше мое-твое: во шумите, пред и после конгресот имавме подготвени складови; сиот род беше сместен, во брашно и жита, во заеднички амбари, во заеднички складови. И добитокот беше станал заеднички имот. Бидејќи зедовме многу пушки од турски војници, а бевме внеле и уште кримки од Бугарија, ги раздадовме на населението, и почнавме да ги обучуваме оние што знаеја да ракуваат со оружје. Според мое мислење ние си го изгубивме времето со тие помалку значајни работи. По десетина дена по востанието издадовме проглас до Грците на грчки, во кој ние велевме дека не се бориме за обновување на бугарското царство, не се бориме да преземеме територија, туку само за човечки права, дека и тие и Турците имаат потреба од тоа, па затоа нека ни дадат поддршка во морален и материјален однос. Силјанов го напиша на грчки. Овој проглас го растуривме по грчките села. Само еден Грк дојде во четата, еден 45-годишен човек. Ни едно од момчињата Грци не се одѕва на апелот. Затоа Петар Ангелов, јадосан, на своја иницијатива беше наложил парична контрибуција на некои грчки села - на Ахтопол, Василико и др. Во Ахтопол има државна соларница, тогаш таму имало до 200.000 кгр. сол. Нам ни требаше сол за селата. Затоа му јавив на Ангелов да ја урне државната соларница, да ја извадат солта и да ги пуштаат селаните што ќе доаѓаат со коли да ја разнесуваат солта по селата. Грците не сакаа да го направат тоа, но Ангелов го изврши тоа. Во тоа време ние очекувавме да ни дојде помош од Бугарија. Даев ми беше напишал дека Ерменците не го одржале своето ветување за Одринското прашање, па не можел ништо да направи. Во меѓувреме во Варна се формирала една комисија од одринци, за да собира помош во луѓе и пари. Оваа комисија вооружила четириесетмина комити, повеќето одринчани, емигранти и неколцина Ерменци, на чело со Даев, ги праќа кај нас. Знаев дека ќе дојдат и ги исчекував нестрпливо, бидејќи сметав дека Турците ќе почнат да дејствуваат офанзивно. По 15-20 дена од востанието, по ваквото затишје од турска страна, почнаа до нас да доаѓаат соопштенија од крајните точки на револуционерната област, дека се извршила концентрација на турската војска. Не помина многу време, и јас истовремено од три различни места добив известувања дека турската војска настапува од Дереќој по лозенградскиот пат, каде дејствуваше Маџаров, и од Одрин, по линијата на границата, за да удрат врз нас од крилата, а истовремено во Инијада дошло до турски десант. Отсекаде ме прашуваа што да се прави. Одговарав да се укажува сопротива, колку што се може, но кога силата е преголема, да се пази населението од колеж. Штотуку ја добиле мојата заповед, тие не можеле да ја извршат заповедта, бидејќи населението, кога насетило дека доаѓаат Турците, во крајните области на револуционерната територија веднаш избегало во шумата. Паниката се пренесе врз сето население, и сите се втурнаа накај границата. Во тоа време пристигнува Даев со својата чета. Јас го повикав кај мене, и го испратив да отиде во првити редици, за да се испречи против турската војска, од западната страна. Месностаа во сета малкотрновска околија, каде дејствувавме ние, е обрасната густо со шуми. Не можевме да се запреме на ниедно место за некое посериозно судрување; па исто така и за Турците не беше погодно местото. Бешто погодно само за пусии. Не можевме да се гониме еден со друг низ шумата. Турците што настапуваа, првин од далеку ги бомбардираа со артилерија шумата и селото, а потем влегуваа Кога настапи оваа бркотница, јас, Маџаров и Икономов бевме разделени, и не можевме веќе да бидеме во врска, бидејќи војската навлезе меѓу нас. Тоа се случуваше околу 25-26 август. Тау кај што бев јас, едвај најдов една месност со два голи рида, и таму се окопавме, решени да поведеме борба. Бевме 60-70 мина, сѐ само селани, а само 15-20 мина комити. А населението беше избегано по шумите. Бидејќи имаше некои излезени пред нас, се потрудив да отидат зад нас, па така полесно да побегнат по нашиот пораз. Таму три дена се држевме на позициите, туку Турците избегнуваа да стапат во борба, нѐ поминуваа со заобиколување. Најпосле решив некако да ги предизвикам. Испратив едно мало одделение на една не мошне значна тумба, со заповед, кога ќе забележат Турци, да отворат оган врз нив, а потем да се повлечат накај нас. И навистина стана така, и ги нападнаа турските војници. Овие исто така истрелаа неколку плотуни, се заврза мала меѓусебна стрелба, нашите имаа надмоќ. Јас зедов неколцина другари, и отидов како зајакнување. Но во тоа време Турците се повлекоа. Не поминаа ни два часа, веднаш почнаа да нѐ засипуваат со оган, со артилерија од прикриено место. Ние се наоѓавме на главната позиција. Отпрвин селаните се исплашија од гранатите, но потем се окуражија. Гранатите паѓаа отпрвин зад нас, и пред нас. Се виде дека Турците не можеа да ја одредат далечината, и кога отпочнаа да пукаат, сите штрапнели паѓаа на едно 300 метри пред нас. Оваа пукотница продолжи до вечерта, а ниеден Турчин пешадинец не се појави. Беше очевидно дека во артилериска стрелба Турците беа аџамии. Во текот на денот населението што се наоѓаше на 1 час оддалеченост од нас ги слуша топовските татнежи и во паничен страв, повеќето жени и деца, бегаат накај бугарската граница, а мнозина од нив беа кај нас, кај мене. Решивме ноќта да останеме на своите позиции, претпоставувајќи дека утредента војската ќе нѐ нападне. Во текот на ноќта ги обиколив своите ноќни патроли, составени повеќето од селани и установив дека повеќето од нив ги нема, избегале. Најдов еден во моментот кога сакаше да се извлече „Бај Герџиков, додека тука по селата беа децата и жените имаше за што да се биеме, но сега тие таму во Бугарија ќе питаат, а пак јас немам за што тука да се борам, не сакам да се борам за буките.“ Овој одговор ми остави силен впечаток. Го разоружав и го испокарав. Отидов кај другарите, ги разбудив, и им кажав како стои работата, па ги запрашав дали сакаат да останат да изведеме една битка. Тие рекоа дека сакаат, туку сепак искажаа желба првенствено да си ги обезбедат семејствата. Сепак и утредента ги чекавме Турците, но тие никако не се појавија, ниту со артилеријата, ниту со својата пешадија. Дојдоа курири и ни јавија дека населението од внатрешноста бега кон границата и по другите места, и дека можеби ќе биде догонето од аскерот и од Арнаутите. Тогаш јас ги отпуштив повеќето од половината од селаните, да ги стасаат своите домашни, а со комитите (15-16 мина) тргнав да ја подзапреме некако војската, додека другата група бегалци стаса до Бугарија. На одење натаму нѐ пресретна еден друг курир, кој ни соопшти дека Даев со своите другари ги придружувал бегалците, и дека тие слободно ќе можеле да минат до границата. Ми кажаа дека имало уште бегалци од внатрешноста, што ќе поминеле накај границата. Во тоа време ми јавија дека војската, што доаѓаше по граничната линија, на секоја една од урнатите турски караули, до која ќе стасала, оставала под шатор и по 100 мина аскер, кои веднаш ја зафаќале границата и го чинеше отстапувањето невозможно. Тогаш веднаш го испратив овој курир да му јави на Даев да ни испрати 10-тина момчиња до една турска караула, што уште не беше заземена, па да отидам да ја заземам, за да имаме барем едно место, слободно за отстапување. Тоа успеав да го сторам. Тоа беше во почетокот на септември. Множество од бегалците, известени од луѓе што ги испратив, поминаа по овој канал. Врвулица бегалци се влечкаа по овој канал околу 4-5 дена. Кога бегалците преминале, добив вест дека во Бугарија околу Аланкајрјак се насобрале околу 15-20.000 илјади бегалци, гладни, без покрив над главата, без храна, без ништо, без никој да се погрижи за нив. Тогаш одделив 10-на мина другари од четата да предберат и одведат во Бугарија еден цел турски кардак говеда, околу 100-тина грла, што беше во близина, и да го одведат накај Аланкајрјак за бегалците. Селаните, што беа со мене, исто така настојуваа да си одат во Бугарија. И јас увидов дека е глупаво да се спротивставувам понатаму, па сите ја поминавме границата, и се упативме накај Аланкајрјак. Ги сретнав и Маџаров и Икономов, што исто така беа преминале во Бугарија, тој ден и претходниот. Сите бегалци беа собрани на една голема ледина до с. Аланкајрјак. 7 април Наша задача ни беше да им помагаме на бегалците, да им набавиме храна. Оние одграбени турски говеда се најдоа токму. Го повикав Крсто Б’лгаријата од Чокенско. Тој дојде со својата чета. Пристигна и Шангов од Софија со една чета од 40 мина, што ги собрал во Софија. Тој ми соопшти дека насобрал пушки, половината берданки, половината манлихерки, добил и пари, та формирал чета од секакви типови. Шангов дојде во логорот, кај бивакот во Аланкајрјак, и тој си крена еден чадор. Јас му реков дека тој не може тука да дејствува мимо Организацијата. Ги разоружив момчињата и нивното оружје им го дадов на своите луѓе, на селаните бегалци, бидејќи пушките што ние ги имавме беа кримки. Шангов се лутеше и затоа и сега не се мирисаме. Ги собрав во едно само поздравите момчиња, појуначните комити, оти сметав дека сега ќе дејствуваме со повеќе ризик. Од 5-600 вооружени луѓе на тој начин останаа само 100-тина мина. Со нив јас, Маџаров и Икономов се вративме внатре до самата граница. Решивме да испратиме две одделенија да ги тероризираат Арнаутите, што ги пљачкосуваат напуштените имоти. На чело на едно од одделенијата беше Варналиев, и Дико Џелепов - на другото со по 15-тина мина. Едно друго одделение испративме накај Блаца и Мацура, од каде населението не беше успеано да избега па уште се криеше во еден дол за да му биде вооружена придружба и да го префрли преку граница, а веќе слушнавме дека Турците прават насилства. Ова одделение го водеа месни луѓе. Бидејќи имаше уште голем дел од населението, што не беше успеало да избега, а слушнавме дека војската го навтасала, испративме четврто одделение да ја пречека војската. Другите околу 30-40 мина комити ги поделивме на три чети, со по 10 мина, така што секој од нас требаше да нападне од три различни страни една турска караула, касарна, блиску до границата, што најмногу им пречеше на бегалците. Ја нападнавме, (во почетокот на септември) и ги држевме во опсада неколку часа Турците, дење; ги опколисавме, но тие успеаја да се приберат во рововите околу касарната, отворија оган и ние требаше да водиме со нив неколку часа престрелка. Планот ни беше да ги нападнеме ненадејно, туку тие од порано ја здогледале претходницата на Икономов, и така постигнавме само толку што тие разбраа дека во околноста уште сме присутни, па не се осмелуваа многу да излегуваат и да ги начекуваат бегалците, да обесчестуваат жени. Успеавме во потполност да го запазиме отворен овој канал за бегалците, обеспокувајќи ги Турците со своите герилски одделенија, така што бегалците успеаја да си приберат по нешто. Оваа караула беше јужно од Аланкајрјак, блиску до стражарницата Чифлик. Потоа Турците станаа дефинитивно господари на положбата. Нашите бегалци, од една страна оние што беа близу до Аланкајрјак, заминуваа накај Бургаско, а пак други се упатуваа накај Алаѓун и Факијата. Јас со Силјанова и Икономова направив една обиколка, за да видиме на каков ал се бегалците. Ги затековме во страшни околности - спиеја по улиците, по црковните дворови, гладни, премачени. Ги наговаравме да се вратат назад во Турција, и ги уверувавме дека и ние ќе одиме со нив. Туку тие беа обземени од паничен страв, и не можеа да се решат на тоа. А околискиот началник од Бургас им ветуваше дека ќе бидат населени во Бургаско. Сево ова продолжува до крајот на септември. Тогаш се вративме, и јас отидов во Пловдив. За населување на бегалците беа назначени комисии од владата, под претседателство на окружни управници. Овие емигрантски комисии ги населија бегалците делумно во Варненско, најмногу во Варненско, не помалу од 6-7.000-мина, а другите во Бургаско, Карнобатско и Ајтоско. *** VIII Герџиков во Софија. - Собрание на македоно-одрински дејци по прашањето за одговорностите за кренатото востание - Б. Сарафов заминува во странство. Герџиков оди со него. - На станицата во Белград - Средби со луѓето од српската влада. - Однесувањето на Сарафов во Виена и Лондон. - Г. негодува против Сарафова. Пред да се вратиме во Пловдив, ние тројцата со Силјанов и уште неколцина други комити поминавме околу 20 дена во с. Св.Никола кај Созопол. И Даев беше со нас. Владата нѐ прогонуваше. Ние сакавме да запазиме барем дел од оружјето што го бевме прибрале од бегалците. Оружјето го разместивме по складови и крај границата, ги променивме местата на складовите, туку владата ги пронајде и новите складови, и го конфискува поголемиот дел од оружјето. Најдоа и 100-тина бомби, што им ги предадоа на воените во Бургас, а тие, од страв да не дојде до некоја експлозија во нивните складови, ги фрлија во морето. Во тоа време добивме вест од Софија да отидеме на некакво советување, бидејќи во Софија пристигнале множество војводи од Македонија, а и Сарафов се беше вратил. Сите ние - не се сеќавам за Даев, дали дојде и тој - дојдовме во Софија и зедовме учество на советувањата, што веќе беа започнале. Тука беа и Сандански, Чернопеев, Чакаларов и др. На дневниот ред се наоѓаа две прашања: Сандански и Чернопеев го поставија прашањето за што се кренало востанието, во кое тие не зедоа активно учество. Сандански беше јадосан, оти други се прославија, особено Сарафов, а овој пак не беше направил ништо. Главната цел им беше да се манифестира тенденцијата на Сандански и компанија за отцепување; тие формираа крајна левица. И јас говорев, дека по принцип сум бил против кревањето на востанието, па и јас бев во принцип согласен со Сандански, а имено, дека Организацијата треба да тргне по друг пат, да се децентрализира, да се реформира, да се стори сѐ што е можно да се зајакне наново, за да се избегнат по вторпат такви улавства, како досега и сл. Сандански и др. добија поддршка од Стефанов, што беше нивниот идеолог. Второто прашање беше: Сарафов изјави на собранието, а исто така и Чакаларов, дека тие, кога го напуштиле населението во Битолско, ова ги ополномоштило од каде и да е да најдат пари, за да му помогнат. Сарафов изјави дека тој во свое име ќе замине за Европа, да ги набави тие пари, на начин каков што тој ќе смета за погоден. Најмногу на тоа се спротивставив јас, бидејќи постапката на Сарафов претставуваше акт за непочитување на Организацијата, акт на самоволство, дотолку повеќе што во странство неговото име беше поврзано со името на Организацијата. Побарав да го покаже полномошното со кое божем го ополномоштило населението од Битолско. Добив поддршка од целата левица, собранието беше бурно толку многу, што дојде до тоа за малу да се вадат ками и револвери. Ова прашање беше претресувано од собранието две-три вечери. Стефанов во мене виде свој противник, што успеал да повлече со себеси поголем дел од другарите. Затоа една вечер, накај десет и половина часот, кога бев излегол од собранието, ме начекаа стражари, ме зграбија и ме одведоа право на железничката станица, и ме интернираа во Пловдив. Јас сум уверен дека сето тоа беше работа на Сарафов. Јас отворено и јавно му бев рекол, дека ако ми падне в раце внатре во Турција, ќе му ја одерам кожата, а и тој ми го кажа истото. Нашите односи беа многу заострени. Во тоа време, додека заседававме, во текот на 2-3 дена по 2-3 пати ме повикаа претставниците Татарчев и Матов во домот на Стефанов, и таму тие ме уверуваа дека Сарафов бездруго ќе успее да отиде во Европа, па дури и самиот, и дека е подобро некој од нас да отиде со него. Јас предложив да отиде Татарчев, како најпогоден, најсветски човек. Татарчев не се согласуваше, но Стефанов остана на своето настојување Да отидам јас. Јас не се согласував, и прашањето остана така, а другата вечер властите ме интернираа во Пловдив. Десетина дена по ова во Пловдив дојде Туше Деливанов, и ми рече дека е задолжен од Стефанова, Матова и Татарчева да ми каже, а и од свое име ме советуваше да заминам заедно со Сарафова. Јас им реков дека би сакал да ја имам согласноста, барем од сите другари од собранието, а тој ми рече дека сите тие се согласни. Подоцна се разбра дека Стефанов му пренел така, го излажал. Стефанов бездруго во мене гледал некаков ривал, и бидејќи беше почнал самиот да има извесно влијание врз левицата, па сакал да ме отстрани. За моето заминување јас поставив услов, Организацијата да издаде само едно полномошно, во кое да бидат споменати моето име и името на Сарафова, така што тој да не може без мене никаде да ја претставува Организацијата, ниту пак јас без него. Претставниците се согласиле со ова, бидејќи интимна желба им било да нѐ отстранат оттука и двајцата нас, бидејќи Сарафов во своите раце го држеше едниот лагер, а пак јас спротивниот, па така во наше отсуство да можат полесно да излезат на крај со оние што негодуваа. Од Пловдив јас тргнав право за Белград, бидејќи не смеев да се запрам во Софија, бидејќи бев интерниран, и мислев дека владата може да ми направи некаква препрека. Во Белград го чекав Сарафова 4-5 дена. Во Белград ги затеков Матеј Геров и Љапов како претходница. Сарафов беше презел чекори да се рекламира насекаде. Матеј Геров беше ангажирал стотина студенти, други граѓани ангажирал Љапов, па на станицата се беше збрал множество свет, што го пречека Сарафова со овации. Јас не знаев ништо, дека пристигнува Сарафов, тоа Љапов и Геров го криеја од мене. Немав ни пари, чекав да ни испратат пари за да си купам облека. Грамадницата одеше по пајтонот, извикувајќи му „живео“ на Сарафов. Мнозина студенти се качија горе во хотелот „Код Париза“. Сарафов излезе на балконот и одржа говор. Воопшто земено беше многу свечан пречек. Утредента и јас се преместив во истиот хотел. Најпрвин дојде да не посети Светослав Симиќ, а вечерта нѐ покани на вечера, на која присуствуваа и некои од офицерите заговорници, што го подготвуваа пресвртот, меѓу нив и Машин. Геров остана да се вртка крај нас, а Љапов се изгуби некаде. Геров сакаше да му издејствувам од претставништвото во Софија да му биде дадено полномошно да остане како претставник на В. организација во Бугарија. Јас го одбив, бидејќи ми остави лош впечаток, и им напишав писмо против него на Татарчев и Матов. Утредента кај нас дојде Балугчиќ, кој излезе стар пријател на Сарафова, и тој нѐ покани на ручек, велејќи дека ќе присуствува и едно лице, за кое не треба да се знае дека сме се виделе. На ручекот дојде еден господин, кој ни јави дека очекуваното лице нема да може да дојде. Тогаш узнав дека очекуваното лице бил некој си роднина (вујко?) на сегашниот крал Петар. Таму дојде до еден мал маневар. Госпоѓата Балугчиќ ме заприкажа, тоа беше при подавањето на кафето, а во тој момент оној господин што рече дека лицето нема да дојде, се тргна со Сарафов во друга одаја, и таму останаа околу 20 минути, и потоа пак се вратија. Во тоа време дамата особено се трудеше да ме занимава, и јас не можев никако да се извлечкам од неа. На збогување дамата предложи да се фотографираме заедно сите, да нѐ сними еден фотограф, што случајно (?) се нашол таму и се фотографиравме. И Матеј Геров позираше со нас. Утредента заминавме за Виена. Љапов ја беше подготвил работата, кога стасавме на станицата во Виена, нè пречека г. Минцес. Минцес му се обрна на Сарафова, меѓу другото и со зборовите: „Борисе, немој да одиш таму, затоа што нема да излезе ништо“. Сарафов го потчукна по рамото, и му одговори: „Не плаши се, Борис знае што прави“. Јас настојував да си заминеме понатаму уште истата вечер. Сарафов велеше дека е убаво да останеме барем еден ден да си отпочинеме во Виена. Утредента изутрина Сарафов ми рече дека имал некоја своја пријателка, со која сакал да помине до пладнето. Јас до пладне останав во хотелот со еден студент, Киселков, кого го имав повикано, и кон 11 часот излегуваме од хотелот. Токму уште на вратата, запре еден пајтон, и слезе Минцес, кој зазбиван ме запраша: „Дали е тука Сарафов?“ Јас му одговорив дека не е тука. „Па нели му реков да не оди таму?!“ „Кај кого?“ - запрашав. „Кај грофот!“ Запрашав: „Кај кој гроф?“ Минцес ми одговори: „Голуховски. Зарем си мислите дека Борис може да го надлаже човекот што во своите раце го држи целиот Балкански Полуостров!“ Јас, иако не бев во текот на работата, за да не се најдам во глупава положба пред Минцес, му реков: „Не плашете се, Сарафов не е дете, и ќе знае како да постапи“. На овој разговор беше присутен и студентот Киселков. Минцес беше многу растревожен. Јас го поканив Минцес да дојде во ресторанот, каде требаше да се сретнеме со Сарафова, но Минцес јадосано ми рече: „Не сакам ни да го видам“. Се качи на пајтонот и си замина. Во ресторанот по малку дојде и Сарафов. Јас сѐ уште бев со Киселкова. Само го запрашав: „Е, како напредува со љубовта?“ Тој почна да ми расправа дека таа била жена што тој ја сакал, а која не ја видел одамна и сл. Сѐ на таа тема. Вечерта заминавме за Лондон. Патем го прашав Бориса: „Зошто си го растревожил Минцеса?" „Зошто кога ти кажал да не одиш кај Голуховски, а ти отиде“? Сарафов брецнато ми одговори: „За каков Голуховски ми зборуваш? Кој ти го рекол тоа? Тој го сонувал тоа; не сум бил кај никој Голуховски.“ Тоа беше сѐ на таа тема. Во Лондон преку Довер не пречека Божирад Татарчев, и слеговме во неговиот пансион. Речиси истовремено таму пристигнаа и Цончев и Гологанов. Се сретнавме со г. Мур, пратеник, со мнозина од членовите на либералната партија. Ни организираа средба во клубот на либералите, со Цончев и Гологанов. Пред тоа нѐ запрашаа да не имаме нешто против. Очигледно сакаа да ги узнаат нашите односи. Организираа и панахида за паднатите во нивната катедрала. Нивниот епископ одржа говор. Беа присутни Цончев, Сарафов и јас. Борис постојано гледаше да најде некаков заем - 2-3 милиона. Се сретнавме со некои луѓе, сѐ така за тоа прашање. Луѓето му бараа „реални гаранции“, а тој им предлагаше експлоатација на Охридското Езеро, кога ќе се ослободи Македонија. Тоа беа глупости. Во Лондон узнав дека таму бил некојси Лазаровиќ, што издал карта на Македонија, на која биле одбележани стратегиските точки, каде ќе се одвиваат борбите (небаре тие пунктови биле одбележани со раката на Сарафов). Него го сметале за претставник на Организацијата, собирал пари што божем му ги праќал на Сарафов и сл. Никаквец. Му рекол на Божирада да среди да дојде до средба меѓу мене, него и Сарафов: До средбата дојде во писарницата на Мур (адвокатска писарница). Уште на првата средба веднаш го запрашав Лазаровиќ каква е таа карта, кој му дал право да собира пари и сл. Лазаревиќ призна дека земал пари, но рече дека испраќал пари и на Организацијата. Кога го запрашав кому му праќал одговори дека му ги праќал на Сарафов. Тогаш Сарафов беше принуден да признае дека добил не повеќе од десетина илјади франка, а оној тврдеше дека испратил многу повеќе, дека праќал пари и преку претставниците на Организацијата во Грција. Се извинуваше дека натоварил еден брод со оружје, и дека оружјето од тој брод било конфискувано од Турците или од грчката влада. При овие разговори и Лазаровиќ и Сарафов се збркаа. Тоа го забележаа и Татарчев и Мур. Во тој миг влезе жената на Лазаровиќ, една убава Американка, со слободни манири, и веднаш ни се нафрли со комплименти, дека била среќна што може да ни ја стегне раката, да се запознае со нас, да и раскажеме нешто за себеси и сл. На тој начин таа умешно го прекина разговорот, нѐ фати под рака, нѐ одведе долу на улица, нѐ покани да дојдеме на ручек. Јас сакав да одбијам, но Сарафов побрза и ја прифати поканата за ручек. Утредента Лазаровиќ телеграфски ми го кажа менито. Страшен шарлатан. ** Спомени на Михаил Герџиков за неговата дејност во Одринско, Цариград 1925 година До 1902 г. во разни кази на Одринско имаше организации создадени од некои војводи. Меѓутоа, во нивното работење немаше единство, си пречеа едни на други бидејќи секој работеше на своја глава. Се случуваше некој војвода да забранува да се пренесува нешто за друг низ неговиот реон. Природно, во таква состојба и не само работата не одеше туку и создаденото се доведуваше во опасност. Народот остануваше под впечаток на несогласувањата и расправиите помеѓу војводите и агитаторите отколку под влијанието на Организацијата, на нејзиното дело. Сето тоа влијаеше дејците во Одринско да ја согледаат потребата од средба. До средба дојде по Велигден 1902 г. во Пловдив. По нивно барање ЦК испрати свои делегати: Гоце Делчев и мене. Туше Делииванов беше присутен како задграничен претставник. На конгресот на одринци особено се истакна Л. Маџаров. Тој вешто и аргументирано му се спротивстави на сарафизмот. Откако ја изнесовме положбата на Револуционерната организација во Македонија, како таа работи, одринци ја сфатија потребата од единство та побараа ЦК да им испрати свој полномошник. Тие дури го поканија Делчев. Се разбира тој не ја прифати поканата, бидејќи беше многу зафатен во Македонија. Тогаш се донесе решение ЦК самиот да го определи својот полномошник. Мене ме определи. И Делчев беше на истото мислење. Тој беше мојот идол. Поради неговиот авторитет есента 1902 г. ја напуштив Македонија и како полномошен на ЦК својата дејност ја пренесов во Одринско. По Странџа Планина најдов добро подготвена почва за организациона работа. Требаше сето тоа да се уреди по примерот на македонското ослободително дело. Две причини придонесоа тоа брзо и лесно да се сврши: прво војводите ја сфатија суштината на револуционерното дело и, второ, Бугарите во Одринско се покажаа поподатливи за организирање отколку македонските Бугари, бидејќи по природа беа покултурни. Големата свест на војводите во Одринско за заедничка работа во многу ми помогна на мојата задача. Сѐ се уредуваше без притисок и амбиции, на другарски основи, кои секојпат се штетни за едно револуционерно дело. Главните внатрешни дејци се делеа на два дела: подвижни и неподвижни. Првите работеа меѓу народот, тие знаеја колку тој е подготвен за борба, затоа и беа против да се подигнува сенародно востание. Вторите главно беа во Централниот комитет. Тие однапред беа убедени дека востанието нема да успее, но мислеа да се направи буна, за Европа да се заинтересира и да се замеша во интерес на потиснатиот народ. Тоа беше и стојалиштето на бугарската влада - да се компромитира Хамидовата власт. Затоа ние подвижните за ЦК велевме царски. Овие спротивставени мислења на подвижни и неподвижни дејци создаваа триења, кои не прекинаа ниту по смртта на Гоце Делчев. Тие беа причина за востанието во Македонија и Одринско да не се подигне во исто време. Од своја страна, сарафистите и врховистите работеа против подвижните и неподвижните дејци на Внатрешната револуционерна организација. Секој настојуваше да го наметне своето. Така се дојде до различни ставови и до немањето на единство помеѓу првите луѓе на револуционерното дело. За среќа не позволив тоа неединство да се пренесе во Одринско кога тоа во Македонија доби карактер на самоистребување што ги јаде децата на револуцијата. Јас и Делчев бевме за терористичкиот начин на делување, а не за општонародно востание. Со него се договоривме да направиме обиди - атентати по пругата: тој во Ангиста, а јас во Синеклиј. И двата пункта беа во средината на турско и грчко население, во Македонија и Одринско. Со тоа сакавме да го сочуваме бугарското население од пустошење, а Организацијата - од растројство. Таквата тактика ги доведува во опасност четниците, додека пак востанието го изложува народот. Во тоа е суштинската разлика помеѓу терористичкиот метод и методот на ЦК за општонародно востание. * Во време на моето одење низ Одринско, кон крајот на 1902 г. додека беа во Каракоч (до Лозенград) добив писмо од ЦК. Ме викаа на конгрес во Солун за разгледување на прашањето за востание. Во писмото се велеше, дека доколку не сум можел да отидам, некого да овластам да ме заменува. Маџаров не прифати да оди наведувајќи дека не сака да се расправа со даскали, како се изразуваше, а и се чувствувал подобро меѓу народот. Тогаш од истово село му напишав на Велко Думев, гимназијален професор во Одрин и претседател на Окружниот револуционерен комитет, дека го овластувам да оди во Солун, и го запознав со моето мислење по прашањето за востанието како и по прашањето за терористичките акции и тактика. Меѓутоа, во Солун гласал за востание. ЦК го искористи неговото држање, и му напиша на Гоце Делчев, со цел да го придобие на своја страна овој голем деец на револуционерното дело, дека и Одринско се приклучило кон мислењето за востание. Делчев бил изненаден од тоа писмо на ЦК та му напишал на Д. Стефанов, сега адвокат во Бургас, а при средба со П.К. Јаворов и нему му рекол, како и на Хаџидимов кој беше со Делчев се до неговата смрт следниве зборови: „Небаре и Мишел ме остави да се борам со овие луѓе што сакаат востание“? Во Одринско и поради неговата специфична положба, не беше добро да се подига востание. За револуционерното движење во него сѐ уште не се зборуваше. Од своја страна политичките прилики во овој крај не беа погодни. Русија не сакаше да допушти едно такво движење пред Цариград, бидејќи овој праг го држеше слободен за себе. Прашање беше дали Европа беше спремна како во 1876 г. да им помогне на потиснатите. Ете затоа јас и по решението во Солун бев против востанието и никако не можев да се помирам со држањето на Велко Думев. Побарав со писмо да ми објасни зошто не се застапил за она што му го бев напишал во писмото од с. Каракоч.Тој ми се извини дека на Конгресот гласал за востание како Воденчанец а не како застапник на одринци. Јас патем протестирав кај ЦК дека Думев не го изнесол мислењето на Одринско. Кога скоро потоа го сретнав во Бугарија лично го искарав, затоа што си ги зголемил правата. Некои врховисти се обидоа да се протнат и во Одринско но таму не ја допуштив партизанштината со револуционерното дело. Бозуков дури побара да оди во Малкотрновско. Му се заканив со смрт. Делчев ме задржа да не одам во крајност, но и Бозуков не дојде по агитација. На 22 април 1903 год. Делчев беше убиен. Судбината отстрани една голема пречка во борбата да се спроведат решенијата на Солунскиот конгрес. Освен тоа ЦК го придоби на своја страна тајниот противник на подвижните, Сарафов, а исто така и Дамета Груев. Последниот самиот попадна под влијание на првиот. Тој му допушти на Сарафов слободно да заседне во неговиот реон - во Битолско, што го сметам за голема грешка на Даме. Неговото зближување со орудието на кнезот Фердинанд доведе до конгресот во с. Смилево, кој донесе решение востанието во Западна Македонија да се подигне на 1 јули 1903 год.[1] Од големите подвижни дејци само Сандански не се приклони кон решението на Солунскиот конгрес. Меѓутоа, за неговото мислење многу не се водеше сметка, затоа што неговиот реон беше на границата, та можело лесно да го вовлече во востанието, со тоа што ќе му испратат неколку чети преку граница, ќе ја предизвикаат реакцијата на турската власт и со тоа ќе го принудат да реагира против неа. Според тоа остануваше ЦК да го придобие Одринско, што беше невозможно само затоа што не земавме пари за ослободителното дело од него (ЦК), а сѐ сами правевме и си набавуваме со месни средства од народот. За да не доаѓа до злоупотреби парите не ги собираа четите туку раководителите на пунктовите. Во мај ја добив одлуката на Смилевскиот конгрес за востание во Западна Македонија. Бев изненаден. Бидејќи немав смелост сам да изградам став по прашањево, организирав конгрес што се одржа на Петрова нива на кој присуствуваа сите војводи, четници, раководителите на окружните и околиските пунктови. Конгресот започна на Петровден и траеше четири дена едноподруго. Главно беше прашањето за обновување на востанието и за спремноста на нашата Организација за тоа. Катерински беше против, бидејќи секој сличен настан е катастрофален за народот. Јас му одговорив во смисла на тоа дека ние Одринци сме пред дилемата дали сега да дигнеме востание или воопшто да не го правиме тоа. Бидејќи Македонците се дигаат сега, дали ние Одринци по две-три години ќе можеме сами да востанеме? Сите се согласивме дека стравувањата на Катерински се оправдани, но пред дилемата дали сега или никогаш да не востанеме, претпочитавме, од братска солидарност и во помош на Македонците, сега да востанеме. Бидејќи Катерински во својата реч рече дека ако конгресот реши да се дига востание Свиленград нема да земе учество во него, тој беше изолиран во една колиба. Во тесен круг јас се искажав против востанието. Меѓутоа, пред дилемата се определив за, за да може заедно со македонското да се подигне и прашањето за Одринско. Меѓутоа, бев убеден дека востанието нема долго да трае. Според мене Одринско морално беше спремно за востание но не и материјално. Веќе реков дека тракискиот Бугарин е покултурен, природно поинтелигентен. Затоа Одринско во поглед на Македонија, каде одамна се работеше, морално во кратко време подобро беше организирано. Поради овој недостаток му предложив на Конгресот востанието да почне подоцна, да му се даде право на Бојното тело тоа да го одреди денот. Освен тоа се реши востанието да ја опфати само Странџа Планина, воопшто Лозенградскиот санџак, а во Одрин, Свиленград и во Западна Тракија да се применат терористички акции, со тоа што за таа работа да се влезе во контакт со Ерменскиот револуционерен комитет. Во Бојното тело ме избраа мене, Маџаров и капетанот Икономов. Последниов беше скоро дојден во движењето, но беше избран како офицер. Ние тројцата за ден на востанието ја определивме средината на август, а потоа заминав за Бугарија со цел ЦК да го информирам и да купам оружје. Добив телеграфски одговор од ЦК, дека штом Одринско уште не е готово и востанието во Западна Македонија се одлага за 20 јули по стар стил - Илинден. Им одговорив дека сум за средината на август. Со тоа го доведов ЦК во неизвесност во однос на Одринско. За секој случај македонското востание се одложи заради нас, одринци, а потоа тоа пак го забрза востанието во Странџа Планина, кое наместо во средината на месецот се подигна на 5 спроти 6 август. Од браќата Иванови купив кримки по 10 лева едната. Истиве пушки тие им ги продаваа на Турците по 40 лева едната, а ги беа купиле по 1 лев од бугарската влада. Од своја страна пак од Туфекџиев купив динамит, пеколни машини и други материјали 5-10 пати поскапо од цената на чинењето. Знаев кога почна Илинденското востание. Но од тактички причини не брзав да дигнеме и ние востание: чекавме турската војска да замине за Македонија и патем да востанеме. Меѓутоа Карајовов и Наумов, кои во Софија го издаваа весникот „Македонија“ и беа трубачи на македонското ослободително дело, околу 24 јули објавија дека и во Одринско имало востание и дека во М. Трново гарнизонот бил разбиен, и други слични невистини. Кога го прочитав тоа, за власта да не почне со претреси и да ја растрои Организацијата спроти востанието, го повикав Бојното тело и тоа реши да востанеме на блискиот празник Преображение Господово, на 5 спроти 6 август. На 4 август како демонстрација поради убиството на рускиот конзул во Битола, Ростовски, во Енијада беше дошла руска морнарица. Кога ноќта на 5 август се дигнавме в. „Автономија“ напиша дека руската морнарица ни помага и дека ние, востаниците сме ја поздравиле. И тоа беше измислување. Вистината беше дека руските офицери се симнале на брегот за лов. Војводата Петар Ангелов ги фатил со својата чета. Тие му рекле дека се на турска територија, а тој им оговорил, дека се во револуционерна зона и ги повикал да се вратат на бродот. Знаев дека со кримки многу работа не може да се направи, но верував дека ќе ги промениме со турски маузери, што и се случи. Востаникот дедо Ѓорѓи (од Паскалово) не сакаше да си ја смени пушката. „Не ја давам, вели тој, својата кримка, бидејќи таа ми е како топче: штом ќе пукнам станувам да видам каде ќе падне куршумот“. Сите се смеевме. Со такви пушки не може успешно да се води борба, со војска до крај вооружена со модерно оружје. Во Одринско дојде до поголеми пустошења, се дадоа повеќе жртви отколку во Македонија. Причината за тоа беше во тоа што зоната на востанието во Македонија беше поширока и подалеку од Цариград, додека Одринско беше вратата на турската престолнина кон Балканот. Имено таа околност објаснува зошто Турците со поголема жестина се нафрлија врз Бугарите во Лозенградскиот санџак, жестоко се пресметуваа со нив, пустошејќи многу села, зедоа многу жртви, и маса народ протераа во Бугарија. Сите нелегални дејци во Одринско беа луѓе предани на делото. Маџаров и Кондилов беа чудни војводи, со голем авторитет меѓу своите четници и меѓу народот. * За Синеклиј заминав со 25 четници преку Странџа. Беше февруари. Освен храна и наоружување секој носеше и експлозив, та товарот приближно тежеше 40 кила. По патот не врнеше голем дожд. На 18 февруари 1903 год. дочекав да помине возот, за точно да го видиме времето на поминувањето и да го подготвиме експлозивот. Нѐ нападнаа овчарски кучиња. За да не нѐ издадат им го фрливме половината од пексимитот. Кон полноќ, до еден мост на кривина го поставивме експлозивот и се повлековме околу 300 крачки од пругата, да го чекаме резултатот. Во еден часот се појави возот. Се слушна слабо пукање. Локомотивата се поврати назад и потоа со голема брзина појде напред. Не дојде до запалување на експлозивот. Нѐ зафати разочарување - фитилот бил влажен. Се каевме зошто не го урнавме мовчето, тоа се предлагаше но јас не го прифатив предлогот, убеден дека 40 кгр. експлозив ќе ја сврши работата. Кога најпосле навлеговме во Странџа на една височинка забележав бачило. Наредив Хр. Арнаудов (од Свиленград), кој знаеше турски јазик, со другите четници, облечени во турска војничка униформа да влезат во бачилото, и сите други останавме надвор. Арнаудов ги исплаши: почна да ги тепа, за да кажат дали виделе комити, им го зеде лебот и сите продолживме. Два часа потоа во истото бачило дошла потера. Грците ѝ рекле дека пред неа овде веќе била потера, па дури и им кажале каде тргнала, та оваа отишла во спротивен правец. Така сретно стигнавме во Апортес, првото најјугоистично село од реонот на нашата организација во Одринско. Лапавицата и мандрациите не спасија од прогонување. Вечерта во Апортес се најадовме со млеко. Имавме само лажици. Сад немаа ниту колибарите. Еден четник најде свинска копана, ја исчисти и стави во неа млеко. По тридневен глад сите слатко засркавме. Тоа е четничкиот живот! Маки и неволи на секој чекор. * Убивањето на Анегности Дјаков имаше епохално значење за револуционерното дело во Одринско. По принцип секогаш бев против смртните пресуди. Меѓутоа, во случајот со Анегности отстапив од овој принцип бидејќи пред мене се поставуваше дилемата: дали да постои или не Организацијата во овој крај. Анегности беше голем богаташ и прекупувач на даноците во Малкотрновско. За нашиот народ во Странџа Планина тој се ползуваше со име на добродетел. Штом власта ќе побараше берии од Бугарите, тој се појавуваше како заштитник со тоа што бериите веднаш ги плаќаше, за по некоја година да ги собере од народот во каков што си сакаше размер и тоа со помошта на власта. На тие што немаа пари им го земаше имотот и стоката. На тој начин многу села економски ги беше завладеал. Кога прв пат почнав да агитирам во Странџа, населението по селата не го криеше своето незадоволство од големиот чорбаџија во М. Трново. Селаните ми велеа дека тие ќе си ги продадат кравата, телето и сѐ друго што имаат за да си купат оружје, но не им е јасно зошто чорбаџиите се држат настрана од ослободителното дело. Од тие причини во М. Трново ги собрав и средните чорбаџии, кои исто така влегоа во Организацијата, но тие ми рекоа дека Организацијата треба да ги опфати и поголемите од нив. Пред сѐ се грижев да ги придобијам масата и еснафот, та на таков начин да стигнам до врвовите, за да имам врз кого да се потпрам, во колку последниве ме ритнат. Заедно со чорбаџиите кај мене дојдоа и браќа му на Анегности. Настојував да се сретнам и со него. Тие најпосле се согласија да му зборуваат за средба. В. М. Трново бев сам бидејќи својата чета ја бев оставил во с. Мокрушево. Постојано го менував своето место на боравење. Ми рекоа дека Анегности не сака да се сретне со мене. Му пратив покана по други луѓе, а тој одговори: „Кажете му на тој неранимајко да си оди, оти тесен ќе му биде градот“. Другиот ден пак испратив за средба. Ми одговори со друга навреда: „Зарем за него нема корка леб во Бугарија, та е дојден овде да го јаде нашиот леб“? Поради авторитетот на Организацијата не сакав да правам отстапка, та му јавив, дека во колку тој не сака да дојде, јас самиот ќе отидам кај него дома. Таа вечер дома кај него на гости дошол кајмакамот. И покрај тоа јас отидов. Едно негово момче ме виде, се врати но ништо не кажало. Потоа излезе ќерка му. Од страв таа се онесвести, па јас се вратив назад. Идниот ден пак го повикав само да се сретнеме, без да го условувам да работи во Организацијата. Тој одговорил: „Овој неранимајко да си оди, инаку ќе му ја скршам главата“. Вечерта истиот ден беше убиен. Веднаш го напуштив М. Трново и отидов кај мојата чета во с. Мокрушево. Идниот ден наутро стопанката влезе кај нас весела и радосно рече, дека Анегности бил убиен и дека не можеле да му ги убијат и браќата туку само него. Ја запрашав кој го убил. „Не знам, одговори, но којшто го убил, бог да го поживи“! Кога излезе од одајата ја информирав четата дека убиството е извршено по моја наредба. Роднините на Анегности барале од Егзархијата и таа ја известила бугарската влада дека Револуционерната организација го убила најголемиот Бугарин во Одринско, „таткото на сиромасите“. Владата го поставила прашањето пред ЦК, а последниот ме опомена. Меѓутоа, за мене беше важно тоа што ќе кажеше Делчев. Со него се сретнав и од неговата уста слушнав по тоа прашање да не му обрнувам внимание на Централниот комитет. За мене Делчев беше голем авторитет и кога тој ја одобри мојата постапка се смирив. Друга пресуда не сум издавал. Таа беше прва и последна, но умесна и целесообразна. Прашањето беше да не се сфати дека Организацијата не е способна да ги надмине капризите на еден чорбаџија. Неговото убиство го подигна авторитетот на Организацијата, тоа го респектираа сите чорбаџии и противници на ослободителното дело, тоа ги впрегна во колата на револуцијата.   [1] Очигледно печатна грешка, Востанието е подигнато на 20 јули, стар стил (Б. на р.)