#title Без полагање сметка #author Масимо Пасамани #LISTtitle Без полагање сметка #SORTauthors Масимо Пасамани (Massimo Passamani) #SORTtopics индивидуализам #date 1995-96 #lang mk #pubdate 2017-10-08T09:23:50 #notes Наслов на оригиналот: Senza rendere conto. Објавено во анархистичкото списание „Canenero”, Италија „Розата е без зошто; цвета затоа што цвета, за себеси не се грижи, не прашува ја гледа ли некој.“ Ангелус Силезиус, Керубинскиот патник
Nihil sine ratione. Ништо не е без причина. Филозофската мисла отсекогаш го тврди тоа, цврсто поткрепена од здравиот разум. Поистоветувањето на битисувањето и причината вели дека секое битие има своја цел и дека само преку реализација на наведената цел тоа ја наоѓа причината за своето постоење, причината за која можеме и мораме да полагаме сметка. Тоа „полагање сметка“ значи дека секое битие е пресметливо, мерливо. Животот на поединецот не претставува исклучок. Се разбира, со промената на поимањето на причината се менува и целта на постоењето, како што се менуваат и критериумите врз основа на кои секојпат се утврдува кој и што се оддалечува од дадената цел или пак противречи на наведената причина. Сето она што се смета налудничаво, криминално, неприродно или нечовечно всушност е сето она што претставува негација на причината и целта, со оглед дека подоцна споменатите модели му се наметнати на поединецот. Тие модели се оправдуваат во име на она што се прикажува како заеднички елемент, како сеопшта суштина. Ако Бог е заедничката одлика која нè поврзува, тогаш целта на човекот ќе биде извршување на божјата волја. Ако, пак, таа е сместена во природните закони, неговата задача се состои од реализација на плановите својствени за природата. Оттаму, како што разумот е универзално начело, така и цел на човекот е да не противречи на принципот на рационалноста. А моделот на човекот како општествено битие, како политичко животно, на крај ќе ја наметне задачата на почитување на општествените норми и политички диктати. Со промена на начелото се менува и моралот. Но небото на кое се повикува секогаш е исто. Секоја цел, дури и таа да е слободата, наложува свети должности и изискува пожртвуваност. И самиот „човечен човек“ е мисија, суштина која треба да се оствари; моралистичка тавтологија која со себе ги повлекува своите судови и воопштувања (на пример, не е случајност што на германски „не-човек“ и „чудовиште“ се изразуваат со истиот збор: unmensch). Во име на човековите права злоупотребувани се, а и понатаму се злоупотребуваат, луѓе. Спалувањето атеисти, неодобрувањето на хомесексуалноста и инцестот, сегрегацијата на „лудите“ и затворањето на криминалците се само различни начини на интеграција и задушување на личностите кои ги преминуваат границите одредени од нормите и прописите за она што е добро. Вредноста на поединецот се мери само врз основа на неговиот степен на прифаќање на целта на која е потчинета неговата егзистенција. Иако многумина, често и со згрозеност, ја критикуваат присилноста на казната или насилноста на принудното вклопување, исклучително ретки се оние кои радикално го негираат самиот поим на должност, бидејќи овие елементи се само нејзини нужни последици. Имено, власта е само посредник помеѓу целта и поединците повикани на нејзино извршување. Се разбира, анархистите не ги признаваат верските правила, светоста на државната заповед или поимањето на историјата преку начелото на целисходноста. Меѓутоа, сепак продолжуваме да веруваме дека постојат природни права (луѓето се раѓаат слободни и еднакви) наспроти законски (вечниот конфликт помеѓу phisis и nómos) и дека затоа можеме да станеме против вторите во име на првите. Да, во име, односно однесувајќи се секогаш на нешто надвор од нас, што нè надминува, што на некој начин би ги оправдало нашите избори. Не е важно дали се работи за Бог, заедницата, државата, природата. Важен е фактот дека опстануваат зададените и препознатливи вредности кои треба само да се применат. И така животот станува обичен марш, триумфален и резигниран, кон доброто. Иако ќе звучи како неодговорна шега, верувам дека помеѓу судбината на расите, која ја проповедаше нацизмот, сликата за карактерот кој се стреми кон слобода и прогресивно диференцирање, од слободарската верзија на ius naturae [природно право - заб. на прев.] и анархијата, како поредок кон кој се движи историјата, не постојат некои суштински разлики. Нивниот простор е жртвувањето, нивното време иднината. Во овие сфаќања нема место за самостојноста на поединецот, за неговата невтемелена индивидуалност. Затворите, лудниците, демократските терапии и ортопедските постапки се само различни начини на кои една и иста вера се применува на моделот. На спротивната страна на сето тоа стои животот, сфатен како ширење на сопствените можности, како отворено прашање. Без полагање или барање сметка, како розата на Силезиус. Живот кој секој, ослободен од гаранции, го игра до самиот крај. За да можеме да кажеме, како Петер Алтенберг: „И да паднам во амбис, барем нека се искршам во својот амбис!“. И којзнае, можеби и ќе успееме да затанцуваме над тој амбис.