#pubdate 2013-12-03 12:22:11 +0000 #title Фашистите се продолжена рака на државата #author Питер Гелдерлус #SORTauthors Питер Гелдерлус (Peter Gelderloos) #SORTtopics антифашизам #source [[http://theanarchistlibrary.org/library/peter-gelderloos-fascists-are-the-tools-of-the-state][theanarchistlibrary.org]] [[http://news.infoshop.org/article.php?story=20070210035440207][infoshop.org]] #date 2007 #notes Наслов на оригиналот: *Fascists are the Tools of the State*. Превод: Вулин Гатриевски, 2013. #lang mk 1. Фашизмот е распространет во многу индустриски и постколонијални земји, постоејќи како екстремен национализам, неонацизам или некој друг облик на екстремен авторитаризам. Во речиси сите случаи, обичното членство на фашистичките движења се обезнадежените припадници на привилегирана група во општеството (на пр. сиромашните белци). Во Германија пред Втората светска војна, повеќето Германци од работничката класа биле осиромашени од Големата депресија, во споредба со нивната слика за себеси како богата, моќна нација. Во модерна Германија, неонацистичките политички партии најголем број гласови, често повеќе од 10% од вкупните, добиваат во државите со најголема невработеност. Во САД, сиромашните белци од југот кои не уживаат во богатствата предвидени за белите луѓе од најбогатите нации на земјата, често се приклучуваат на Кју Клукс Кланот. Во Руанда, Хутите, осиромашени и со голема потреба од земја, својата желба за поголемо богатство и моќ ја изразуваат преку идентификување со мнозинскиот етникум, придружувајќи се на фашистичките партии на Хутите одговорни за геноцидот. Слично фашистичко движење има и меѓу Хиндусите во Индија, кои ја оправдуваат својата моќ со тврдењето дека се најголем етникум. Оттука, фашизмот може да се сфати и како одговор на обезвреднувањето и изневерените ветувања за привилегии. 2. Исто така, фашизмот може да се сфати и како елитистички феномен, џентлменско движење. Во Нацистичката партија на Германија членувале многу од најбогатите индустријалци, шпанските фашисти кои стоеле зад Франко претставувале сојуз од генерали, земјопоседничката аристократија и црковни водачи, додека Мусолини изјавил дека фашизмот може подобро да се нарече „корпоратизам“, бидејќи тој е спој на државната и корпоративната моќ. Во САД, ККК првично бил клуб на џентлмени, а пред Втората светска војна, најголемите индустријалци (Харст, Рокфелер, Форд, Дупон, Морган) ги поддржувале фашистите во Европа. Моментално во САД, многу конзервативци од елитата ја поддржуваат антиимигрантската група Minutemen и други криптофашистички групи. Фашизмот е особено поврзан со конзервативните сегменти на елитата кои се плашат дека експанзивните стратегии на прогресивната елита ќе им се вратат по глава и ќе го дестабилизираат целиот систем. Во овие манифестации, фашизмот е начин елитата да ја зачува традиционалната моралност, да ја зацврсти општествената хиерархија и да се одбрани од револуционерните активности меѓу ниските класи. 3. Основните идеи заеднички за фашизмот (а: антиимиграција, б: расна чистота, в: бела надмоќ, г: политичка превласт преку национализам, д: социјалдарвинистичките идеи за „преживување на најсилните“, ѓ: антисемитизам) се празни и неточни. А: антиимиграцијата е лицемерна. Политичките партии во САД и ЕВРОПА кои се залагаат за антиимиграција обично се истите оние кои ги поддржуваат договорите за слободна трговија и војните (на пр. NAFTA, граѓанската војна во Ел Салвадор) кои се причина за најголем дел од имиграцијата; а нивните економии зависат од имигрантскиот труд (Американското земјоделство и градежната индустрија преку ноќ би пропаднале без имигрантскиот труд). Европските влади кои наводно се загрижени за заштита на своите култури од имигранти, често се истите оние кои ги колонизирале земјите од кои доаѓаат имигрантите; немале проблем својата култура да ја однесат во друга земја, ниту пак преземаат нешто да го спречат „културното загадување“ од Мекдоналдс и MTV. Б: Што се однесува до расната чистота, идејата нема научна основа и расата всушност е произволна генерализација. Не постои никаква опасност од меѓурасното размножување. Всушност, разновидниот генетски фонд е многу поздрав отколку хомогениот, а ниту една етничка група не е „чиста“. Всушност, сите потекнуваме од исти предци и се мешаме уште од самиот почеток. В: Белата надмоќ исто така е лага без никаква вистинска основа освен воопштената (и фабрикувана) псевдонаука на мерење на черепите која се применувала во 19 век. Г: Национализамот е блатантна лага. Политичките и економските елити постојано склучуваат договори со други земји и се збогатуваат додека истовремено ги учат своите слепи следбеници да мразат луѓе од други земји, на тој начин создавајќи поделба меѓу ниските класи. Виорењето на знамето и љубовта кон нацијата ѝ дава моќ на владата, што значи одземање на моќта на народот. Бесмислено, но националистите веруваат дека ќе бидат слободни ако нивните темничари изгледаат исто како нив и го зборуваат истиот јазик. Д: Социјалдарвинизмот - идејата за „преживување на најсилните“ воздигната како политички систем - нема никаква врска со социјалниот дарвинизам. Всушност, Дарвин никогаш не го употребил изразот „преживување на најсилните“ и открил дека видовите преживуваат прилагодувајќи се на природата, а не водејќи војна против неа. Всушност, луѓето залудно ги трошат своите најголеми еволутивни придобивки - способноста да комуницираат и размислуваат креативно - конформирајќи се на строгите општествени хиерархии кои немаат никаква научна основа. Ѓ: Што се однесува до антисемитизмот, во Средниот век, истите луѓе кои убивале Евреи исто така ги ставале и во улога на лихвари и зависеле од нив. Во 20 век, антисемитските капиталисти тврдеа дека Евреите се дел од „меѓународниот болшевички заговор“, додека антикапиталистичките антисемити велеа дека Евреите се дел од заговорот на банкарите и капиталистите. Очигледно фашистите ги користат Евреите секогаш кога е потребно некого да обвинат. 4. Толку многу фашисти и неонацисти не би можеле да веруваат во такви глупави, неосновани идеи доколку нивната омраза не служи за некоја важна цел. Јасно е дека не можеме сериозно да ги сфатиме фашистичките идеи, но мораме самите фашисти да ги сфатиме сериозно, заради сите убиства, сето општествено насилство и сите застрашувања за кои се одговорни. Но, ако фашизмот некому користи, мораме да се запрашаме: кому? Претходниот пример за антисемитизмот нуди одговор. Фашизмот нуди жртвено јагне. Фашизмот ги охрабрува сиромашните членови на доминантната група (на пр. сиромашни белци или сиромашни христијани) да мразат некоја друга група, за нивниот вистински непријател да биде безбеден. Сиромашните имаат добра причина да ги мразат богатите. Ако Евреите застанат на местото на богатите (како дел од некој меѓународен банкарски заговор), тогаш сиромашните ќе ги мразат Евреите и јудаизмот, наместо да ги мразат богаташите и капитализмот. Кога тоа ќе се случи, елитата може да се смее и да биде мирна: поштедени се од бесот на оние кои ги експлоатираат. Фашистичката омраза исто така е насочена и кон угнетените групи. Во историјата на САД тоа значи црнците, Индијанците и латино емигрантите. Сиромашните белци мораат да учествуваат во експлоатацијата на најниските класи ( за време на робовладетелството тие честопати го имале камшикот). Според митологијата на белата надмоќ, сите белци би требало да бидат супериорни (вклучително и во однос на богатството и моќта). Фашизмот ги учи сиромашните белци кои немаат моќ да ги обвинуваат и мразат црнците и емигрантите (за „криминал“ или дека „ни ги крадат работните места“) наместо нивниот вистински непријател, елитата. Оваа омраза исто така создава психолошка дистанца која им го олеснува угнетувањето на луѓе со друга боја, а отежнува нивното обединување. Богатите белци, капиталистите и останатата елита се богатат од ропството, емигрантскиот труд и останатите облици на експлоатација, но белците од работничката класа се оние кои мораат да ја преземат улогата на полиција. Имаат мала материјална корист, но се залажуваат со психолошките придобивки, замислувајќи дека се моќни и супериорни како членови на некоја митска бела раса. Богатите белци можат на раат да се смеат додека одат во банка затоа што лесно успеале да претворат толку многу белци од работничката класа во свои алатки - и тоа ефтино. 5. Ако е точно дека елитата е онаа која има корист од фашизмот, тогаш би требало да можеме да најдеме докази за поддржување на фашизмот од страна на елитата. Всушност, и ги имаме. Многу влади од Европската унија ја спонзорираат идејата за „културна чистота“ и ја заштитуваат супериорната европска култура од „загадувањето“ на имиграцијата, наложувајќи им на имигрантите да полагаат културолошки тестови. Корпоративните медиуми (поседувани од елитата) во ЕУ и во САД, прашањето за имиграцијата го покриваат на начин кој поттикнува незнаење и страв. На пример, ретко го наведуваат контекстот на тоа зошто луѓето имигрираат, на тоа чии корпорации и чии војни ги уништиле нивните татковини. Ретко го споменуваат фактот дека европските и американските економии би пропаднале без имигрантскиот труд, дека белите потрошувачи зависат од евтината работна сила и евтиниот увоз (овошје, облека, компјутери, мобилни итн.) на имигрантите и земјите од кои доаѓаат. А во САД, членовите на елитата им даваат голема финансиска поддршка на повидните фашистички групи (особено на христијанските фундаменталисти). Џорџ Буш дури беше успешен (исто како и Реган) во обезбедувањето пари од владата за тие групи. Во земји како Италија, Полска, Украина и Русија, исто така е лесно да се најдат докази за идеолошката или материјална поддршка од страна на владата или црквата на фашистите. Јасно е дека елитата ги храни стравот и незнаењето кои ја обезбедуваат основата на фашизмот. 6. Што за возврат добива елитата од фашизмот? Многу. Фашистичките кучиња не ги разочаруваат своите газди од елитата. Фашистите помагаат да се одвлече вниманието на ниските класи обвинувајќи за проблемите на елитата (сиромаштија, немоќ, корпоративна глобализација) некое жртвено јагне, како што се имигрантите. Нередите од 2006 во Унгарија се совршен пример за тоа. Народот беше толку вознемирен од ужасните услови што излезе на улица, се судри со полицијата и ја окупираше државната телевизија, а сепак тоа не беше револуција! Во толпата преовладуваа фашистичките идеологии, па затоа во лице на капиталистичката експлоатација (влошена по влезот на земјата во ЕУ) тие ги обвинуваа посиромашните од себе - имигрантите, нападнаа синагога и почнаа да се дават во фантазијата за идиличната унгарска историја, стара стотици години, иако најголемиот број луѓе директно одговорни за нивните проблеми се исто така Унгарци. Фашистите ги делат ниските класи, предизвикувајќи да се борат едни против други и создавајќи омраза и нетрпеливост со што на белците и христијаните им е полесно да ги угнетуваат и експлоатираат луѓето со друга боја, муслиманите итн. И со тоа ја штитат елитата од револуција. 7. Некои фашисти (инспирирани од „националсоцијализмот“ на Хитлер) се до некаде посвесни антикапиталисти или барем мислат дека се. Но и овие екстремисти ѝ користат на елитата, иако често ги мразат владите чиишто алатки се. Прво, секоја потенцијална аниткапиталистичка револуција ја прават понеефективна со тоа што создаваат поделба во ниските класи, нагласувајќи ја расата. Бидејќи ја побркуваат вистинската природа на капитализмот, на крај завршуваат поддржувајќи национален капитализам (во најдобар случај тоа само подразбира поголема контрола од страна на владата, слично на „социјализмот“ на Хитлер или Ленин). Второ, како екстремисти кои се претставуваат како револуционерни, голем дел од својата омраза чуваат за комунистите, антифашистите и анархистите. Авторитарните комунисти наликуваат на една од конкурентните фашистички секти, а кога ја преземале власта демонстрирале волја да ги користат истите методи на чистки и прочистување на својата земја. Десничарските и левичарските фашисти можат меѓусебно да се борат, но на крај можат да најдат многу заеднички нешта (како што можеме да видиме во спогодбата на Ленин со Австрогерманците, спогодбата меѓу нацистите и советите, а од неодамна и појавата на фашистичките „национал болшевици“ и поддршката на Комунистичката партија на Руската федерација за ксенофобното Движење против нелегалната миграција). Анархистите, од друга страна, сакаат да ја укинат сета политичка моќ и оттаму претставуваат бескомпромисна закана за елитата. Оттаму, не е случајно што фашистите се бескомпромисни во нивните напади врз анархистите. Фашистите напаѓаат, па дури и убиваат анархисти низ цела Европа и Америка. Во некои делови од источна Европа, анархистите тешко можат да организираат бенефит концерти поради напади од фашисти. На овој начин, фашистите делуваат како паравоена сила на државата. Во САД, ФБИ одамна е инфилтрирано во ККК и други групи за бела надмоќ, користејќи ги за напади врз радикални црнци, како што е Гринсборо масакрот; во Италија за време на „Оловните години“ во 1970-те, разузнавачките служби ги користеле фашистичките групи за убивање левичари или за поставување бомби, а потоа обвинувајќи ги за тоа Црвените бригади; во Москва во 2006, неонацистите заедно со полицијата учествуваа во нападот врз Gay Pride парадата. 8. Освен тоа што постојано им вршат услуги, фашистите се корисна алатка за државата затоа што елитата и буржоазијата можат да го користат фашистичкиот бунт за да се заштитат од вистинска револуција на ниските класи. Иако фашизмот може да собори одредена влада, владата е само алатка на елитата. Откако земјопоседниците, црковните лидери и сопствениците на фабрики во Италија согледаа дека им оди навистина добро под власта на Мусолини, буржоазијата и од други земји сфати дека фашизмот може да ги спаси од револуција. Овие согледувања довеле до поддршка на шпанската елита на државниот удар на Франко, со цел да се спасат себеси од растечкото анархистичко движење. 9. Фашизмот не е ниту антиавторитарен ниту антикапиталистички, па оттаму капиталистичката елита е заштитена од фашизмот. Дури и фашистите кои се против богатите и против глобализацијата, кои мислат дека се антикапиталистички „националсоцијалисти“, на прво место го ставаат својот национализам, што значи дека ќе бидат лесно контролирани од капиталистите со иста националност како и тие. Се лишиле себеси од моќта на солидарноста со тоа што се отсекле од народите од други нации. Националистичките влади кои ја придобиле поддршката од фашистите ги поткрепуваат капиталистичките нееднаквости и продолжуваат да ја потпомагаат глобализацијата - единствениот проблем е што мафтајќи со знамето, започнувајќи војна против послаба земја или обвинувајќи некое малцинство, на сите им го одвлекуваат вниманието од истите стари проблеми. Но проблемите на сиромаштијата и безнадежноста остануваат. Па затоа фашистите кои мислат дека ја „бранат нацијата“ или „зајакнуваат својот народ“, во суштина само се подлизуваат. Бараат да бидат контролирани од лидери од истата националност, покажувајќи слепа лојалност кон елита која ќе ги прифати нивните бедни предрасуди, на тој начин гарантирајќи го продолжувањето на нивното експлоатирање и немоќ. 10. Многу фашисти (особено неонацистите) голем дел од својата критика ја засноваат на проблемот на расата. Но важно е да се сфати дека во научни термини, расата не постои. Некои луѓе се посветли, некои потемни, но не постојат јасни граници и сите имаат мешано потекло. Во однос на генетиката, постои многу поголем диверзитет внатре една „раса“ отколку што постојат разлики помеѓу просечните преставници на различни раси (т.е. твоите гени можат да бидат поблиски со оние на некој од друга раса отколку со некој кој е од истата раса како и ти). Расата е општествен пронајдок. Тој концепт не постоел сѐ додека Европа не ја започнала својата колонијална фаза. А откако почнала да поробува Африканци, да колонизира Азијци и да ги истребува домородните Американци, европската елита започнала да говори за раса за да се оддели себеси и да ги наведе Европејците од ниските класи да ја играат улогата на полиција и да учествуваат во експлоатацијата на најугнетените. Во раните американски колонии, владејачката класа морала брзо да наметне закони кои го забранувале стапувањето во брак на белци со Африканци или живеење со домородните Американци, затоа што во повеќе наврати Европејците од ниските класи се здружиле во бунт заедно со колонизираните народи или бегале да живеат со нив (откривајќи дека тие заедници се послободни). 11. Капитализмот и државата секогаш ќе создаваат огорченост и бунт. Луѓето не сакаат да бидат контролирани и експлоатирани. Расизмот и авторитаризмот на државата ќе предизвикаат одредено незадоволство за да ги обвинуваат жртвените јагниња и да ги наметнат фашистичките идеали на бунт. Директната пропаганда на државата го обезбедува ширењето на фашизмот во обесправените популации. Оттаму, сѐ додека постои државата, фашизмот ќе биде неизбежен. Оние кои се спротивставуваат на фашизмот мораат да ја поддржат антиавторитарната револуција. (Авторитарната револуција не е одговор, бидејќи државата е алатка за доминација и дури и ако се одземе од рацете на одредена капиталистичка класа, таа ќе ги претвори оние кои го сториле тоа во нова, слична елитна класа. После сѐ, авторитарните левичарски револуции создадоа владенија како она на СССР, кои во многу нешта беа слични со фашистичките држави). Но ако постои силно фашистичко движење, револуцијата станува тешко изводлива или невозможна токму заради способноста на фашистите да ги поделат ниските класи и да ги напаѓаат револуционерите. 12.Оттаму, оние кои се спротивставуваат на фашизмот мораат да ги нападнат власта и капитализмот како негови причини, третирајќи го фашизмот како агресивен и парализирачки симптом. Антифашистите кои не се спротивставуваат на капитализмот или државата водат јалова борба, бидејќи ја мешаат причината со последицата. Фашистите не изникнуваат од никаде. Тие се охрабрени од државата и црпат сила од гневот кој го создава капитализмот. Фашизмот не може да биде поразен со едноставното тепање фашисти (иако краткорочно самоодбраната секако е нужна). Најпосле, фашистите често регрутираат следбеници од најсиромашните слоеви кои би можеле да поддржат вистинска антикапиталистичка револуција доколку би се едуцирале да гледаат отаде ксенофобијата и расизмот. 13. Оттука, за да го поразиме фашизмот треба да создадеме антикапиталистичко движење кое истовремено е и антиавторитарно. А во таквото движење треба да учествуваат луѓе од сите бои и нации, демонстрирајќи меѓународна солидарност. Но отфрлањето на националните/етнички поделби на фашистите не значи игнорирање на таквите поделби кои постојат во општеството. Либералите се оние кои имаат „далтонистички“ приод кон расизмот. Не постојат вродени разлики помеѓу луѓето со различна боја на кожата - во тој смисол сите сме еднакви. Но постојат разлики во нашите култури и истории. Постои голема разлика доколку некое општество те третирало тебе и твоите предци како нелуѓе. Системот на привилегија и угнетувања и понатаму нѐ дели, дури и кога имаме добри намери. Честопати белите антифашисти ги игнорираат овие поделби, со што се создава неможност за соработка со луѓе од друга боја, држејќи се до своите привилегии или не сакајќи да ги воочат вистинските разлики во потребите, историјата и последиците од делувањето (на пр. колку сурово ќе реагира полицијата на различни луѓе врз основа на бојата на нивната кожа). Ова е една од причините зошто „антифашистичките“ движења во Европа и во САД се речиси целосно бели, ефективно исклучувајќи ги оние со друга боја на кожата и имигрантите. Надминувањето на белата надмоќ е подеднакво важно како и надминувањето на капитализмот, а далтонизмот до степен на гледање само на економијата е начин на кој белците го делат движењето (многу луѓе со поинаква боја на кожата нема да сакаат да соработуваат со белци кои ги минимизираат длабоките проблеми на белата надмоќ). Белците исто така мораат да најдат свои причини за борба против отуѓувачкиот, обесхрабрувачки систем на белата надмоќ. Наместо да го игнорираат, сфаќањето како тој повредува и како го ограничува нивниот сопствен идентитет, може да им помогне да станат подобри сојузници со луѓето со друга боја на кожата кои несомнено се повеќе погодени од расизмот. Надминувањето на сегрегацијата која иронично ги измачува антифашистите не значи дека белите антифашисти треба да повикуваат имигранти и луѓе со друга боја на кожата во своите движења. Напротив, тоа значи дека белите антифашисти треба да сфатат како можат да бидат подобри сојузници на оние кои најдиректно се погодени од фашизмот; а исто така значи и дека треба да преземат одговорност, наместо да се одрекуваат од нив, за оние белци кои биле залажани од расизмот и кои станале фашистичка база, и да ги едуцираат. Оттаму, непосредните чекори кон изградба на движење способно да го уништи фашизмот во самиот негов извор се да сфатиме како нашето општество го храни фашизмот и да научиме каде да го прекинеме тој процес; да сфатиме како привилегираните и угнетуваните луѓе го доживуваат фашизмот и како различно му се спротивставуваат и сето тоа да го споиме во еден дух на заемно помагање; и пренасочување на бесот на луѓето кои секојдневно се понижувани преку експлоатација од страна на власта, од жртвените јагниња кон вистинските мети: капитализмот и државата.