Пјер Кластр

Етноцид

1974

До пред неколку години никој не зборуваше за етноцидот. Искористувајќи ги секогаш променливите барања на модата, но и својата способност да им излезе во пресрет, да ја задоволи секогаш живата потреба за терминолошка прецизност, тој поим брзо се прошири надвор од местото на своето потекло, етнологијата, и донекаде влезе во јавниот говор. Но, дали неговото брзо ширење гарантира дека идејата на која се однесува ќе биде изложена со целата потребна прецизност и строгост? Сè уште е нејасно дали брзото усвојување на тој збор значи дека навистина знаеме за што зборуваме кога ќе речеме етноцид. Неговите автори сметаат дека тој добро преведува еден аспект од реалноста на кој не се однесува ниту еден друг збор. Кога некој ќе почувствува потреба да измисли некој нов збор, вообичаено тоа е затоа што има да каже нешто ново или станува збор за нешто старо, но за што сè уште не се зборувало. Со други зборови, многу попознатиот термин „геноцид“ се покажува како недоволен или неспособен да го задоволи тоа барање. Со самото тоа, сериозното разгледување на идејата за етноцидот треба да започне со утврдување на разликите помеѓу оние аспекти од реалноста на кои се однесуваат овие два поими.

Процесот во Нирнберг во 1946 година ја донесе познатата, официјална дефиниција на геноцидот, како дотогаш непознат облик на злосторнички активности. Сосема прецизно, тој поим се однесува на првата, забележана со правен јазик, манифестација на тој вид злосторство: систематско истребување на европските Евреи од страна на германските нацисти. Според таа легална дефиниција, корените на геноцидот се наоѓаат во расизмот. Геноцидот е логичен и, во крајна линија, неминовен исход на неконтролираниот расизам, како што беше случај во нацистичка Германија. Сите подоцнежни војни, од 1945 година, па наваму, исто така овозможуваат основа колонијалните сили да се обвинат за геноцид. Но, во играта на меѓународните односи, а делумно благодарение на релативната незаинтересираност на јавното мислење, никогаш не е постигнат консензус околу основањето институции аналогни на Нирнбершкиот суд. Никогаш не беа започнати слични процеси.

Нацистичкиот антисемитски геноцид, кој прв беше судски третиран, секако не е првиот што е некогаш извршен. Целата историја на експанзија на Западот, историја на воспоставување колонијални царства на големите европски сили, е одбележана со систематски масакри врз домородните народи. Сепак, заради своите континентални размери и големината на демографскиот пад, геноцидот над американските домородци секогаш предизвикувал најголемо внимание. Од 1492 година, машината за истребување Индијанци работела со полна пареа. А работи и понатаму, онаму каде што се преостанатите „диви“ племиња, како во големите амазонски шуми. Во последните години имаше многу протести заради масакри сторени во Бразил, Колумбија и Парагвај. Но, сите тие протести беа залудни.

Токму врз основа на американското искуство, етнолозите, пред сè Робер Жолин, успеаја да го формулираат концептот на етноцидот. Тој концепт првпат е употребен во случајот на јужноамериканските Индијанци. Јужна Америка нуди, така да кажеме, посебно погоден терен за истражување на разликите помеѓу геноцидот и етноцидот, бидејќи последните тамошни домородни народи биле жртви на двете злосторства. Додека поимот геноцид се темели на поимот „раса“ и тенденцијата расните малцинства да се уништат физички, поимот етноцид пред сè се однесува на тенденцијата за уништување на нивната култура. Етноцидот означува систематско уништување на начинот на живот и мислењата поинакви од оние кои ги има оној што го спроведува тоа уништување. Генерално, геноцидот ги убива телата на луѓето, додека етноцидот го убива нивниот дух. Во двата случаи во прашање е смрт, но различни видови смрт: непосредно физичко уништување, наспроти културното насилство со одложено дејство, кое донекаде зависи и од издржливоста и отпорот на угнетуваното малцинство. Се разбира, прашањето не гласи кое од овие две зла е помало. Одговорот е премногу очигледен: помалку варварство, подобро. Овде ќе се задржиме токму на тој клучен аспект на етноцидот.

Етноцидот и геноцидот споделуваат ист поглед на Другиот: оној Другиот е различен од нас, но и уште нешто: различен на погрешен начин. Тие два пристапи се разликуваат и според начинот на кој го третираат Другиот. Геноцидниот ум, да го наречеме така, едноставно тежнее кон поништување на разликите. Другите мора да се истребат затоа што се само олицетворение на злото. Од друга страна, етноцидот ја признава релативноста на злото; другите се лоши, но не толку лоши за да не можеме да ги поправиме, така што ќе ги натераме да се променат според моделот што им го наметнуваме. Етноцидната негација на Другиот води кон самоидентификација. Геноцидот и етноцидот можат да се набљудуваат и како два перверзни облици песимизам и оптимизам. Ширум Јужна Америка, убијците на Индијанците го растегнаа поимот Другиот до крајни граници: дивиот Индијанец дури не е ни човечко битие, туку само животно. Затоа, убиството на Индијанците не е злосторство. Тука отсуствува дури и расизмот, затоа што расистичката практика на Другиот му признава барем минимум човечност. Секаде наидуваме на монотоно повторување на истите, стари навреди: пишувајќи за етноцидот, пред да се нарекува така, Клод Леви-Строс, во Расата и историјата нè потсети дека домородците од Карибите прашале дали новодојдените Шпанци се богови или луѓе, додека белците се прашувале дали домородците се луѓе или животни.

Најпосле, кои се сторителите на етноцидот? Кои се тие што ги напаѓаат душите на луѓето? Во Јужна Америка, како и во другите делови од светот, пред сè тоа биле мисионерите. Овие милитантни христијански пропагандисти, со сите сили настојувале да ги заменат варварските верувања со верата од западниот свет. Овој евангелистички процес се темелел на две претпоставки: првата била постоењето разлики – паганството – кое било неприфатливо и морало да биде отфрлено. Втората претпоставка било верувањето дека погрешната различност може да биде анулирана. Токму во оваа смисла за етноцидот зборувам како за оптимистички настроен: Другиот е лош, до срж, но поправлив. Во него гледаме простор за воздигнување, по пат на идентификација, кон совршенство кое го претставува христијанството. Да се скрши силата на паганските верувања значи да се уништи самата суштина на паганското општество. На тој начин, со премин кон вистинската вера, домородците можат да се воздигнат од дивјаштво кон цивилизација. Етноцидот е нешто што се прави за нивно добро. Световниот јазик често пренесува иста порака. Еве како бразилските официјални лица ја објаснуваат својата политика кон домородците: „Нашите Индијанци се човечки битија како и сите останати. Но, животот во шумите ги осудува на постојана беда и сиромаштија. Наша должност е да им помогнеме да се ослободат од тоа ропство. Тие имаат право да се воздигнат до достоинството на бразилскиот граѓанин и да дадат полн придонес за развој на нашето општество, како и да уживаат во сите негови благодети.“ Духовната содржина на етноцидот е етиката на хуманизмот.

Хоризонтот што ги обликувал етноцидниот ум и практика, се темели на две аксиоми. Првата прогласува хиерархија на културите: постојат инфериорни и супериорни култури. Втората аксиома ја афирмира апсолутната супериорност на западната култура. Нужна последица е негативниот став кон сите поинакви култури, а особено кон примитивните. Но, тоа е позитивна негација, дотолку што сака да ја потисне инфериорната култура, сè додека е инфериорна, но и да ја воздигне на ниво на супериорна култура. Индијанството на Индијанците се потиснува на секаков начин, за од нив да се добијат граѓани на Бразил. Од аспект на своите заговорници, етноцидот не е деструктивен. Напротив, тоа е неопходен чекор инспириран од хуманизмот, врежан во самото срце на западната култура.

Таа наклонетост за другите да се суди врз основа на критериумите од сопствената култура ја нарекуваме етноцентризам. Затоа, Западот мора да биде етноциден, затоа што е етноцентричен, затоа што верува дека само тој ја претставува Цивилизацијата. Сепак, овде се поставува прашањето: дали нашата култура има монопол над етноцентризмот? Етнолошкото искуство сугерира одговор. Да погледнеме како примитивните општества се нарекуваат себеси. Всушност, ќе видиме дека тука немаме случај на автоденоминација, бидејќи сите тие општества себеси си доделуваат само едно име: Луѓе. Еве неколку примери: Гварани Индијанците себеси се нарекуваат Ава, што значи Луѓе; Гвајаките за себе велат дека се Aché, Личности; Ваика од Венецуела се нарекуваат себеси Јаномами, Народ; Ескимите се Инуит, повторно луѓе, итн. Списокот со вистинските називи на примитивните народи може да се продолжи во недоглед или да се преточи во речник, во кој секој збор би имал исто значење: луѓе. Истовремено, секој од тие народи ги нарекува своите соседи со пежоративни, презирни, навредливи имиња.

Тоа значи дека сите култури го делат човештвото, од една страна, на себе, како олицетворение на човечноста, и на сите останати, кои исто така се луѓе, но секогаш во многу помала мера. Начинот на кој примитивните општества зборуваат за себеси, кој многу добро е прецизиран во нивните називи, е изразено етноцентричен. Тој говор постојано ја афирмира супериорноста на нивната култура и го изразува одбивањето да ги прифатат другите како еднакви на себе. На тој начин, етноцентризмот се покажува како најпроширена заедничка карактеристика на сите култури, така што, набљудувано од овој агол, западната култура не се издвојува според ништо. Ако уште малку ја прошириме оваа анализа, ќе видиме дека за етноцентризмот би можело да се зборува како за формална сопственост на сите културни формации, за нешто што е својствено за самата суштина на културата. Во суштината на секоја култура е да биде етноцентрична, во мера во која се гледа самата себеси како вистинска култура, култура пар екселанс. Со други зборови, разликите меѓу културите никогаш не се гледаат како позитивни, туку секогаш како знак на нивната инфериорна положба на хиерархиската оска.

Но, иако сите култури се етноцентрични, само западната култура е етноцидна. Оттука следува дека етноцидната практика не е нужно поврзана со етноцентричните убедувања. Во спротивно, сите култури ќе бидат етноцидни, а тоа не е случај. Токму тука се открива одредена недоволност во досегашните истражувања на овој феномен. Имено, не е доволно само да се препознае и нагласи етноцидната природа и дејствувањето на западната цивилизација. Сè додека се задоволуваме само со тоа, остануваме на површината на нештата, повторувајќи ги зборовите на бискупот Лас Казас – секако оправдани, затоа што оттогаш ништо не е променето – кој уште во 16 век јасно и гласно ги осудил геноцидот и етноцидот, кои ги спроведувале Шпанците на Карибите и во Мексико. Читајќи ги трудовите посветени на етноцидот, стекнуваме впечаток дека за нивните автори западната цивилизација е некаков вид апстракција, без општествени и историски корени, нејасен дух завиткан во својата етноцидна наметка. Сепак, нашата култура не е апстракција; таа е производ на долгиот историски развој, предмет на генеалошко истражување. Што е тоа што западната цивилизација ја прави етноцидна? Тоа е вистинското прашање. Анализата на етноцидот бара да се оди понатаму од обвинувачките факти и да се почне со истражување на историските условености на нашата култура. Затоа, овде се насочуваме кон историјата.

Западната цивилизација не е ни вонвременска апстракција, ниту хомогена реалност, аморфна маса составена од идентични делови. Сепак, изгледа дека токму таква претстава за неа имаат гореспоменатите автори. Но, ако западот е етноциден на ист начин на кој сонцето е блескаво, тогаш таквиот фатализам ги прави залудни и дури апсурдни сите осуди и повици на злосторства за да се заштитат жртвите. Зарем не се работи за тоа дека западот прво морал да биде етноциден однатре, за да биде етноциден и надвор од своите граници, односно кон другите културни формации? За етноцидноста на западното општество не може да се зборува освен во поврзаноста со една друга негова суштинска карактеристика, која претставува класичен критериум за разликување на Дивјаците и Цивилизираните, примитивниот и западниот свет: првиот ги опфаќа сите општества без држава, а вториот општествата со држава. Тоа е она над што би требало да се замислиме: дали е оправдано овие два аспекти на Западот да ги ставиме на исто рамниште, кој во исто време е и етноцидна култура и општество со држава? Ако е навистина така, тогаш ќе сфатиме зошто примитивните општества можат да бидат етноцентрични, но не и нужно етноцидни, бидејќи токму тие се општества без држава.

Според дефиницијата, етноцидот означува потиснување на културните разлики кои се сметаат за инфериорни и лоши. Овде, на дело имаме принцип на идентификација како проект за сведување на Другиот на Истиот: амазонски Индијанец потиснат како олицетворение на Другиот и сведен на Истиот во облик на бразилски државјанин. Со други зборови, етноцидот како исход има ликвидација на мноштвото во корист на Едниот. Но, каква врска има државата со тоа? Државата е суштински центрипетална сила, која, секогаш кога условите го бараат тоа, настојува да ги скрши сите спротивни, центрифугални тенденции. Државата се гледа и се прогласува себеси за центар на општеството, како тело на општеството и како апсолутен господар на сите поединечни органи на тоа тело. Така, во самото срце на државата ја откриваме активната сила на Едниот, одбивноста кон мноштвото, стравот и ужасот пред сè што е различно. Веќе на ова формално ниво согледуваме дека етноцидната практика и државната машинерија функционираат на ист начин и со исти последици: двете покажуваат одлучност да поништат сè што е различно и посебно, чувство и вкус само за она што е идентично, за Едното.

Напуштајќи ја сега оваа формална и во некои аспекти структурална анализа, за да преминеме на историско ниво, да се задржиме на случајот на француската култура, која сосема добро ги илустрира духот и судбината на целата западна цивилизација. Нејзиното создавање, со длабоки корени во световното минато, е нераскинливо поврзано со ширењето и јакнењето на државниот апарат, прво во облик на монархија, а потоа република. Во секој од тие облици, развојот на централната власт се движел паралелно со ширењето на културниот опсег. Француската култура е национална, таа е култура на Французите. Ширењето на државниот авторитет значело и ширење на нејзиниот јазик, францускиот. Нацијата е формирана, а државата може да се прогласи за единствен носител на власта дури кога сите нејзини поданици ќе го зборуваат нејзиниот јазик. Овој процес на интеграција очигледно подразбира потиснување на многу различности. Затоа во времето на раѓањето на нациите, кога Франција била само мал посед на еден бледолик крал од Северна Лоара, неговите крстоносци го пустошеле Југот со намера да ја уништат тамошната цивилизација. Искоренувањето на албижанскиот ерес, предуслов и начин за експанзија на Капетинската монархија, со што границите на Франција биле речиси дефинитивно утврдени, всушност било чист етноцид: целата култура на Франција – религија, книжевност, поезија – била неповратно уништена, а нејзините жители станале лојални поданици на францускиот крал.

Револуцијата од 1789 година, во која централистите, јакобинци, триумфирале над федералистички определените жирондисти, конечно воспоставила апсолутна политичка власт на централната администрација. Дотогашните територијални единици, провинции, се базирале на древни културно хомогени темели: јазик, политичка традиција итн. Таквата територијална организација била заменета со поделба на апстрактни „департмани“, со намера да се избегне секаква поврзаност со локалните особености и така да се овозможи продор и сеприсутност на државниот авторитет. Последната фаза од тој процес, во кој сите различности биле потиснувани во корист на државата, се одиграла за време на Третата република, кога сите жители на Франција станале „граѓани“, преку воспоставувањето институции како што се бесплатно и задолжително световно образование и воена обврска. Секој автономен облик на постоење, кој преостанал на некои места во провинцискиот и селскиот свет, изумирал. Францификацијата била целосно спроведена, етноцидот бил извршен: традиционалните јазици биле презирани како заостанати наречја, селскиот живот сведен на фолклорен спектакл за туристи, итн.

Овој краток осврт на историјата на нашата земја е доволен за да покаже дека етноцидот, како помалку или повеќе авторитарно потиснување на социокултурните разлики, е веќе вграден во природата и начинот на функционирањето на државната машина, која ги стандардизира индивидуите во согласност со својот поглед на поредокот: за државата, сите нејзини граѓани се еднакви пред законот (еден, нејзин).

Тврдењето дека етноцидот, како во случајот на Франција, е суштински дел од државата, логично води кон заклучокот дека сите држави се етноцидни. Затоа, накратко да ги разгледаме случаите на некои држави, сосема различни од европските. Инките имале државен апарат кому Шпанците искрено му се воодушевувале, како заради неговата пространост, така и заради прецизноста и разработеноста на административните техники кои на царот и неговите бирократи им овозможувале речиси целосна и постојана контрола над сите свои поданици. Етноцидната природа на овој државен апарат можела да се согледа во неговата тенденција населението од новоосвоените подрачја да го потчини на својот културен модел: покорените народи не биле должни само да им плаќаат данок на своите нови господари, туку и да ги прифатат нивните обреди, обожувањето на Сонцето, односно царот на Инките лично. Државната религија била наметнувана со сила и секогаш била немилосрдна кон локалните култови. Меѓутоа, вистина е и дека притисокот кој го вршеле Инките врз покорените народи никогаш не достигнал насилност и манијакален замав со кој Шпанците ја уништувале домородната идолатрија. Иако вешти дипломати, Инките знаеле да употребат сила секогаш кога било потребно и тогаш нивната организација реагирала со најголема бруталност, како што е случај со сите држави кога нивниот авторитет е во прашање. Честите востанија против централната власт прво биле немилосрдно задушувани, за потоа да се преминело кон казнување по пат на масовни депортации на бунтовното население во оддалечени подрачја – а тоа значи далеку над областите покриени со мрежа од места на кои ги обожувале своите богови (потоци, ридови, пештери, итн.): искоренување, раселување, етноцид...

Етноцидното насилство, како негација на различноста, јасно претставува дел од самата суштина на државата, без разлика дали станува збор за варварски империи или за цивилизирани општества од западот. Сите државни формации се етноцидни; етноцидот е нормален начин на нивното постоење. Тоа значи дека во етноцидот има нешто универзално, дека тоа не е монопол на она што нејасно и неодредено се подразбира под „белечки свет“, туку дека им е карактеристично на сите општества со држава. Разгледувањето на етноцидот бара анализа на државата, но дали треба да запреме тука? Дали треба да се задоволиме со заклучокот дека етноцидот и државата се едно исто, и дека од тој аспект сите држави се исти? Тоа би значело повторен пад во гревот на апстракцијата, кој претходно го идентификувавме кај претставниците на „етноцидните школи“. Покрај тоа, така повторно би ја занемариле историската димензија на нашата цивилизација.

Која е разликата што нè спречува сите варварски држави (царството на Инките, фараоните, ориенталните деспотии итн.) да ги натрупаме во иста вреќа со цивилизираните западни држави? Пред сè, таа разлика ја согледуваме на нивото на нејзиниот етноциден капацитет. Во случајот на варварските држави тој капацитет е ограничен, но не од нивната слабост, туку токму спротивното, благодарение на нивната сила: етноцидната практика – укинувањето на сите разлики кога тие ќе станат опозиција – се запира кога власта на државата веќе не е загрозена. Инките ја толерирале релативната автономија на заедниците од Андите, откако овие ќе го признаеле политичкиот и религиозниот авторитет на Царот. Од друга страна, во случајот на западните држави, се соочуваме со единствен незауздан, безграничен етноциден капацитет. Тоа е она што често ги води во геноцид и е главна причина зошто западниот свет можеме да го сметаме за апсолутно етноциден. Но, која е причината за тоа? Што е тоа што ја прави западната цивилизација поетноцидна од сите останати видови општества? Тоа е нејзиниот економско производствен систем; област на неограниченото, простор без центар кој постојано ги шири своите граници, во кој е можно само постојано движење напред. Она што го прави Западот различен е капитализмот: неможноста да се задржи во сопствените граници и постојаното пречекорување на сите граници; систем на производство кој не знае за невозможно, освен ако не е цел за себе. Тоа е капитализмот, во сите свои облици, без оглед дали станува збор за западен, либерален капитализам или за плански, државен капитализам кој постои во источна Европа. Индустриското општество, најспектакуларната производствена машина, во исто време е и најстрашната машина на деструкцијата. Раси, општества, поединци; простор, природа, мориња, шуми, внатрешноста на земјата: сето тоа е потенцијално корисно, сето тоа мора да биде искористено, да биде направено продуктивно, со продуктивност интензивирана до максимум.

Затоа општествата кои го оставија светот во неговиот изворен, непроизводен мир, не можат да бидат оставени на мира. Неискористувањето на огромните ресурси на Западот било апсолутно неприфатливо. И така сите тие општества се нашле пред дилема: вклучување во производството или исчезнување; етноцид или геноцид. Кон крајот на минатиот век, Индијанците од аргентинските пампаси биле целосно истребени за да се овозможи пасење на стоката, врз што се темелел развојот на аргентинскиот капитализам. Во почетокот на 20 век, стотици илјади амазонски Индијанци исчезнале пред нападот на трагачите по каучук. Денес, ширум Јужна Америка, последните слободни Индијанци се повлекуваат пред огромниот притисок на економскиот раст, а особено пред бразилскиот економски раст. Трансконтиненталните патишта, кои се градат сè побрзо, се основа за ширење на цивилизацијата: тешко на Индијанците кои ќе им се најдат на патот!

Што значат неколку илјади непродуктивни Дивјаци наспроти богатствата како што се златото, ретките минерали, нафтата, стадата стока, плантажите со кафе? Северноамериканските Индијанци го почувствуваа тоа на своја кожа, истребени речиси до последен, во име на производството. Еден од нивните џелати, генералот Шерман, ингениозно го изрази тоа гледиште во писмо до еден друг познат убиец на Индијанци, Бафало Бил:

„Колку што можам да проценам, во 1862 година, во преријата помеѓу Мисури и Карпестите Планини, имаше околу девет и пол милиони бизони. Сите тие исчезнаа, убивани заради нивното месо, кожа и коски. Во исто време, на тоа подрачје, имаше околу 165.000 Пони, Сјуи, Чејени, Кајови и Апачи. Сите тие, исто така, исчезнаа и беа заменети со двојно или тројно поголем број мажи и жени од белата раса, кои ја претворија оваа земја во градина и кои можат да се попишат и оданочат и со кои може да се управува во согласност со законите на природата и цивилизацијата. Станува збор за сеопфатна промена, која ќе се спроведе докрај.“

Генералот бил во право. Промените ќе бидат спроведени докрај; и ќе завршат дури кога веќе нема да има ништо што може да се промени.


Pjer Klastr, Društvo protiv države: Eseji iz političke antropologije, Porodična biblioteka br. 2, anarhija/blok 45, 2002. anarhisticka-biblioteka.net
Наслов на оригиналот: „De l’ethnocide“. Превод: Алек Кузмановски.