#pubdate 2013-04-23 15:18:24 +0000 #title Анархистичка епистемологија #subtitle Што е епистемологија? #author Пендлтон Вандивер #SORTauthors Пендлтон Вандивер (Pendleton Vandiver) #SORTtopics анархизам, филозофија, примитивизам #source [[http://theanarchistlibrary.org/library/pendleton-vandiver-anarchist-epistemology][theanarchistlibrary.org]] #date 2001 #notes Наслов на оригиналот: *Anarchist Epistemology*. Превод: Стефан Симоновски #lang mk Анархизмот, како политичка филозофија која е стара отприлика 200 години, е производ на западното општество. Ова причинува многу од претпоставките кои ги истакнува анархистичката теорија да бидат критички разгледани од секој кој како свој проект го смета поткопувањето, отфрлањето или уништувањето на модерното западно општество, со други зборови, секој кој се смета себеси за анархист. Бидејќи анархизмот е филозофија која цели преку себеси, анархистичката епистемологија секогаш ќе биде проблематична. Ова е затоа што анархистичката цел, како што јас ја сфаќам, не е воведување на нов политички систем наречен анархизам; туку, целта е да се промовира анархија. Анархизмот е средство кое се користи за промовирање на анархија, и како таков тежнее кон избегнување на пуристите и систематичарите кои се трудат да создадат конечна анархистичка теорија. Класичниот анархизам сè повеќе е доведуван во прашање затоа што прифаќа премногу од претпоставките на доминантната култура од којашто изникнал. Од оваа причина, коренот на различните проблеми со класичниот анархизам е од епистемолошка природа. Анархистите стануваат сè повеќе и повеќе сомничави, ако не и отворено непријателски настроени, кон идеите кои изискуваат да ги елиминираат замките на политичката и економската моќ истовремено оставајќи ги недопрени механизмите на доминација кои дозволуваат оваа моќ да просперира. Индустрискиот систем повеќе не се согледува како бениген мотор на прогресот кој треба да биде во рацете на работниците. Накратко, анархизмот станува зелен, а тоа едноставно значи дека станува глобален, нагласувајќи го тоталитетот на животот, а не само опфаќајќи разграничена политичка сфера, затоа што не може да си дозволи на угнетувањето да му остави ниту едно место за криење. Анархопримитивизмот е пример за ваквата тенденција внатре анархизмот. Примитивистите не ги доведуваат во прашање само политичките структури, туку и фундаменталните облици на човекова комуникација и категории на размислување. Примитивизмот е радикална критика бидејќи се стреми кон идентификување на корените на угнетувањето. Делата на Џон Зерзан (John Zerzan) се особено сондирачки затоа што го истражуваат претпоставеното потекло на отуѓувањето и општествената стратификација во (вообичаено прифатените здраво за готово) категории на време, јазик, број, уметност и земјоделство. Примитивистичката критика е многу значајна, и не може да биде игнорирана од никој со зелена анархистичка ориентација. Сепак, постојат вознемирувачки спротивности во голем дел од примитивистичката теорија, кои се чини дека резултираат од недоволното земање во предвид на епистемологијата. Поборниците на оваа филозофија се чини дека ја доведуваат во прашање цивилизацијата во целина. Џон Мур (John Moore) во A Primitivist Primer, анархопримитивизмот го нарекува стенографски термин за именување на радикалната струја која го критикува тоталитетот на цивилизацијата од анархистичка перспектива. Но и покрај тоа, тие најчесто цврсто се поставуваат себеси внатре западниот научен дискурс преку нивното потпирање на антрополошки податоци. Доколку анархопримитивизмот беше примарно иманентна критика, проучувајќи ги целите и методите на цивилизацијата со цел да покаже дека тие се неконзистентни едни со други, можеби ќе можеше да си дозволи да се потпира на перспектива која е понудена од страна на западната наука. Но анархопримитивизмот има намера да ни каже како да отидеме надвор од цивилизацијата, а надворешноста којашто се постулира е целосно, квалитативно друга. Фактот дека ова другото се дефинира, од врвот кон дното, од самите институции коишто се доведуваат во прашање, се чини дека ги пертурбира анархопримитивистичките теоретичари. Поставувањето еден покрај друг на бескомпромисниот пуризам и наивност, кои се забележуваат во дел од примитивистичките дела, често е несоодветно, дури и шокантно. Еден цитат од Зерзановата Elements of Refusal ја симболизира непризнаената иронија која исполнува голем дел од анархопримитивистичката критика: „Всушност, [примитивниот] живот бил живеан во непрекината сегашност,(12) истакнувајќи го ставот дека историското време не е вродено на стварноста, туку ѝ е наметнато“. Не е важно кој извор тој мал број 12 ни вели да го земеме предвид. По информирањето на читателот дека ова тврдење кое не може да се демонстрира е „факт“, Зерзан празноглаво придодава фуснота да го докаже! Немам желба да порекнувам дали тврдењето во некоја смисла може да е точно. Поентата е дека целосно ненаучен, всушност антинаучен, став е прекриен во академско руво со цел на целата постапка да ѝ се даде призма на строгост и методолошка легитимност која може да изгледа соодветна само на површниот читател. Самата теза, дека времето е прималната причина за отуѓување, вреди да се земе предвид, а Зерзан навистина е прекрасен писател кој често кажува важни нешта. Сепак епистемолошки, влегуваме во жешка вода кога истовремено го предизвикуваме самото постоење на цивилизацијата и ја прифаќаме нејзината методологијата и нејзините заклучоци. Навистина, целиот примитивистички проект е згрбавен од несреќното бреме на пуристичката теорија која е полна со нечистотии со кои дури и не се труди да се фати во костец. Примитивистичката тенденција да се валоризира природата пред културата е наивна, затоа што заборава дека културата нужно ја дефинира природата. Дефиницијата на природата како сè што не е култура секогаш ќе биде во корист на моќта, бидејќи ја изедначува природата со сè што е веќе подјармено и на нејзините противници им ја нуди можноста да се идентификуваат себеси со поразените. Ова е наивна игра, а ги овозможува потребните услови во чии рамки може да се оформи несвесна лојална опозиција околу навидум радикалната критика. Целосното спротивставување на цивилизацијата, како што таа се дефинира себеси, значи да ѝ се дозволи хегемонија над сè што таа присвојува како свое. Доколку сакаме да ја уништиме цивилизацијата, би требало да се стремиме да ја дефинираме во наши термини – коишто анархистичката епистемологија би се стремела да ги обезбеди. Примитивистите го закачиле својот вагон на ѕвезда, и нивна должност би била да ја погледнат траекторијата на таа ѕвезда доколку сакаат да видат каде таа води. Пред триесет години, антрополозите насликаа многу различна слика за тоа каков бил примитивниот живот; триесет години отсега, подеднакво веројатно е дека сликата ќе изгледа поинаку. Во тој случај, целата општествена филозофија на анархопримитивизмот исто така ќе се промени. Како може критика која тврди дека е толку радикална да дозволи да биде компромитирана преку непосредната интимност со самите институции на кои тврди дека им се спротивставува? Освен ако примитивистичката теорија не се соочи со прашањето на епистемологијата, таа нема да остане витална сила во анархизмот. Како би изгледала вистинската анархистичка епистемологија? Претпоставувам дека анархистичката епистемологија би била епистемологија на желба. Со ова, јас не мислам дека треба да се стремиме кон целосна инструментализација на знаењето; желбата секогаш се раѓа од идејата за тоа што е, а јас немам корист од епистемолошки став кој вели, „она што сакам да е вистинито, оттаму е и вистинито“. Едноставно мислам дека, како анархисти, знаеме што сакаме; ова не зависи, и не може да зависи, од научни помодности и општествени каприци. Иако е сосема можно самите наши желби да се општествено конструирани, нивното негирање заради оваа можност би ја девитализирала анархистичката критика до точка на нерелевантност. Оттаму, јас предлагам дека има основни, базични вистини без кои анархизмот би бил непрепознатлив. Овие не се нужно вистини во врска со светот, туку вистини во врска со анархизмот. Сите анархисти сакаат да живеат што е можно послободно. Ова е недвосмислено вистинито; за да се биде анархист, нужно е да се имаа оваа цел. Ова е втемелувачка вистина од која секоја друга анархистичка теорија мора да започне со цел да биде анархистичка теорија. Ова не значи дека нужно е вистинито дека слободата е цел на човековото постоење. Наместо тоа, она што мислам дека е евидентно, е поскромното тврдење дека постојат начини на мислење кои можат соодветно да бидат именувани како анархистички, и други кои не можат да бидат именувани исклучиво како такви. Анархистичкото мислење, по дефиниција, е примарно преокупирано со целта на слободата. Се разбира, она што ова во практика значи, на некој начин е двосмислено, но како општа цел ова е непроменлива вистина за анархизмот. Второ, до степен до кој анархизмот е во која било смисла зелен, ние сакаме да живееме на начин кој е одржлив, и еколошки и општествено. Бидејќи институциите и практиките кои предизвикуваат масовно еколошко уништување досега исто така беа вклучени во задушувањето на човековата слобода, оваа втората изјава не би требала на ниту еден начин да ѝ е спротивставена на првата, иако не е логички незамисливо да се појави ситуација во која би била спротивставена. Доколку се случи ова, сосем е можно анархистот да одлучи да се откаже од слободата во корист на одржливоста, но правејќи го тоа тој не би делувал како анархист. Со други зборови, дури и ако некој не го смета анархизмот (кој, како што забележав претходно, е средство) за најсоодветен одговор на ситуацијата, тој треба да признае дека она што го застапува не е анархија доколку не создава состојба во која можеме да живееме што е можно послободно. Иако анархизмот ја цени слободата пред одржливоста, тој не ги согледува двете како спротивставени една на друга. Слободниот живот би требало да биде одржлив живот, затоа што луѓето кои делуваат како слободни индивидуи не се вклучени во институции кои се инхерентно угнетувачки и деструктивни. Импликациите не сето ова во однос на анархистичката епистемологија се следниве: без оглед на изворите од коишто доаѓаат нашите информации, нашите цели не произлегуваат од тие извори или тие информации. Оттаму, анархијата не е она што западните антрополози ни велат дека е. На пример, доколку антрополозите одненадеш одлучат дека собирачките групи, после сè, биле крајно патријалхални, анархистите нема да ја ревидираат нивната визија на тој начин што анархијата би вклучувала патријархат. Доколку нешто слично се случи, анархопримитивистите ќе бидат принудени да го исфрлат или анархо префиксот или примитивистичкиот суфикс, затоа што патријархатот е некомпатибилен со анархијата. Ние го знаеме ова, бидејќи знaеме што сакаме. Токму вака ја подразбирам епистемологијата на желбата. Знаењето без значење е само податок, а значењето е знаење информирано од желбата. Оваа дефиниција на значењето е круцијална, затоа што мое уверување е дека секоја друга дефиниција ќе доведе до авторитарни последици. Сите ние се потпираме на разни извори за информации во врска со светот. Анархистичката епистемологија не ги прогласува научните извори како a priori неважечки. Ние би требало да сме совршено спремни да го користиме овој вид на информации како средство. Сепак, доколку анархијата целосно се идентификува со став од една епоха на човековото постоење која припаѓа на една историска фаза од западната наука, тогаш анархизмот станал интегрален дел, не само од цивилизацијата, туку од една посебна триесетгодишна фаза од цивилизацијата. Ова е сериозен пропуст во анархистичката мисла, и директно е поврзан со недоволната посветеност на епистемологијата. Тешко е да не се сомневаме дека, доколку дозволиме нашите желби да бидат канализирани во препакирана научна слика на утопија, ние купуваме уште една половна стока за широка потрошувачка од западната цивилизација. Ако целосно го идентификуваме сето она што го сакаме со една специфична (пред)историска епоха, тогаш сме ја промашиле поентата на анархијата и сме подлегнале на проста носталгија; уште полошо, носталгија за минато кое едноставно е апстракција. Сакаме да ги живееме нашите животи што е можно послободно и одржливо, а не да прифатиме некој општествен модел кој бил приготвен од антрополозите. Без оглед на специфичните извори на нашите информации, анархистичката критика треба да користи анархистичка епистемологија со цел да го избегне потчинувањето на својата агенда кон онаа на западната цивилизација, или која било друга институција. Основните карактеристики на анархистичката епистемологија кои ги предложив се многу широки, можеби дури и нејасни. Сметам дека ова е нужно затоа што, иако процесот на интерпретирање на знаење е сложен, би требало да имаме неколку општи принципи на ум кога го правиме тоа. Доколку сакав да предложам специфична епистемолошка теорија, таа повеќе немаше да биде анархистичка епистемологија. За анархистите, пред сè желбата за слобода е таа која овозможува знаењето да биде кохерентно и прифатливо.