Волфи Ландстрајкер

Варварски размисли

За револуционерна критика на цивилизацијата

2004

      Што е револуционерна критика?

      Што е цивилизација?

      Што претставува револуционерната критика на цивилизацијата во царството на идеите?

      Како би можело тоа да изгледа во практика?

      Неколку заклучни зборови

Уверен сум дека револуционерното спротивставување на постоечкиот општествен поредок мора да ги доведе во прашање последните 10.000 години институционален развој кои довеле до него. Накратко, револуционерната критика мора да цели кон самата цивилизација. Но што точно значи тоа?

Се чини дека погрешното толкување е единственото нешто што е постојано во таканаречената дебата за цивилизацијата помеѓу анархистите. Тоа не треба да зачудува. Тие концепти се тешки, особено кога станува збор за нивна практична примена во општествената борба. За некои работи да се разјаснат, нужно е да разгледаме неколку прашања: Што е револуционерна критика? Што е цивилизација? Што значи револуционерна критика на цивилизацијата на практично ниво? Секое од овие прашања отвора илјадници други прашања, особено при обид тие да се применат во револуционерна практика. Но тоа би требало да ги уплаши само оние кои веруваат во идеологија и кои се ограничиле на наводниот „револуционерен“ идентитет. За нас останатите, таквата расправа би требала да биде добар предизвик, можност да настапиме од првите редови.

Што е револуционерна критика?

Ревлуционерна критика е критика која цели да ги доведе во прашање самите корени на денешното општество, со цел да создаде раздор и да доведе до радикална општествена трансформација. Што друго и би можело да значи „револуционерна“? Но, постојат многу значења.

Како прво, револуционерната критика е практична. Таа бара метод за да успее во светот, за практично да го предизвика постоечкиот општествен поредок. Со други зборови, таа е дел од вистинска борба против постоечкиот свет.

Од таа причина, таа се води од сегашноста. Практичното, револуционерно спротивставување на сегашноста ќе ги користи минатото и иднината, но нема да биде дефинирано од нив. Тие се алатки со помош на кои се напаѓа постоечкиот општествен поредок. Револуционерната критика е практика која се стреми веднаш да опфати сè, овде и сега. Вклучува постојано, проникливо испитување на државата, капиталистичките општествени односи, класната борба и технолошкиот развој додека се соочуваме со нив.

Бидејќи револуционерната критика цели кон раздор со постоечкиот поредок, таа започнува со напад на сите институции на ова општество. Ги проучува нивните фундаментални меѓусебни односи, како и нивното значење. Оттаму, таа не се преокупира со нивните ексцеси или начините на кои им противречат на вредностите кои ги прокламираат, туку како и при најдобрите услови, дури и кога функционираат според своите прокламирани вредности, не успеваат да ги задоволат основните потреби и желби на човечките суштества. Ова општество во суштина е против животот, против човекот и против поединецот, едноставно затоа што неговото сопствено репродуцирање изискува потчинување на човечките битија на неговите потреби. Револуционерната критика започнува со ова сфаќање.

Револуционерната критика исто така целосно ја отфрла моралната критика. Ова може да биде најважниот аспект во мојата аргументација. Револуцијата, во практика, е аморална. Без оглед што понекогаш, во нашата борба, некои ја користат реториката за „правда“ и „права“, нашата револуционерна борба нема никаква врска со правдата или правата или која било друга вредност надвор од нас. Сакаме да ја промениме оваа стварност не затоа што е неправедна, зла па дури и „неслободна“, туку затоа што сакаме да ја вратиме контролата врз нашите животи! Моралноста му припаѓа на овој општествен поредок. Постојано се користи за да нè задржи во истата состојба – секогаш поткрепена со сила. Моралноста успева да го одржи постоечкото бидејќи нејзиниот конечен збор секогаш е присила. Бидејќи ние сакаме да го уништиме постоечкото, мораме да ја уништиме и моралноста (особено онаа која постои во самите нас) за да можеме да го нападнеме општеството без ограничување.

Меѓутоа, револуционерната критика не отфрла принципи.[1] Таа помага да се утврди принципиелен начин на конкретно делување против владејачкиот поредок во нашите секојдневни животи. Недостигот од револуционерна критика може да нè доведе до соочување со посебни искуства на доминација, експлоатација и угнетување во вид на изолирани инциденти, барајќи непосредни решенија со сите можни средства. Револуционерната критика може да ја разоткрие меѓусебната поврзаност на таквите искуства и да докаже како „решенијата“ понудени од институциите служат само за зголемување на нивната моќ врз нашите животи. Со нашата одлука да ја вратиме контролата врз нашите животи, бунтувајќи се против општествениот поредок, избираме начин за судир со светот. За нас нема смисла да користиме други средства освен оние кои се олицетворение на целта за враќање на контролата врз нашите животи. Тоа е применливо и на лично ниво и на ниво на општествената револуција. Секогаш кога правиме компромис со моќта, тој дел од нашиот живот е загубен за нас. Во многу аспекти од нашите животи ние сме присилени да правиме компромиси против нашата волја. Во областа на борбата, каде што имаме избор, анархистичката револуционерна критика ќе нè оттргне од правењето компромиси овозможувајќи да ја задржиме нашата автономија.

Што е цивилизација?

„Цивилизација“ е конфузен збор. Првите европски истражувачи честопати она што е „добро“ го поврзувале со цивилизација. Оттаму, кога ќе сретнеле искрени и дарежливи нецивилизарани народи, понекогаш ги опишувале како „поцивилизирани“ од Европејците. Денес, поимот цивилизација често се поврзува со добро вино, убави човечки творби и префинети вкусови, но во стварноста карактеристиките кои се заеднички за сите цивилизации се многу понепријатни: доминација, геноцид и уништување на околината се само некои од нив.

Друг момент на конфузија е тоа што многумина ја сфаќаат „цивилизацијата“ како единствен ентитет кој се развивал низ времето. Изворот на ова сфаќање е во митот за Прогресот преку кој модерната цивилизација, која денес доминира со светот, се оправдува и идеализира. Овој мит претпоставува дека човештвото се развивало по една, прилично едносмерна патека сè до денес. Меѓутоа, цивилизациите се појавиле на повеќе различни места без да бидат поврзани и без да следат една единствена патека. Западната цивилизација може да се следи до „Плодната полумесечина“, за која се вели дека е „лулка на цивилизацијата“. Но кинеската, јапонската, цивилизациите на Инките, Маите и Ацтеките немаат врска со оваа „лулка“. Појавата на западната цивилизација не бил едноставен процес. Имало пресекувања, спојувања и одвојувања[2] на неколку различни процеси, понекогаш преку трговија, а многу почесто преку конфликти. Оттаму, низ историјата се појавуваат повеќе цивилизации. Појавата на неколку историски фактори овозможиле европската цивилизација да тргне во освојување кое сега е распространето низ целата планета. Но идејата за единствена цивилизација која се развила по една единствена линија е дел од идеологијата на Прогресот, а револуционерната критика на цивлизацијата мора да биде внимателна и да ја избегне таа замка, бидејќи тоа лесно може да доведе до перспектива која е само обратна од концептот за Прогрес, наместа да го отфрли тој мит. Таквиот пресврт може единствено да доведе до враќање во некој замислен почеток, што самото по себе е мит. Револуционерната критика на цивилизацијата мора да ја отфрли мистификацијата која е вродена во идејата за Прогресот, а не да создаде обратен мит заснован на морална проценка на Прогресот.

Иако идејата за единствена цивилизација е погрешна, сите цивилизации сепак споделуваат одредени карактеристики. Тие можат да се сметаат како квалитети кои ја дефинираат цивилизацијата. Можат да ни помогнат да сфатиме одредени работи кои би биле корисни за значењето на револуционерната критика на цивилизацијата.

Зборот цивилизација доаѓа од латинскиот збор civis, што значи жител на град. Оттука, цивилизацијата е начин на живот заснован на живеењето в град, живеењето во области со концентрирана популација одвоени од областите од коишто таа популација се прехранува. Оттаму, револуционерната критика на цивилизацијата се стреми кон испитување на општествените односи кои ги создаваат и кои се создадени од градовите.

Но постоењето на градот, само по себе не е доволно за да ја дефинира цивилизацијата. Да видиме што се случило при појавата на првите цивилизации. Споделено е мислењето дека првите цивилизации започнале да се развиваат пред околу 8 до 10 илјади години. Но што точно е тоа што почнало да се развива? Доказите што ги имаме посочуваат дека одредени специјализации почнале да се кристализираат во одредени испреплетени општествени институции: држава, сопственост, семејство, религија, закони, работа (како активност одвоена од животот), итн. Овој поцес се одвивал преку отуѓување на капацитетот на луѓето за самостојно креирање на своите животи, според свои услови, како на индивидуално така и на колективно ниво. Таа отуѓена креативност се кристализирала како концентрирана моќ и богатство во рацете на општествените институции. Засновани на лишување на големото мнозинство, институциите се одраз на класните односи. Со појавата на институционалната рамка, општеството престанува да биде мрежа на односи помеѓу индивидуите чија цел е задоволување на нивните потреби и желби, туку станува мрежа од однапред одредени, институционализирани односи кои се над луѓето и на кои тие мора да им се подредат. Оттаму, тие повеќе свесно и заедно не развиваат техники за задоволување на нивните потреби и желби. Наместо тоа се развиваат технолошки системи чија цел е репродукција на институционалниот општествен поредок, кој самиот по себе е бирократска технологија за посредување помеѓу општествените односи. Потребите и желбите на поединците се подредени на таквата конструкција, а поединците стануваат шраф во општествената машина. Нивниот опстанок зависи од општествената машина која ги оковува на постојана послушност која единствено може да биде разбиена со радикален раздор во општествениот поредок, деструктивно преиначување на постоечките општествени односи, кое ја отвора можноста за сосема нов живот.

Кога говорам за цивилизација, мислам на мрежата од институции кои доминираат со нашите животи.

Што претставува револуционерната критика на цивилизацијата во царството на идеите?

Ако цивилизацијата е мрежа од институции кои ги дефинираат и доминираат со нашите животи, тогаш на теоретско ниво, револуционерната критика на цивилизацијата е испитување на природата на тие институции. Таа ја проучува државата, економијата и технолошките системи кои тие ги создаваат за да ги контролираат нашите животи. Ја проучува сѐ поголемата несигурност на нашето постоење на сите нивоа. Таа е класна анализа насочена кон уништување на ова општество и оттаму, таа во прв ред се заснова на нашите животи, тука и сега.

За жал, многу од она што денес се смета за критика на цивилизацијата не успева да биде револуционерна, затоа што за своја основа не ја избира конфронтацијата со општествената стварност која ги узурпира нашите животи и нашата желба да ја вратиме контролата врз нив. Основите би можеле да овозможат модел за идното нецивилизирано општество или за тековните активности или, пак, би можеле да овозможат цврста морална основа од која ќе се делува. Во секој случај, таквите основи не можат да послужат како револуционерна критика. Да разгледаме некои од тие идеи.

Од револуционерна гледна точка, биоцентризмот е сосема бесполезен. Во самиот свој корен тој е морална перспектива. Започнува од животот како апстракција која се наоѓа над нас и на која треба да ѝ служиме. Иако понекогаш се претставува на научни основи (еколошката биологија), тој во суштина е метафизичка/етичка перспектива. Биоцентризмот секогаш е спротивен на антропоцентризмот, што наводно треба да значи мислење во чиј „центар е човекот“. Антропоцентризмот е само уште едно име за хуманизмот. Хуманизмот е идеологија која тргнува од апстрактната концепција за Човекот поставувајќи го над нас како идеал кој треба да го достигнеме. Практично, во општествени рамки тој се заснова на концептот на одредени права кои општеството треба да ги заштити. Во стварноста, биоцентризмот не го доведува во прашање хуманизмот во самата негова суштина. Тој едноставно се стреми да ги прошири моралните вредности на хуманизмот вклучувајќи го во нив севкупниот жив свет, а не само човечкиот. Животот, не само човечкиот, е идеалот кон кој треба да се стремиме. Во општествени рамки, биоцентризмот се стреми кон проширување на правата и заштита на нечовечкото без да се доведат во прашање темелите на општествениот поредок. Токму затоа многу претставници на длабоката екологија трошат време на парници и легислативи за заштита на овој или оној вид, или некој дел од природата. Таквата практика ја открива нереволуционерната природа на нивната перспектива. Бидејќи се заснова на претставничка практика (активистите на длабоката екологија ја претставуваат Земјата и Животот во судниците и законодавствата), таа во својата суштина е политички и реформистички светоглед. Револуционерната критика на цивилизацијата целосно треба да ја отфрли оваа идеологија.

Еколошката перспектива може да биде корисна за разоткривање на штетноста на институциите кои ги контролираат нашите животи. Технолошкиот развој нужен за одржување на општествената контрола и експанзијата на капиталот предизвикуваат огромни штети. Еден битен аспект од нашето денешно несигурно постоење е сè поголемото оштетување на нашите тела и нашето природно опкружување, со што се поставува прашањето уште колку можеме да издржиме. Но штетноста на ова општество не постои само во разните физички токсини кои сме принудени да ги внесуваме. Ако тоа беше единствениот проблем, тогаш тоа навистина ќе беше прашање за „експерти“ или нешто што може да се реши со одредена легислатива. Основната пакост на ова општество е содржана во општествените односи што ги наметнува. Тие општествени односи прават да зависиме од огромен технолошки систем над кој немаме никаква контрола. А физичкото оштетување на овој систем (труењето на реките, озрачувањето на храната, распространувањето на токсични хемикалии и генетски модифицирани производи) е составен дел од неговото постоење. Оттаму, еколошката критика може да биде револуционерна само ако е дел од тоталната критика на општествените односи кои прават да зависиме од таа токсична мегамашина. Таа може да биде една алатка во развојот на таквата критика, но сама по себе не е доволна.

Никогаш себеси не сум се нарекол примитивист затоа што мојата критика на цивилизацијата не ја засновам на стварни или претпоставени својства на таканаречените „примитивни“ општества. Идеологијата за минатото Златно доба, во најдобар случај е чиста шпекулација. Многу малку знаеме за предисториските човечки суштества и нивниот начин на живот, а последните дела на тоа поле се поместија од идиличните слики популарни меѓу предисторичарите пред неколку децении. Можеме да читаме за модерните, таканаречени „примитивни“ луѓе во делата на антрополозите, етнолозите и разни други автори кои живееле со нив. Тоа секако може да биде корисна алатка во проучувањето на цивилизацијата и човечките можности. Но нужно е да се има на ум дека таквото знаење секогаш е шпекулативно, парцијално и пристрасно, и не може да биде основа за револуционерна критика на цивилизацијата. Примитивизмот како идеологија го идеализира таканареченото „примитивно“. Некои современи примитивисти се обидуваат да го избегнат ова ограничување повикувајќи се на наводната „првобитна природа“ инхерентна на сите човечки суштества наместо на денешните или поранешните примитивни луѓе. Иако на тој начин можат да го избегнат обвинувањето за лицемерно користење на науката во нивна корист, тие сепак не можат да го избегнат проблемот на засновање на нивната перспектива на надворешен идеал. Всушност, овие примитивисти само ја воскреснале хуманистичката идеологија со една измена: „првобитната“ човекова природа станува „вистинското“ себство кое треба да го откриеме и кон кое треба да се стремиме. Бидејќи е облик на хуманизмот, овој светоглед во самата своја суштина е морален. Се обидува да овозможи основа за револуција без класна борба заменувајќи ја неа со „првобитна борба“, но бидејќи оваа втората се заснова на нашата наводна „првобитна природа“, а не на нашата стварна конфронтација со условите што денешниот свет ни ги наметнува, таа едноставно е морален идеал за тоа како револуцијата „би требало“ да се изведе. За Монтењ и Русо таквите идеализации останале да бидат само поетични средства за осуда на злата на цивилизацијата, но за некои модерни примитивисти таа станува морален идеал, модел за постцивилизацискиот начин на живот, а понекогаш дури и концепт за тоа што антицивилизациската практика би требала да претпоставува. Како таква, таа не ѝ е потребна на револуционерната критика на цивилизацијата. Таа останува да биде само морална критика заснована на апстрактни концепти за добро (примитивно) и зло (цивилизирано). Општествените односи исчезнуваат во ваквата идеализација, и лесно е да се застрани во идеи и практики кои се целосно надвор од допир со стварноста пред која сме соочени.

Можеби заради тоа некои примитивисти одат дури дотаму што го отфрлаат самиот концепт на револуција, попрвин избирајќи да се „подготвуваат“ за идниот колапс на цивилизацијата изучувајќи „примитивни вештини“ во скапи школи отворени за таа намена. Се чини дека колапсот што го замислуваат е сличен на визиите на движењето на Танцот на духовите (Ghost dance) на домородните Американци од 19-от век, во кои цивилизираната стварност едноставно е отстранета откривајќи ја првобитната и недопрена Дивина. Како и припадниците на сурвивализмот од пред една деценија, овие примитивисти се откажале од можноста луѓето да ја преземат историјата во свои раце со цел да го уништат доминантниот поредок и радикално да ги трансформираат општествените односи. Наместо тоа тие сонуваат за апокалипса, после која само малкумина ќе можат да живеат во рајот на нивниот замислен „примитивен“ свет.

Всушност, доколку се случи таков колапс, тоа речиси сигурно ќе значи еден долг процес кој ќе вклучува војни помеѓу разните лидери во овој свет со цел преку сите можни средства да ја одржат нивната моќ, како и непосредно соочување со разорувањето на природната средина. Немам желба да се „подготвувам“ за таков колапс, наместо тоа го сметам за една од мрачните можности што ги нуди ова општество. Попрво би се впуштил во свесно уништување на цивилизацијата преку револуционерни напори. Свесното револуционерно уништување на цивилизацијата подразбира свесна конфронтација со стварноста што ја креира цивилизираната стварност како и барање начини за обновување на животните средини.

Меѓутоа, примитивистите кои отворено ја отфрлаат револуцијата се малубројни. Но без оглед на тоа, јас сметам дека тое се оние кој најконзистентно ја следат логиката на примитивизмот. Идеализицијата на она што некогаш било постојано ќе води или до пасивно восхитување (како кај Монтењ и Русо) или до имитација, но никогаш до радикална и деструктивна конфронтација со она што е.

Сепак има една значајна лекција која може да ја научиме преку проучување на нецивилизираните луѓе. Се покажа дека цивилизацијата е хомогенизирачки процес. Тоа е особено јасно денес, кога една цивилизација доминира со планетата. Тоа дури би можело да наведе некој да верува во предодреденоста на човековата природа. Но проучувајќи ги нецивилизираните народи сфаќаме дека постојат огромен број различни начини на кои луѓето можат да живеат на овој свет, бескрајни можности на односи со самите себе, со другите и со опкружувањето. За детерминистички шпекулации тука нема место. Наместо тоа, самиот факт дека општествениот свет во кој денес живееме не постоел отсекогаш ни ги открива вистинските можности за револуционерна трансформација. Но нашите можности ќе се отворат тука и сега, при реализацијата на нашиот проект, оттаму „примитивното“ не може да се користи како модел, туку само како една од многуте алатки за појасно разбирање на природата на цивилизацијата.

Едно од истражувачките полиња што се развија меѓу антицивилизациските анархисти е истражувањето на потеклото. Ова истражување отвори многу интересни прашања. Но исто така ја отвори и можноста за запаѓање во идеологија. Прво нешто што треба да се има предвид при истражувањето на потеклото е дека не можеме да најдеме одговори. Може само да се шпекулира и да се отвораат прашања. Инаку тоа ќе биде само потрага по „првобитниот грев“ после кој цивилизацијата станала неизбежна и пад во детерминизам кој изискува спасение, а не револуција.

Истражувањето на потеклото во најголема мера беше започнато од Џон Зерзан во осумдесеттите години од минатиот век. Тоа е обид да се увидат можните извори на отуѓување кои ја овозможиле појавата на цивилизацијата. Една од слабостите на Зерзан, уште од самиот почеток, е недостатокот од јасно објаснување што мисли под отуѓување. Оваа нејаснотија ги зарази оние анархопримитивисти кои делата на Зерзан ги земаа како главен теоретски извор. Отуѓувањето јас го сфаќам како оддалечување на нашето постоење од самите нас преку систем на општествени односи кој го узурпира нашиот капацитет да ги креираме нашите животи според наши правила, со цел да ја користи нашата енергија за производство и репродукција на она што е нужно за богатството и моќта да останат одвоени и централизирани. Отуѓено за мене е она во што не можам да уживам како мое сопствено нешто. Оттаму, отуѓувањето не може да биде предизвикано од идеја или од начин на размислување. Неговиот извор се наоѓа во општествените односи. Повремено, Зерзан го користи отуѓувањето на овој начин, меѓутоа најчесто тој е многу поапстрактен, говорејќи за човечкото отуѓување од природата во квазимистично значење. А се чини дека овој, вториот концепт, преовладува во анархопримитивистичкото милје. Како да ја сфаќаат природата како метафизички ентитет со кој луѓето порано имале интимен однос на заедништво кој подоцна бил прекинат. Ова е идентично на христијанската теологија, само што бог е заменет со унифицирана природа. Идејата за „пад“ во цивилизација (термин што Зерзан често го користи) логично произлегува од ова. Исто така ги објаснува и честите тврдења дека не можеме да искусиме неотуѓени моменти во овој свет – бидејќи се работи за пропаднат свет. Наместо да понудат адекватни идеи за тоа како паднатите луѓе во паднатиот свет можат да направат револуција за да го променат тоа, Зерзан, Џон Конор (John Connor) и некои други примитивисти се впуштаат во едно чудно задоволство на прикажување на општествената дезинтеграција на модерниот свет како божем самата таа по себе да е начин за уништување на цивилизацијата. Дното на сето ова беше написот на Стив Бут, „Ирационалисти“ (Steve Booth, “The Irrationalists”). Бут, неспособен да продолжи понатаму во таа насока, целосно откажувајќи се од секаква критика на цивилизацијата, избрал да биде поддржувач на Зелената партија на Британија. Самиот Зерзан прибегнува кон евангелизам, разговарајќи со новинари од Њуjорк Тајмс, Спин и разни други меинстрим публикации, појавувајќи се во радио емисијата на Арт Бел (Art Bell) и на 60 минути, посетувајќи конференции за „одржливост“ и животна средина за да ја пренесе неговата порака. Тоа дека Зерзан крајно ја компромитира секоја револуционерна критика со ваквата „практика“ е нерелевантно, бидејќи сите ние мораме да се компромитираме во овој свет. Оттаму, револуцијата на Зерзан единствено може да биде сфатена како спас од паднатиот свет. Но кој или што е спасителот?

Всушност, мислам дека можеби теолошкиот начин на Зерзан за справување со проблемот на отуѓувањето го ограничува неговиот капацитет да го развие своето истражување во корисен правец. Иако Зерзан отвори значајни теоретски области доведувајќи ги во прашање јазикот, времето, симболичката мисла, итн., тој не успеа да го искористи тоа. Наместо да ја истражува природата на јазикот, времето или симболичката мисла како општествени односи во сегашноста, тој неговите први изјави ги прифаќа како конечни одговори и започнува да ја повторува истата песна дека „сето тоа мора да се укине“ и да ги суди другите кои не ја следат неговата линија. А штом пронајде светец (и потенцијален спасител[3]) во Унабомбер, неговата идеологија толку се утврди што тој повеќе не може да ги развива своите идеи; може само да ги проповеда.

Меѓутоа, обидот за истражување на потеклото се одвива во опасни води. Треба да се разликува нужната евентуалност од причината. На пример, вистина е дека појавата на цивилизацијата е поврзана со постоењето на јазикот. Но не значи дека јазикот нужно води до цивилизација. Постоењето на фронтален лобус во мозокот е исто така нужно за појавата на цивилизацијата, но тоа не е причината. Капацитетот да се разликува нужната евентуалност од причините е она што овозможува да се избегне детерминизмот опишан погоре.

Исто така е лесно, во потрага по изворните причини, да се реифицираат општествените односи. Зерзан тоа секако го направи со времето, јазикот и симболичката мисла. Тврдењето дека тие се извор на нашиот проблем подразбира запоставување на фактот дека тие потекнуваат од општествените односи, од реалните или замислени потреби и желби кои се развиваат меѓу луѓето. Но ние не можеме да знаеме што биле тие; можеме само да шпекулираме, а за некои тоа не е доволно. Она што можеме да го направиме е да ги испитаме општествените односи кои денес ги опкружуваат јазикот, времето и симболичката мисла. Таквото испитување е особено интересно со оглед дека укажува на тоа како капиталот и неговиот технолошки систем, во одредена смисла, се во процес на уништување на јазикот и времето. Уништувањето на јазиците низ целиот свет, деградацијата на поединичните јазици и атрофирањето на имагинацијата, а со тоа и на капацитетот да се говори и живее поетски, се значајни аспекти од реалноста со која се соочуваме. Сето тоа може да се поврзе со потребите на владејачкиот поредок, на технолошкиот развој и доминацијата на масовните медиуми и интернетот со комуникацијата. Тоа изискува многу подлабока анализа од тврдењата дека јазикот предизвикува отуѓеност. Прилично е очигледно дека губењето на јазикот не нѐ прави помалку отуѓени или помалку цивилизирани, туку едноставно помалку способни за меѓусебна комуникација и за изразување на желбите надвор од каналите дозволени од владејачкиот поредок.

На ист начин, светот на капиталот и неговата технологија и масовни медиуми, ни го крадат нашето време. А наместо него ни се нуди вечна сегашност, но не рајска каква што ја замислува Зерзан. Тоа повеќе е вечна сегашност на рутини повторувани од ден за ден кои немаат никаква врска со нашите потреби и желби, но кои мораме да ги правиме за да заработиме пари кои ни се потребни да продолжиме да преживуваме на истото ниво. Тоа е сплотено со медиумското претставување на светските настани како неповрзани моменти без минато или иднина. Сегашниот општествен поредок ги краде минатото како стварност која можеме да ја искористиме на некој корисен начин и иднината како место на можности и соништа, оставајќи ни ја само осиромашената сегашност на секојдневниот јарем. Овде е нужна подлабока анализа на сегашните општествени односи, која ќе ни дозволи да ги вратиме назад нашата историја и нашите соништа како алатки против ова општество, овде и сега.

Се разбира, примитивизмот се повикува на минато, но тоа е мистифицирано минато кое стои како идеал над нас, не е конкретно минато на револуционерна борба против владејачкиот поредок. Некои примитивисти ја отфрлуваат таа борба, бидејќи оние кои биле дел од неа не развиле свесна критика за цивилизацијата. Но отфрлањето го прави невозможно критичкото соочување со тие минати борби. А критичкото соочување со револуционерното минато е премногу корисна алатка за да се отфрли во борбата против овој цивилизиран свет. Секоја од овие борби може да се согледа како дел од недовршената општествена војна во која знаењето за метата и непријателот постепено станува сѐ појасно, но само доколку критички се соочиме и справиме со тоа минато, наместо да бараме некое мистично минато кое ќе го користиме како идеал. Тоа е особено важно во ова време кога самата цивилизација создава историска амнезија на која ние одбиваме да подлегнеме, продолжувајќи да ја прифаќаме револуционерната историја како оружје против владејачкиот поредок.

Накратко, за револуционерната критика на цивилизацијата, истражувањето на потеклото е корисно само како отворање на области за непрекинато преиспитување. Основните концепти кои ги доведува во прашање треба да бидат испитани во однос на денешните општествени односи, за да можеме да откриеме каде постојат точките на конфликт со владејачкиот поредок и да го сфатиме влогот.

Друг концепт кој се користи во развојот на критиката на цивилизацијата е оној на „дивината“. Јас сум еден од оние кои го употребија овој концепт при истражувањето на значењето на цивилизацијата и на тоа како би можела да изгледа револуцијата против неа. Но постои опасност концептот на дивина да биде скротен - односно, да биде кристализиран во конкретна идеја за тоа што би требало да бидеме и правиме. Во моите критички истражувања на природата на цивилизацијата и бунтот против неа, концептот на дивината го користев токму затоа што, за разлика од „примитивното“, човечката дивина е непозната. Таа не нуди одговори или модели, но отвора прашања. Нејзиното кристализирање во модел се однесува на нејзиното изедначување со начинот на живот на собирачите и/или со антропоморфните одлики на нечовечките животни (како инстинктите). Идејата за вродена „првобитна“ човекова природа паѓа токму во оваа замка, дефинирајќи идеал, без да ги отвори прашањата за тоа како можеме одново да ги присвоиме сопствените животи. Дефинирањето на дивината како модел прераснува во морална вредност која се издигнува над нас и нашата секојдневна борба. А во тој облик не е корисна како револуционерна алатка. Само како тензија насочена против цивилизираната реалност која ни е наметната, односно само како непрекинато теоретско и практично преиспитување, дивината може да има корист во развојот на револуционерната критика на цивилизацијата.

Револуционерната критика на цивилизацијата е критика на општествените односи на цивилизацијата. Појавата на цивилизацијата всушност е појава на централизацијата и институционализацијата на моќта и богатството. Започнувајќи со лишувањето на голем број луѓе - одземајќи им го капацитетот да ги обликуваат своите животи под свои услови - се наметнуваат односите на доминација и експлоатација, односно класните односи. Со институционализирањето на класните односи, започнува и класната борба. Наједноставно, тоа е борба на лишените одново да ги присвојат своите животи и борба на владејачкиот поредок да ја одржи својата доминација.

Ако ја започнеме нашата критика на цивилизацијата од оваа основа, можеме да видиме дека борбата против цивилизацијата во својот корен е класна борба и борба не егото. Нејзината основа не е во одрекувањето туку во проектот на повторно присвојување - враќање назад на она што било украдено од нас. Мегамашината на индустриската, капиталистичка држава е ѕвер за кој сите ние како индивидуи сме обична сточна храна. Општествените односи на нејзината институционална рамка се вградени во нејзиниот технолошки систем, со што секоја визија за самоуправување на тој огромен апаратус станува апсурдна. Оттаму поентата е да се уништи, не заради „Земјата“ или „Животот“ или „Дивата природа“, туку повеќе заради нас самите, со цел слободно да експериментираме со безбројните можности на поврзување и создавање на нашите животи без ниту еден вид доминација, за истражување на колективниот проект на индивидуална себереализација. Затоа револуционерната критика на цивилизацијата својата основа ќе ја има во комунистичката и егоистичка критика на постоечкото - со други зборови, ќе биде суштински анархистичка.

Како би можело тоа да изгледа во практика?

Револуционерната критика на цивилизацијата изникнува од желбата за свет во кој ние, човечките суштества, може да живее како што сакаме, создавајќи ги заедно нашите животи како свесен непрекинат проект. Во неа нема место за мизантропијата која е централна за многу биоцентрични идеологии и која понекогаш ги инфицира еколошките перспективи. Ниту пак ги препознава примитивистичката практика или „враќањето во дивина“ како лек за цивилизациските зла. Иако примитивните вештини би можеле да бидат корисни, а методите на лекување и проширување на дивината се нужни, тие не го претставуваат практичниот израз на револуционерната критика на цивилизацијата.

Факт е дека не можеме да се вратиме назад. Северна Америка сѐ уште има прилично големи региони на дивина, од кои во некои се чини дека може да живее многу мал број луѓе. Но никако не би можела да ги издржува стотиците милиони луѓе на овој континент. Во голем дел од остатокот од светот, дивината е исчезната или уништена. На пример, во Европа и поголем дел од Азија, собирачкиот начин на живот повеќе за никого не е опција. Патот за назад е затворен, а бидејќи патот напред очигледно нѐ води кон сѐ поголема доминација и катастрофа, јасно е дека мораме да го напуштиме патот и одиме на друго место.

Оттаму, револуционерната критика на цивилизацијата изискува да ги напуштиме сите познати патишта. Не постојат лесни решенија или модели кои можеме да ги следиме. Од анархистичка перспектива тоа не треба да се смета за нешто негативно, бидејќи не остава простор за лидери или идеолошки догми. Всушност, нѐ враќа на сегашноста, на нашите животи и борби, на светот со кој се соочуваме.

Ајде да го погледнеме овој свет. Една цивилизација - онаа на државата и капиталот - доминира со него. И покрај тоталитарните тенденции, таа доминација не е апсолутна. На маргините и надвор од нејзиниот дофат постојат и други начини на битисување и поврзување. Нејзиното ширење низ целата планета ја примора да развие методи на општествена репродукција и контрола кои се децентрализирани во технолошка и бирократска мрежа. Со оглед дека контролата и односите на доминација и експлоатација се вградени во таа мрежа, не може да се каже дека некој, дури ниту владејачката класа, всушност ја контролира. Се труди да нѐ контролира не само преку следење на нашите активности, туку уште поважно, преку тоа што нѐ прави зависни од неа и што ја детерминира во многу ограничени параметри нашата интеракција со неа. Накратко, нѐ претвора во шрафови внатре нејзината технолошка конструкција. Токму затоа сите идеи за преземање на постоечките средства за производство со друга цел освен нивно уништување, немаат никаква смисла. Тоа се средства за доминација и контрола, не за создавање на она што ни треба и што го посакуваме. Терминалите на оваа мрежа ги вклучуваат компјутерите, камерите за надгледување, кредитните картички, личните карти и така натаму. Оваа мрежа делува дека е насекаде, но многу е растегната, што ја прави многу кревка и полна со пукнатини. Еден од исходите на таа кревкост е тоа што сѐ повеќе и повеќе луѓе пропаѓаат низ пукнатините, не наоѓајќи место за себеси внатре ова општество. Принудени на сиромаштија, емиграција, бездомништво и нелегалност, овие непосакувани имаат малку, ако не и ништо, да изгубат делувајќи против ова општество. Тие се класа на варвари внатре портите на оваа голема цивилизирана машина на смрт. Дури и оние кои не пропаднале низ пукнатините, увидуваат дека нивното постоење е сѐ понесигурно на сите нивоа. Доколку успеат да увидат што имаат заедничко со оние кои пропаднале низ пукнатините, тоа може да се покаже катастрофално за владејачкиот поредок. Се разбира, постојат и оние кои избираат да живеат во пукнатините заради релативната невидливост што тоа им ја овозможува, давајќи им поголема слобода самите да детерминираат значителни аспекти од своите животи. И тие луѓе подеднакво имаат причина да се борат против мегамашината. Господарите на овој свет го знаат сето тоа и, во последните години, отворено практикуваат сурови репресивни мерки за превенција.

Востанијата и револуциите не се производ на радикални идеи,[4] иако таквите идеи можат да играат значајна улога во начинот на кој востанието се развива - доколку се создадени и изразени на релевантен и револуционерен начин. Но нашиот гнев предизвикан од животните услови кои ни се наметнуваат, во комбинација со целосното немање верба во капацитетот и волјата на владејачките и опозициските институции да преземат нешто за да ги променат во наша корист, е оној кој може да го разгори самоорганизираниот бунт во вид на штрајкови, блокоди на патиштата и пристаништата, окупирање на простори, саботажа, вандализам, нереди и буни. Во тие инциденти и активности, можеме да ја согледаме желбата да ги повратиме своите животи директно конфронтирајќи се со оваа цивилизација, која ние ги краде живототи, онаква каква што постои овде и сега. Овие борби се директни (иако обично несвесни) напади против кражбата на нашите животи. Оттаму се израз и на класната борба и на борбата против цивилизацијата онаква каква што ја познаваме.

Но, што е со свесно развиената револуционерна критика на цивилизацијата? Како таа се изразува во практика? Секој од нас секојдневно во својот живот се соочува со делови од мрежата на контрола. Не недостигаат можности за напад. Проблемот е како да се најдат соучесници, како да се откријат малите раштркани нишки на бунт и како тие да се спојат. За време на ненајавените штрајкови на транспортните работници во Италија минатиот декември и јануари (2003-2004), некои другари посочуваа дека тоа е можност да се прескокнат наметнатите активности на ова општество и времето да се искористи за истражување на можностите за комуникација лице в лице и заеднички активности. Други, пак, ги саботираа апаратите за контрола на билетите. Тоа беше почетен израз на испреплетените борби. Неодамна во САД, таканаречените „независни“ камионџии кои работат на доковите во Оукленд и Лос Анџелес имаа ненајавени штрајкови. Револуционерите во обата града беа да разговараат со камионџиите. Некои од камионџиите изразија силен антивоен став. Секако постоеја точки на поврзување.

И, се разбира, нема потреба да се чекаат други за да се почне борбата. Нашите животи се украдени; одземен ни е капацитетот да ги одредуваме условите на нашето постоење, а непријателот и неговите алатки се насекаде околу нас. Затоа можеме да иницираме сопствени борби. Земете ги предвид надзорните камери над нашите глави. Земете ја предвид институционалната и економската поддршка за војната во Ирак - и за војните на други места - која нѐ опкружува. Земете го предвид истражувањето во нанотехнологијата, со ужаснувачките можности кои ги отвора за пенетрација на општествената контрола директно во нашите тела, и кое ни се случува под нос... Не е тешко да се најдат мети.

Реков дека револуционерната критика на цивилизацијата се заснова на класната борба. Но не мислам просто на борбата на една класа против друга. Посуштествено, мислам на борбата на експлоатираните, на обезнадежените, на осиромашените против нивните услови како такви. Очигледно е дека во интерес на владејачката класа е да одржи класно општество, а со тоа и целиот технолошки и бирократски апарат преку кој делува. Но не е во наш интерес да ја одржиме нашата класна положба. Сѐ додека сме експлоатирани, обезнадежени, сиромашни и нашите животи нема да бидат во наши раце. Повторното враќање на нашите животи во наши раце ќе стави крај на нашето постоење како класа; таа борба е колективното движење за ослободување на поединецот. Оттаму, критиката на цивилизацијата во класната борба ги бара методите и формите кои во себе го носат уништувањето на класата.

Сфаќањето на класата во таа смисла ни дава неколку сугестии за нејзиниот практичен израз. Специфичните инциденти кои ќе испровоцираат борба многу ќе се разликуваат и можно е да имаат помали непосредни цели. Но оние од нас чијашто активност е водена од револуционерната критика на цивилизацијата, а оттаму и од желбата за уништување на самите класни односи, ќе користат само методи кои јасно ја изразуваат борбата за враќање на нашите животи. Заради тоа, ние ќе одбиваме да бидеме претставувани од сите опозициски организации како што се синдикатите и партиите, зачувувајќи ја автономијата на нашата борба. Ќе одбиеме да поднесуваме барања, да преговараме или правиме компромиси со владетелите на овој свет. Сами ќе ги избираме методите, времето и местата на нашите акции. И ќе ги напаѓаме институциите и машинеријата на моќ кои ни се испречуваат на патот. Наши соучесници ќе бидат оние кои ќе одлучат да ги споделат таквите методи, а нашите борби ќе се испреплетат со другите сѐ додека тие изберат да го следат овој пат, а ќе се раздвојат кога нашите методи и цели ќе станат некомпатибилни.

Згора на тоа, бидејќи борбата е насочена кон тоа да ги вратиме во свои раце нашите животи и нашиот капацитет колективно да ги создаваме под наши услови, таа ќе добие израз на лудичка активност. На самиот почеток од индустриската ера, лудитите препознале дека фабричкиот систем е технолошки метод за наметнување на специфични општествени односи на експлоатација и контрола, и го нападнале. Двесте години потоа, методологијата на фабриката - развојот на испреплетените, заемно зависни технолошки системи во кои е вградена општествена контрола и односи специфични за потребите на капиталот и државата - се прошири над целиот општествен пејзаж, а нашите украдени животи се заробени како мртов труд во тој апаратус, репродуцирајќи ја неговата доминација врз нас. Враќањето на нашите животи во наши раце изискува уништување на машината, и затоа играта на Нед Луд е клучна за практичниот израз на револиционерната критика на цивилизацијата.

Проектот на враќање на нашите животи во наши раце во суштина е егоистичен. Фактот дека тој проект треба да стане колективен за да може да успее не го менува тоа. Испреплетувањето на борбите и бунтовите засновани на афинитет, соучесништво и револуционерна солидарност е убав опис за тоа како би можела да изгледа унијата на егоисти. А егоизмот ни дава уште една сугестија за тоа како револуционерната критика на цивилизацијата може да делува во светот (особено наспроти моралната критика). Отфрлувајќи ја сета морализирачка и детерминистичка идеологија, егоистот не ги бара изворите на првобитниот грев на цивилизацијата за да ги одрекне или избегне. Наместо тоа тој го поставува прашањето, „Што можам да искористам како свое оружје за уништување на ова општество?“ Општествените институции и индустрискиот систем ги носат во себе односите на доминација и експлоатација. Тие се бескорисни за проектот на враќање на нашите животи во наши раце.

Токму низ борбата против овој цивилизиран поредок ќе откриеме кои оружја и кои техники можеме да ги прифатиме и искористиме за создавање на нашите животи. Секоја антицивилизациска критика која се обидува однапред да ги дефинира овие можности е морална критика и од неа нема некое фајде за револуционерната промена. Но и покрај тоа, можеме да извлечеме некои заклучоци за некои од одликите на тие алатки. Како прво, корисниците на алатките ќе треба да можат јасно и на непосредно ниво да ги разберат последиците од нивната употреба. Секоја алатка која е толку комплексна што нејзините последици се невидливи за оној што ја користи, немајќи директна поврзаност со неговата причина за користење на алатката, сочинува технолошки систем. Кражбата на животот е врежана во таквиот систем, бидејќи оние кои ја користат немаат контрола врз исходот од нејзината употреба. Наместо тоа, тие стануваат жртви на последиците кои немаат капацитет да ги предвидат. Резултатите од тоа ги гледаме во уништувањето на животната средина и разните епидемии и други закани по здравјето насекаде околу нас, исто како и во ширењето на технологиите за општествена контрола во сите делови од светот. Второ, секоја техника која се користи ќе мора да биде реверзибилна. Ако некоја техника се покаже како штетна или доминирачка, треба да можеме веднаш да ја отфрлиме и продолжиме со нашите активности користејќи други средства. Тоа ги отфрлува сите технолошки системи од широки размери, бидејќи самите тие се состојат од испреплетени, меѓузависни техники кои се зајакнуваат една со друга, а нас нѐ претвораат во зависни делови од машинеријата.

Се надевам дека без да приложам модел успеав да дадам некаква идеја за тоа како би можела на дело да изгледа револуционерната критика на цивилизацијата. Се разбира, не може да постои модел за насилното уништување на светот на доминација и враќањето на нашите животи во наши раце кој ја одредува општествената револуција. Можат да постојат само индикации. До нас е да го сфатиме значењето на тие индикации во сопствените животи, онаму каде што се наоѓаме.

Неколку заклучни зборови

Ова го напишав заради моето разочарување од насоката во која почна да се движи голем дел од критиката на цивилизацијата. Засновајќи се на идеали поставени над нас, таа станува проткаена со догма и морализирање, проследени со погрешни сфаќања од обете страни. Уште позначајно, овие идеали не им користат на оние кои се обидуваат да развијат револуционерна критика на цивилизацијата која ќе биде праткично релевантна во секојдневните борби на експлоатираните против нивната положба. За да биде револуционерна, критиката на цивилизацијата треба да има таква релевантност. Тоа значи дека нема да нуди конечни одговори и може да делува како да пелтечи, како варваринот кој не го знае јазикот на градот, односно на политиката. Но во практика, ова одбивање на конечни одговори оди рака под рака со замавнувањето на иконокластичниот чекан, кој ги разбива сите идоли и догми, дури и оние во храмот на анархијата и антицивилизацијата. Се надевам дека ова мое истражување ќе биде од корист за понатамошниот развој на таквата критика.

 

 

[1] Всушност, надополнувањето на Нечаев на револуционерната критика со морално идеализирање на „револуцијата“ го одвело до отфрлање на принципите. Сè може да биде оправдано во име на највисокиот идеал. Слична логика ги создала и Крстоносните војни, Инквизицијата и Јакобинската диктатура.

[2] Тука мислам на дефинитивното одвојување на европската од цивилизациите на Блискиот исток кое се случило со распадот на Римската империја, но сигурен сум дека можат да се најдат и други примери.

[3] Сега кога Тед Качински експлицитно ја отфрли идеализацијата на примитивните народи која ја промовираат Џон Зерзан и неговите следбеници, одеднаш тој од светец се претвори во женомрзец и хомофоб.

[4] Токму затоа немам трпение за евангелистичките активности.


Наслов на оригиналот: "Barbaric Thoughts: On a Revolutionary Critique of Civilization". Превод: Стефан Симоновски.